Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ДOБИEHO И И3ГУБEHO

with 29 comments

Се разбира дека секогаш сме радосни кога нешто ќе добиеме, и не ни помислуваме дека за она што сме го потрошиле за добиеното сме можеле да добиеме и многу повеќе. Па таа разлика, која не ја гледаме, не успеваме да ја согледаме како загуба. А тој философски принцип, дека празниот простор помеѓу тоа што сме можеле да го постигнеме и тоа што сме го постигнале е мерило за нашиот пораз, често пати останува неискористен во многу сфери од живеењето.

1. Колку пилиња има во една табла јајца: ајде на почетокот една поучна аналогија. Имено, како преку односот кон една табла јајца може да се споредат менталитетите на типичниот Американец, Европеец (од запад) и Балканец? Еве како:

Во Америка еден човек шета по некоја улица во некој американски град носејќи при тоа табла јајца во рацете. Еден типичен Американец го гледа и си мисли: „еј, цела табла јајца! Па да ги стави нив во инкубатор – триесет пилиња ќе се родат. А тие пак, кога ќе потпораснат во петли и кокошки ќе продуцираат и самите нови јајца, што значи, за една година може барем стотина нови табли јајца да се добијат. Тоа се три илјади пилиња, и за уште една година, од нив пак може да се развие цела живинарска индустрија, за пердуви, месо, јајца, дури и пилешкиот измет за органско ѓубриво може да се продава во вреќи на кои ќе има и реклама за други земјоделски препарати! Боже мој, колкав ли само потенцијал лежи во таа една табла со триесет јајца. Само треба труд и време да се вложи, и приходот може да биде безграничен!“

Во западна Европа еден човек шета по некоја улица во некој западно-европски град носејќи при тоа табла јајца во рацете. Еден типичен западно-Европеец го гледа и си мисли: „еј, цела табла јајца! Па што ќе му се на еден човек толку многу јајца? Барем половина од тоа треба да се земе како данок и да се поделат јајцата на социјалните случаи, студентите и невработените. По три јајца за секого, тоа се пет нахранети луѓе. Од остатокот пак, барем пет нека ги даде доброволно за гладните во Африка, каде што и едно јајце по човек ќе биде доволно за каков-таков појадок. Тоа се значи уште пет луѓе што нема да гладуваат. На човекот ќе му останат десет јајца, ајде нека изеде пет самиот со неговата фамилија на ручек, и пет нека ги стави во инкубатор, при што инкубаторот треба да биде, се разбира, според сите стандарди пропишани од Европската комисија. Од пет јајца ќе се испилат пет пилиња – и ете доволно е тоа за проста репродукција. За неколку месеци пак ќе има табла јајца од тие пилиња и процесот што претходно го опишав, пак може да се повтори“

На Балканот еден човек шета по некоја улица во некој балкански град носејќи при тоа табла јајца во рацете. Еден типичен Балканец го гледа и си мисли: „еј, цела табла јајца! Ух, колку ми е јад што го гледам со тие јајца, додека мене ми кркорат цревата, а немам ни за пола јајце пари, а не пак за цела табла да купам. И глеј го бе педер еден како внимателно оди, небаре му е страв да не се сопне и да не му паднат јајцата. Ај, леле колку ќеф ќе ми направи ако само се сопне и падне и сите јајца му се скршат. Ајде бе, пичка ти материна, сопни се веќе, сопни се од нешто, да те ебам. Ај што нема снег или лед па да се лизнеш, крв ти ебам јајчарска и мамето твое кокошкарско… еј жими све, ако не се сопне самиот, ќе станам и ќе одам јас ќе му турам сопка, само да го поебам, копиле едно, вошкар еден. Он на мене ќе ми се шета со табла јајца пред очи, лајнар смрдлив, кој знае од каде ги украл тие јајца, можда од кокошарникот на дедо ми или прадедо ми ги зел, мамето негово, па тие се мои јајца бре, ја и’ам историско право на нив…“

Па, колку пилиња има во една табла јајца? Ако размислувате како Балканец – ниту едно, оти главна цел ви е сите туѓи јајца да ги уништите толку темелно, што нема не само пилиња, туку ни кајгана да може од нив да се добие. Ако пак размислувате како модерен западно-Европеец, во триесет јајца има пет пилиња кои на среден рок ќе обезбедат пак триесет јајца, а тие пак пет пилиња, и така иако нема напредок, нема ни назадување, ама при тоа се задоволени принципите на социјалната правда и еднаквоста. Кои вам ви се најбитни.

Ако пак размислувате како Американец, при тоа се мисли на оној архетипскиот Американец кому што само за бизнис му е умот насочен (а денешните Американци и не се баш такви) тогаш, знаете ли колку пилиња има во една табла јајца?

Има толку колку што сте спремни да издржите без да ги конзумирате пред време јајцата и пилињата што од нив ќе се испилат. Ако инвестирате долгорочно – можете да добиете од почетните триесет јајца – милиони пилиња!

2. Нема разлика меѓу заштедено и заработено: еве една друга приказна во врска со метафорите околу тоа што е добиено и што е изгубено кога не се размислува околу тоа што може да се добие и што може да се изгуби:

Еден патник од далечна земја одејќи си по патот налетал на стотина луѓе кои со лопати нешто копале, покрај една река. Зачуден од недостатокот на механизација, го прашал патникот оној човек што се чинел како главен (тој што не држел лопата во рацете, туку пенкало и тетратка) околу целта на работењето.

- Што точно работат луѓево? – го прашал патникот надзорникот.

-Како што, нели гледаш дека копаат канал, за од реката да тече водата во нивите и да ги наводнува – одговорил надзорникот.

- Па што не донесете еден багер, многу побрзо ќе ја ископа земјата и каналот ќе биде направен без стотинава луѓе да се мачат тука со лопатите – предложил патникот.

- Ех, колку си ти кратковиден, патнику од далечна земја. Ако викнеме багер да копа, тогаш овие сто луѓе ќе останат без работа бре! – извикал надзорникот презриво.

- Ау, тоа ли било целата, а јас пак мислев дека вие копате канал за наводнување?! А тоа да ти било всушност само изговор за на сто луѓе да им дадете работа. Па тогаш, дозволете ми да ви предложам прекрасна идеја – рекол патникот.

- Кажи, што предлагаш? – побарал да чуе надзорникот.

- Е па, ако целта е што е можно повеќе луѓе да бидат вработени, а не е битно колку канали ќе ископате, земете им ги лопатите, и речете им со голи раце да копаат. Така не само сто, туку сигурно илјада луѓе ќе може да вработите за ископувањето на каналов – објаснил патникот.

- Е, и мене ми текна тоа, ама знаеш што е проблемот, тие луѓето кои ги изработуваат рачките за лопатите ќе останат без работа тогаш – одговорил надзорникот.

- Не е тоа никаков проблем, баш ќе требаат повеќе работници ако се копа со голи раце, па и за нив ќе има вработување – конечно рекол патникот.

- Патнику, па ти си гениј! – извикал надзорникот и го прегрнал, наредувајќи веднаш потоа да се остават сите лопати и копањето да продолжи, буквално рачно.

Што е грешката во логиката на надзорникот? Е па таа е во тоа што со примитивни алатки (или и без алатки), еден канал ќе можат стотина луѓе да го ископаат да речеме за еден ден. Што значи дека ако тие копаат секој ден, за една година од 250 работни денови тоа општество ќе добие 250 канали за наводнување.

Доколку пак се користи модерна механизација, двајца работници ќе можат да ископаат ист таков канал за еден ден, што пак значи дека ако има ептен многу канали за копање, со сто работници колку што општеството одвоило за создавање на својата обемна каналска мрежа, за една година 12.500 канали ќе може да бидат ископани.

Кога се избегнува користењето на нови технологии со цел да се зачуваат работните места на луѓето – тие места се навистина зачувани, ама на сметка на тоа, огромен број на стоки и услуги што можеле да се добијат нема да се добијат. Во случајот со копањето на канали, сто работни места биле зачувани и биле добиени 250 канали за една година. Ама ако биле користени доволен број на багери, не само што тие сто работни места ќе биле сочувани (некој мора да ги управува машините), туку ќе биле создадени педесет пати повеќе канали!

Загубата значи не е на долг рок сто работни места, оти секогаш ќе има работа. Загубата е 12.250 канали кои нема да бидат ископани. Оти некој немал визија да сфати дека за сѐ што е добиено (т.е зачувано) нешто многу поголемо е изгубено.

А пак со помош на новите технологии, не само што се штеди на работна рака, туку и се заработува на работната рака многу повеќе, оти продуктивноста на секој еден работник е зголемена со помош на машините.

3. Атомските бомби спасуваат животи?! Еден од најголемите гревови што на Американците им го припишуваат пацифистите е што во текот на Втората светска војна ги фрлиле двете атомски бомби врз јапонските градови Хирошима и Нагасаки, при што стотици илјади јапонски цивили загинале. Тоа е осудено од пацифистите како сосема непотребно уништување на животите на невини луѓе.

Навистина, точно е, страшна загуба за човештвото е загинувањето и на еден, а камоли пак на стотици илјади луѓе. Ама, тоа е само изгубеното во случајот со фрлањето на бомбите. Што е добиеното?

Ако ги споредите бројките на загинати американски и јапонски војници (и цивили) во битката за островот Окинауа (водена неколку недели пред фрлањето на бомбите), ќе видите дека на тој релативно мал дел од јапонската територија, огромни загуби претрпеле и напаѓачите (Американците) и бранителите (Јапонците) и иако на крајот сепак американските сили извојувале победа, таа била платена во крв со ужасно висока цена.

Кај американските команданти кои ја планирале копнената инвазија врз главните јапонски острови (на кои што живееле десетици милиони луѓе), се јавил по битката за Окинава сосема оправдан страв дека за да се покорат и тие територии, и со тоа да се стави крај на војната, ќе треба да загинат милион американски војници и барем уште толку јапонски војници и цивили.

Затоа, била донесена одлуката да се избришат од лицето на земјата два јапонски града со помош на новото апокалиптично оружје, од кое никој не можел да се скрие, оти неговите ефекти биле смртоносни и по експлозијата, преку радијацијата. Откако виделе јапонските водачи што се случило со Хирошима и Нагасаки, седнале и ја направиле единствената логична математика дека – не вреди да се борат веќе.

Затоа што Американците немале веќе потреба милиони свои војници да жртвуваат во улични борби за секој јапонски град, туку дека оние градови што ќе пружаат отпор ќе ги спржуваат со нуклеарки и ќе ги срамнуваат со земја. Затоа Јапонците решиле да капитулираат.

Па дали Американците кога одлучиле да ги убијат стотиците илјади цивили во Хирошима и Нагасаки направиле зло или добро? Да, стотици илјади луѓе загинале, ама токму благодарение на начинот на кој биле убиени – било спречено продолжувањето на војната која пак ќе резултирала најмалку со милион цивили загинати.

Да не навлегуваме и во тезата дека токму постоењето на атомското оружје го спречи избивањето на Трета светска војна. Сите конфликти меѓу големите сили се водеа преку „сојузнички војни“ т.е. Американците војуваа не директно со Русите, туку со сили поддржани од СССР, а пак Русите не војуваа со Американците директно, туку со сили помагани со пари и оружје од страна на САД.

Во војните кои беа жешки точки на Студената војна загинаа милиони луѓе, ама колку ли ќе загинеа ако избиеше светска војна меѓу СССР и САД, дури и без употреба на атомско оружје (т.е. ако тоа никогаш не беше измислено)? Стотици милиони луѓе? Милијарда?

*

Принципот на „добиено и изгубено“ за прв пат во историјата на философијата систематски го опишал францускиот економист Фредерик Бастијат во неговото генијално дело „Што се гледа и што не се гледа“. Иако тој се ограничил само на грст економски теми, неговата логика е јасна како бел ден и лесно може да се примени за практично сите сфери од животот.

Еве на пример, да се задржам и јас на една актуелна економска тема. Потрошивме 4,5 милиони евра и добивме за тие пари една Триумфална капија. Супер, кој тоа може да тврди дека парите биле фрлени во ветер, кога ете ја среде Скопје си стои цела и бела, украсена и усогласена според стилот ѝ со околните згради „Порта Македонија“.

Е ама, од друга страна, еден двособен стан да се изгради во некоја од не-централните скопски населби би чинел околу 45.000 евра. Во таков еден стан може да се всели и да живее пристојно едно младо семејство со татко, мајка и две мали дечиња. Бидејќи државата ги потрошила парите за една триумфалична капија (во која никој нема да живее) тие исти пари сега нема да може да се потрошат за градење на – две или три станбени згради со вкупно сто двособни станови во нив.

А замислете само, да изградеше владава сто двособни станови и да им ги доделеше на сто млади брачни парови, на кредит со некоја симболична отплата од 40 години без камата, плус грејс период од десетина години? Сто пресреќни и благодарни парови, заедно со нивните родители, исто така преблагодарни за доделениот стан на децата, тоа се барем 500 гласови, ако не и 600 (неблагодарни намќори секогаш има!) за владејачката партија.

Ете затоа, кога ќе поминете друг пат покрај триумфалусната капија, сетете се дека за 4,5 милиони евра добивме една грандиозна капија (која и онака кога ќе се врати СДСМ на власт триумфалбаџиски ќе ја урне) ама загубивме сто станови поради кои ВМРО-ДПМНЕ не доби петстотини нови гласачи.

А петстотини од ваму, петстотини од онаму, и ете ти преполовено гласачко тело, и ете ти паѓање од власт и ете ти ги сите маки и страданија што од тоа ќе произлезат. Но, тоа е тоа: оној што има правилен менталитет нема да ја пропушти шансата од една табла јајца да создаде милион пилиња. Оној што има погрешен менталитет, ќе постапи како типичен Балканец и дури и ако му дадеш милион пилиња – ќе остане на крајот со триесет сматоци.

Поговорката вели дека мудар е оној што ќе постигне и волкот сит да е и овците на број да бидат. Голема мудрост е таа, голема. Штета само што ние си немаме ниту големи мудреци, ниту мудри големци.

.

П.С: Во утрешниот број на неделникот „Фокус“, побарајте ја мојата нова политичка колумна (не дека и оваа тука не беше малку политичка, ама таа во неделникот е уште пополитичка). А пак наредниот четврток, на блогов очекувајте ја колумната „Преторијанци“.

До тогаш, поздрав :-)

♣ AHTИMETAБOЛИ

with 3 comments

Од сите стилски фигури, мене лично најомилени ми се антиметаболите, т.е. оние мудри мисли во кои вториот дел од реченицата е составен од речиси истите зборови како и првиот дел, само со поинаков (а сепак сосема логичен) распоред. Без некој посебен повод и без некоја посебна причина, еве неколку антиметаболни изреки, некои од нив кажани од познати историски ликови, а некои смислени од мене.

Секое стадо има своја црна овца, само во Македонија секоја црна овца има свое стадо. Ова е моја адаптација на познатата мисла „секоја држава си има своја мафија, но овде мафијата си има своја држава“ која пак и самата е адаптација на описот на некогашната Прусија кој гласел: „секоја држава има своја армија, само во Прусија армијата има своја држава“.

Скоро сите мафијаши се негови пријатели, и скоро сите негови пријатели се мафијаши. Оваа мисла може да се адаптира во безброј варијанти, на пример за етничка-расна навреда во стилот „скоро сите од таа заедница се криминалци, и скоро сите криминалци се од таа заедница“ или пак на политичка основа „скоро сите што ќе гласаат за вашата партија се будали, и скоро сите што се будали ќе гласаат за вашата партија“. Воедно, можна е и негацијата: „не се сите патриоти членови на таа партија, и уште поважно, не се сите членови на таа партија патриоти“ или пак „не се сите таму само предавници, и уште поважно, не се сите предавници само таму“.

Повеќе ќе трае пријателството засновано врз бизнис, отколку бизнисот заснован врз пријателство. Ова наводно го рекол еден член на фамилијата Рокфелер.

Богат си кога можеш ама не мораш, а беден си кога мораш ама не можеш. Исто, подобро е да смееш, а да не сакаш, отколку да сакаш, а да не смееш. Ова пак доаѓа од философијата на таоизмот.

Тој е познат и почитуван бизнисмен. Ама не истовремено оти тие што го познават – веќе не го почитуваат, а пак тие што го почитуваат – сеуште не го познаваат. Ова нешто за многу македонски бизнисмени може да се каже и да биде сосема точно.

Светот не е праведен, и праведноста не е света. Ова е максима која секој што води надворешна политика треба да ја знае на памет, оти секогаш и секаде „правото на силата е поважно во пракса од силата на правото“.

Подобро паметен човек без образование, отколку образован човек без памет. Оваа е фраза смислена од мене и јас ја сметам за мисла-водилка. Слично на неа ми звучат и изреките „подобро патриоти без своја држава отколку држава без свои патриоти“ како и „подобро верници без своја црква отколку црква без свои верници“, а воедно и „подобро е глумци без свој театар, отколку театар без своите глумци“. Или конечно „читателите без својот весник се тажни, ама весникот без своите читатели е мртов“

Разликата меѓу алчниот и себичниот човек е во тоа што првиот гледа пари во сѐ, а другиот гледа сѐ во парите. Слично на тоа, алчниот е способен да го гледа својот ќар во секоја работа на која ќе се посвети, додека себичниот во секоја работа на која ќе се посвети го гледа само својот ќар.

Среќна држава е онаа во која идеалистите се обезбедени материјално, а материјалистите идеално. Ама како да се постигне тоа кога скоро сите крадци се и политичари, а истовремено скоро сите политичари се и крадци?

Една работа е кога власта ќе се разочара од својот народ, а сосема друга е кога народот ќе се разочара од својата власт. Бидејќи далеку полесно е да го прифатиш она што не можеш да го промениш отколку да го промениш она што не можеш да го прифатиш. И затоа, подобро е да погрешиш гласно, отколку да гласаш погрешно.

Иако е точно дека од секој човек не бидува добар водач, уште поточно е дека од секој водач – не бидува добар човек. Оти, лесно е да се зборува за дупката во некоја вистина, ама далеку е потешко да се зборува за вистината во некоја дупка.

Како што реалноста не е совршена, уште повеќе и совршеноста не е реална. Затоа, итро е да се правиш наивен, но наивно е да се правиш итар. Исто како што е глупо да се правиш паметен, ама паметно е да се правиш глуп.

.

П.С: Во четврток, во редовниот термин, очекувајте ја на блогов колумната „Добиено и изгубено“. Во која ќе биде објаснето дека иако од две јајца може да се добијат само две пилиња, од две пилиња може да се добијат потоа безброј јајца.

До тогаш, поздрав :-)

Written by nenobogdan

15/01/2012 at 21:25

♦ CЀ (ЛИ) E ПИШAHO?

with 4 comments

Обично сме навикнати фразата „така било пишано, нема што ние да се буниме“ да ја слушаме во моментите кога сме поразени или кога сме убедени дека не вреди воопшто да почнуваме да се бориме. Со други зборови, детерминизмот (верувањето дека сѐ е предодредено) обично извира од слабоста на слабите. Ама не секогаш, оти тој има и некои позитивни страни, се разбира за оние кои сакаат да ја зачуваат полесно својата повластена позиција.

1. Парадоксот на дедото е ист со парадоксот на детерминизмот: во жанрот на научната фантастика, во делот за приказните за патување низ времето, фамозен е таканаречениот „парадокс на дедото“. Еве за што станува збор:

Некој човек (да речеме дека тој се вика Миле) измислува машина за патување во минатото, па со нејзина употреба патува неколку децении наназад, во периодот кога неговиот дедо бил детиште, и случајно го убива својот дедо (кој се вика на пример Цацко). Тоа значи дека бидејќи Цацко умира пред да стане возрасен човек и да заснова семејство, таткото на Миле никогаш нема да биде роден, следствено и Миле нема да може да се роди. Од таму, Миле не постоел никогаш, следствено никогаш не заминал во минатото и следствено таму не го убил Цацко.

Значи Цацко не бил убиен пред да може да остави потомство, значи имал син кој имал свој син (Миле) и следствено Миле во еден миг дошол до машина за патување низ времето, отпатувал во минатото и го убил својот дедо Цацко пред овој да може да има деца. Значи Цацко нема син, тој нема свој син, значи Миле никогаш не се родил, значи, не можел да отпатува во минатото и да го спречи Цацко да има свој син…

Јасен ви е парадоксот? На некој начин, тој е сличен на „Квака 22“ (која е варијанта на раселовиот парадокс) со таа разлика што не е возможен во реалноста. Не постои начин да се патува назад низ времето, следствено, целиот парадокс со внук кој го убива својот дедо пред овој да може да остави потомок што ќе му биде предок на внукот – нема смисла. Целиот парадокс на дедото е комплетно во сферата на фантазијата.

Исто како што е во таа сфера заглавен цврсто и парадоксот на детерминизмот. Имено, некој човек ти прави некаква штета, и ти му велиш дека тој е крив и дека треба да ти ја надомести штетата. Но, тој ти вели „таква ти била судбината и затоа – не се буни“ оти „од субдината не се бега, и како ти е пишано, така ќе ти биде“.

Парадоксот е во одговорот што секој умен човек би му го дал на оној што му вели дека му било пишано, му било предодредено да биде отшетен. Одговорот гласи: „да, тоа што ти мене ми направи штета е судбина, исто како што сега е дел од судбината јас да се бунам и да барам ти да ми ја надоместиш штетата!“

Со други зборови: ако е сѐ предодредено, ако ништо не се случува што не е според пишаното во книгата на судбината, тогаш и секое неприфаќање на судбината е дел од судбината.

Од таму, повикувањето на детерминизмот е сосема бесмислено. „Не се буни, вака било пишано. Се бунам, оти било пишано да се бунам против пишаното“. Воедно, детерминистичките фрази се бескорисни како утеха: „не тагувај, не е твоја вина, таква ти била судбината. Да, меѓутоа судбина е и јас да тагувам заради мојата лоша судбина“

Иако делува како чукање на празна философска слама, муабетот за детерминизмот има прилично реална примена. И тоа прилично многу во политиката.

2. Пасивен и активен став кон детерминизмот: во минатите епохи, една од функциите на официјалната религија било да ги смирува незадоволните елементи во општеството и да ги убедува дека „секоја власт е од Бога“ и дека токму затоа не смејат да се бунтуваат против неа.

Многумина го прифаќале ова објаснување и својата слабост и страшливост ја покривале преку вербата во детерминизмот, која им помагала да го оправдаат своето небунтување. Обично, кога некој ќе повикал на бунт, тоа го правел преку глумење и измислување за некаков знак што го видел, дали на сон му се јавил некој дух, или ѕвездите така се наредиле, и со тој ишарет од судбината изјавувал дека „дојде часот да се крене бунт, оти сега вишите сили не само што се на наша страна, ами е и невозможно да не победиме“.

Луѓето кои искрено го прифатиле детерминизмот за валиден концепт, не можат логички да се спротистават ниту на повикот за бунт ниту пак на повикот за небунтување!

Оти ако сѐ што постои и сѐ што се случува е предодредено, тогаш колку што е валидно дека „секоја власт е од Бога“ исто толку е и валидно дека „секоја побуна против власта е од Бога“.

Во модерниве времиња овој древен концепт го имаме преку фразата „ние победивме на изборите, и немате право да нѐ критикувате“. Точно е дека народот на избори гласал со одредено мнозинство за власта и таа има легитимност да ја спроведува својата политика. Арно ама и за опозицијата гласале многу луѓе и следствено и тие имаат право и должност пред своите гласачи да ја критикуваат власта.

Дури и ако владејачката коалиција е поддржана од 99% од гласачите, а само еден пратеник е гласан од само 1% не е логично да му се каже да замолчи, под изговор дека народот одлучил на избори кој треба да владее. Тој треба да одговори само: „за вас гласаа 99 отсто и вие нив преставувајте си ги. Ама за мене гласаа 1 процент и јас во името на тој процент тука зборувам“.

Ова погоре беше илустрација на активниот и пасивниот став кон детерминизмот во политиката, некогаш и сега. Субкултурно, надвор од мејнстримот се и теориите за светски заговор, за тајни друштва што сѐ контролираат, кои исто така содржат во основата на теоријата им, детерминистички парадокс.

На пример, некои автори тврдат дека одредени супер-тајни друштва имаат огромна моќ и дека тие сѐ држат под своја строга контрола. На прашањето „ако овие друштва се толку тајни и толку моќни, па ако бре ти си успеал да ја откриеш нивната тајна и зошто не те замолкнале тебе до сега?“ секој таков автор обично одговара: „тие намерно пуштаат информации за да јавноста не ја сфаќа вистината за нив“. Што ако се прифати за точно, значи дека и самите автори кои предупредуваат за тајните друштва преку информации доставени од самите тајни друштва се несвесно – агенти на тие тајни друштва и дека затоа не треба да им се верува на ништо што зборат.

3. Последици од прифаќањето на детерминизмот: не е можно да се прифати детерминизмот оти тој е сам по себе парадоксален. Бидејќи дури и неприфаќањето на детерминизмот е детерминизам, што го прави за реални цели сосема неплоден како концепт. Во стилот „така било пишано. Е не е така пишано. Како можеш да велиш дека не е  пишано?! Е па затоа што така е пишано – јас да велам дека не е пишано и ако јас велам дека не е пишано, значи дека одам против она што е пишано, што пак е доказ дека може да се оди против пишаното, што пак е доказ дека не е пишано!“.

На пример, доколку некој искрено верува во детерминизмот, дека сѐ е пишано, таквиот човек нема потреба да следи било какви морални норми, оти какво и зло да направи, тоа не е негова вина, оти тој за ништо не носи самиот одлуки, туку „така е пишано“. Така, и моралот и религијата ја губат смислата, оти ако за ништо не си крив и ако ништо не можеш да смениш, што има да се трудиш воопшто да не правиш зло. Оној што за ништо не одлучува, не може да сноси никаква одговорност, ниту пак заслуга ако нешто добро направил, оти тоа не е негова одлука, туку така било пишано.

Кога верските фанатици ги проповедаат своите идеи и кога никој не ги прифаќа, нема зошто да ги мразат неверниците. Оти „божја волја“ е во нивните проповеди никој да не верува. Па како фанатиците за кои сѐ што се случува е по божја волја може да ги мразат луѓето што ја следат божјата волја, која очигледно е да не им веруваат на фанатиците?

И во науката е комплетно нелогично да се прифати детерминизмот. Има научници кои тврдат дека не постои такво нешто како слободна волја и дека со доволно податоци, може да се предвиди што точно ќе се случува во иднината ако се знае што точно се случило во минатото. Но, во тој случај која е смислата на предвидувањето?

Ако иднината не може да се промени, оти е сосема детерминирана од минатото, која е користа од тоа таа да може да се предвиди? Ако пак тоа што ќе ја предвидиме ќе ни помогне да ја промениме, значи дека не сме ја предвиделе точно! Значи, детерминизмот пак е бесмислен.

*

Доколку го прифатиме концептот „сѐ е пишано, од тоа не се бега“ губат смисла и религијата и науката и моралот и политиката. Доколку прифати човек дека нема лично никакво влијание врз неговата иднина, животот нема смисла, оти тоа веќе не е негов живот во кој самиот носи било какви одлуки, туку сѐ е оддамна предоредено од некој друг.

Од друга страна, доколку прифати дека има слободна волја, добиваат смисла и религијата и науката и политиката и сѐ друго што е предмет на човековите активности.

На некој начин, може да се каже дека нашата судбина е да не ја прифаќаме нашата судбина. Природата му доделила улога на секој човек која се состои во тоа да не ја прифаќа улогата што му ја доделила природата.

Со други зборови, како секој човек да добил ваква наредба: „ти наредувам да не ја почитуваш наредбата која штотуку ти ја дадов ниту било која друга моја наредба. Ако ме послушаш, тогаш мораш да бидеш бунтовник, бидејќи токму тоа е наредбата. Ама и ако не ме послушаш, ќе станеш со самото тоа што не си ме послушал – бунтовник. Со други зборови, што и да правиш – бунтовник си.

Така, од улогата на бунтовник не можеш да побегнеш, бидејќи колку повеќе ја одбиваш таа улога – толку поголем бунтовник си. А колку поголем бунтовник си, толку повеќе ја играш токму таа улога, улогата на бунтовникот која ти е доделена“.

Од слободната волја не можеме да се откажеме никогаш. Оти и самиот чин на откажување од слободната волја е – чин на слободна волја. Не можеме да престанеме да правиме избор меѓу многуте опции, оти и самиот чин на откажување од правењето на избор е – чин на правење на избор. Кога одлучуваме да не одлучуваме ние со самото тоа – одлучуваме. Следствено, од судбината не се бега, оти судбината не постои.

.

П.С: Се надевам дека колумнава не ви се виде премногу тупаџиска иако признавам дека има доста тупаџиски елементи, кои сепак си имаат своја логика и содржат подлабока порака. Како и да е, наредниот четврток на блогов ќе има нова и прилично пореалистична колумна која ќе се вика „Добиено и изгубено“. Илустрација за неа ќе бидат две скршени јајца, кои означуваат дека сме добиле две жолчки и две белки за кајгана, ама сме изгубиле две пилиња кои ќе се испилеле да не сме ги скршиле јајцата пред време. А бидејќи тие пилиња ќе пораснеле во петел и кокошка и ќе создаделе нови јајца и нови пилиња – испаѓа дека за да добиеме една кајгана сме изгубиле цело јато живина.

За таа тема сепак – наредниот четврток. А во меѓувреме, во утрешниот број на неделникот „Фокус“ побарајте ја мојата тамошна редовна политичка колумна.

До четврток, поздрав ;-)

Written by nenobogdan

12/01/2012 at 16:47

♦ OДJABAA KOH 3AJДИCOHЦETO

with 4 comments

Обично во филмовите приказната завршува со сцена од типот на „одјаваа кон зајдисонцето“ или „отпловија кон морската шир“ или нешто слично на тоа, што треба да побуди чуства кај гледачите дека главните јунаци од тој миг па натаму „си живееја среќно до крајот на животот“ и дека од приказната за нив – нема веќе ништо интересно. Арно ама, после секое зајдисонце има ноќ, а после ноќта ново изгрејсонце и со него, нови настани. Што пак значи дека секоја приказна може да има свое продолжение, често во сосема неочекуван правец. Еве неколку примери:

1. Што се случило со бунтовниците од бунтот на бродот „Баунти“: во текот на XVIIIиот век на многу бродови се случувале многу бунтови на морнарите против нивните капетани, и практично ниту еден од тие бунтови не е забележан од историјата како нешто посебно значаен. Не би бил значаен ни бунтот што на англискиот брод „Баунти“ се случил во 1789ата година, ако тој бунт не бил раскажан во неколку популарни книги и филмови, па поради нив, кога и да се спомене бунт на брод, широката јавност веднаш добива асоцијација за бродот „Баунти“.

Накусо, што се случило во текот на бунтот? Па, морнарите на тој брод додека пловеле низ Пацификот сфатиле дека се доволно далеку од Британија и од било каква власт, па решиле дека е дојден вистинскиот миг да го исфрлат од бродот бруталниот капетан и да ја преземат контролата врз пловилото. Капетанот бил принуден да заплови по океанот во мал чамец заедно со неколкуте морнари што му останале лојални, и тој поради значајната навигаторска способност што ја поседувал – успеал да се спаси допловувајќи по многу перипетии до копно и потоа и до Англија.

Побунетите морнари пак, со бродот заминале на еден тихоокеански остров каде што киднапирале неколку полинезијски девојки од островот и ги однеле на друг остров, пустиот гребен Питкејрн, на кој засновале мало село. Не биле свесни тогаш Англичаните и нивните домородни невести дека всушност засноваат нов народ – и тоа по примерот токму на Римјаните од антиката, кои според легендите исто така започнале да постојат со чинот кога група бандити си грабнале жени и се населиле во градот што го основал шефот на бандата Ромул, и кој што град и народ по неговото име се наречени Рим (поточно Рома) и Римјани соодветно.

Арно ама, островот Питкејрн бил премногу мал за на него да може да преживее поголема група луѓе (а групата доселеници почнала да расне со раѓањето на децата на морнарите и полинезијските жени) и така, откако првата генерација речиси изумрела, немало веќе ниту еден од жителите на островот што би бил сметан за криминалец од страна на британските поморски власти (кои по кусо барање успеале да ги најдат избеганите бунтовници) и според принципот „децата не треба да се виновни за грешките на татковците“ британската влада им доделила на потомците на бунтовниците на бродот „Баунти“ друг, поголем остров, на кој продолжиле да се раѓаат нови генерации, и денеска, речиси два века подоцна, на островот Норфолк (помеѓу Нов Зеланд и Австралија) живеат околу две илјади луѓе, од кои скоро сите се или директни или индиректни потомци на оние дузина морнари што на времето се бунтувале на бродот „Баунти“.

Вакви примери, каде што многубројни денешни потомци сосема прецизно може да се одредат за неколку (или дури и еден) луѓе од минатото има едвај неколку, при што најславни се потомците на пророкот Мухамед и потомците на Џингис Кан. Првите се познати документирано (не преку генетски анализи) во исламската традиција како шарифи, сајиди, хабиби или најчесто како ашрафи. Значи, за овие луѓе (кои се низ целиот свет денеска неколку десетици илјади) се знае дека се потомци по било која линија, на Мухамед, поточно на неговата ќерка Фатима.

До некаде сличен пример има кај Евреите, каде што оние лица од еврејската заедница кои го носат презимето Коен, Кохен, Кан, Каган или некоја варијанта на таа, се смета дека сите се потомци по директна машка линија на братот на пророкот Мојсеј, првиот еврејски свештеник Арон. Во поново време дури и се вршени обемни генетски испитувања на Y-хромозомот на Евреите кои се сметани традиционално (според презимето) за потомци на Арон и навистина, кај многумина од нив е пронајдена доста силна заедничка врска, иако такви мажи денеска има стотици илјади ширум светот.

И конечно, точно детерминирани потомци и по генетска линија и по традиционална линија има и кај големиот монголски лидер од средниот век Џингис Кан, кој благодарение на фактот што имал полови односи со многу стотици жени од неговиот харем, и плус поради фактот што сите негови синови биле добро обезбедени финансиски од негова страна па можеле и самите да имаат многу деца, денеска има неколку милиони потомци (!) главно во централна Азија, распрскани низ десетина тамошни народи од монголско потекло. Ние имаме песна која вели дека „чеда сме на Александар, гордост наша македонска“ ама за многумина Казахстанци, Туркменистанци, Киргистанци, Узбекистанци и Монголи, навистина може да се испее песна со стиховите „чеда сме на Џингис Кан, гордост наша монголска“ и тие зборови да бидат буквално точни. За потомците на канот, во централноазиската традиција дури имаат и посебно име „алтан ураг“ што значи „златно потекло“.

2. Откако го распнал Исуса, Пилат станал светец: иако пред некој ден го прославивме раѓањето на Исус, сепак како далеку поголем празник христијанството го смета неговото воскресение, до кое очигледно не би можело да дојде да не бил убиен најпрвин тој, со распнување на крст. А како што практично сите знаеме, Библијата за убиец на Исус го наведува римскиот гувернер на Јудеја од тоа време, извесниот Понтиј Пилат. За човеков нема практично никакви податоци историски, и во голема мера скоро сѐ што знаеме за него го дознаваме од записите на раните христијани. Се чини дека бил толку безначаен, што и самите негови Римјани не се потрудиле баш премногу да напишат било што за неговите години поминати во империјалната администрација.

Е арно ама, и тоа малку што можеме да го дознаеме за Пилат од христијанските извори е – неочекувано, барем на прв поглед. Православната црква ја смета неговата жена, Клаудија Прокула за светица, бидејќи во самиот Нов Завет е споменат нејзиниот сон, непосредно пред осудувањето на Исус, кога таа сонила дека тој е сосема невин за сѐ за што бил обвинет, и му пратила порака на својот маж да не го осудува, туку да го пушти.

На 9ти ноември, меѓу другите светци што се одбележуваат на тој ден, православната црква ја слави и Праведна Прокла, жената на Пилат, а кај христијаните во Етиопија, се смета не само таа туку и нејзиниот маж за светител, па на 25ти јуни таму се слави денот на Светите Пилат и Прокла.

Тоа што Пилат кој го распнал Исус подоцна се сторил христијанин не е ништо необично, барем кога е во прашање нашава религија. Најславен е примерот со апостолот Павле кој од најголем прогонувач на младата вера, станал после еден натприроден настан, главен следбеник на христовото учење и токму тој во зрелите му години ќе биде најзаслужниот за изгледот и духот на христијанството какво што го знаеме денеска. Меѓу другото тоа што христијаните не се обрежуваат, иако Евреите се обрежуваат, е по совет токму на мудриот стратег Павле кој сфатил дека од новите христијани не треба да се бара премногу, па со концептот дека „ако имаш вера не ти треба обрежување, а ако немаш вера џабе ти е обрежување“ ги поставил темелите за колосалната експанзија на христијанството низ вековите од дузина луѓе до денешните речиси две милијарди верници.

Арно ама, од Новиот завет има и еден лик што денешните христијани го сметаат само за свој светител, но до ден денешен има потомци на следбениците негови што го сметаат токму него за најзначаен лик во нивната вера, а Исус скоро и да не го споменуваат. Станува збор за Јован Крстител (чиј празник е престојниот Водици), кој уште пред Исус да започне да ја шири својата верзија на Божјото слово, собрал околу себе мнозина ученици и по неговата смрт, тие побегнале на Исток и продолжиле да го слават споменот негов, под името Мандеанци. Нив ги има денеска едвај стотина илјади, главно населени во Ирак и во Иран.

Секако, од таа епоха не може а да не се спомене и Јуда, кого христијанската традиција го смета за оној апостол што го предал Исус на непријателите му. Е арно ама, уште во антиката се појавиле многубројни негови следбеници, кои се обидувале да ја наметнат тезата дека тој воопшто не бил предавник, туку дека бил сосема чесен и верен следбеник на Исус. Неговите поддржувачи не биле баш организирани како што треба, па не ја прошириле својата идеја подалеку од тесните гностички кругови, ама сепак од нив, до ден денешен преживеало нивното „Евангелие по Јуда“. Кое не се смета за официјално и не е дел од христијанскиот канон, ама интересно е да се знае дека и тој лик од Библијата не исчезнал туку-така „кон зајдисонцето“, ами си имал свои следбеници што и по неговата смрт го одржале во живот неговиот спомен.

Секако, освен неговото непризнато од официјалната црква евангелие, невнесени во Новиот завет (каде има само четири евангелија) се и еден куп други евангелија поврзни со другите ликови од опкружувањето на Исус, кои долго време беа заборавени или изгубени, а излегоа на светлото на денот дури во последниве неколку децении. Ете, еднаш им зајдело сонцето, па некое време во мрак биле, и сега пак ги огреала светлината.

*

Како што гледате, почитувани читатели, многу приказни имаат свое продолжение и во суштина ништо не исчезнува без трага.

Потомците на Џингис Кан кој освоил огромна империја денеска ги има милиони и главно се населени во земји каде владеат диктатори што своите народи ги држат во состојба на очајна сиромаштија. Па што му вреди на некој си баш директен потомок на големиот кан славното му потекло, кога сега тој страда под чизмата на некој малечок тиранин на некој централноазиски  ваков-или-онаков-стан.

На блискиот исток на времето десетици најразлични религиозни лидери се обидувале да ја проповедаат своја верзија на „најголемата вистина“, ама сепак повеќето од нив биле поразени во борбата со конкуренцијата и на крајот триумфирала онаа религија која денеска ја има лојалноста и довербата на стотици милиони, па и милијарди христијани. Што само докажува дека не е само битно што се проповеда, ами и кој го проповеда тоа што се проповеда. За успехот на една идеја не е битна само самата идеја, туку и луѓето кои ја застапуваат и промовираат. Па макар тоа биле и нејзините некогашни противници што се премислиле.

Па така, секој кој што планира да направи некоја работа, било мала, било голема, не треба премногу да се радува ако самиот постигне успех, оти тоа не е гаранција дека неговите наследници ќе го одржат успехот. Воедно и обратното. Ако некој пропадне, не значи дека и тоа за што се борел пропаднало. Можеби некаде ќе остане трага, запис или дури и живи почитувачи за да сведочат за неговиот храбар обид.

Што пак нѐ води до деновиве околу нас. Оставивме зад себе цела една година, со многу започнати, но и недовршени и пропаднати дури проекти. Дали во новата година ќе заборавиме на нив? Дали ќе се потрудиме да им дадеме втора шанса, и дали навистина се тие пропаднати, или можеби надвор од нашиот видокруг сеуште тлее по некое жарче од нивниот некогашен пламен.

Тоа не можеме да го знаеме, оти иднината никој не може да ја знае. Но, велат дека најдобар начин да ја предвидиме иднината е да ја создадеме самите. Па затоа, во годинава што е пред нас, ви посакувам на сите – многу работа и многу успеси.

.

П.С: Во четврток блогов се враќа на стариот добар ритам на објавување, па тогаш очекувајте ја колумната „Сѐ (ли) е пишано“. Има врска темата со последните редови од денешната колумна, околу предвидувањето на иднината и дали е тоа можно, важно, па дури и потребно и корисно.

До четврток, поздрав ;-)

Written by nenobogdan

09/01/2012 at 21:09

♦ ЏOKEPOT KAKO APXETИП

Додади коментар »

Сепак, дури и џокерот не може да ја направи стабилна кулата од карти

Во многу игри со карти, одлучувачка за победата е комбинацијата на картите што ги имаме во рацете. Големо олеснување кога за комплетирањето на некоја кобинација ни фали само една карта е картата наречена „џокер“, што ја има таа моќ да ја замени било која карта во било која комбинација. Токму оваа неограничена флексибилност го прави џокерот архетип, метафора и симбол за некои други работи во други, посериозни сфери, од биологија и едукација, преку политика и вработување во јавната администрација па сѐ до смислата на оптимизмот и очекувањата од иднината.

1. Матични клетки: долго време најголемата мистерија во биологијата било прашањето како од само една единствена клетка (онаа првата во сечиј живот, која се создава со спојување на еден сперматозоид и една јајце-клетка) за само девет месеци престој во телото на мајката, може да се создадат неколку трилиони клетки колку што има во телото на секое новороденче, при што тие клетки не се сите исти туку се од околу илјада различни типови, видови, форми и големини, за да одговорат на исто толку различни фунции, намени и задачи.

Клетките кои ја сочинувата крвта се сосема различни од клетките кои го сочинуваат нервниот систем, а тие пак се сосема различни од клетките кои ги сочинуваат мускулите. При што, ни сите крвни клетки не се исти, ниту пак сите мускулни клетки се идентични, но сепак ама баш сите клетки кои го сочинуваат човечкиот организам се настанати со континуирано делење од – само една единствена клетка.

Таа, првата клетка, со која започнал развојот на еден организам  заедно со нејзините идентични копии кои настануваат при делењето, ја има способноста да се претвори во вистинското време во било кој тип на клетка што е потребен и тоа токму на она место во телото на ембрионот каде што се предвидени соодветните ткива и органи.

Иако науката сеуште не знае како точно функционира механизмот на специјализацијата на ваквите матични клетки, сепак јасно е дека тие се еден вид биолошки џокери. Каде што треба срцев мускул, матичните клетки во тој дел автоматски баш кога се формира срцето се претвораат во мускулни клетки, а каде што треба мозок да се развие, матичните клетки кои пред трансформацијата се сосема идентични со оние што се претвораат во срцеви мускули се претвораат во нервни клетки и така за секој дел од телото.

За жал, по раѓањето, во човечкото тело нема веќе матични клетки (последните можат да се најдат во папочната врвца и денеска има технологија за нивно чување), па доколку дојде до оштетување на клетките во некои ткива, тие не можат да се заменат со нови, туку само преостанатите клетки ќе ја „прошират“ дејноста за да ја залечат раната, но со тоа се смалува нивната вкупна ефикасност. Кога би можеле да ги употребиме пак матичните клетки кои сме ги имале во изобилие пред да се родиме, и доколку нив би можеле да ги одржуваме во состојба на постојано делење и обновување, практично сите болести ќе можеме да ги победиме, оти со помош на терапија со матични клетки било кој заболен или оштетен орган би можел да се замени со идентична здрава копија.

Па така, доколку таа технологија се развие без пречекорување на етичките и моралните граници (што е многу жешка тема во западните земји каде не се занимаваат со глупости од типот на рамковен договор или меѓуетнички тепачки на средношколци) човештвото ќе влезе во нова епоха од својот развој. Епоха во која за секоја болест ќе има универзален лек и сечиј инвалидитет ќе биде решлив. Ако животот е покер, усовршувањето на терапиите со матичните клетки ќе ни овозможи да имаме доволно џокери за во секоја партија со судбината да победуваме без мака.

2. А кога веќе ги споменавме партиите… не можеме а да не ги споменеме и партиските вработувања во јавните служби кои во нашата држава се веќе дел од политичкиот фолклор. Партиската книшка (особено онаа од партијата на власт, без оглед која и да е) ја има улогата токму на џокер, бидејќи таа може да замени било кој од документите барани со конкурсот за вработување, а кои кандидатот би ги немал.

Имено, ако се бара меѓу другото и некаква диплома, ако ја немаш, само покажи партиска книшка и таа може да ти ја замени дипломата, или барем да ти купи време во кој што рок ќе „завршиш факултет“ додека работиш и земаш плата. Ако пак се бара некое уверение (лекарско или правосудно) и тоа може да се замени со употреба на џокерот наречен партиска книшка кој ќе ти помогне да ја пополниш комбинацијата на документи потребни за победа.

Во политиката, улогата на матични клетки ја имаат и оние гласачи кои се вечно неопределени. Во одредени мигови тие може да ја донесат на власт левата опција, во други мигови истите тие може да се приклонат кон десницата, или пак да го зајакнат центарот, или пак со своето апстинирање да остават некоја партија на власт доколку опозицијата не знае како тие неопределени гласачи да ги претвори (небаре се матични клетки) во дел од своето гласачко тело.

Проблемот со гласачите како матични клетки е што тие приклонувајќи се кон одредени политичари не помагаат да се зајакне здраво ткиво кое ќе се вгради во телото на државата, ами често пати само помагаат да се прошири политички тумор до стадиумот на метастаза која ќе ја разболи нацијата и ќе ја доведе до критична состојба.

Туморите се токму тоа – дел од телото во кој клетките ја промениле својата ДНА и кој што затоа почнал да работи против организмот од кој настанал. А жално е што науката, и на планот на медицината и на планот на политикологијата, сеуште не го знае начинот за ефикасно уништување на туморите, и во едно живо тело и во рамките на националното ткиво.

3. Табула раса (латински термин што значи „празна плоча“) е теорија која ја формирале и промовирале низ свооте книги неколку философи и мислители пред грст векови, и која теорија во суштина се состои во тоа да се негира вроденоста на одредени таленти и хендикепи кај луѓето и да се смета дека сите аспекти на однесувањето на секој човек може да се оформат преку квалитетно образование и воспитание.

Со други зборови, според оваа теорија, луѓето се раѓат сите еднакви со еднакви вродени способности, и доколку се подложат на еднакви животни услови од нив ќе израснат меѓусебно исти луѓе, со меѓусебно исти навики и склоности. Значи, застапниците на идејата за табула раса искрено верувале дека од секого може да се создаде нов Моцарт или Ајнштајн, само ако детето веднаш по раѓањето се подложи на соодветна грижа и образование.

Токму прифаќањето на оваа апсурдна теорија за сосема валидна, го отворило патот кон демократијата и кон еднаквоста како идеал, што пак придонело за еден куп револуции, војни, политички преврати, и секако разочарувања, сомнежи и преиспитувања на самиот концепт за табула раса.

Од денешна гледна точка, со имање предвид на случувањата во последниве три века и со знаење за дострелите на науката, како и на согледувањата од здравиот разум, јасно е дека да се тврди оти сите луѓе се раѓаат еднакви е нон-сенс. Ако ништо друго, сите се раѓаме баш различни, со различни таленти вродени во нас, со различни склоности, со различни умствени и телесни карактеристики и здравствени предиспозиции, така што да се очекува еднаков развој подоцна и да се жали ако тој не се случи е бесмислено.

Нееднаквоста е природна појава и како таква, никогаш нема да биде укината без оглед на сите вложувања и напори во поглед на образованието или воспитанието. Тоа сепак не значи дека нашата иднина е предодредена од нашите генетски карактеристики. Напротив!

Гените само одредуваат какви потенцијали имаме, а еден куп други работи, како среќата, образованието, пристапот до финансии, живеењето во уредено општество и најважното од сѐ – нашата волја да направиме нешто со нашите потенцијали, одредуваат до каде ќе стигнеме во животот.

*

И во суштината, токму најмоќниот џокер е нашата волја. Таа може да ја замени секоја особина со која судбината не нѐ обдарила. Во покерот наречен живот, за победа во секоја партија е потребна комбинација од добар почеток во ликот на нашите гени и општеството во кое сме се родиле, сојузници во ликот на нашите родители и пријатели, како и среќа од која зависи дали нема предвреме да бидеме запрени во нашиот поход кон себе-остварувањето.

Е, ама ако судбината ни поделила лоши карти – тука е нашата волја да ја зајакне нашата позиција. Ако е силна, тоа е џокерот што може да замени и лошо потекло, и раѓање во несаглам држава и живеење во погрешна околина која не сака да ги разбере нашите стремежи ниту пак да ни пружи рака, како и континуираното немање к’смет во животот.

Освен волја, и иднината е џокер. Никогаш не можеме да знаеме што носи секој нареден миг, но можеме ако се потрудиме, идната година да ја претвориме во наша година на успехот. Волјата менува сѐ, па дури и иднината. Со силна волја и доволно време, може да се надмине секоја неволја и секое невреме.

.

П.С: Наредниот пост на мојот блог, поради празниците ќе биде објавен на деветти јануари, т.е. во понеделникот после Божиќ. Ќе се вика „Одјаваа кон зајдисонцето“. Во утрешниот број на неделникот „Фокус“ пак, побарајте ја мојата редовна политичка колумна.

Што друго да ви кажам освен да ви посакам весели празници и многу среќа во наредната година ;-)

Written by nenobogdan

29/12/2011 at 20:39

♦ ПOЛECHO CE ГPAДAT SИДOBИ OTKOЛKУ MOCTOBИ

with 7 comments

За разлика од животинчињата на сликава, кои не би требало воопшто да се пријатели, ама ете решиле да бидат, кај луѓето често токму соседите и роднините се обидуваат да се раздвојат едни со други и да немаат никаква меѓусебна комуникација, бидејќи се сметаат едни со други за најголеми душмани. Па градат ѕидови, често толку монументални колку што, како што покажува времето – се бескорисни. Еве неколку примери:

1. Забранет влез: практично најпознатиот од славните големи ѕидови е секако Кинескиот ѕид. Ова здание толку многу ги има фасцинирано луѓето, што повеќето неупатени во темата, се убедени дека „дури и од Месечината со голо око може да се види Кинескиот ѕид“. Што апсолутно не е точно!

Ѕидот е линеарен објект, значи многу долг ама и многу тенок, и поради неговата широчина од едвај 10 метри, тврдењето дека може да се види од Месечината која е оддалечена 384 илјади километри е идентично на тврдењето дека конец дебел колку влакно од човечка коса може да се види од врвот на планината Водно додека лежи на скопскиот асфалт – и тоа со голо око, без двоглед. Дури и со двоглед не би можел да се види толку тенок конец од таа оддалеченост, а камо ли пак од Месечината да се види ѕидот во Кина.

Таа заблуда ја има проширено еден археолог од доцниот XVIIIти век, кој очигледно немал осет за димензиите на ѕидот и оддалеченоста на Месечината, ама поради спектакуларноста на изјавата му, други луѓе (новинари – сензационалисти) ја употребувале во своите написи и таа постепено прераснала во општопознат факт. Кој што не е факт, туку најочигледна заблуда.

Како што била заблуда и изградбата на систем на ѕидини и тврдини во северна Кина од кој се очекувало да ја одбрани земјата од наездата на северните варвари, Монголите и Манчуријците. Поради должината на ѕидот, и потребата на секоја точка да биде подеднакво јак, Кинезите никогаш не можеле да го решат задоволително проблемот за наоѓање на доволно стражари, па иако целиот ѕид бил импресивен, со огромен број војници што го бранеле, тие биле расштркани низ илјадници километри, па за напаѓачите било доволно само на една точка да удрат, да пробијат релативно лесно низ неа и потоа сите стражари вдолж целиот ѕид биле бескорисни, штом непријателот веќе бил влезен длабоко на кинеската територија.

Така да, концепциски Кинескиот ѕид бил како некој вид на балон, за кој е доволно само едно мало трнче да го боцне и потоа сета гума што го држи воздухот внатре ќе стане бескорисна оти низ тоа едно мало дупче сиот внатрешен воздух ќе избега. Кај Кинескиот ѕид, „балонот“ го држел надворешниот „лош воздух“ надвор и штом на едно место ќе бил пробиен ѕидот, тој варварски гас ќе се влеел во кинескиот простор.

Сличен принцип на Кинескиот ѕид, кој требало цивилизацијата да ја брани од наездите на варварите бил во западна Европа фамозниот Хадрианов ѕид, наречен така, оти бил подигнат по наредба на римскиот цар Хадриан. Тој се протегал преку средината на Велика Британија од едно до друго море со цел да ги спречува келтските варвари од денешна Шкотска да навлезат во денешна Англија каде што во тоа време живееле други Келти, под власта на Римската Империја која демек, работела на тоа нив да ги цивилизира.

Овој римски ѕид никогаш не бил пробиен, не за друго, туку благодарение на тоа што бил доволно краток за ефективно да може да се брани со силен гарнизон. Но, тоа траело сѐ додека римските легионери, поради потреба во друг дел од империјата не биле повлечени и засекогаш не ги напуштиле своите караули покрај ѕидот.

Доволно биле сепак само три века разделеност на истиот народ – Келти на север и Келти на југ, за да се создаде трајна културолошка разлика меѓу нив, и од тоа време па до ден денешен, токму линијата на некогашниот Хадрианов ѕид е во голема мера границата помеѓу шкотскиот и англискиот народ.

Во модерно време, нешто слично на Хадриановиот ѕид се гради на границата меѓу Мексико и САД со цел, сиромашните „варвари“ од Мексико да не можат илегално да се доселуваат на територијата на „цивилизираните“ и богати Американци. Она што е смешно кај овој ѕид е што голем дел од надзорот не го прават стражари од стражарски кули, туку контролори што седејќи во канцеларии гледаат цело време во монитори поврзани со камери поставени вдолж целиот ѕид. Тоа не е смешното, туку она што дури е бизарно е што голем дел од контролорите на тие монитори се токму Мексиканци (!), кои се спремни за мали плати да ја вршат таа безмерно здодевна работа, која малкумина „бели Американци“ би сакале да ја работат.

И конечно, најконтроверзен анти-варварски ѕид во денешно време е ѕидот на Западниот Брег (териториите западно од реката Јордан), едно здание долго неколку стотици километри, што Израел го подигна за да ги спречи терористите од палестинските територии да се уфрлаат во населбите со еврејско население и да изведуваат таму крвави напади. Овој ѕид иако многумина го сметаат за главна пречка за напредокот во мировниот процес меѓу Израелците и Палестинците, сепак е очигледно дека го редуцираше драстично бројот на терористички напади врз Израел, до тој степен што било каква неприфатливост од правен аспект на неговото постоење се занемарува во интерес на безбедноста на изрелските граѓани.

Се разбира, ѕидот може да спречи само поминување низ линијата, но не и над ѕидот или под ѕидот, па терористите се префрлија на копање тунели под ѕидот како и испукување ракети од палестинските територии кон израелските територии. Така да, бидејќи никој веќе не се обидува преку ѕидот да помине, испаѓа дека тој во голема мера се претворил во своевиден раселов парадокс – толку е ефикасен, што воопшто не се употребува.

2. Забранет излез: не се сите големи и славни ѕидови изградени за да ги држаат непријателите на државата надвор од неа. Имало фамозни ѕидови низ историјата кои служеле за држење на граѓаните на државата внатре во нејзините граници, со цел да не му побегнат на режимот кој ги угнетувал. Класичен пример за тоа беше Берлинскиот ѕид од ерата на Студената војна, кој што ѕид има некаков свој пандан повторно на далечниот исток, со утврдената граница меѓу Северна и Јужна Кореја, фамозната „демилитаризирана зона“ која и покрај името ѝ, воопшто не е без воено присуство, бидејќи од двете страни на граничниот простор има стотици илјади тешко вооружени војници кои водат сметка ни пиле да не смее да прелета од едната во другата земја.

Како берлинскиот така и корејскиот ѕид го има изградено токму онаа страна во конфликтот која сака своите граѓани да ги држи во потполна изолација, оти се плаши да не ѝ побегнат. И во двата случаи станува збор за исти народи поделени на две држави поради идеолошки разлики на нивните елити, при што интересна работа е што и во двата случаи оние  Германци (односно Корејци) кои што живеат под комунистичка власт бегале (бегаат) во оној дел од земјата во која има капиталистичко уредување. Никогаш не е случај обратното!

Берлинскиот ѕид не исчезна затоа што беше пробиен од надвор, туку затоа што државата која го изгради и одржуваше пропадна од внатре. Во доцните осумдесети години од минатиот век, комунизмот во светски рамки веќе беше идеологија во коматозна состојба, комплетно банкротирана не само на морален и политички план туку и најважно – на економски, и сите гледаа дека ништо од ветениот социјалистички „рај на земјата“ не постоеше во ниту една комунистичка држава. Вклучително и во нашата СФРЈ која баш поради хипокризијата врз која беше изградена, потона во серија крвави меѓуетнички војни.

Во источна Германија комунизмот пропадна откако сосема колабираше довербата на граѓаните во него, а со неа падна и берлинскиот ѕид кого го урнаа десетици илјади Германци напаѓајќи ги со обични шила и чекани неговите испразнети стражарници и караули од двете страни на линијата. За само неколку денови, ѕидот кој застрашувачки разделуваше цела една нација речиси сосема го снема од лицето на земјата.

Она што е куриозитет со падот на комунизмот (и на секоја диктатура воопшто) е што во делот на Германија што некогаш беше под комунистичка управа, сеуште има голем број на луѓе кои со носталгија се сеќаваат на „добрите стари времиња“ од таа ера, и токму тие се главните подржувачи на естремно левичарските партии во денешна Германија. Исто како што впрочем и во Србија сеуште има луѓе кои гласаат за Социјалистичката партија со која некогаш раководеше Милошевиќ. Исто како што во Либија сигурно многу луѓе сеуште тагуваат по тиранинот Гадафи, и како што кога еден ден конечно ќе падне комунизмот во Северна Кореја, ќе има милиони Корејци кои ќе го паметат првиот и вториот (па и третиот) Ким како голем и добар лидер, во чие време се живеело добро.

Ако се има во предвид ваквата честа појава која во голема мера е политичка форма на Стокхолмскиот синдром (кога заложниците почнуваат да имаат позитивни чуства кон своите киднапери) јасно е дека не се толку страшни ѕидовите од бетон и бодликава жица кои лесно се уриваат дури и со најобични чекани и клинови, туку ѕидовите во главите на луѓето. Создадени со неколкудецениска пропаганда и систематско и институционално перење на мозоци, тие ѕидови многу тешко се уриваат.

*

На некој начин, за „голем и славен ѕид“ можеме да го сметаме  и системот на тврдини и бункери и ровови што Франција го изградила вдолж границата со Германија во периодот меѓу двете светски војни како начин полесно да го запре надирот на германските војски.

Интересно со овој бедем кој се викал „Линијата Мажино“ е што тој истовремено се покажал и како оправдана инвестиција и како бескорисна работа. Имено, неговата функција била да го спречи нападот на Германците што навистина и се случило, оти хитлеровите војски никогаш не удариле на делот од  границата што бил обезбеден со таа линија. Линијата била премногу добро утврдена и било каков напад ќе бил непродуктивен.

Затоа, Германците едноставно ја заобиколиле линијата и Франција ја нападнале преку Белгија, а меѓу Франција и Белгија немало воени утврдувања. На некој начин, погоре споманатиот раселов парадокс се покажал за валиден и во случајот со линијата „Мажино“. Таа била толку многу ефикасна одбранбена структура што воопшто не била нападната и по таа логика испаѓа дека не била воопшто искористена.

Нешто слично на начинот на кој била поразена одбраната на Франција, токму во Втората светска војна се случило на далечниот исток. Кога Јапонците тргнале да го напаѓат градот Сингапур, тие биле свесни дека тој остров е заштитен од напад од окенот со неверојатно моќни топови кои можеле било која инвазиона флота да ја потопат пред да се доближи до брегот. Па затоа – нападнале не од страната која е отворена кон морето (кон каде биле насочени огромните топови), туку од страната каде што е Малезија која со Сингапур ја дели само еден тесен проток. Топовите на Сингапур се покажале толку застрашувачки, што градот воопшто не бил нападнат од страната која ја чувале тие, па следствено испаднале како сосема бескорисни.

Очигледно, ако имаш само половина ѕид – исто како да немаш ѕид. Оти непријателот ќе те нападне од онаа страна од која не си заштитен. Тоа е многу битна поука за секоја власт која преку пропаганда се обидува да го држи својот народ изолиран. Или за секој човек кој не сака да признае дека постои друга вистина освен онаа што му му ја диктираат неговите предрасуди.

Половичен ѕид – не е ѕид. Половична пропаганда – не е пропаганда. Половична сигурност – не е сигурност. Половична верба – не е верба. Половично знаење – не е знаење. Меѓутоа, и половична глупост е – премногу глупост.

.

П.С: Во утрешниот број на неделникот „Фокус“ како и секогаш побарајте ја мојата редовна колумна. А на блогов, наредниот четврток ќе биде објавена пригодна новогодишна колумна со наслов „Џокерот како архетип“.

До четврток, поздрав ;-)

Follow

Get every new post delivered to your Inbox.

Join 32 other followers