Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ 250 000 ЕВРА ПЛАТА ГОДИШНО ЗА СЕКОЈ ПРАТЕНИК

with 3 comments

Брзаат кон парите, или „тилот ќе им го видиме“?

Станува збор за сумата која што би било фер, мудро и паметно да им се исплаќа секоја година на секој од пратениците во нашето собрание. Тоа му доаѓа по 20.000 евра месечна плата за секој пратеник и плус К-15 од 10.000 евра. Хранарината и патните трошоци се вклучени во месечната плата.

* текстов е првично објавен на 8ми јули 2008 година на http://blogatash.blog.com.mk/node/168411

Доколку сѐ уште не сте почнале да ме пцуете и да ме сметате за будала, а што е доказ дека сѐ уште не сте ја сфатиле големината на оваа сума, доволно е да се каже дека тоа е околу 80 пати поголема плата од просечната во државава, која е некои 250 евра месечно. 80 просечни месечни плати за еден просечен пратеник месечно!

Првата забелешка што секој би ја поставил против ваквиот предлог е дека пратениците во нашето собрание не ја заслужуваат оваа сума. Имено, за мандат од четири години, тоа би му дошло по милион евра по човек (токму така и дојдов до конкретната сума). Оваа забелешка не е на место, бидејќи ако пратениците во собранието заслужуваат (им дал народот доверба) да решаваат за буџет од две и кусур милијарди евра, ако имаат право да донесуваат закони од кои буквално ни зависи животот (здравство, полиција, екологија…) и ако имаат право да ја избираат владата која треба да ги собере тие две и кусур милијарди евра од даноците и да ги спроведува законите, тогаш веројатно заслужуваат и некое милионче во џебот за целата таа одговорност.

Втората забелешка на предлогот за високи плати за пратениците е дека иако поради својата одговорност можеби и ја заслужиле толку големата плата, сепак сумата е премногу висока и ќе ја осиромаши државата. Ова исто така е погрешна логика бидејќи пратениците како суверени владетели врз буџетот и врз мандатите на министрите ќе ги извадат тие пари како и да е (преку наместени тендери и сл.) така да најубаво е да им се дадат парите легално.

Трета забелешка што би можела да се каже против предлогот е дека ако на пратениците им се дадат толку многу пари, тие може да ги искористат за да си ја финансираат кампањата за наредните избори, со што би биле ставени во нерамноправна, привилегирана положба спрема нивните противкандидати. И ова е погрешна логика, од проста причина што сѐ до последните избори, секогаш побогатата власт секогаш ги губеше изборите од секогаш посиромашната опозиција, а и на последните избори власта не победи поради повеќето потрошени пари за кампањата туку поради други причини, кои се познати и овде нема потреба да се повторуваат. Значи, парите автоматски не носат власт (иако власта автоматски носи пари, вака или онака).
Толку за забелешките за овој предлог за милионче за цел мандат за секој пратеник, а сега за позитивните страни, кои се дури шест на број:

1. Ако платата на пратениците во собранието се крене на толку високо ниво, повеќе нема да гледаме чудни коалиции пред изборите. Бидејќи толку доходовна ќе биде пратеничката функција, ретко кој ќе може да си дозволи да му ја подари на некој свој коалиционен партнер, кој без тоа не би можел сам да се избори за пратеничко место. Освен ова, нема повеќе да гледаме купување на мандат, оти до сега имавме неколку примери богати бизнисмени да ѝ подарат на некоја партија одредена сума на пари за нејзината изборна кампања, а во замена да добијат сигурно место на листата на кандидати на таа партија што ќе им обезбеди пратенички мандат. Поентата е дека ако добивката од мандатот (а со тоа и цената) е милион евра, колку бизнисмени во нашава земја ќе можат да ја платат таа сума за да си купат мандат од партиите? Многу малку.


2. Никогаш повторно „пратеникот е отсутен“.
Ако се дополни предолгот за плата од 20.000 евра месечно со опција за казна од 1.000 евра ако пратеникот отсуствува, тогаш ќе имаме ситуација секогаш да бидат полни пратеничките клупи, оти не знам што бизнис би имал било кој во земјава за да се откаже од илјада евра дневно. Многу наши пратеници низ сите состави на собранието имаа други професии со кои паралелно се занимаваа додека ја обавуваа функцијата, некои и подоходовни од пратеничката плата па не се секираа многу за доаѓање во собрание. Ама со предложената плата и казна – малку се тие професии кои можат да обезбедат толкава добивка која би оправдала отсуство од собранието.

3. Нема веќе анонимни пратеници кои само седат во клупа и гласаат, а цел мандат ни збор не кажуваат во ниту една дебата. Ова следува од проста причина што ако еден пратеник за еден мандат добива милион евра, за два мандати ќе добие два милиона евра. Па затоа, секој од нив ќе има особено силен интерес да остане и втор мандат во собранието, и затоа секој од нив ќе стори сѐ за да го добие тој мандат. Во сегашнава практика дали еден пратеник ќе добие реизбор зависи од тоа дали ќе му оди по ќеф на лидерот на партијата. Но, со милион во џеб од првиот мандат, секој пратеник ако се скара со лидерот ќе може да ја финансира својата лична кампања и да го добие мандатот директно од народот. Секако под услов да е популарен меѓу гласачите, а за да го оствари тоа, ќе мора во текот на својот мандат добро да се испоти за да се покаже за достоен за реизбор.

Некој можеби ќе забележи дека повеќето од сегашниве пратеници се премногу „глупи“ за да се промовираат себеси во способни луѓе дури и со милион евра како мамка за тоа. Ама, тоа можеби важи за овој состав. Со толку голема понудена плата, на наредните избори како кандидати ќе ги видиме најинтелигентните луѓе од оваа земја, најспособните, најиновативните. Токму оние кои најубаво ќе знаат да ја водат земјава напред.


4. Парламентот ќе биде јак коректив на владата.
Ова доаѓа од таму што владата нема да биде во можност да ги купува пратениците за да ја подржуваат. Имено, досега неколку пати имавме прилика да слушнеме дека фирмата на сопругата (или ќерката, синот, братот, мајката, шурата…) на некој пратеник добивала владин бизнис на тендер и дека потоа тој пратеник бил верен подржувач на власта. Ќе се согласите дека за владата ќе биде многу потешко да поткупи пратеник кој легално заработува 250 илјади евра годишно, отколку кога тој би имал плата од бедни 700 – 800 евра колку што е сега плата на пратениците. Со толку ниска плата не можат луѓето кои решаваат за две милијарди евра буџет ни на Хаваи на одмор да отидат. Ништо чудно што мора да се продават за некои тендерски провизии.

Да одлучува некој како ќе се распределат две милијарди евра, а да нема пари своето дете да го прати да студира на Харвард или Оксфорд – во такви услови не можете да очекувате чесност од никого. Забелешката дека некои луѓе немаат ни леб да јадат не држи бидејќи тие луѓе не одлучуваат за две милијарди евра. (додуша, токму тие луѓе одлучуваат на избори кој ќе седи во собраниските клупи, ама многу често не се свесни за својата моќ, па затоа трпат за леб)

5. Пратениците ќе ги слушаат своите избирачи. И тоа како, оти ако не ги слушаат нема да добијат уште еден мандат. Кој е тој луд пратеник кој ќе го крене носот и нема да комуницира со луѓето кои го избрале? Ако ги налути своите избирачи – нема да има милион во наредниот мандат, оти нема да добие нареден мандат.

6. Пратениците ќе бидат поинформирани и постручни. Имавме можност на директен тв – пренос од собранието минатата година да слушнеме дека „министерот не го прифаќа амандманот“ а само секунда потоа истиот министер да запраша гласно „а извинете, за кој амандман стануваше збор?“. Со толку голема плата, секој пратеник ќе може да си вработи своја стручна служба од консултанти кои постојано ќе го држат во тек со сите потребни информации кои ќе мора да ги има за да се престави солидно пред своите избирачи. Секој пратеник ќе може да има и свој личен тренер, свој советник за облекување, свој пишувач на говори, свој портпарол, свој сопствен професионално изработен и одржуван web – сајт, свој сопствен стил, имиџ, харизма да изгради, философија на политичко делување да створи. Сето тоа, помножете го по 120 и добивате собраниски дрим тим.

Оваа идеја воопшто не е шега. Ниту пак некое трик – размислување кое треба да заврши со некој заклучок од типот „…можеби идејата е добра, ама не треба да се спроведе бидејќи…“. Сметам дека ова е одлична идеја и дека воопшто не е скапа, барем од гледна точка на фактот дека нашите политичари и така и така ќе си ги земат тие 30 – ина милиони евра годишно колку што би чинело спроведувањето на оваа идеја. Разликата е што на овој начин тие пари легално ќе им ги дадеме на нашите избраници и ќе имаме полно право од нив да очекуваме квалитетно да ја вршат својата исклучително одговорна работа. Ако идејата се прошири и врз министрите (каде што би варирала сумата според тоа со колкав буџет располага секое министерство) би добиле политичко водство на нашата земја кое ќе биде за пример за другите држави. Со толку многу пари за победникот од политичкиот натпревар, би добиле политички елити составени од најинтелигентните, најнепоткупливите и најпосветените политичари на својата работа.

Постои едно тврдење дека во денешна Македонија, полицајците и судиите се подложни на корупција оти имаат мали плати. Логиката, по мое мислење е обратна. Дека имаат мали плати за да бидат подложни на корупција. Политичките моќници им даваат мала плата за да можат да ги корумпираат полесно, оти оние кои вршат одговорни функции, а не се соодветно платени доста често се поподложни на подмитување.

Горе доле, слична ситуација имаме во нашето општество буквално на секое ниво. За да се оправи оваа ситуација, потребно е да се почне да се оправа од некаде. Не може да се почне од дното на пирамидата оти некој од врвот треба да даде согласност за зголемување на платите. А ако се почне од врвот, тоа треба да биде на самиот почеток на мандатот за да има време граѓаните да се убедат во исправноста на оваа политика.

Затоа, почитувани пратеници во собранието на Република Македонија, ако некој меѓу вас го чита овој блог, пренесете им на колегите дека прво нешто што треба вие да направите во вашиот нов мандат е – да си ги покачите сопствените плати и тоа на „скандалозно високо ниво“.

Сумата од 250.000 евра годишно не е скандалозна, туку скандалозно е ниското ниво на политичко размислување на повеќето гласачи во оваа земја, кои и после осумнаесет години демократски плурализам сѐ уште веруваат дека нашите месари се вегетаријанци т.е. дека нашите дебели политички готвачи се на диета. Дозволете им на месарите да јадат месо, за конечно да престанат да ни продаваат зелка за која ќе ни кажуваат дека после долги анализи утврдиле дека тоа е единственото месо кое можеле да го обезбедат. Легендарниот француски државник Ришелје рекол: „платете ги добро добрите услуги, инаку тие самите ќе се наплатат“. На луѓето кои решаваат како ќе се потрошат две милијарди евра треба да им се даде добар дел од тие пари, инаку самите ќе си го земат.

Ако самите си го земат, нема да ни должат нам, гласачите, ништо. Ако ние им го дадеме легално, тогаш за своето богатство ќе знаат кому да му заблагодарат. И ќе ни се одолжат, вршејќи ја добро работата за која добро сме ги платиле.

Written by nenobogdan

04/01/2010 at 21:49

3 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Еве колку да пробам дали оди и еве и линк да видам http://blogatash.blog.com.mk

  2. Ај пак да тестирам дали е добро? И пак со линк http://blogatash.blog.com


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: