Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ АНАЛОГИЈА ПОМЕЃУ АРХЕОЛОГИЈАТА И ПОЛИТИКАТА

leave a comment »

Не е прашањето каде лежи загубеното богатство, туку каде лежи пронајденото богатство.


Во археологијата, и најобичното ѓубре ако успее доволно долго време да не го откријат луѓето, ќе стане вредно кога ќе го откријат археолозите. Во политиката, и најобичниот лажго и најнеспособниот политичар или новинар, ако доволно долго време остане во професијата, може да се стекне со епитетот „стар лисец“ или „бард на новинарството“. Ѓубре си е ѓубре, ама тоа не важи во археологијата. За жал, ниту пак во нашата политика.

* текстов е првично објавен на 8ми јули 2008 година на http://blogatash.blog.com.mk/node/168755

Прашањето во кое по пат на аналогија ќе одговорам во овој текст е како да се спојат археологијата и политиката, особено политиката во нашата земја. Бидејќи за принципите на археологијата се знае многу повеќе отколку за принципите врз кои се води нашата политика, многу поучно и поразбирливо би било за обичниот читател македонската политичка сцена да се објасни преку аналогија со нешто познато, јасно и разбирливо, а што би било поразбирливо и пообјасниво од една наука која се занимава со луѓето.

Некој може да тврди дека меѓу политиката и археологијата постои една огромна разлика, која се состои во тоа што археолозите се обидуваат да го ископаат нашето светло минатото, додека некои наши политичари се обидуваат да ги закопаат нашите шанси за посветла иднина.

Тоа веројатно е доста голема разлика, исто како и дека успешен археолог е оној кој ќе ја открие историјата, а успешен политичар обично е оној кој својата историја ќе ја сокрие од јавноста. Но, и покрај овие очигледни разлики, јас верувам дека постојат барем десет сличности или врски помеѓу политиката и археологијата. Еве ги кои се, изнесени по случаен редослед:

1. Иако вистинските археолози се занимаваат со вистинска археологија т.е. се во потрага по одговорите и древните вистини, меѓу луѓето кои вршат ископувања по разни археолошки локалитети често можат да се најдат и луѓе кои воопшто не ги интересира пронаоѓањето на вистините и одговорите на клучните прашања од минатото туку бараат пред сѐ материјални богатства, во облик на грниња со златни пари или накит оставен во гробовите на луѓето закопани пред илјадници години.

Таквите луѓе популарно се наречени „диви копачи“ и иако многу често самите себеси се преставуваат како археолози, тие тоа не се.

Во македонската политика постојат едвај грст политичари кои влегле во „играта“ од емотивни или дури и патриотски причини. За разлика од нив, поголемиот дел од нашите политиканти влегоа во тој свет само за да дојдат до материјални богатства. Првиот тип на политичари се слични на вистинските археолози кои ги бараат одговорите, а вториот тип се многу послични на дивите копачи.

И тие бараат грниња полни со злато во облик на директорско место во некој богат државен фонд или агенција, при што се подготвени сѐ да уништат околу нив само за да дојдат до единственото нешто што навистина ги интересира. Исто како дивите копачи, одговорни за најголемиот број на оштетувања по археолошките наоѓалишта ширум земјава.

2. Покрај тоа што најголемиот дел од наодите во археологијата секогаш се под површината, закопани длабоко под земја, сепак некакви знаци за тоа што може да се најде и каде да се бараат воопшто тајните на минатото постојат и можат да се видат и на површината.

Така, ако во некоја нива има неколку урнати ѕидови од камен кои не делуваат како да се изградени од локалните жители, тогаш реално е да се претпостави дека под површинскиот слој земја во таа нива има и други такви градби, па можеби и подземни простории во кои се сочувани артефакти од некои дамнешни времиња.

Освен тоа, археолозите можат да претпостават каде треба да копаат ако се консултираат претходно со одредени древни записи и документи кои можат да им дадат трага каде некогаш постоела некоја градба или поважно здание кое во меѓувреме го покрил заборавот.

Освен со материјални и пишани показатели, археолозите ги откриваат местата каде што треба да копаат мошне често и со анализирање на легендите и преданијата на локалните жители – со други зборови, „слушајќи ги внимателно кажувањата на луѓето кои можеби знаат нешто повеќе“.

И во политиката, тајните лежат веднаш под површината. Што не значи дека се сосема недостапни или дека се добро скриени, бидејќи често одредени крадби (не е печатна грешка, не треба да стои градби, туку баш како што е) се толку големи што „земјата“ не успеала да ги покрие, па лежат на површината и даваат знак дека во нивна близина има и други работи кои треба да се испитаат.

Ете, ако не знаете кој политичар крадел од народните пари во текот на своето владеење, погледнете ја само неговата семејна куќа, автомобилите или акциите кои тој или членовите на неговото најблиско семејство ги поседуваат во разни добростоечки фирми.

Ако сето тоа тој политичар не можел да го купи со својата плата, и ако тврди дека е чесен и дека сѐ што има заработил на чесен начин, а состојбата на теренот тоа не го потврдува – тогаш тој има некоја тајна под површината, која треба да се испита и да ѝ стане достапна на јавноста.

Слично како и во археологијата, консултирањето на разни записи и документи може да покаже каде треба да се „копа“ за да се види за каков политичар станува збор – дали во странски банки, дали во централниот регистар за хартии од вредност, дали во ревизорските извештаи.

Конечно, како што кажувањата на луѓето кои живеат во близина на можните археолошки локалитети можат да упатат на лоцирање на местото каде што треба да се копа, така и кажувањата на луѓето кои биле во близина на политичарите во одреден дел од нивната кариера во голема мера може да укажат на местото каде што треба да се бараат тајните на валканиот политичар.

Овчарот кој шетајќи по планината случајно паднал во дупка која подоцна се покажала како влез во некоја стара тврдина закопана под земја, за археолозите ја има истата информативна вредност како што за новинарите од независните медиуми ја има работникот кој работејќи во некоја општествена фирма го изгубил судскиот спор со својот директор кој потоа влегол во политиката.

Впрочем, во нашата земја нема безмалку ниту еден од големите транзициски олигарси кој зад себе нема десетици судски спорови покренати од луѓето кои некогаш работеле во фирмите кои тие олигарси ги опљачкале. Урнатините на стариот римски град Помпеја се откриени случајно кога еден сиромашен земјоделец копал во својата нива.

За тоа како се уриваа и обезвреднуваа големите општествени претпријатија на почетокот на приватизацијата – можете да дознаете многу ако прашате по случаен избор некој од продавачите на кинеска роба по зелените пазари.

3. Археологијата слободно можеме да ја наречеме глобална наука. За да еден археолог од Македонија биде успешен во својата дејност, тој мора да ја познава и историјата на поширокиот регион.

Ова од причина што во барем еден дел од својата историја, секоја денешна земја, па вклучително и Македонија, била дел од некоја поголема империја или древна цивилизација.

На пример, археологот кој не знае латински, кој не може да направи разлика помеѓу римски и грчки предмети, кој не знае да чита стари турски документи или пак ништо не знае за старословенскиот јазик и писмо – тој не може да биде добар археолог во оваа земја.

Човек кој што сака да ја разбере македонската политика – на пример некој независен новинар – не може тоа да го направи доколку не ги следи состојбите и случувањата во пошироката околина.

Ова од причина што нашите политичари не делуваат строго независно или по своја визија и убеденост, туку многу нешта ги прават како дел од пошироката стратегија на политички фактори со поголема моќ, кои се со центар во странство.

Па така, политички новинар кој не знае англиски и следствено не се консултира со пишувањата и анализите на американски и западноевропски фактори, кој не може да направи разлика помеѓу декларативните заложби и вистински геополитички потези на големите сили и кој не знае да ги чита меѓу редови пораките од евроатланските документи, или пак ништо не знае за потребите и карактерот на овдешните гласачи – тој не може да биде добар новинар, аналитичар или дури и битен и влијателен политичар во оваа земја.

4. Она што дивите копачи ги привлекува на археолошките локалитети е истото она што ги привлекува и нивните собраќа во политиката. Станува збор за парите, кои понекогаш ретко, а понекогаш во голема количина можат да се најдат при археолошките ископувања. Се случува, многу често, при копањето да се налета на пари донесени од некоја далечна земја.

Така, во Скупи се најдени римски пари, а на скопско Кале – турски. Во нашата политика често се случуваат токму такви нешта – при истражувањето на причините за неразбирливите постапки на одредени политичари да се налета на странски пари. Така, во одредени партии се среќаваат пари од српски, косовски и грчки извори, додека во невладините организации кои ги подржуваат скришно тие партии главно парите се – западноевропски и американски.

Интересна работа за парите во археологијата е дека тие речиси редовно се покриени со земја, па поради тоа речиси редовно се валкани. И во политиката, оние пари кои влегле во неа благодарение на подземјето се најчесто валкани.

5. Интересна работа во археологијата е што ако на еден археолошки локалитет каде што се живеело со милениуми копате доволно длабоко ќе наидете на неколку културолошко – цивилизациски слоеви.

Ова значи дека ако, на пример, на скопското Кале почнете да копате во најплитките слоеви, плитко под површината, веројатно ќе наидете на остатоци од турско време, па ако копате подлабоко, на остатоци од периодот кога со Скопје владеел српскиот цар Душан, па уште подлабоко ќе наидете на византиски артефакти, па уште подлабоко на римски остатоци, па уште подлабоко на некои предмети кои во таа тврдина некогаш ги оставиле војниците на Филип и Александар и ако копате уште подабоко, ќе најдете примитивни предмети од пајонско доба или уште подлабоко, предмети од неолитот и каменото време.

Со други зборови, принципот во археологијата е – колку подабоко копате, на толку попроста култура ќе наидете.

И во нашата политика, овој принцип е сосема важечки. Ако ја погледнете програмата на некоја од големите партии во нашата политика, ќе наидете на комплексни и просветлени идеи и идеали за светла иднина во ЕУ и НАТО, но ако почнете да копате подлабоко, веднаш под површината ќе наидете на желба да се дојде и остане на власт за спроведување на сопствената идеологија.

Ако продолжите да копате, се откриваат уште попрости мотиви и поприземни идеи – да се дојде на власт за да се краде и за да се обезбедат привилегии за себе и своите најблиски, и ако копате уште подлабоко ќе дојдете до шокантно проста политичка култура – да се дојде на власт само за да не му се дозволи на другиот да дојде на истата  таа власт, па макар и по цена да се уназади сопствената држава.

Што подлабоко навлегувате во мотивацијата на некои наши политички елити, толку попроста култура ќе најдете – исто како и во археологијата.

6. Најубавиот дел од археологијата, барем од практичен и прагматичен аспект е во вредноста која на било што може да му ја даде времето. Со други зборови, она што пред десетици векови тогашните луѓе го сметале за ѓубре – скршен ќерамички сад, некоја излижана бакарна пара, некој тап нож или скршен меч – и го фрлиле во најблиското буниште, денеска, кога археолозите случајно ќе го пронајдат таквиот предмет, тој може да преставува вистинско богатство, се разбира, од научен аспект.

Ако откриете некој документ, некој запис, било на парче кожа или врежан во камен, колку и да е бессмислен и бескорисен текстот на тој документ, сепак, поради својата древност, поради времето што минало од неговото пишување до моментот кога сте го откриле одново, тој запис ќе има голема научна вредност.

Во политиката овој принцип, сосема малку изменет, има своја аналогија. Така, ако ги погледнете преставниците на сегашната водечка опозициона партија, тие сами по себе немаат никаква вредност, значење и смисла.

Но, само поради тоа што се портпароли на партија која со децении владеела со Македонија  и само затоа што имаат пристап, па и контрола врз многу телевизии и весници во земјава, тие делуваат како да имаат голема вредност, политичко значење, моќ врз креирањето на јавното мислење.

Коментарите на некој псевдо – новинар кој во текот на својата кариера сменил десетина весници немаат сами по себе никаква вредност, но ако тие коментари се наоѓаат на насловната страница на еден високотиражен дневен весник, тогаш тие стануваат дел од „јавното мислење“.

Во археологијата, и најобичното ѓубре ако успее доволно долго време да не го откријат луѓето, ќе стане вредно кога ќе го откријат археолозите. Во политиката, и најобичниот лажго и најнеспособниот новинар, ако доволно долго време остане во професијата, може да се стекне со епитетот „стар лисец“ или „бард на новинарството“. Ѓубре си е ѓубре, ама тоа не важи во археологијата. За жал, ниту пак во нашата политика.

7. Земјиштето каде што има премногу археологија станува неупотребливо за други намени. Едноставно, ако во некоја нива во која претходно се саделе пиперки или тикви, при градењето на некој автопат, темели за далновод или водоводна цевка се откријат остатоци кои наведуваат дека под земјата има градби од некое минато време, таму ќе дојдат археолози и ако се открие дека под таа нива има вредни историски предмети, тогаш таа нива станува заштитен со закон археолошки локалитет, и тогаш на тоа место веќе не може да се сади ништо, ниту пак да се гради било што.

Земјата каде што има премногу политика и каде што сѐ се врти околу политичарите и нивните меѓусебни борби за доаѓање на власт, многу често станува неупотреблива за било што. Поради политички игри, може да се случи со децении државата да не успее да го воведе гасот како основен енергенс во индустријата и покрај изградениот главен гасовод, поради политика може железничкото поврзување со соседните земји да остане заглавено во место цела деценија, поради премногу политика може да не доаѓаат странски инвеститори иако во соседната држава се слеваат во исто време милијарди…

8. Тоа не значи дека археологијата е проклетство за локалните жители. Ако во близина на некое населено место се открие некој огромен стар град, тврдини, храмови, и ако тоа правилно се изменаџира тогаш може да стане извонредно вносен извор на приходи за мештаните. Погледнете само колку археолошките остатоци од древните Еѓипќани им носат во облик на приходи од туризмот на сегашните жители на таа земја.

Во политиката не мора да се чека со векови за да некои потези на сегашните генерации бидат полезни за идните генерации. Политиката, ако добро се изменаџира може мошне брзо да стане извор на богатство и на просперитет за земјата во која се води. Ама под услов правилно да се менаџира. Археолошките остатоци можат да ја направат една држава горда на своето минато. А паметните политичари можат да ја направат истата таа земја горда на својата иднина.

9. Најважната причина поради која треба да се инвестира во археологијата и да се подржува работата на археолозите е поради резултатите од нивната работа. Многу често секојдневниот живот го оптоваруваат безбројни митови и мистификации поврзани со минатото.

Кај нас има луѓе кои сметаат дека ние, денешните Македонци не треба да се нарекуваме така оти ние немаме врска со Македонците кои во своите најдобри денови биле, буквално, неприкосновена светска сила, владеејќи го големи империи и давајќи гигантски придонес во развојот на цивилизацијата.

Бидејќи ние немаме врска – така велат овие луѓе – со тие големи и значајни личности од светската историја, ние не треба да се сметаме себеси за нешто посебно, туку да се откажеме од нашата гордост, од нашата волја за успех, од нашите стремежи за живот со достоинство и чест, живот каков што заслужува секој народ. Оти – така размислуваат оние кои им робуваат на митовите – ние сме „тиква без корен“ и вејка на ветерот. Како што ќе ни диригираат, така да свириме, а како што ќе ни свират така да играме.

Е ама, суштината на археологијата е токму во нејзината моќ да ги растури митовите. Да покаже преку материјални докази дека има континуитет меѓу завчера, вчера, денес, утре и задутре. Токму затоа треба да се подржува археологијата. За да ни покаже и докаже кои сме навистина и од каде сме и што сме.

Народот кој не верува дека имал сјајно минато не може никогаш да се надева дека ќе успее да ја изгради својата светла иднина.

Археологијата првенствено служи за да ја определи вистинитоста или лажноста на митовите и легендите. Политиката ја има истата улога. И кај нас има политичари кои околу себе имаат создадено мит дека се безгрешни државници и премудри водачи чиј што глас е свет, и чиј што избор е единствениот правилен.

Но, кога на таквите митски и легендарни лидери ќе им се даде прилика да владеат и да покажат колку всушност не ги бива, тогаш се руши митот околу нив. И рејтингот им паѓа пониску од стапката на пораст на бруто домашниот производ.

Легендите не се градат со легање и митовите не се одржуваат со подмитување. Бајките се последица на незнаењето на обичниот народ на вистината. А кога луѓето ќе ја согледаат вистината, митот исчезнува и само дел од него се претвора во историја. Исто како што „безгрешните“ водачи заминуваат во историјата кога митот околу нив ќе се сруши во мигот кога народот ќе ја сфати вистината за нив.

10. Археологијата во една држава привлекува посебен вид на туристи, поинакви од оние кои само сакаат да се излежуваат покрај плажа на сонце или да скијаат по снегот во високите планини. Туристите кои доаѓаат за да ги разгледаат археолошките локалитети се водени од желба да откријат нешто повеќе за делот од историјата кој во нивната земја одамна завршил или пак да се запознаат со култура која сосема е различна од нивната.

Во нашата земја, политичкиот процес постојано привлекува токму такви странски „туристи“. Наместо земјава да врие од инвеститори и визитинг – професори за нашите факултети, тука најзначајните странци пред кои се „клањаме“ се безбројните набљудувачи, мисионери, емисари, обсервери, твининг – партнери и инструктори за имплементација на оваа или онаа работа, а всушност сите тие се водени од љубопитност.

Сакаат да го набљудуваат нашиот политички систем бидејќи глупостите кои нашите политиканти ги прават токму сега, во нивните држави нивните политиканти ги правеле пред децении, ако не и векови.

Како што некои крајно некултурни туристи во некое археолошко наоѓалиште знаат да си го напишат своето име на некој камен стар десетици векови, и со тоа да го нагрдат тоа парче историја засекогаш, така и некои од нашите „туристи“ во политиката знаат да го запишат своето име и да ја нагрдат некоја наша институција засекогаш.

Во последно време познат е туристот Бадентер кој своето име со дебел црн маркер го врежа на институцијата „гласање“ па сега неговиот принцип го нагрдува секој поважен закон во оваа земја.

Ви благодарам што го прочитавте овој пост и продолжете да читате и други интелигентни и патриотски постови и блогови и да мислите со своја глава. Поздрав🙂

Written by nenobogdan

05/01/2010 at 18:59

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: