Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ШТО И ДА ОДЛУЧИШ – ИСТО ИСПАЃА

with one comment

sloboden izbor

Многу често сме исправени пред битни животни избори, кога треба да одлучиме од две сосема спротиставени опции која ќе ја избереме. Во зависност од изборот што ќе го направиме, очекуваме да сносиме и соодветни последици. Но, многу често се случува изборот да е сосема небитен, ако нема разлика во последиците. Еве неколку мисли, фрази и афоризми кои објаснуваат како од различни опции за избор доаѓаат исти резултати. Јас лично не се согласувам со многу од мисливе, но ми се видоа интересни и во духот на темата, па еве ги по случаен редослед:

1. Нема потреба да докажуваш, бидејќи оној што одлучил да верува – не бара докази, додека пак оној што одлучил да не верува – не прифаќа докази.

2. Нема потреба од извинување, бидејќи ако си го исполнил ветувањето – нема за што да се извинуваш, а ако не си го исполнил ветувањето – џабе ќе се извинуваш.

3. Нема потреба да објаснуваш, бидејќи кој сака да разбере – ќе разбере и без да му се објасни, а кој не сака да разбере – нема да разбере па таман сто пати да му се објасни.

4. Не учи за диплома, бидејќи ако стекнеш знаење – не ти треба диплома, но ако не стекнеш знаење – џабе ти е дипломата.

5. Не се фали, бидејќи кој има дела – нема потреба да се фали, а кој нема дела – џабе ќе се фали.

6. Не играј лотарија, бидејќи ако имаш среќа – ќе добиеш и без да купиш лоз, а ако немаш среќа – таман и сто лозови купил нема да добиеш ништо.

7. Ако си политичар, не споменувај статистики, бидејќи оној на кого му е арно – нема потреба од статистики за да го убедуваат, додека оној на кого му е лошо – не им верува на статистиките.

8. Не се плаши од непријателите, бидејќи ако те бива – ќе успееш дури и ако сите се против тебе, но ако не те бива – нема да успееш, па дури и сите да ти помагаат.

9. Не планирај, бидејќи ако го погодиш правиот момент – ќе победиш дури и ако имаш глупав план,  но ако го погодиш погрешниот момент – ќе бидеш поразен дури и ако го следиш најгенијалниот план.

10. Не прашувај, бидејќи ако некој сака да ти каже нешто – ќе ти каже и без да го прашуваш, но ако некој не сака да ти каже нешто – нема да ти каже колку и да го прашуваш.

11. Не моли никого, бидејќи ако ти е вистински пријателот – ќе ти помогне и без да го молиш, но ако не ти е вистински пријателот – нема да ти помогне па таман го молел до сабајле.

12. Не се жени, бидејќи ако има меѓу вас двајца љубов – бракот е непотребен, но ако нема меѓу вас двајца љубов – бракот е залуден.  

13. Не барај ветувања, бидејќи тој што те почитува – ќе ти заврши услуга и без да ти има ветено, а тој што не те почитува дури и да ти вети и да се заколне дури – нема да ти заврши услуга.

14. Не барај никогаш прошка, бидејќи ако те сака искрено – секако ќе те разбере и ќе ти прости, но ако не те сака искрено – џабе е што ќе те разбере и бадијала е што ќе ти прости.

15. Не барај титула, бидејќи ако луѓето веруваат дека си способен – ќе те следат и ако немаш никаква титула, но ако не веруваат дека си способен – нема да те следат таман имал и највисоки титули.

16. Во војна, гледај да победиш по секоја цена, бидејќи ако победиш – ти ќе ја пишуваш историјата и секоја гадост што си ја направил ќе биде или премолчана или оправдана, но ако изгубиш – непријателот ќе ја пишува историјата и секое добро дело што си го направил ќе биде или премолчано или преставено како злосторство.

17. Подобро да си на власт, отколку да си во право, бидејќи ако си на власт – дури и кога не си во право, ќе биде по твое, па исто како да си во право, но ако не си на власт – дури и кога си во право, нема да биде по твое, па исто како да не си во право.

18. Полтронот нема потреба да размислува, бидејќи ако при размислувањето дојде до ист став како и шефот – размислувањето било непотребно, но ако дојде до различен став од оној на шефот – тоа размислување може да се покаже опасно за иднината на полтронот.

19. Нема потреба од закони, бидејќи добрите луѓе нема да прават лоши дела – дури и ако законот тоа им го дозволува, додека лошите луѓе ќе прават лоши дела – дури и кога законот тоа им го забранува.

20. Во сличен дух, не забранувај пороци, бидејќи оние луѓе кои сакаат да се дрогираат, пијанчат, коцкаат или курваат – ќе најдат начин да го прават тоа дури и кога е спротивно на законот, додека пак оние луѓе кои не сакаат да се дрогираат, пијанчат, коцкаат или курваат – нема да го прават тоа дури и ако нема закон против таквите пороци.

21. Оценка за јадењето не дава оној што готви, туку оној што јаде, бидејќи на гладниот и помијата со бајат леб ќе му се види вкусна, додека пак на прејадениот и тартуфите со кавијар ќе му се чинат блуткави.

22. Ако си слаб немој да учестуваш во борба, оти ако чашата удри во камен ќе се скрши чашата, додека пак ако каменот удри во чашата – повторо,  ќе се скрши чашата.

23. Цензурата е бескорисна, бидејќи ако луѓето не сакаат да го читаат или гледаат или слушаат тоа што го им забрануваш – нема да го читаат или гледаат или слушаат и без да има цензура, но ако луѓето сакаат да го гледата или читаат или слушаат тоа што си има го забранил, ќе најдат начин да го прочитаат или видат или слушнат тоа без разлика колку и да е силна цензурата.

24. За поразот најчесто виновен е селекторот, бидејќи оние играчи што можат да постигнат гол или кош – тој не ги пушта да играат, додека пак оние играчи што тој ги пушта да играат – не можат да постигнат гол или кош.

25. Симболите се небитни, бидејќи на пример знамето кое никој не го почитува е обично парче платно, додека парчето платно што сите го почитуваат – е знаме.

26. Алатите се небитни, бидејќи на пример, сликарот кој има талент и без четки ќе создаде ремек дело, додека пак сликарот кој нема талент и со најдобите четки само ќе успее ја извалка чистата површина врз која работи.   

 .

 П.С: После подолга пазуза, решив пак да го активирам блогов. Што значи дека од сега па натаму многу почесто ќе објавувам мои текстови на овој простор. Нема да објавувам секој ден се разбира, па за да не доаѓате беспотребно на блогов, запишете се (ако веќе не сте запишани) за автоматски известувања (по мејл) за нови колумни, кликајќи на иконата која е во долниот десен агол на екранот, на која пишува „следи“. Сѐ што треба потоа е да ја внесете вашата мејл адреса во полето, и да кликнете потоа на „sign me up“ и тоа е тоа. Штом ќе биде тука објавен нов текст, ќе добиете известување во вашиот инбокс.

Written by nenobogdan

11/09/2013 at 15:56

♠ ЗАГЛИБЕНАТА ОПОЗИЦИЈА НЕ МОЖАТ ДА ЈА ИЗВЛЕЧАТ ОД КАЛТА „ЛИМУЗИНИТЕ“, ТУКУ САМО „ТЕРЕНЦИТЕ“

with 2 comments

Колумнава што следува требаше да биде објавена во неделникот „Фокус“, но поради познатите исклучително трагични причини, гласникот на македонската независна мисла моментално не излегува од печат и неговата понатамошна судбина сѐ уште е неизвесна. Затоа, анализата на локалните избори и последиците од нив, решив да ја објавам он-лајн.

Еден од најглупите спинови што го чув од страна на фанатичен приврзаник на СДСМ (и очигледно уште пофанатичен обожавател на Бранко Црвенковски) веќе во понеделникот после првиот круг на изборите, одеше некако вака:

- Знаеш, уствари Бранко намерно загуби! – рече фанатикот.

- Ајдеее?! Викаш намерно е тоа, а?! – се зачудив јас.

- А бе глеј, ако СДСМ победеше на избориве, Грујо немаше да се осмели да свика предвремени парламентарни избори. А вака, он е убеден дека СДСМ е слаб, и затоа ќе свика предвремени парламентарни избори, за сега пак да тепа и да владее до 2017-та! Е ама ние, кога он ќе влезе у таа замка, ќе го смачкаме!

- А знаеш што е најјакото со овој ваш лукав план? – на заебанција прашав јас.

- Што? – праша фанатикот, не сфаќајќи заслепен со својот фанатизам дека го зезам.

- Па бидејќи Грујо доби толку многу гласови на избориве со помош на поткупи, зголемени пензии, вонредна исплата на субвенции и враќање на долгови кон фирмите и слични работи, токму гласачите на ВМРО-ДПМНЕ најгласно треба да барат предвремени парламентарни избори, оти така пак ќе може да лапнат по некоја предизборна бенефиција – реков јас и се насмевнав од уво до уво, по што на соговорникот требаше да му стане јасно дека не треба да ме сфаќа сериозно. Ама тој, сепак ме сфати!

Шегата настрана. Ако се соберат гласовите што за советничките листи ги доби коалицијата околу СДСМ, како и гласовите на опозиционите партии што одеа во некои општини самостојно (Сојуз на Титови Леви Сили, Либерали, Српска Напредна Странка, ПЕИ, како и Движењето за Национално Единство на Турците), како и поддршката што ја од гласачите ја добија некои одметнати кадри од СДСМ (во Карпош, Ресен, Кавадарци и Куманово) со нивните независни советнички листи, се добива една бројка од околу 350.000 луѓе што гласале за опозицијата (од македонскиот блок) на локалниве избори. Од друга страна, гласовите за советничките листи за коалицијата околу ВМРО-ДПМНЕ, заедно со гласовите што ги добија нивните партнери (како ДОМ или Сојузот на Ромите или Демократската Партија на Турците) каде што настапија самостојно, вкупно се околу 480.000 гласови.

А според резултатите од изборите во 2011та требаше да биде барем 450 илјади за опозицијата, а 430 илјади за власта. Наместо во плус да биде опозицијата со 20.000 гласа, сега таа е во минус за 130.000 гласа, што значи дека разликата помеѓу тоа што се очекувало и тоа што се реализирало е некаде околу 150.000 гласови!

Па кој е крив за тоа? Манипулациите на власта со избирачкиот процес сигурно имаат некој удел, но како што покажаа резултатите од изборите за градоначалник во општината Центар, тоа не може да биде решавачки фактор. Најголем напор за да ги „намести“ изборите направи власта во Центар и сепак, баш таму не ѝ тргна од рака тоа. Така што се чини дека не беше толку силен режимот, колку што беше слаба опозицијата на овие избори. Од таму, заклучок е јасен: не е толку јак Груевски, колку што Бранко е слаб. Следствено, пред да си замине Груевски, треба Бранко да си замине!

ТРИУМФОТ НА ТЕРЕНЦИТЕ

Пред да се посветам на резултатите од општината Карпош, кои ги сметам за најзначајни за иднината, неколку забелешки за изборите во другите општини. Прво, на граѓаните на Охрид кои го избраа кандидатот на владејачката партија, а воедно и ѝ дадоа мнозинство во општинскиот советот на истата опција, се чини дека никој не им кажал дека Субрата Рој најверојатно и нема да може да инвестира во Охрид. Оти, ајде да беше избран само градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, да разбере човек дека Охриѓани поддржале личност, а не партија. Ама, со него доаѓаат и советниците во општинскиот совет, што значи дека граѓаните на Охрид, му свртеле грб на СДСМ. А зошто тоа одеднаш толку радикално би го сториле, ако не заради ветените мултимилионски инвестиции на фамозниот индиски мултимилијардер?

Второ, загубата на Ново Село за СДСМ мене ме изненади сега исто толку колку што ме изненади пред четири години освојувањето на власта во било која рурална општина од страна на СДСМ. Едноставно, со власт која фрла милиони евра за субвенции, како воопшто во 2009-та се случи во Ново Село да не победи ВМРО-ДПМНЕ до ден денешен не ми стана јасно. Веројатно тогаш во прашање била погрешна кадровска политика, која очигледно во меѓувреме била сериозно коригирана, и еве сега доминантно земјоделската општина си отиде таму каде што ѝ е местото, под власта на партијата која стотици милиони евра даде за купување на гласовите на земјоделците. На ист начин на толкувам и тесната победа на Заев во Струмица, каде што никогаш и не требаше тој да биде толку јак, оти иако е доста урбанизирана Струмица, голем дел од нејзините жители сепак живеат од земјоделство, што ги прави посклони кон централната власт на ВМРО-ДПМНЕ отколку кон градоначалникот од СДСМ.

За резултатите од изборите во Битола и Кисела Вода, човек не може, а да не се изрази духовито преку адаптирана филмска реплика, оти во наредните четири години и со двете општини ќе управуваат актерите кои имаат соработувано еден со друг своевремено во серијата која се викаше „Здраво Генијалци“  и во која Туфи и Двојче беа прекарите на главниот женски и на главниот машки лик соодветно. Па така, давајќи му пак доверба на актуелниот битолски градоначалник, и избирајќи ја за прв пат новата градоначалничка во Кисела Вода, граѓаните во тие две општини може да кажат: „Туфи ја запишавме, Двојче не го отпишуеме“. Тоа е тоа, ако е вистина дека „живот пише романе“ вистина е и дека Центарот за комуникации пишува програми, говори и реклами, на кои народот ете, им верува.

Колкава е важноста на теренските активисти за привлекување на гласачите покажуваат над 45 илјадите гласови што вкупно ги собраа десетиците независни советнички листи, кои ги имаше скоро низ секоја општина по неколку, особено во Лозово, Конче, Кавадарци и веќе легендарниот по тоа прашање Македонски Брод. Во Брод за петнасетте советнички листи предложени од групи избирачи, гласот го дадоа вкупно 3.016 гласачи додека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со своите советнички листи привлекоа 423 т.е. 559 гласови соодветно.

Не можеме да не ја споменеме тука и трката за градоначалник на општината Конче, во која кандидатот на Народното Движење на Македонија, доби во првиот круг безмалку три пати повеќе гласови од кандидатот на СДСМ, и при тоа дотичниот Благој Илиев во селото Дедино (избирачко место бр. 1608) го надмина и кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ (кој на ниво на општина сепак победи) добивајќи 343 гласа или неверојатни 71,46% од гласовите во тоа село. Владимир Путин на ниво на Русија нема толкава поддршка колку што имаше Благој Илиев во село Дедино. Што, ако се има предвид од која мала партија беше кандидиран, говори повеќе за неговата лична способност да ги привлече своите пријатели, почитувачи и роднини да го поддржат, отколку за некоја голема популарност на неговата партија во тој крај.

Круна на ваквиот тренд беше и победата на независниот кандидат Стево Пивковски во општината Могила, кој стана градоначалник откако не само што ги порази и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, туку и после серијата закани што кон него ги упати премиерот лично. Тоа значи дека во неговото срце и во срцата на неговите сограѓани, уште гори бунтовниот оган опеан во народната песна за војводата од тој крај Димче Могилче.

Луѓето кои се способни самите да привлечат гласови кон својот лик и дело во локалните средини не треба да бидат предмет на омраза од страна на партиите, туку напротив, партиите треба да сторат сѐ за да ги привлечат таквите докажано успешни собирачи на гласови во своите редови. Впрочем, сигурен сум дека за многумина кои одеа со свои независни листи за советници на избориве, токму тоа и беше главниот мотив – да им докажат на „големите партии“ дека и тие се добри теренски агитатори, па овие да сфатат дека треба да ги придобијат кон себе, со вработувања во државни фирми, местење тендери во нивна корист и слични методи. Утре, на некои други избори, истите тие гласови од нивните пријатели и роднини ќе ги привлечат истите тие агитатори кон партиите кои во меѓувреме ќе им дадат добра понуда.

А сево ова кажано во прилог на теренците нѐ води до неминовниот заклучок дека:

САМО СТЕВЧО СДСМ СПАШАВА!

Ако за многумина сѐ уште тврдењето дека Бранко Црвенковски треба да си замине од лидерската позиција на СДСМ е неизговорлив ерес, тврдењето дека него треба да го замени Стевчо Јакимовски сигурно ќе биде анатема над сите анатеми. Ама, има логика!

Прво, во соседна Грција актуелен е еден речиси идентичен пример, кога Андонис Самарас своевремено беше висок функционер на партијата „Неа Димократија“ па нешто се скара тој со раководството, па го избркаа од партијата, па откако таа голема и моќна партија сосема рокна на изборите во 2009-та, тој беше повикан да се врати за да ја крене пак на нозе и – ја крена. Еве го сега е премиер на Грција!

Сличен пример може да се најде и во поновата кинеска историја, каде Денг Ксијао Пинг бил со децении десна рака и човек од највисока доверба на Мао Це Тунг, но нешто се скарале, па Мао го разрешил Денг од сите функции и го пратил да работи во провинциска фабрика за трактори како обичен сметководител, но после сите државнички грешки во текот на владеењето на Мао (за кои Денг уште на почетокот предупредувал, и за кои се покажало дека бил во право), Кина до тој степен се уназадила, што по смртта на неприкосновениот лидер Мао, партијата го повикала Денг назад и го назначила за свој лидер.

Од некогашниот врвен раководител, преку репресиран отпадник, па до нов лидер и наследник на Мао, Денг ги минал сите искушенија во кариерата, а под негово водство Кина храбро тргна во темелни реформи кои за кратко време од земја во која милиони умираа од глад секоја година, ја претворија во светски економски џин.

Од Денг Ксијао Пинг има една славна изрека која гласи: „не е битно дали мачката е црна или бела, битно е таа да лови глувци“. Стевчо пак, кој има минато низ многу партии, верувам дека би се согласил со изреката на Денг, дури и ако таа се адаптира во: „не е битно дали партијата е лева или десна, македонска или српска, битно е со неа да победувам на избори“.

Јасно е дека, после фијаското на избориве, во СДСМ е неопходно да се смени раководството. Но, кој да го замени Бранко? Дали тоа може да биде Зоран Заев, или некој друг од оние кои му останаа лојални на Црвенковски после пребегот на Стевчо? Не, бидејќи за секој од нив, ВМРО-ДПМНЕ ќе може да вади теорија дека тој е само продолжена рака на стариот лидер, кој само навидум си заминал, а зад сцената ги влече конците на својата марионета, која треба да го подготви теренот за тој да се врати.

Е, овој пропаганден спин (кој успешно се искористи кога беа Шеќеринска, а потоа и Заев на чело на СДСМ) е бесмислено да се прави ако Стевчо застане на чело на СДСМ. Оти, тој ако ништо друго, барем во изминативе месец дена покажа и докажа дека не е послушник на Бранко. Ете значи, неспорно кредибилен кадар на кој може да му се верува дека навистина ќе води политика независна од волјата на сегашниот сдсмовски лидер.

Дали членовите на СДСМ не би го прифатиле, човекот за кој до вчера тврдеа дека е предавник? Па тој му сврте грб на СДСМ само заради тоа што на неговите теории никој им веруваше, но на изборите се покажа дека тој бил во право, а Бранко згрешил. И тоа треба да му се признае на човекот. Чест е случајот оние кои не ја разбираат визијата, да го прогласат визионерот за еретик или предавник. Ама, визијата се покажа за точна во случајов и затоа епитетот „предавник“ веќе не е на место.

Забелешката дека Стевчо низ политичката кариера се водел најчесто од личниот интерес исто не држи вода, оти кој тоа политичар не се води од личниот интерес? Плус, токму тоа може да е и дополнителен аргумент во прилог на тезата дека „Само Стевчо СДСМ спашава“ (како што би рекле во Српската Напредна Странка со чиј печат излезе тој на избориве). Оти баш таков човек, со изострен сенс за личниот интерес може да комуницира успешено со, и да биде убедлив за, стотици илјади сегашни гласачи на партијата на Груевски кои кога одлучуваат за кого ќе гласаат, исто така се водат од личниот интерес.

ЕЛИТИСТИЧКИТЕ ЛИМУЗИНИ ПРОТИВ ТЕРЕНЕЦОТ СО МНОГУ (ПОДРЖИ)КОЊСКИ СИЛИ!

Кога пред една година ЛДП, Народна, Достоинство и Обединети се здружија во коалиција, и кога официјално ја крстија „Коалиција за демократска Македонија“ јас на еден битен лик во една од тие партии, му реков дека можеле да одат и со името „Коалиција за ланскиот снег“ оти колку што на просечниот македонски гласач му е гајле за ланскиот снег, толку му е гајле и за демократијата во Македонија.

Но, неразбирањето на мотивациските фактори кои го водат просечниот гласач при изборот на партијата или кандидатот за кои ќе го даде својот глас, се веќе акутни проблеми кај битните фаци во опозицијата. Ете, на Стевчо непосредно пред вториот круг од СДСМ му извадија „афера“ дека во младоста му, во раните деведесети, тој едно време продавал гаќи на тезга, сметајќи небаре тоа е нешто од што би требало да се срами, а не напротив, дека тоа е уште еден доказ дека Јакимовски е навистина човек од народот, дека видел мака што е, и сиромаштија што е, и дека со чесен труд (што има нечесно во продавање гаќи?!) заработувал некогаш за корка леб.

Таа „афера“ која не е никаква афера туку баш напротив – аргумент плус зошто некој обичен граѓанин би му ја дал довербата на Стевчо Јакимовски, говори најјасно за елитистичкиот дух и светоглед што го имаат полираните и позлатени салонски политиканти од врвот на СДСМ кон луѓето кои работат на терен, меѓу народот.

Не само опозицијата, не само македонската демократија, туку и целата држава се заглибени во калта на безнадежноста, од која, со помош на елитните (и елитистички) лимузини нема да се извлечат никогаш. Потребни се теренци, кои под хаубата на својот карактер имаат многи коњски сили, па макар тие коњски сили биле и Подржикоњски.

Стевчо Јакимовски во Карпош ги порази и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Ги порази сам, и Бранко и Грујо, во исто време. Ги надигра на терен салонските политиканти кои беа испратени против него. Време е и членовите на СДСМ да сфатат дека единствениот кој може да го порази Груевски е Стевчо Јакимовски на чело на опозицијата. Време е да сфатат дека кога се оди во лов на гласови, тогаш нема заштитени мечки. Човекот покажа дека има повеќе осет за реалната политика отколку сите позлатени и лакирани аристократи кои сѐ уште имаат дрскост да се нарекуваат себе си „водство на опозицијата“.

Ако коза лаже, рог не лаже, и наместо да се бараат жртвени јариња за изборниот пораз, време е старите прчови да си заминат.

П.С: Како што реков, судбината на неделникот „Фокус“ каде што моите политички колумни се објавуваа веќе две години, се уште е потполно неизвесна, па во меѓувреме, на блогов ќе можете да ги читате моите размислувања за актуелни и не толку актуелни теми. Нема да објавувам секој ден, па за да не доаѓате беспотребно на блогов, запишете се за автоматски известувања (по мејл) за нови колумни, кликајќи на иконата која е во долниот десен агол на екранот, на која пишува „следи“. Сѐ што треба потоа е да ја внесете вашата мејл адреса во полето, и да кликнете потоа на „sign me up“ и тоа е тоа. Штом ќе биде тука објавен нов текст, ќе добиете известување во вашиот инбокс.

Written by nenobogdan

09/04/2013 at 16:02

Posted in Uncategorized

♦ KAKO TPEБA ДA CE ЧИTAAT MИTOBИTE

with 2 comments

Човекот на сликава која е дел од античка ваза изгледа како во раката да држи лаптоп, што или е доказ за патување низ времето, или пак (што е далеку пореално) е само илустрација на некој антички ученик како фаќа прибелешки на направа која се вика „восочни таблици“ и која била прилично проста технологија. Евидентно, она што го гледаме многу зависи од тоа што сакаме или не сакаме да видиме. Така некако е и со многу древни митови, кои што може да се читаат на многу начини, и од нив да се црпат најразлични поуки, некои валидни не само за антиката кога се создадени, туку и сите времиња воопшто.

1. Вавилонската кула: митот за Вавилонската кула е општопознат, бидејќи е споменат во Стариот завет, кој преку неговото значење за развојот на христијанската религија е извор за еден куп легенди, митови и архетипови што се нераскинлив дел од целата западна цивилизација.

Дотичниот мит, во кратки црти вели дека во древната метропола Вавилон, кога тој град станал многу моќен и влијателен центар на силна империја, тамошните главатари ги обзела тешка ароганција, па умислувајќи си дека после земјата се спремни и небото да го освојат, одлучиле да изградат една екстремно висока кула. Но Бог, сакајќи да ги казни Вавилонците за нивната вообразеност, ги спречил во нивните планови.

Бидејќи кулата била сеуште во процес на изградба, тој повлијаел врз умовите на градителите, кои сите почнале да зборуваат одеднаш на сосема различни јазици (пред тоа збореле сите на ист јазик) и бидејќи никако не можеле да се разберат во новонастанатата ситуација, градбата на кулата престанала и со тоа на водачите на Вавилон им било покажано до каде е границата на човечката способност.

Поуката од овој мит долго време се сметаше дека е чисто етиолошка, т.е. објаснување за тоа како настанала некоја појава, во случајов различните јазици. Друг агол од кој може да се анализира митот за Кулата Вавилонска е дека тоа е предупредување за луѓето да не се замислуваат дека се многу моќни и да не го предизвикуваат Бог, т.е. дека ароганцијата не е само грешка, туку е и грев кој нема да остане неказнет.

Но, мое мислење е дека длабоко во легендата има и една друга, попрактична порака. Имено, ако според митот, Бог сакал да го спречи градењето на кулата, тој можел само да предизвика земјотрес или поплава, но тој тоа не го сторил, туку големиот проект кој требало да ги надминува сите други градби до тогаш создадени од луѓето, бил упропастен затоа што неговите градители престанале да се разбираат меѓусебно.

Тоа е концепт што објаснува, меѓу другите работи, и зошто ниту една револуција не ги остварила очекувањата на револуционерите, и зошто после секоја голема побуна оние кои се бунеле најжестоко бидуваат редовно разочарани од резултатите, а често избиваат и жестоки конфликти меѓу довчерашните соборци.

Тоа е затоа што секоја револуција е голем чин, огромен процес (налик на градбата на Вавилонската кула), која секогаш привлекува луѓе со разнородни, често и меѓусебно спротиставени мотиви. Некои сакаат со револуцијата да се промени светот од темели, други сакаат само својата материјална положба да ја подобрат, трети се вклучуваат само за да можат да крадат и убиваат неказнето во целиот хаос, четврти се шпиони инфилтрирани од разни центри на моќ, петти се подеднакво зли како оној против кого се кренала револуцијата и тие само сакаат да добијат шанса да се одмаздат за претрпените неправди со вршење нови неправди, итн.

Многу мотиви, многу побуди, многу визии за тоа што ќе се случува после победата, а сепак револуцијата не може да испадне и црна и бела истовремено, и златна и дрвена одеднаш. И затоа, како и во Вавилонската кула, така и во сите големи движења и проекти, настануваат спорови меѓу учесниците. Кои може да ескалираат до тој степен што проектот ќе биде предвреме прекинат и ќе заврши со тотален неуспех.

Митот за кулата од Вавилон е предупредување, ама не толку за тоа да не се биде арогантен, туку да се имаат јасни планови околу кои луѓето што ќе се обединат ќе бидат сложни. Премногу магловита цел, премногу недефирани методи на делување, премногу распашана кадровска политика, и тоа е рецепт за внатрешен раздор во редовите на организацијата која се создала да изведе нешто големо.

Ако уште на самиот почеток се дефинира што е што и кој е кој и зошто е зошто, потоа не само што ќе се намали потенцијалот за појава на несогласувања, туку и „кулата“ сама ќе се гради, штом секој знае што треба да прави и нема потреба постојано да се консултира со другите. Чиста сметка – долга љубов, вели поговорката, која воопштена гласи: „јасен план – загарантиран успех“.

2. Нишката на Аријадне: сите знаеме како најлесно може да се најде патот низ некој замрсен лавиринт. Имено, бидејќи има еден куп ходници и еден куп крстосници, и сите тие изгледаат исто, можно е постојано да се вртиме во круг составен од истите ходници низ кои веќе сто пати сме поминале, па затоа е потребно да имаме начин да ги означиме оние места низ кои сме прошле, за да не поминуваме пак низ нив.

Во митот за Минотаурот, кој бил чудовиште затворено во еден сложен лавиринт, јунакот кој влегол во лавиринтот со цел да го најде и убие ѕверот, успеал да не се загуби низ безбројните ходници и да не губи енергија вртејќи се во круг, благодарение на едно клопче волна кое му го дала принцезата Аријадне, и од тоа клопче, од неговата нишка, потекнува изразот „нишката на Аријадне“.

Принцезата го советувала јунакот како што ќе чекори низ ходниците на лавиринтот, да го расплетува зад себе клопчето, па ако наиде пак на ходник каде има конец, да знае дека таму веќе поминал и да бара друг, непоминат до тогаш пат. Со помош на нишката на Аријадне, јунакот бил успешен при пронаоѓањето и убивањето на Минотаурот.

Нишката на Аријадне ја симболизира пред сѐ потреба да се учи од историјата, од своите и од туѓите грешки. За да не се повторуваат постојано истите глупости и заблуди одново и одново. Затоа е неопходно во политиката и во бизнисот, да се знае добро историјата и таа да се разбира темелно.

Но, тоа се покажува постојано како преголем предизвик во многу случаи. Оти, сведоци сме дека некои грешки постојано се повторуваат, па дури и кога луѓето се свесни дека прават исто како што правел некој друг што пропаднал, тие продолжуваат цврсто да чекорат по тој погрешен пат.

Има безброј теории кои се обидуваат да одговорат на прашањето „зошто е толку тешко да се учи од историјата“ но според мене станува збор за неспособноста на луѓето да се погледнат себеси објективно т.е. да сфатат дека нема некоја суштинска разлика меѓу тоа што самите го прават и тоа што другите го правеле пред нив. Од таму, ако на некого што прави грешка му се посочи дека и пред него некој друг истото нешто го направил и тоа се покажало за погрешно, тој ќе одговори: „да, ама тој не бил како мене, јас сум сосема поинаков“. Т.е. она што за другиот било погрешен потег, сега за овој е правилен потег?!

Неспособноста на секоја актуелна генерација да се препознае себеси во претходните генерации е основниот фактор што тера до неизвлекување поуки од историјата. Убеденоста дека „сега е поинаку“, и дека „ние не сме како нив“ мнозина ги довела до катастрофа.

Животот е лавиринт, и во него е речиси невозможно да се најде правиот пат ако се оди на слепо, без да се погледне каде веќе сме поминале, и кои грешки сме ги направиле. Затоа ни е потребна нишката на Аријадне како метафора, нишка која за наша среќа, пред нас и многу други генерации ја послале, кога и тие минувале низ истите ходници од истиот лавиринт.

Ајнштајн, размислувајќи за вселената и за човечката глупост, заклучил дека иако космосот можеби има крај, будалаштината на луѓето сепак е неограничена. Но, Ајнштајн само делумно бил во право. Оти, глупоста е бескрајна во смисла дека е како патека која има кружен облик и дека ако постојано одиме по таквата патека, никогаш нема да ѝ го најдеме крајот, оти крајот на секој круг истовремено е и негов почеток.

Глупоста е бескрајна само затоа што ние не учиме од грешките. Ако цврсто одлучиме не ги повторуваме грешките што сме ги направиле ние или другите луѓе, ќе излеземе од кругот кој нема крај и конечно ќе тргнеме по правиот пат.

3. Хераклес против синот на Геа: според митологијата на древните Грци, во еден зафрлен предел на Либија живеел некој џин кој бил син на Геа, божицата на земјата, и кој што џин се викал Антаеус и кој  што бил многу крвожеден, и по таа основа исклучитлено штетен за луѓето кои ја имале таа несреќа да се најдат на удар на неговите напади. Затоа, јунакот Хераклес, кој бил син на богот Зевс, наумил да отиде кај џинот и да го убие, и со тоа да го спаси човештвото од тој напасник.

Е арно ама, џинот се покажал како тврд орев, дури и за силниот Хераклес. Секогаш кога синот на врховниот бог ќе го треснел на земја џинот, џиновата мајка (божицата Геа) му давала нова сила, и така тој пак се исправал и борбата продолжувала. Иако Хераклес бил многу силен, и сто пати го соборил на тло монструмот, тој со секое паѓање добивал обнова на моќта штом ќе ја допрел земјата, па во еден миг конечно Хераклес сфатил дека така само си го губи времето.

Затоа, со цел еднаш за секогаш да ѝ стави крај на борбата, и сфаќајќи дека својата сила џинот ја црпи од земјата, со која владеела неговата мајка Геа, Хераклес го зграпчил за врат Антаеус и го кренал во воздух, и така го држел одвоен од земјата сѐ додека овој не испуштил душа.

Поуката од овој минорен мит, кој дури и не е еден од дванаесетте главни митови за Хераклес, е дека некои работи е невозможно да се поразат без да се одвојат од изворот на нивната сила и моќ.

Уште старите Грци црпеле поука од митов, кога на пример во војната против Персијците кои ја нападнале нивната земја, прво ги уништиле персиските бродови на кои се носела сета храна и резервна опрема за огромната персиска армија, а потоа лесно се справиле на копно со изгладнетите и деморализирани напаѓачи.

Античките Македонци исто така знаеле која е поуката од наведниот мит, па Александар Велики (кој самиот се сметал за потомок на Хераклес) ја поразил моќната персиска флота не со директна конфронтација на море, туку со заземање на сите пристаништа на азискиот брег. Штом флотата на непријателот останала без пристаништа, таа немала од каде да се снабдува, па се распрснала како меур од сапуница без да направи некоја посериозна штета на македонскиот воен поход.

Во најново време, кога некоја власт сака да ги контролира медиумите, таа не се обидува да ги нападне директно, туку се концентрира врз преземање на изворите на финансирање на медиумот. Или ќе стане самата влада главен огласувач во нив, со што ќе ја купи наклонетоста на газдата на медиумот, или преку закани и прекумерни инспекции од сите надлежни и ненадлежни служби ќе ги принуди комерцијалните огласувачи да престанат да се рекламираат во проскрибираниот медиум. И така, опозциониот медиум навидум не е ни чепнат од страна на власта, но тој мора, поради ударот врз неговите извори на финансии, да почне да слуша наредби.

А тоа е стратегија стара колку што се стари и митовите. Практично, постара од пишаната историја. И како што сме свесни сите, и како што покажуваат и актуелните примери, сеуште таа функционира сосема успешно.

.

П.С: Требаше уште пред десет дена да ја објавам колумнава, ама поради објективни причини не стасав. За празникот пак сакав колумната со наслов „Празнични борби“ да ја објавам, ама од истите причини и нејзе не стасав да ја напишам на време. Но, не гледам зошто утревечер не би ја објавил. Така да, очекувајте ја.

До утре (понеделник) во истово време на истиов блог, поздрав ;-)

♦ УШTE HEKOЛKУ PEЦИKЛИPAHИ APTEФAKTИ

with 2 comments

Обично предметите со историска важност завршуваат во музеи, веднаш штом ќе им помине мигот на нивното учество во создавењето на историјата. Некои од тие предмети сепак, не само што добиваат нов живот кога настаните повторно ќе почнат да брануваат, туку дел од нив завршуваат и на спротивната страна од конфликтот. Еве, како продолжение на колумната „Рециклирани артефакти“ грст такви примери:

1. Еден ист вагон за две различни капитулации: кога во 1918та година завршила Првата светска војна, поразената Германија морала да ја потпише капитулацијата во еден обичен железнички вагон, кој сосема случајно тогаш бил избран за да се одржи во него средбата на стручните комисии испратени од главните штабови на двете спротиставени армии. По војната, како дел од нивниот триумф, Французите го сместиле дотичниот вагон во музеј и тој таму со години привлекувал многубројни посетители.

Е арно ама, минале години, па избила и Втората светска војна и во неа Германците извојувале победа врз Французите. Според правилата и обичаите на војувањето, од главниот штаб на француската армија била испратена делегација составена од високи офицери за да потпише капитулација и со тоа да се стави крај на борбите.

Германците, по специјална наредба на Хитлер, избрале чинот на потпишувањето на капитулацијата на Франција пред Германија да биде изведен ама баш во истиот вагон во кој што само 22 години претходно, Германија капитулирала пред Франција. Специјална единица на германски командоси била испратена во музејот каде што бил сместен историскиот вагон и откако го извадиле од таму (за што морале да урнат дел од еден ѕид од музејската зграда), го донеле ама баш на истото место каде што била потпишана германската капитулација. Бидејќи во вагонот ништо не било променето од денот кога се случил големиот миг, во сосема идентични услови, било де факто поништено најголемото до тогаш понижување за германските народ, армија и држава. Еве тука на овој линк едно кусо клипче кое го опишува и документира моментот.

Друга рециклирана работа што ги поврзува француската и германската воена историја е секако маршот на германските тенковски единици, прв пат компониран за потребите на нацистичката армија во јуни 1933та година, едвај пет месеци по доаѓањето на власт на Хитлер. Овој марш и до ден денешен е официјална химна на оклопните единици на сегашната германска армија, ама интересно е што е прифатен во меѓувреме и како официјален марш на француската легија на странците, со други стихови се разбира. Вакви примери на преземени песни од непријателот, има многу, а за некои такви зборував во колумната „Квадрига

Во француската легија на странците пак, непосредно после Втората светска војна, најголемиот број од странците кои доброволно се пријавиле за служба во неа биле токму – поранешни војници од поразената германска армија, кои навикнати на војување не гледале што друго би можеле да работат освен да војуваат. Нив ги праќала француската влада во Алжир и Виетнам да задушуваат таму анти-колонијални востанија, но легионерите и покрај големото искуство што го имале од големата војна, сепак во тие мали војни повторно биле поразени од локалните герилци, најспектакуларно во легендарната битка кај Диен Биен Фу. Така што, рециклираните „артефакти“ во облик на поранешни нацисти освен што биле поразени кога војувале за Германија биле поразени и кога војувале за Франција. Од некои луѓе очигледно не може да се добие квалитет, без разлика колку и да се рециклираат.

2. Поразениот вграден во споменикот на победникот: освен што при победата победникот на поразениот му ги зема сите богатства и делови од територијата, како чест обичај при освојувањето се практикува на места на најголемите битки да се изгради и некој достоен споменик кој идните генерации ќе ги потсетува на големите и славни подвизи од минатото.

Таков еден величествен паметник изградиле Русите во Берлин откако ја добиле Втората светска војна и воспоставиле своја окупација врз голем дел од територијата на Германија.

Интересно кај тој споменик е што дел од него е поплочен со првокласни скапоцени мермерни и гранитни плочи, кои што плочи градителите не ги купиле со пари, ами со животите на нивните војници кои загинале во битката за Берлин. Имено, плочите се земени токму од канцеларијата на Адолф Хитлер, од оние кои останале неоштетени при сето пукање и бомбардирање, и потоа се употребени да се обложи споменикот посветен на борците што го поразиле истиот тој Хитлер.

Многу сличен принцип на овој примениле уште древните Грци, конкретно граѓаните на градот-држава Атина, кога после една голема поморска битка во која пуздер ја сториле персиската флота, од заробените бродови на непријателот ги искорнале најубавите парчиња греди и штици и од нив го изградиле својот нов театар, познатиот Одеон, збор што и до ден денешен се користи како синоним за луксузна сала за специјални приредби. Кога ветераните на поморската битка години подоцна седеле во театарот и гледале некоја престава со тематика од таа војна, седеле токму на клупи изработени од штиците на персиските бродови кои биле поразени во таа битка токму од страна на гледачите на преставата! Ако тоа не е пример за автентичен амбиент – не знам што е.

Конечно, финансирањето на уметнички зданија со помош на рециклирање на непријателски артефакти најспектакуларно било изведено при изградбата на едно од седумте чуда на стариот свет, познатиот Колос од Родос. На егејскиот остров Родос имено, после една голема победа на локалните жители против една инвазија, победниците кренале огромна статуа на влезот на пристаништето, потфат сосема финансиран од продажбата токму на остатоците од оружјето и опремата на поразените напаѓачи!

Македонскиот освојувач што го нападнал Родос, со цел да ги пробие ѕидините на градот што го опсадувал, изградил колосална воена кула од дрвени греди, кожи, метал и други вредни материјали, и по неговиот неуспех, таа кула Родјаните ја заплениле и откако ја растуриле на делови, ги продале тие парчиња низ целиот Медитеран. Бидејќи кулата била навистина огромна, се собрале многу пари од продажбата на нејзините делови, па со тие дел од тие пари било платено создавањето на монументалниот Колос.

Во нешто поново време, од многубројните возила, соборени авиони и хеликоптери и милиони празни чаури на топовски гранати што Американците ги беа оставиле во Виетнам при повлекувањето по поразот им во Виетнамската војна, со години голем број сиромашни Виетнамци заработуваа за живот, собирајќи ги и продавајќи ги како старо железо, од кое се лееја меѓу другото делови за автомобили, во кои често се возеа токму американските ветерани од виетнамската војна!

Очигледно, многу е слатко да се заработува токму од она што непријателот кого си го поразил сакал да го употреби за да те порази тебе.

3. Со свој камен по своја глава: кога во 1776ата година во американските колонии тамошните доселеници тргнале во борба за независност од Британија, со муниција понекогаш се снабдувале и на еден многу уникатен начин. Имено, со рециклирање на уметничките артефакти на нивните непријатели.

Во Њу Јорк на пример, стоела со години една голема статуа на англискиот крал Џорџ III која штом граѓаните се кренале на востание против неговата власт, веднаш ја собориле од постаментот и бидејќи била изработена од некоја соодветна легура, ја одвлекле во леарница, па откако ја стопиле, од металот нејзин излеале точно 42,088 куршуми!

Тие исти куршуми биле само неколку месеци подоцна искористени за да се гаѓа со нив врз војниците што ги пратил кралот, и иако голем дел од напаѓачите загинале сепак битката била загубена, па Американците морале да се повлечат од градот и до крајот на војната за независност Њу Јорк бил под британска окупација. Што значи дека рециклирањето на статуата во муниција ич не им помогнало во борбата на востаниците.

А нешто слично на ова, само во антиката, направил и еден крал на Египет од македонската династија, кој што крал со помош на многубројна војска од платеници успеал да дојде на власт, по куса граѓанска војна против негови роднини кои го узурпирале престолот. Но, по победата тој се соочил со голема дупка во буџетот, па решил за да може да им плати на војниците што го донеле на власт, да го осквернави гробот на Александар Велики што бил во Александрија, и од златниот саркофаг во кој било телото да ги префрли коските на големиот освојувач во обичен стаклен сандак, а златото да го претопи во монети со кои конечно ги подмирил сите свои долгови.

Со ова нешто кралот се надевал дека си ги решил сите финансиски проблеми, ама сепак гадно се излажал. Оти штом слушнале каков грев направил кралот, граѓаните на Александрија, кои Александар го чествувале како еден вид бог и духовен заштитник на градот им, се кренале на општонародна револуција и не само што го собориле од власт, туку и го линчувале непромислениот им владетел.

Како и во примерот со американските револуцинери што од статуа на англискиот крал сакале да ја финансираат својата борба против англискиот крал, така и во примерот со златниот ковчег на Александар, Птоломеј IX не видел ништо аир од рециклирањето на артефактите. Интересна работа сепак е што дури и по убиството на кралот – осквернавител, златниците што тој ги исковал не биле повлечени од оптек и пак претопени во златен ковчег во кој би било вратено телото на Александар Велики. Не, телото си останало во новиот саркофаг изработен од стакло, а на златниците – им се изгубила секаква трага.

Впрочем, тоа е еден редовен принцип низ историјата. Кога ќе се крене бунт против некоја неправда, дури и по победата на бунтовниците, неправдите во голема мера остануваат на сила. Ете, Американците своевремено се кренале на револуција оти сметале дека плаќаат преголеми даноци, ама од денот кога ја стекнале независноста па сѐ до ден денешен никако не престануваат да се жалат дека на својата сопствена држава се принудени да ѝ плаќаат – преголеми даноци.

*

Јасно е дека еден артефакт кој бесконечно голем број пати може да се „рециклира“ се парите. Било да се златни, сребрени или хартиени, тие редовно се префрлаат од една на друга рака, и од еден во друг џеб и од една на друга сметка и истите пари што ќе финансираат денеска една активност утре може да финансираат токму спротивна, на претходната, активност.

Така е и со многу луѓе. Оние кои денеска се непријатели, утре може да бидат сојузници, баш против луѓето со кои до вчера биле сојузници, а сега се закрвавени душмани. Политичари, новинари, војници, криминалци, гласачи, адвокати, консултанти – денеска се борат за едните, а утре за другите против првите. Или обратно. Ништо ново, или необично. Така е низ историјата, а таа има навика да се повторува, одново и одново и одново, и пак уште еднаш, и повторно.

.

П.С: Наредниот четврток очекувајте ја на блогов колумната „Како треба да се читаат митовите“. Во неа ќе биде објаснето, преку конкретни примери, дека легендите од древноста не се само интересни приказни, туку дека тие во себе кријат и длабоки мудрости и пораки со безвременска поука. Во меѓувреме, во неделникот „Фокус“, како и секогаш побарајте ја мојата нова политичка колумна.

До четврток, поздрав ;-)

Written by nenobogdan

19/07/2012 at 17:09

♦ ГEOMETPИCKA ПPOГPECИJA

Додади коментар »

Двата најпознати видови на прогресија во математиката се аритметичката и геометриската прогресија. Во низите со аритметичка прогресија (на пример: 2,4,6,8,10…) разликата меѓу соседните членови е иста (во случајов таа е два), додека во низите со геометриска прогресија (на пример: 2,4,8,16,32…) количникот меѓу соседните членови е константен. Ако ова ви изгледа како премногу апстрактен муабет, еве неколку конкретни и интересни примери на геометриска прогресија.

1. Штедната книшка на Александар Македонски: најчесто со геометриската прогресија се среќаваме кога земаме кредит од банка или ставаме влог на штедна книшка. Ако каматата е да речеме 10% годишно, тоа значи дека на ставени на сметка 5000 денари во 2010та година, во 2011та ќе има на сметката 5500 денари, а во 2012та ќе има 6050 денари, додека во 2013та тие ќе се претворат во 6655 денари.

Прогресијата е геометриска, бидејќи сумата од 2013та е добиена со камата од 10 отсто на сумата од 2012та, а таа пак на онаа од 2011та, што значи дека не се пресметува камата од почетната сума нон стоп. Да беше аритметичка прогресијата, ќе одеше сметката од 5000 (во 2010та) на 5500 па на 6000 па на 6500 (во 2013та). За само три години, разликата во профитот со штедење преку геометриска прогресија е 155 денари на хиопотетичките почетни 5000 денари.

Каква врска има ова со Александар Македонски? Е па, замислете нашиот голем војсководач наместо да тргнал во 334та г.п.н.е да ја освојува Азија, да ставел во банка само еден сребреник (со неговиот лик на паричката!) и таа сметка и таа банка да успеале да ги преживеат сите бурни историски случувања во изминативе 2346 години. Со скромна камата од само 1% годишно на таа една сребрена паричка, колку неговите далечни потомци и наследници би имале на сметката денеска? Што би можеле да купат со тоа?

Ајде да пресметаме: ако ваква е паричката што Александар би ја орочил во банката, тогаш бидејќи таа содржи околу 4 грама сребро (и нешто плус бакар), во денешни пари (при цена на среброто од околу 25 до 26 долари по унца, а унцата со која се мерат благородните метали има 31,1 грам) би вредела три долари и дваесет и пет центи.

Е сега, ако оставите една паричка со камата од 1% годишно, по 2346 години, тој влог ќе нарасне на сметката на 13,7 милијарди парички т.е. при цената на паричката што ја пресметавме погоре, на сметката на Аце наш отворена во 334та г.п.н.е во 2012та г.н.е би имало сумичка од околу 45 милијарди доларчиња!

Тие пари можеби не изгледаат како многу (само скапанана Грција должи десет пати повеќе) ама да си припомниме дека почнавме со влог од само една сребрена паричка. Доколку Александар кој имал пристап до десетици илјади сребрени парички вложел поголема сума, денеска на сметката би имало стотици трилиони долари, или доволно пари да ги купи сите природни богатства, руди и извори на нафта, и згради и добиток и да ги вработи сите луѓе кои денеска живеат во државите кои се протегаат на територијата на која било неговото царство.

Значи, Александар се нашол пред избор: дали да ги вложи парите што ги имал во опремување на војската со која за само девет години го освоил целиот тогаш познат свет, или да ги стави во банка која по 2346 години ќе му даде доволно пари на некој негов далечен потомок за тој да си ги купи „поштено“ истите тие територии. И тоа под услов банката да не банкротира во меѓувреме.

Знаеме што Ацика избрал, и поуката од тоа е дека ако ги инвестирате сами вашите пари, побрзо ќе профитирате отколку ако ги ставите во банка и чекате банката да инвестира со нив. Во сличен дух, еве што во Америка едни мудри економисти пресметале во врска со системот за социјална помош.

2. Колку луѓе може да нахрани една табла шах? Некогаш оддамна, во древната Персија (пред да ја освои Александар) била измислена играта шах, и кралот персиски во знак на благодарност кон нејзиниот создавач, го повикал мудрецот што ја измислил играта за да го награди достојно.

Кралот очекувал мудрецот да му побара злато, сребро или скапоцени камења, ама тој за да му покаже на кралот дека е навистина мудрец, побарал да му се даде сосема неочекувана награда.

Посакал тој на една шаховска табла да се ставаат пченични зрна, и тоа по системот: на првото поле едно, на второто поле две, на третото поле четири, на четвртото поле осум, на петото поле 16, на шестото поле 32 зрна… и така според таа геометриска прогресија, на секое наредно поле два пати повеќе зрна пченица да има, и така сѐ до последното 64то поле.

Кралот се налутил на ваквата скромност и рекол дека тоа е лесна работа и дека мудрецот треба да побара поголема награда. Но тој одговорил дека кралот прво треба да пресмета, па потоа да се фали со своето богатство.

И навистина, ако ние ја направиме таа пресметка, ќе добиеме дека само на 64то поле ќе треба да се стават околу 9 милијарди милијарди (не е печатна грешка, два пати стои милијарди) зрна пченица. Ако во еден грам има 9 зрна, тоа значи дека само на последното поле од таблата ќе треба да се потрошат околу илјада милијарди тони пченица. Колку е тоа всушност?

Па просечното годишно производство на целиот свет денеска е околу 500 милиони тони пченица, значи 2000 години треба целиот свет да збира пченица за да собере таман толку, колку што треба да се стави на 64ото поле. А вкупно за целата табла ќе треба пченица од 4000 години денешно производство на целиот свет!

Што ни кажува ова? На прв поглед ништо, ама на втор поглед зборува нешто за демографијата и за ограниченоста на природните ресурси.

Имено, ако секое поле од шаховската табла е генерација на луѓе, и ако секоја наредна генерација е двојно поголема од претходната, таа ќе има потреба од двојно повеќе храна. Секако генераците обично не се двојно поголеми, оти тоа би значело секој брачен пар да има по четири деца. Бидејќи не се сите луѓе со иста возраст, само мал дел од нив создаваат деца во било кое време, па со стапка на наталитет од 3% годишно (која се смета во отсуство на војни и епидемии и при доволно храна за сите, како максимална природна стапка на наталитет) за 25 години се дуплира бројот на населението.

Што пак значи дека ако некоја земја има милион жители денеска, за сто години со таков наталитет ќе има 16 милиони жители. За кои ќе бидат потребни 16 пати повеќе храна отколку за оној еден милион од пред еден век. Дали е можно да се зголеми производството на храна за 16 пати при иста достапна површина за земјоделие? Се разбира дека не е можно!

Лекот е или да се ограничи наталитетот, за да се одржува константен број на жители, или да се уништат шумите и ливадите и да се претворат тие во обработливи површини, или пак да се инвестира во биотехнолошки истражувања кои (можеби) ќе резултираат со нови, поплодни сорти на земјоделски култури.

Но, има лимит во тоа колку може да даде земјата. Затоа, најпаметно е да се регулира наталитетот, преку подобро едуцирање на луѓето за правилната контрацепција, за да не создаваат повеќе деца отколку што можат да прехранат.

Своевремено, еден британски мислител по име Томас Малтус ја сфатил оваа работа, но во неговата епоха немало начин за лесна и ефикасна контрацепција. Така, тој заклучил дека природата сама создала механизам за да ги спречи луѓето да дојдат до пренаселеност и самоуништување преку исцрпување на природните ресурси. Имено, тој заклучил дека кога населението во некој регион ќе стане преголемо, настапува глад по кој доаѓа до војни и болести, со што населението се смалува и пак се враќа на издржливо ниво популацијата.

Како на остров на кој има само овци, кои без да има волци што ќе ги јадат, постепено толку ќе се намножат што сета трева ќе ја испасат и сите овци потоа ќе умрат од глад. Значи, волците иако ги убиваат индивидуалните овци, всушност на долг рок го чуваат овчиот род да не исчезне сосема. Според Малтус, војните и епидемиите иако уништуваат индивидуални луѓе, сепак се корисни за опстанокот на целото човештво како вид, оти со нив се спречува пренаселеност и сеопшто исчезнување на човештвото.

Малтус сметал дека населението расне според геометриска прогресија, а природните ресурси максимално може да раснат по аритметичка прогресија или воопшто да не раснат, па според него немало надеж за мир меѓу луѓето и дека човештвото е осудено на постојан циклус на војни, гладови, епидемии, кус период на обнова и пак војни, гладови и епидемии и така во бесконечност. Овој малтусовски круг, благодарение на развојот на технологијата за контрацепција и свеста на луѓето во развиените држави за позитивните страни на малите семејства е прекинат. Во Африка и Азија сеуште е на сила, за жал, со сите неминовни страдања што ги носи.

*

Прогресија на животот, прогресија на смртта: на некој начин, ако се знае дека сите живи суштества се создадени од други исти такви живи суштества и дека тие можат да создадат и самите исти такви живи суштества (пр: предци на мачките се други мачки и тие ќе имаат и самите потомци мачки), јасно е дека геометриската прогресија е прогресијата која го опишува животот (од две мачки ќе настанат четири мачки, од нив осум мачки, од нив шестнаесет мачки и тн.). Од друга страна, сите предмети мора да бидат создадени од сосема други типови на машини во фабрика, и самите тие производи не можат да создадат исти на себе нови машини (од една печка денеска ќе излезе еден леб, па утре пак еден леб, па задутре пак еден леб, додека од еден леб не може да се создаде не само нова печка, туку ни ист таков леб). Па затоа прогресијата на мртвите предмети е онаа аритметичката.

Но и геометриската прогресија доколку е опаѓачка може да биде прогресија на смртта, а не на животот. Имено, погледнете ја само Источна Македонија каде што секоја општина има негативен природен прираст. Со наталитет од минус еден отсто, ако годинава имало 10.000 жители во некое место, догодина ќе бидат само 9.900, па наредната година 9.801, па потоа 9.703, па 9.606 па 9.510 и така натаму.

Ако еден маж и една жена имаат само еден син, а друг маж и друга жена имаат само една ќерка, и ако тие двајца потомци се земат и создат и самите само едно дете, тоа значи дека еден ден само еден работник ќе треба да создава доволно пари и за себе и за да плаќа даноци за пензиите на 6 негови предци. Никој не е толку продуктивен!

Геометриската прогресија ако се има предвид многу заблуди разјаснува. Своевремено објаснив во колумната Апсурдноста на генетското одредување на националноста“ дека секој човек има милиони предци, бидејќи секој еден човек е создаден од двајца други луѓе, кои се создадени вкупно од четири луѓе, кои доаѓаат од осум луѓе и тн. За само десет генерации, ако не стапиле во брак дури ни далечните братучеди (кои имаат по некој ист предок) тоа се 1024 различни предци. За 20 генерации тоа се милион  предци. Ако сепак имало бракови меѓу петти или шести или петнаесети братучеди, што е доста чест случај во изолирани места, милион предци ќе има секој човек не пред 20 туку пред 50ина генерации, ајде нека бидат и сто генерации наназад. Тоа се 2000 години, што пак е само мал дел од текот на историјата. Така што, при милион предци чии гени сите се застапени подеднакво во ДНА на секој еден денешен човек, јасно е дека „чиста крв“ (што и да значи тоа) нема никој.

Секој од нас потекнува генетски од милиони различни предци, но не може секој од нас да има милиони потомци. Да си припомниме за таблата шах и мудрецот, и за нејзината врска со храната. Уште од почетокот на цивилизацијата, човештвото игра шах со ресурсите на планетата. Да не дозволиме, потезите што ние ќе ги влечеме денеска, еден ден да ги матираат нашите потомци.

.

П.С: Наредниот четврток, очекувајте ја во истово ова време на истово ова место, колумната со наслов „Уште неколку рециклирани артефакти“. Таа е продолжение на колумната од пред неколку месеци што се викаше „Рециклирани артефакти“, при што овде ќе стане збор за други историски предмети во други историски контексти. Не пропуштајте ја, а не пропуштајте ја и мојата редовна политичка колумна во неделникот „Фокус“.

До четврток, поздрав ;-)

Written by nenobogdan

12/07/2012 at 17:13

♣ ЧETИPИ ГOДИHИ БЛOГИPAЊE

with 10 comments

П.С: Обично правам пауза во текот на летните месеци, ама оваа година се погоди да направам пауза, поради сплет на субјективни и објективни околности во текот на месеците мај и јуни. Како и да е, тоа само значи дека наместо од септември, оваа година новата сезона на блогирање кај мене ќе почне од наредниот четврток, 12ти јули, и ќе продолжи во текот на целото лето со рамномерен ритам.

Тоа значи дека веќе за неколку дена треба на блогов да ја очекувате колумната „Геометриска прогресија“. Седум дена потоа ќе ве запознаам со „Уште неколку рециклирани артефакти“, па потоа ќе ви објаснам „Како треба да се читаат митовите“ за на втори август да споменам нешто за некои „Празнични борби“, по што во живот ќе ги вратиме „Избришаните“ и ќе разјасниме поради кои причини едноставно „Нема назад“ и ќе продложиме храбро напред со нови свежи колумни.

И затоа повелете тука веќе во четвртоков што следи и потоа секој нареден четврток за нови колумни на блогов.

Во меѓувреме, бидете поздравени ;-)

Written by nenobogdan

08/07/2012 at 16:37

Posted in Uncategorized

Tagged with

♦ PACEЛOBИOT ПAPAДOKC

with 7 comments

Во многу колумни на блогов го имам употребено раселовиот парадокс како инспирација, и секогаш кога се навраќам на него откривам нов начин да го употребам при оформување на интересен текст полн со провокативни прашања. За жал, статијата за тој фундаментален математички и логички парадокс на википедија е сосема неразбирлива за читателот што не е упатен во тајните на егзотичниот јазик на формулите, равенките и дијаграмите, па за да се разбере барем дел од магијата содржана во парадоксот, се јавува потреба тој да биде објаснет преку примери од реалноста. Еве неколку категории на примери:

1. Кој ги онадува онадувачите? Уште пред две илјади години, во стариот Рим, еден поет по име Јувенал, размислувајќи за жалната состојба со моралните вредности во неговата епоха, правилно заклучил дека ниту едно општество не може да биде одржано чесно со присила, оти откако ќе се постават надгледувачи кои ќе треба да го штитат јавниот морал, веднаш ќе треба да се постави и прашањето „а кој ќе ги надгледува надгледувачите?“.

Ова прашање кое во модернава епоха се јавува под многу форми и верзии, на пример „кој ќе ги контролира контролорите“ или „дали некој ги лустрирал лустраторите“ или пак „кој ли ги регулира регулаторите“ е во својата суштина варијанта на раселовиот парадокс.

Најсликовито се опишува со зборови тој парадокс поврзан со горниве примери, ако прашањето што го дефинирал Јувенал се постави во сферата на економијата. Имено, лекот за излегување од кризата многумина го гледаат во тоа државата да уфрли свежи пари во економијата и со тоа да го поттикне развојот. Со други зборови, државата треба да го стимулира стопанството. Но, прво треба да се одговори на прашањето: „а кој ќе ја стимулира државата?“

Нема друг извор на пари освен или државата да ги зголеми даноците или пак да земе кредити кои ќе ги враќа еден ден од приходот од некои тогашни зголемени даноци. Значи, тоа е налик на обидот човек што стои во кофа да ја зграби рачката и да повлече нагоре, обидувајќи се така себе си да се крене заедно со кофата.

Е таа аналогија е најдобра слика за раселовиот парадокс. За да се крене човек себе си додека стои во кофа треба да ја крене кофата, но за да ја крене неа треба да излезе првин од кофата, ама ако го направи тоа, нема да може да се крене и себе си, бидејќи нема да е во кофата повеќе.

Сликата која го илустрира денешниот текст се состои од двајца страдалници кои очекуваат спас, еден бродоломец на пуст остров а друг бродоломец кој се спасил од коработ што му потонал преминувајќи во мал чамец. Двајцата несреќници се сега среќни оти еден на друг гледаат како на спасител, ама кога ќе се сретнат ќе треба да одговорат на прашањето „кој да го спаси сега спасителот мој?“. А пак ако се случи да се степаат еден со друг, тогаш прашањето ќе се претвори во „кој да ме спаси сега мене од мојот спасител?“.

Врз основа на јувеналските реченици кои имаат општа форма „кој (да) ги онадува онадувачите?“ при што онадување може да се замени со речиси било кој глагол, имам напишано, ако добро паметам, две колумни. Едната се викаше „Ти мене војводо, јас тебе сердаре“ а  другата „Кој го шиша берберот“.

2. Нема слобода за непријателите на слободата: во романот „Квака 22“ на американскиот пистел Џозеф Хелер главниот јунак се соочува токму со една варијанта на раселовиот парадокс вградена во еден параграф од Правилникот на Авијацијата кој се однесува на начинот на кој еден војник може да биде ослободен од учество во крајно опасните бомбардерски мисии над територијата на непријателот.

Имено, оној кој не сака повеќе да оди во мисиите кои се многу често смртоносни за пилотите, мора прво да докаже дека е луд, оти луд човек армијата нема да пушти во воен авион. Е ама, Правилникот вели дека секој оној кој ќе побара да го прогласат за луд со цел да не оди повеќе во речиси самоубиствени мисии, сигурно е сосема здрав човек, оти само луд човек би сакал да продолжи да оди во толку опасни задачи. Значи, само нормалниот може да се прави луд, а ако се прави луд, значи дека не е луд, следствено е доволно здрав за да продолжи да биде праќан во борбите.

И така, од таа логичка замка базирана врз раселовиот парадокс, нема излез. Повеќе слични примери за таа апсурдна логика имав запишано во колумната „Квака 22“.

Патем, истата логика се употребува за да се отфрлат сите барања за легализација на дрогата. Имено, секој слободен човек во едно слободно општество треба да има право да стави што сака во неговото сопствено тело. Значи ли тоа дека треба да биде легално користењето на дрога? Не, бидејќи тие супстанции создаваат зависност, што пак значи дека желбата да се земаат дрогите е доказ за немањето слободна волја на зависникот, па бидејќи тој не е слободен – за него не важи принципот дека треба да има право да става во своето тело што сака.

Овој принцип, дека „нема слобода за непријателите на слободата“ го користат сите револуционерни движења кога тврдат дека се борат за правда и слобода, а истовремено своите непријатели ги убиваат на најподмолни начини, било во терористички активности пред да дојдат на власт, било ако дојдат на власт преку егзекуции без судење или барем без праведно судење.

Бидејќи револуционерите се борат за правда, и бидејќи секој што е нивен противник со тоа е и противник на правдата – нема за него да има правда, па тој ќе биде ликвидиран без судење.

Тоа му доаѓа нешто слично на оној виц за разговорот помеѓу еден садист и еден мазохист. Нели, садист е оној што ужива да ги мачи другите, а мазохист е оној што ужива да биде измачуван. Па така, мазохистот еднаш му рекол на садистот:

- Ајде бе удри ме силно! – на што добил презрив одговор од садистот:

- Нејќам! – што пак го натерало мазохистот да праша:

- Зошто?! – на што уследил одговор:

- Затоа што ти уживаш кога страдаш, а кога не страдаш – не уживаш, што значи дека страдаш уште повеќе. А јас сум садист и сакам ти да страдаш максимално. Затоа нема да те удирам воопшто. За да страдаш!

Примерот со мазохистот е сличен на оној од првата подточка со кофата. Човек што сака да страда ќе страда многу повеќе ако не му се дозволи да страда. Со други зборови, ете го раселовиот парадокс: единствен начин за оној што ужива во страдањето да страда максимално е да не страда, што пак само по себе е – и страдање и нестрадање во исто време!

3. Дали да му веруваме на оној кој вели дека секогаш лаже? Друга верзија на раселовиот парадокс е секако онаа позната загатка за непоправливиот лажго, која пак има врска и со прашањето дали иднината е предодредена или пак ние самите ја создаваме иднината. И особено каков став треба да имаме кон тоа прашање.

Имено, загатката за лажгото вели дека некој човек некогаш рекол: „сѐ што јас ќе кажам е лага“. И сега прашањето гласи – дали овој исказ е вистинит?

Ако е вистинит, значи дека тоа што човекот го рекол во него (дека цело време лаже) е точно, што значи дека и тоа што го рекол е лага што пак значи дека тврдењето не е точно. Ама ако не е точно, тогаш значи дека тој не лаже, што пак значи дека тврдењето е вистина, што пак значи дека е лага. Што пак значи дека е вистина. Следствено дека е лага. Односно вистина.

Сфаќате? Не? Со самото тоа што тврдењето „јас цело време лажам“ е вистина тоа е лага но со самото тоа што е лага е вистина. И така во круг до бескрај. Од оваа замка нема излез оти е парадокс. Раселов парадокс.

Каква врска има ова со предодреденоста или не на иднината и со слободната волја. Па, има теорија која вели дека сѐ што се случува е предодредено и дека ние немаме слободна волја. По таа основа, треба да престанеме да се бориме против сите проблеми со кои се соочуваме, оти ништо не можеме да смениме колку и да се трудиме, оти сѐ е веќе предоредено.

Ама, ако одлучиме да не се откажеме од борбата со судбината, значи ли тоа дека и тоа било предодредено? И по таа основа ако се откажеме од борбата со судбината тоа ќе биде токму пружање отпор кон она што е наша судбина – да се бориме против судбината? За ова прашање на еден многу поздодевен и поразвлечен начин имам чукано празна слама во колумната „Сѐ (ли) е пишано?“.

Еве друг поразбирлив ама сепак ист пример: ако некој човек категорично тврди дека ама баш во ништо не верува, дали во тоа тврдење треба ние да му веруваме, оти очигледно дека ако во ништо не верува – тој не верува ни во тоа дека во ништо не верува, па не треба и ние да му веруваме.

Како одеше вицот: „Јас сум секогаш решителен човек. Или… можеби не сум?! Да, да, сега сум апсолутно сигурен дека баш сега во ништо не сум апсолутно сигурен. А и во тоа не сум баш најсигурен…“

Друг пример со иста логика: Дали човекот што знае сѐ знае и што не знае? Оти ако знае што не знае – очигледно не знае сѐ бидејќи ете има нешто што не знае, ама ако не знае што не знае – евидентно не знае сѐ, оти ете, не знае што не знае!

4. А што ако сите се луди, а само еден е нормален? Замислете дека некој човек ве убедува дека постојат темни центри на моќ кои што контролираат сѐ што се случува во светот. Тие ги држат во своите раце сите политичари, сите медиуми, сета економија е под нивната чизма ставена.

И замислете дека вие му велите дека претерува и дека е параноичен, а тој ви одговора налутено: „секако дека нема да ми веруваш, затоа што и ти си дел од големиот заговор!“

Откако му велите дека ако заговорот е навистина толку моќен, тогаш како тој слободно може да зборува за заговорот без било кој да го спречува, тој заклучува дека тоа што му се дозволува да биде отворено противник на заговорот е јасен доказ за моќта на заговорот и дека темните структури се толку моќни што од никого не се плашат веќе.

Овој тип на размислување е основа за она што јас би го нарекол „парадоксот на Кориоланус“. Неодамна беше снимен филм базиран врз драмата на Шекспир со наслов „Кориоланус“ кој што филм за жал поради употребениот стил на говорење во него (англискиот од пред пет векови) за многу модерни гледачи ќе биде неразбирлив и здодевен, и покрај солидната актерска екипа и акционите сцени.

Ама да го оставиме настрана филмот и драмата и да се осврнеме на парадоксот од кој страда главниот јунак. Историскиот лик Кориоланус бил римски генерал кој извојувал голема победа во една војна па поради тоа го избрале граѓаните да раководи со државата. Но тој сметал дека оние што го избрале не се достојни да го избираат („зарем орелот ќе ги прашува чавките каде смее да колва?“), оти додека тие седеле дома на сигурно тој крварел за татковината на бојното поле, па нема што цивилите да одредуваат дали тој е заслужен Римјанин или не, туку напротив, тој би требало да го има правото да одлучува кој е достоен да биде Римјанин, а кој не.

Кога поради ваквите јавно искажани ставови Римјаните едногласно го протерале од Рим, тој им возвратил презриво „не ме протерувате вие мене, туку јас вас ве протерувам“ (реплика од која сигурно се инспирирал сценаристот на оваа сцена на еден друг филм, кога откако новиот затвореник брутално ќе претепа еден друг затвореник која проба да му објасни кој е газда во затворот ќе рече „не сум јас со вас затворен, туку вие со мене сте затворени“).

Така, Кориоланус сметал дека тој е единствениот патриот во цел Рим, па каде бил тој таму е и Рим. Затоа без грижа на совеста заминал кај непријателот против кој „до вчера“ војувал и му ја понудил својата војничка вештина за да го нападне Рим, убеден дека тргнал да ја ослободува татковината од предавниците што ја окупирале – имено, од сите други Римјани.

Па така, ете го раселовиот парадокс и во ликот на Кориоланус: тој човек станал до тој степен патриот што сите други луѓе во државата почнал да ги смета за предавници, па тргнал против нив да војува со што всушност самиот станал предавник.

Со други зборови одлучил дека за да ја спаси татковината од целиот нејзин народ кој не ѝ бил достоен, неопходно е да го уништи народот а со тоа и татковината!

Вака размислуваат и сите денешни верски и политички фанатици кои немаат поддршка од никого во општеството за чија слобода или победа веруваат дека се борат. Затоа тие немаат проблем да убиваат и невини цивили, оти сите тие се за нив или предавници, штом не сакаат да им се придружат, или пак ако се патриоти тие цивили што гинат, треба да им биде чест што им се дала прилика да се жртвуваат за каузата.

Вака им работи умот на сите лудаци кои себеси се сметаат за единствените нормални, оти доказ дека сите други се луди е тоа што сите други не се сложуваат со лудаците.

*

Раселовиот парадокс, доколку се има на ум, објаснува многу работи и разбива многу претенциозни тврдења. Особено во економијата, секогаш кога власта се фали дека со некоја „донација од владата“ ги чести граѓаните, селаните, пензионерите, студентите, треба да се запрашаме „а кој ја чести владата?“

Или кога во политиката некои маргинални политичари ги обвинуваат сите што не сакаат да им се придружат – а тоа се сите други луѓе во државата – дека се предавници, или пак луѓе што солат памет за некаква легитимност на нивните дозволи, лиценци и дипломи. Кој им дал лиценца на тие што тебе ти дале лиценца? Кој ги признал за релевантни тие што тебе те признале за релевантен?

Раселовиот парадокс има бесконечно многу апликации и варијанти, и како што реков на почетокот, секогаш кога се навраќам на него наоѓам по нешто ново. Се надевам дека денешната колумна ќе ве потикне и вие да го проучувате овој мошне плоден дел на логиката.

.

П.С: Како што забележуваат редовните читатели, во последно време не сум многу редовен и навремен со објавувањето на колумниве. Тоа е последица на сплет на објективни и субјективни околности врз кои немам контрола.

Затоа, за да не доаѓате за џабе на блогов очекувајќи нови содржини а да нема ништо ново, пријавете се за автоматски известувања по мејл. На екранов долу десно има една „икона“ на која пишува „follow” со чие кликање можете да се запишете и на вашиот и-мејл да добивате известување секогаш кога ќе објавам нова колумна на блог. Процедурата за субскрипција е многу едноставна и е навистина корисна и практична.

Не ветувам ништо, ама ќе се потрудам наредниот четврток да објавам тука колумна со наслов „Празнични борби“. Се разбира, како и секогаш, во утрешниот број на неделникот „Фокус“ побарајте ја мојата тамошна редовна политичка колумна.

До четврток (само прашање е кој четврток?) поздрав ;-)

Следи

Get every new post delivered to your Inbox.

Join 89 other followers