Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ЗОШТО НЕМА БАНКНОТА ОД 200 ДЕНАРИ И ТРЕТА ОПЦИЈА ВО ПОЛИТИКАТА?

leave a comment »

Чудна банкнота од три (!) рубљи, издадена во СССР

Зошто парите се во апоени по системот 1 – 2 – 5 – 10 – 20 – 50 и така натаму, а нема монети од 6 денари, или банкноти од 40 денари, или пак банкноти со вредност од 75 евра или банкноти на кои би пишувало дека вредат 3 долари? Одговорот лежи во биологијата и генетиката на човечкиот организам!

* текстов е првично објавен на 8ми јули 2008 година на http://blogatash.blog.com.mk/node/168409

Дали некогаш сте се запрашале зошто сите монети и банкноти кои се во оптек сега или кои секогаш биле во оптек низ сите земји ширум светот секогаш се рангирани по принципот 1, 2, 5, 10, 20, 50, 100, 200 и така натаму? Со други зборови, зошто постојат монети и банкотни од еден денар, два денара, пет денари, сто денари, педесет денари, двеста лири, или фунти, евра и долари со слични деноминации, а еве никогаш не била произведена банкнота од 45 денари, од 150 евра, од 70 фунти, 60 швајцарски франци? Зошто токму тие броеви и само тие се користат за давање на вредноста на сите парични единици ширум светот?

Како одговор на ова прашање дадени се неколку објаснувања, некои од нив реалистични, некои мистични, а најголемиот дел од нив, слично на изјавите на опозиционите портпароли пред последниве избори, сосема бессмислени и слично на мерките за справување со нафтениот шок на сегашнава власт, тотално бескорисни.

Мене лично, најмногу ми се допаѓа објаснувањето кое неодамна го пронајдов на интернет, и кое би сакал да го споделам во оваа колумна со вас, на почеток, пред да се зафатам со главниот дел од текстот. Имено, се тврди дека причината за тој начин на деноминирање се наоѓа во, верувале или не, самата биологија на човечкиот организам. Ние луѓето, наводно, сме генетски предоредени да размислуваме или во еднина или во двоина. Внимавајте, не во еднина и во множина, туку во двоина. Што значи тоа?

Тоа значи дека на нашиот човечки ум му е најлесно да размислува или како нешто цело, или како две работи. При тоа, тука може да се додаде и размислување во половини, оти две половини се едно цело. И затоа, вели теоријата, народните банки ширум светот, за да не ги мачат граѓаните кои ќе ги користат нивните монети и банкноти, ги деноминирале парите врз тој принцип. Па така, прво биле измислени парите кои најпросто се собираат и одземаат, т.е. оние кои имаат единица на почетокот и натаму само нули, како на пример еден денар, десет денари, сто денари, илјада денари (или франци, евра, фунти, јени).

Потоа, се додадени нивните удвојувања, па имало два евра, дваесет евра, двеста лири, драхми и јени. Па, потоа се измислени половините, па се добиени од десет денари на половина – пет денари, од сто денари на пола – педесет денари, па од илјада преполовени е петстотка и слично кај сите парични единици ширум светот. И затоа нема паричка од четири евра. Иако таа во принцип е удвоена паричка од две евра, тоа не помага, затоа што таа паричка веќе е удвоена од едно евро и човечкиот ум многу тешко се снаоѓа со двојни удвојувања. Затоа и нема банкнота од дваесет и пет евра, оти тоа е половина од половина од сто евра, а дупло преполовување не е баш лесна задача за умот на просечниот човек.

Претходно изнесеново објаснување за деноминацијата на парите е само теорија и како најлогична, мене ми се допадна, и затоа ве запознавам со неа. Меѓутоа, моите тексотови на блогов вообичаено нема да имаат за цел да објаснуваат такви ситници, туку да направат напор сѐ и сешто да се поврзе со политиката и тоа особено со оној тип на политика што се практикува во оваа земја. Значи, што врска има горе кажаното со нашата политика?

Е па, оваа теорија (под услов да е точна) може да објасни и зошто кај нас никогаш не заживеа третиот пат, средната опција, строгиот центар, политички независните движења кои не сакаа да се приклонуваат ни лево ни десно, ами тврдеа дека туркаат напред и само напред. Воедно, тоа би објаснило и зошто во речиси секоја демократска држава во светот каде што луѓето можат да бираат помеѓу, во теорија, безброј понудени опции на политичкиот спектар, обично политиката се состои, во пракса, од две огромни партии – левица и десница, и едвај понекогаш по некој привремен сателит или расипувач на забавата на големите.

Конзервативци и лабористи, републиканци и демократи, Неа Демократија и ПАСОК, ха-де-зе и ес-де-пе, ес-де-ес-ем и ве-ем-ер-о (очекувам дека кога глобалното загревање ќе стане доминантен проблем и во нашето општество, да се формираат две нови силни партии кои ќе се викаат це-о-два и ха-два-о). Нејсе, секаде во сите демократии, народот како да не може да направи разлика меѓу три групи политичари, ами секогаш, сите опции, колку и тие да се различни, по неколку изборни циклуси ги сведува на два големи блока, кои најчесто се две големи партии. Ако некоја партија која ќе има оригинални идеи и свежи лица сепак се појави на сцената, таа или брзо ќе пропадне, или ако преживее ќе ја замени една од големите партии. И така е секаде во светот. (Со исклучок на Србија каде што политичкиот спектар е многу сложен и вечно исполнет со 5 – 6 силни партии, но Србија е исклучок од многу работи, па неа нема да ја земаме овде, во ова размислување, за релевантна)

Да се вратиме на прашањето околу тоа зошто секаде во сите саглам демократски држави секогаш се диференцираат политичките партии во два големи блокови кои доминираат со политичкиот спектар.  Затоа што генетски ние, луѓето, сме програмирани да размислуваме лево или десно, црно или бело, лоши или добри, ние или тие, за или против. Така ни е најлесно да размислуваме, оти ако ни се појави потреба сериозно да гледаме во тројки, тројката нас нѐ нервира (бидејќи ни делува неприродно) и ја исфрламе. Ако се појави четворка, што значи избор помеѓу четири опции, ние ги делиме на две, инстинктивно, како што кај нас се поделени, четирите партии (две од македонскиот блок, две од албанскиот) од кои секоја има само своја политика, на два големи блока – левите и десните.

Во американските цртани филмови, кога сакаат да им престават на дечињата дека некој лош чичко прави фалсификувани пари, тие го прикажуваат негативецот како печати банкноти од по три долари, учејќи ги уште од мали децата дека таква банкнота ниту постои ниту смее да постои оти тоа е очигледен фалсификат. На тој начин, она што наводно генетски е програмирано во нашата биологија, уште повеќе се засилува преку влијанието на медиумите уште од најрана возраст на гледачите.

Во сличен дух, може да се објасни и зошто кај нас не постојат банкноти од дваесет денари, од двеста денари и од две илјади денари. Дводенарката е остаток од самите почетоци на нашата монетарна самостојност и бидејќи е метална (долготрајна) многу тешко беше да се укине. Кај нас, своевремно власта имаше желба да стави јасно до знаење дека поделбата меѓу „нас“ и „нив“ е огромна и непремостлива. Па така од десетденарка скокате веднаш на педесетденарка, а од стоденарка веднаш на петстоденарка. Скокот е најголем кај илјадарката и петилјадарката. Толку голем што повеќето луѓе илјадарки гледаат барем кога земаат плата (потоа ги раситнуваат во стоденарки за кување на леб, зејтин, шеќер…) но петилјадарки мислам дека никој обичен граѓанин во оваа земја нема видено или барем допрено со рака. Еве, јас признавам, никогаш не сум имал прилика да држам банкнота од 5000 денари, иако банкнота со поголема вредност (од 100 евра) сум држел многу често (ама во многу кратки интервали, за жал).

Ако се сеќавате на раните денови на нашата транзиција, кога сеуште социјалното подвојување не беше зело замав, имавме ние и дваесетденарка, и тоа беше една убава (ми се чини со виолетова боја) банкнота на чија задна страна беше една убава саат кула. Можеби ова некому ќе му звучи смешно, ама навистина е симптоматично што таа деноминација ја исфрливме токму во времето кога почна да се изведува најпљачкашкиот дел од приватизацијата (кон крајот на 1996 година) и кога почна да се создава јасна разлика помеѓу крајно богатите и крајно сиромашните.

Свесен сум наполно дека темава во овој текст е прилично чудна и необична, но на размислување нѐ тераат само оние работи кои отскокнуваат од секојдневната рутина. Ако овој текст ве натера, почитувани читатели, да размислувате, и ако смисливте нешто интересно, споделете го и со другите читатели на блогов, па пишете подолу коментар.

А ако ви се допадна овој текст, прочитајте ги и другите текстови на мојот блог. Поздрав🙂

Written by nenobogdan

04/01/2010 at 21:34

Posted in Uncategorized

Tagged with ,

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: