Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ШТО ИМАМЕ НИЕ НА НАШИТЕ ПАРИ?

with 3 comments

Нашите пари се да ги грабнеш и да бегаш

Американците на своите долари имаат ликови на своите најзначајни претседатели, Британците имаат само една банкнота со ликот на кралицата, а другите им се исполнети со ликови на научници од рангот на Њутн и Фарадеј, Европејците имаат на сите книжни евра мостови и порти, симболизирајќи го поврзувањето и отвореноста кои се својствени за модерната европска цивилизација. А ние? Што имаме ние насликано и напишано на нашите пари и уште поважно, што кажува тоа за нас?

* текстов е првично објавен на 8ми јули 2008 година на http://blogatash.blog.com.mk/node/168412


На монетата од еден денар имаме шарпланинец, прекрасно животинче со кое можеме да се гордееме, ама ете, сме го сместиле на паричка која нема речиси никаква вредност (еден ќибрит чини два денара). Наместо да се гордееме, ние како да се срамиме од ова уникатно, наше куче на кое љубителите на кучиња ширум светот ни завидуваат. Ако се сеќавате, порано, многу порано, имавме и една монета од 50 дени т.е. половина денар, на која имаше, ако добро се сеќавам, галеб. Но, инфлацијата го стори своето и, слично на идеите на СДСМ, таа паричка стана сосема безвредна, па ја исфрливме од употреба.

Понатаму, на монета од два денара имаме пастрмка и тоа охридска, која поради негрижата на надлежните за спречување на криволовот е доведена пред истребување. Слична е приказната и со петденарката на која е рисот, загрозен вид на дива мачка, кој барем во нашата земја може да се најде уште само на планината Бистра, каде што се наоѓа преубавото Маврово. Каде што пак нашите политичари своевремено редовно се среќаваа да прават договори на штета на демократскиот развој на државава. Планината Бистра, ама договорите матни.

На банкнота од десет денари имаме слика од статуата на египетската божица Изида, скулптура која е една од само двете такви во целиот свет. Што бара таа Еѓипќанка кај нас? Статуата е откриена на еден археолошки локалитет во близината на Охрид каде што пред околу две илјади години ја донеле од Египет некои војници на Александар Македонски. На враќање од големиот поход, нашите храбри и непобедливи освојувачи најверојатно ја украле од некој храм, бидејќи реликвија од такво значење е неверојатно некој доброволно да им ја дал. Далечни потомци на тие крадци се веројатно, повеќето од министрите во повеќето наши поранешни влади. Грците можат од мака да пукнат, оти и кога крадеме, пак докажуваме дека „чеда сме на Александар“.

На педесет денари имаме од едната страна цртеж на бакарен фолис – византиска монета од раниот среден век. Византијците, како што знаеме, биле наследници на Римската империја која пак била окупатор и поробувач на овие простори. Како да немаме доволно монети од времето на нашата, сопствена македонска империја, од времето пред и по Александар Велики. Или пак, се срамиме од единствениот период на кој навистина треба да се гордееме од нашата историја?

На другата страна на истата банкнота го има ангелот од Курбиново, исклучително пристојна фигура, но со необично долги прсти. Бидејќи долгите прсти се симбол на крадење, а парите се симбол на богатство, сликата потсвесно покажува како ние го сфаќаме најлесниот начин за доаѓање до богатство. Ако имаш долги прсти и невин ангелски лик, можеш да украдеш и сепак да глумиш почитуван граѓанин, нешто што кај нас беше, барем од двајца поранешни ангели – премиери, нели, покажано и докажано, нели.

Стоденарката ни беше рамковна уште пред да го создадеме рамковниот (има рамка од прозорец на албанска куќа и тоа во Скопје), а необично е што како што рамковниот договор е најупотребуван аргумент во нашиот секојдневен политички муабет, така и оваа банкнота е најприсутна во плаќањата што ги вршат граѓаните секојдневно.

На банкнота од 500 денари имаме цвет и чушка од афион, растение кое првенствено служи за добивање на опиум и хероин. Интересно, афионот е растение кое го има и на нашиот сеуште важечки државен грб. Заедно со тутунот, извор на отровниот никотин.

На една од нашите банкноти ги имаме ликовите на Богородица и Исус, најсветите ликови од христијанството. Веднаш до нив безобразно е напишано „илјада денари“, со што веројатно даваме сигнал за колку сме подготвени да ја продадеме верата. На секој производ вообичаено е да се напише и цената.

Да ви кажам искрено, на банкнота од пет илјади денари не знам што точно има, оти како што кажав, никогаш не сум дошол во допир со неа. А тоа доволно кажува – ако банкнота која вреди нешто помалку од 85 евра е недостапна за повеќето граѓани во една држава, тогаш таа држава е навистина бедна.

Ах, да, ми текна, на едната страна од 5000арката имаме слика од менада. Менадите, ако не сте знаеле, биле во античко време еден вид свештенички, кои учествувале во тајни верски обреди кои се викале Баханалии, во кои централно место заземало пиење големи количества алкохол. Додека верниците пиеле, менадите (овој збор буквално значи „луда жена“ на старогрчки што пак се преведува како „Дора Бакојанис“ на новогрчки) танцувале еротски танци, по што верскиот обред се претворал во дива оргија. Најверојатно, по завршувањето на оргијата, задоволните верници донирале пари за „црквата“, од кои веројатно и менадите добивале дел. Значи фактички, менадите биле стриптизети и проститутки. Чудна коинциденција е што статуетката на менадата е пронајдена токму во тетовскиот крај, во чија што околина и денеска грижливо се негуваат традициите на активности со слична содржина, намена и форма.

На другата страна од петилјадарката имаме мозаик на кој е прикажана крупна ѕверка. Тука мислам дека не е потребен никаков коментар, оти симболиката на комбинирање на проституција и крупни ѕверки е јасна сама по себе.

И сега што?

Епа, зошто на пример, Кочо Рацин да не го ставиме на нашите пари, кога неговите стихови „…афион, тутун, житце да роди“ се инспирација за сегашниот сеуште важечки државен грб? Зошто Јустиниан, византиски император роден во околината на Скопје не е на некоја од нашите пари, иако неговиот законик е основа за денешното европско право? Зошто Свети Климент не се наоѓа на некоја од банкнотите, иако азбуката што тој ја создал – кирилицата – е основа за официјалното писмо на нашиот јазик и за кириличните азбуки на Србите, Бугарите и Русите? Зарем Ченто, Никола Карев или Крсте Мисирков не се доволно значајни да го заменат оној мозаичен паун и неговата пауница од задната страна на десетденарката? Се срамиме ли од нив, иако немаме проблем со менадата, украдената Изида и цветот на растението од кое се добива опиум и хероин?

Ајде бре да бевме Афганистан, па и има некоја смисла да го ставиме афионот на нашите банкноти. Ајде да сме им биле робови и само робови на Византијците, па ќе има некоја смисла да го ставиме нивниот фолис на нашите педесетденарки. Ама од нашиов крај дошол еден од нивните најголеми императори, големиот законодавец Јустиниан. Зошто неговиот лик да не го сместиме токму на таа банкнота, па уште и Албанците ќе се согласат со тоа оти тие него за етнички Илир го сметаат, па по тој основ, ќе постигнеме уште еден крупен чекор кон меѓуетничкиот соживот. Од задната страна на педесетденарката, да стои слика на Камениот Мост, делумно затоа што тој мост е изграден од Јустиниан, а делумно оти ќе се приближиме кон дизајнот на еврата кои исто така имаат мостови. Па уште и соживотната симболика се зајакнува, оти Камениот Мост ги спојува источно и западно Скопје.

На сто денари имаме некаква си таванска розета, но зарем нема да биде интересно барем на едната страна да го ставиме ликот на Ченто, ако не поради тоа што бил прв претседател на македонската држава, тогаш барем за промоција на државата ни во Италија, каде бројот сто се изговара на италијански токму „ченто“. Италија, како што секој кој што шверцувал цигари кон неа за време на ембаргото кон СРЈ добро знае, е во Европа, а Европа, кон која се стремиме, можеме да ја почестиме на нашата 5000 – арка. Напред Солана, во поза слична на Кирил и Методиј, само наместо азбуката, нашиов Свети Хавиер може да го држи рамковниот договор, а на задната страна на банкнотата –  цртеж на јарбол, на кој е закачено нашето знаме, како стои пред зградата на европската комисија во Брисел. Тоа ќе има двојна симболика.

Прво, оти тоа ги преставува нашите соништа да станеме и ние дел од ЕУ, а второ, дека тоа е подеднакво недостижно за нас, колку што банкнотата од пет илјади денари е недостижна за повеќето луѓе во оваа држава. Едно време, во Југославија имаше една пара која се викаше нагалено „титовка“ и мислам дека беше банкнота од 5000 динари. Можеби оваа наша од 5000 денари треба нагалено да ја викаме „бриселка“. Или барем „залажувачка“.

Но, тоа се само пусти соништа. Сега засега, наместо нашите банкноти да симболизираат поезија, писменост, право и државност, тие се потсетници на кражби на уметнички дела, проституција и трговија со дрога.

Што кажува тоа за оваа држава?

Ако го имате одговорот на ова прашање, или пак некој интересен коментар во врска со темава пишете коментар подолу. А за крај, еве и нешто бонус, што ми текна во последен миг.

Пари како пари, понекогаш мора да се фатат со валкани или мрсни раце, и затоа верски симболи не треба да има на нив. Затоа, тргнете ги Богородица и Исус од илјадарката, и нека си бидат тие на икони и по фрески, каде што најдостоинствено ќе изгледаат. А на нашата практично најголема банкнота, илјадарката, (оти петилјадарката во пракса никогаш не се користи) ајде да го ставиме нашето најголемо богатство – напред пиперки и патлиџани, или преспанско јаболко, или јагненце како мирно си пие вода од изворче во планина, а на задната страна на банкнотата – тавче гравче. Или пастрмајлија, или кумановски суџук, или ајде да бидеме и тука рамковни, една вкусна баклава.

Нели и така се фалиме дека произведуваме здрава храна, дека земјоделието е нашиот најкраток пат кон развиена и богата иднина, во Европа. Па тогаш, ајде да покажеме дека навистина сме држава што се гордее со својата здрава храна. Ако ништо друго, барем никој нема да може да оспори дека таа банкнота е дизајнирана добро и дека, буквално, е направена со вкус. Со вкус на пржени беровски компири, или сутлијаш од кочански ориз. Или пифтија со паланечки лук, или туршија со струмички чушки и френки.

Конечно, ако ништо друго, таквата илјадарка може да служи за да отвори апетит. Земаш плата, десетина книжиња од по илјада денари и пред да одиш во продавница да купиш нешто за јадење, ја гледаш банкнотата и почнуваат да ти течат лиги. Купуваш што купуваш, и ти враќаат кусур:

Неколку стоденарки, на кои ќе биде ликот на Ченто, човекот кој откако беше претседател на држава отиде на робија на Голи Оток. Од врвот кон дното.

Или неколку педесетденарки, на кои предложив да биде ликот на Јустиниан, човек роден во Македонија кој дури откако си замина од тука, се направи голем човек и тоа не било каков, туку цел император стана.

Или ти даваат кусур неколку десетденарки, на кои е Кочо Рацин или Мисирков. Првиот познат по стиховите „цел живот работи за туѓи бели дворови“, а вториот по прашањето „шчо напраифме?“ (и зошчо се заебафме вака…?).

Или конечно кусур во форма на некоја метална паричка на која од едната страна ќе пишува некоја ситна бројка, а од другата страна ќе биде мазна, исполирана како огледало, за да може секој да си го види својот лик и кога ќе се сети на ситната бројка од другата страна да си рече: „зарем толку вреди моето достоинство. На ова ли спаднав?“

Во благодарам за тоа што најдовте време да го прочитате овој текст. Ако ви се допадна, оставете коментар и прочитајте ги и другите текстови на мојот блог.

Поздрав🙂

Written by nenobogdan

04/01/2010 at 23:03

3 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Цела недела се обидувам да ги прочитам сите текстови и да го фатам крајот (поточно почетокот), ама еве уште не сум стигнала до таму. Се обидувам и да најдам нешто со што нема да се согласам, ама и тоа тешко ми оди. Конечно, тука најдов нешто за што имам малку поинакво мислење.
    Што би му значел не еден странец ликот на Кочо Рацин или К.П.Мисирков? Друго се Ајнштајн, Њутн, Кири и сл. Тие се светски познати, нашиве се локални херои. Може Аце да го ставиме на пари, ама Грчишчава ќе не утепаат, може и Јустинијан, тој секако требал да пројде.
    Инаку, не се сложувам со афиончето и мозаиците. Афионот треба да го туркаме како светски најквалитетен (иако е опојно средство), а за мозаиците, мислам дека се изворно македонски производ со кој навистина треба да се гордееме (имав еден пост за тоа: http://iskonmakedonija.blogspot.com/2009/12/blog-post.html).
    Поздрав, ептен си супер!

    Билјана

    20/03/2010 at 03:58

    • До сега имам објавено околу 120 постови и плус една книга, и тие заедно даваат околу 300 илјади зборови.

      Ако читаш умерно, по 160 збора во минута, за еден час ќе прочиташ околу 10.000 зборови.

      Ако читаш по три часа на ден, за целосно поминување на мојот блог и се што сум напишал (досега!) ќе ти требаат околу десетина дена.

      А имам моментално две книги што чекаат објавување…

    • А плус, и ова со афионот на парите можеби и не е толку лоша идеја.

      Предлагам ако ептен западнеме во некоја буџетска криза, да направиме нов дизајн на сите пари – со афион, марихуана, кока…

      Па ќе ги продаваме низ цел свет како сувенири. Замисли, пет милиони пакети со по десетина банкноти да пласираме низ цел свет, секој пакет по 20ина долари чист ќар да ни донесе – тоа се сто милиони долари.

      Со толку пари, секоја буџетска дупка би ја закрпиле🙂


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: