Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ИНСАЈДЕР

leave a comment »

Има некои „наши деца“ што ниту се наши, а уште помалку се (наивни како) деца


Финтава ја разработиле детално Византијците уште во своите рани денови како голема империја, па затоа, таа е присутна секаде и секогаш, и од секогаш и ќе остане засекогаш, сѐ додека има луѓе кои немаат доволно сили да се пробијат сами во светот на политиката и бизнисот.

* текстов е првично објавен на 8ми јули 2008 година на http://blogatash.blog.com.mk/node/168749

Замислете си една ваква ситуација: ви текнало да се жените, идната ви сопруга е бремена, и бидејќи сте желни за добар почеток на вашето идно семејство, одлучувате да купите (или да изградите) сопствена куќа. Како и повеќето млади луѓе, немате доволно пари за да ја купите одеднаш куќата, па, бидејќи за среќа, сепак сте вработен или уште поубаво, терате некој свој мал бизнис, одите во банка и барате кредит.

Му барате на банкарот да ви даде пари, да ѝ ја платите на агенцијата за недвижности целата сума за куќата во која наскоро ќе живеете со вашата сопруга и дете, но, на банката да ѝ ги враќате позајмените пари во наредните десетина – дваесет години, секако, со една разумна каматна стапка. Бидејќи сте пресметале дека вашите приходи во тој период ќе ви овозможат редовно да ги намирувате ратите, а и банкарот е уверен во вашите пресметки, како и во вашата чесност и искреност, тој се согласува да ви даде пари.

И сите се среќни. Вие и вашата сопруга, бидејќи наскоро ќе живеете во ваша сопствена куќа, а банката бидејќи направила добар бизнис од кој во наредните децении ќе си ги поврати парите, а и ќе направи профит преку каматата.

Верувале или не, ама буквално целата модерна западна цивилизација, сите фабрики, сета индустрија, сиот капитализам така да се каже, е создаден токму врз овој принцип.

Имаш идеја за бизнис, било каков бизнис, но немаш пари за да започнеш со бизнисот. Одиш во банка, го убедуваш банкарот дека идејата ти е добра, дека парите што ќе ти ги даде наскоро ќе му ги вратиш со камата, тој ти дава пари, и ти потоа тераш бизнис. Тука ама баш никој не е губитник, туку сите вклучени во процесот се добитници. Ама баш сите. На кредит се градат фабрики, се градат станови, се гради инфраструктура. Луѓе добиваат плати, добиваат домови, добиваат леб, добиваат иднина. И така низ целиот капиталистички свет.

Но, да се вратиме сега на примерот со земањето на кредит за куќа. Замислете си дека сѐ се одвива како што опишавме, ама кога треба да ви даде пари банката, се појавува од зад некој плакар директорот на банката, го праќа службеникот кој беше на чекор од тоа да ви го одобри кредитот да му купи бурек и јогурт, и почнува еден сериозен и таинствен разговор со вас.

Директорот ви објаснува дека парите ќе ви бидат дадени веднаш, но само под услов во вашата куќа да инсталирате алармен уред произведен во компанија која е во сопственост на банката. Да вградите брави во вашите врати и при тоа по еден примерок од клучевите од секоја врата, почнувајќи од влезната па се до тоалетот, да ѝ дадете на банката.

За да биде вашиот иден дом побезбеден, банката на сопствен трошок ќе ви обезбеди и куче – чувар, но ве предупредува дека вие и членовите на вашето семејство не смеете да се приближувате кон него, туку од далеку само да му давате редовно храна, а сите наредби тој пес ќе ги прима од специјален човек кој ќе го испраќа банката секогаш кога нејзе ќе ѝ текне.

Значи, поентата е, барате кредит и банката ќе ви го даде, но под услов, вашата куќа да биде секогаш отворена за одредени луѓе кои ќе ги прати банката. Всушност, не толку банката, која што има многу акционери и сопственици, туку лично директорот на банката. А акционерите и сопствениците на банката и не мора ништо ни да знаат за договорот што вие ќе го направите со директорот.

Прашањето е: дали вие би се согласиле на кредит под такви услови?

Добра страна е што ќе живеете во свој дом, но, лоша страна е што никогаш нема да се чуствувате безбедни во него. Со други зборови, домот ќе биде ваш, ама нема да биде навистина ваш. Би се согласиле ли на таков кредит?

Интересна работа кај претходново прашање е што повеќето политичари во нашата земја, особено „политичките елити“ од најмоќните партии, почнувајќи од почетокот на плурализмот, па сѐ до сега (а веројатно така ќе биде и во иднина) вообичаено немаа проблем да се согласат со таков договор со нивните финансиери.

На пример: оди млад и надежен лидер на опозициона партија во Австралија, Америка, Канада, Европа, и бара од нашите иселеници таму да ја финансираат неговата партија, оти таа има перспектива, има идеали, има млади кадри желни за промени, ама кутрата, нема пари, нема капитал да инвестира во пристојна кампања и организирање на својата партиска инфраструктура. Џабе идеалите, кога партијата нема пари за да испечати плакати, брошури, кога нема пари да плати кирија за просториите на своите локални штабови, кога нема пари да направи беџеви, маици, капчиња, шалчиња и танга – гаќички за капење со логото на партијата и да им ги раздаде на своите подржувачи. И што му велат финансиерите?

Му велат: „дечко, ти имаш перспектива, имаш харизма, имаш идеали, ама немаш пари. Е ние ќе ти дадеме пари, и тоа милиони долари, ама еве ти листа со десетина наши луѓе, кои ти прв пат во животот ги гледаш, и ние сакаме во наредниве пет – шест месеци овие наши луѓе да станат интегрален дел од најтесното раководство на твојата партија. Кој генерален секретар, кој потпретседател, кој шеф на комисија за ова или она. И кога ќе дојде време за избори, нивните имиња сакаме да се најдат на врвот на партиските листи за кандидати за пратеници. За да бидеме сигурни дека ќе бидат избрани и ќе влезат во парламентот. А ако твојата партија победи, овој, овој, овој и овој овде, а и овие тројца од другиот лист, да бидат под итно ставени за директори на овие (и му покажува главниот иселеник на лидерот друг лист) јавни претпријатија, фондови, министерства…“

Лидерот, во прво време се буни и вели дека луѓето никогаш не ги сретнал во живот и нема смисла да ги постави веднаш на јаки функции во партијата, па потоа, ако дојде на власт, и во државата. Зарем не треба да помине време тие да се докажат пред партиското членство, да стекнат стаж, доверба од базата? Но, финансиерите се деловни луѓе: „ако сакаш пари, ако сакаш ние да ти ја финансираме партијата, ќе мораш да ги примиш овие луѓе. Ако одбиеш, нема да ти дадеме пари, па ти нејверојатно нема да дојдеш на власт. И што фајде од твојата принципиелност тогаш?“.

Лидерот, кој откако влегол во политиката е во опозиција се согласува, оти кутриот навистина сака да дојде на власт. Па си мисли дека штом ги знае луѓето кои ќе треба да ги протежира за да добие финансии, лесно ќе може откако ќе дојде на власт да се справи со нив. А кој знае, можеби тие се и способни, па дури и ќе може да ги искористи за остварување на своите идеали.

Не би сакал да помислите дека оваа приказна се однесува само за нашата модерна политика. Финтава ја разработиле Византијците уште во своите рани денови како голема империја, па затоа, таа е присутна секаде и секогаш, и од секогаш и ќе остане засекогаш, сѐ додека има луѓе кои немаат доволно сили да се пробијат сами во светот на политиката и бизнисот.

Еве ви друг пример, кој објаснува, според мене, зошто во сите модерни успешни револуционерни движења еден мал дел од водачите се идеалисти, а поголемиот дел криминалци. И зошто сите држави кои се создаваат по револуција изведена од такво движење, по ослободувањето потонуваат во корупција и сиромаштија.

Вие сметате дека вашиот народ е поробен и дека сѐ додека е под власта на некој друг народ, не може да биде среќен и не може да дојде до израз неговиот културен, национален и цивилизациски идентитет. Вие сте Баскиец, Корзиканец, Косовец, Курд, Чеченец, или живеете на Источен Тимор, во Северна Ирска, Јужна Осетија или Западна Сахара, припадник сте на некое безимено племе во Африка, Тамилец во Шри Ланка, не е битно, битно е дека сте идеалист, спремен за борба и истовремено припадник на народ без своја држава. Значи, знаете како, имате зошто, ама немате „со што“ да се борите.

Немате пари за да купите оружје, немате пари за униформи на вашите идни борци – герилци – револуционери, немате пари ни знамињата да ги сошиете на вашата идна слободна држава. И, што правите?

Дел од своите идеали ќе ги продадете на светската геополитичка берза, и со она што ќе го заработите ќе ја финансирате војната за независност. Ова значи, на пример, ако сте живееле во времето на Студената војна, одите кај еден од големите блокови т.е. или кај Американците или кај Русите и барате пари за вашата револуција. И едните и другите ви поставуваат услов, номинално да ја прифатите нивната идеологија, да се прикажувате дека наводно се борите не само за слобода на народот, туку и за слободен пазар (САД), или за социјална слобода (СССР) и сега она најважното доаѓа, во вашата бунтовничка војска да примите како борци и команданти луѓе од списокот што вашите финансиери ќе ви го дадат.

Го гледате списокот и се зачудувате – на него се имињата на десетина познати криминалци, шверцери, бандити, кои вистина се припадници на вашиот поробен народ, ама за кои сте сосема сигурни дека никогаш не покажале ни тронка патриотизам. Вие негодувате, ама ви се кажува дека или ќе ги поставите овие луѓе на клучни позиции во движењето, или ништо нема да добиете од вашиот спонзор. Ни пари, ни разузнавачка подршка, ни оружје. Ништо.

Ако сте ептен голем идеалист, им велите „фала, ама не може така“ на едните и одите кај другите, кај спротивниот идеолошки блок. Таму ви го кажуваат истото, ви ги поставуваат истите услови и веројатно на списокот што ќе ви го дадат со луѓе кои треба да ги засакате се истите имиња, на истите криминалци, шверцери и бандити. Тајните служби и на двата блока знаат дека токму бидејќи тие луѓе се сосема без било каква идеологија, без било каков морал, тие ќе можат да бидат врбувани, ако се појави потреба од било која од нив, службите, и дека за пари тие ќе работат вредно за вашата кауза.

Сѐ додека да победите, по што бившите криминалци ќе станат министри, пратеници, директори на јавни претпријатија и заедно со вас и вашите идеалисти ќе ја градат новата држава. Вие ќе ја градите државата, ама тие ќе ги градат своите палати, своите сметки во странски банки, своите скапи автомобили, спонзоруши. И народот што го ослободивте заедно, почнува да се разочарува во вашата револуција.

„За ова ли се боревме, ние мрзневме по планините (лепевме плакати, се тепавме на митинзи…) а сега овие да бидат министри, а за нас нема ни вработување, ни пензија?“ – велат незадоволните членови на вашето движење, кои чуствуваат дека идеалите на револуцијата се изневерени. А вие, херојот, големиот идеолог на ослободителното движење, само ги кревате рамениците и не знаете што да им кажете на оние кои веруваа во вашите говори.

Вие знаете дека ништо немаше да биде од сета борба ако не ја добиевте подршката од големите спонзори. А сега, морате да им го вратите кредитот, со тоа што националните богатства ќе ги распродадете за ситни пари на фирми кои доаѓаат од земјите на спонзорите. И како и во примерот со банката од почетокот на текстот: Големите држави кои спонзорираат разни ослободителни и секакви политички движења по светот, се, така да се каже, „во сопственост“ на нивните граѓани.

Тие, обичните луѓе во државите кои се големи сили, ништо нема да видат ќар од распродавањето на вашата земја, како што и акционерите немаат никаков интерес да имаат клучеви од бравите на куќите изградени од кредитите на нивната банка. Директорот на банката која ја опишавме во почетокот на колумнава е ист како разните шефови на разузнавачките служби на големите сили, или нивните политички ментори, дипломати, министри и финансиски моќници. Со парите на народот, т.е. на штедачите, тие всушност ги финансираат сопствените амбиции за сопственото збогатување.

Пред неколку пасуси, беше кажано дека развиените држави во светот се богати и напредни, најмногу благодарение на добро организираниот банкарски систем. Секој со добра идеја има пристап до капитал. Секоја инвестиција која има потенцијал да биде профитабилна, благодарение на постоењето на легалниот банкарски систем добива можност да се оствари во пракса. И така, сите добиваат во тој систем. Штедачите, акционерите во банката, клиентите, целото општество.

Уценувачкиот банкарски систем кој го опишавме во примерот со финансирањето на една партија, или финансирањето на една револуција, е одговорен токму за неразвиеноста на оној дел од светот кој е сиромашен и назаден. Секој со благородна идеја има пристап до капитал, но само под услов својата идеја да ја извалка со принудна соработка со луѓе кои имаат други цели, сосема различни од неговите. И затоа, секоја благородна идеја добива можност да се упропасти. Во тој систем губат сите, освен најголемите грабачи, и најрасипаните и најнеморалните луѓе.

Пред да завршам со овој текст, би сакал да појаснам една работа. Апсолутно нема ништо лошо или неправедно или неморално или штетно за државата ако некој човек кој се докажал во приватниот сектор добие функција во јавниот сектор.

Поранешен сопственик на агенција за обезбедување може да биде сосема квалитетен висок функционер во министерство за внатрешни работи, многу често и поквалитетен од оној кој никогаш не работел во приватниот сектор. Поранешен финансиски директор во приватна веледрогерија може да стане исклучително успешен директор во некој фонд од здравствениот систем, поранешен банкар во приватна банка може сосема солидно да води јавни финансии, а поранешен сопственик на приватен универзитет може да направи многу позитивни реформи во јавното школство (како министер), само ако му се даде шанса да покаже што знае.

Јас сум лично длабоко убеден дека најквалитетните кадри што една држава може да ги употреби во управувањето со јавната администрација, речиси секогаш ќе дојдат само и единствено од приватниот сектор.

Поранешен адвокат кој до вчера бранел само криминалци денеска може да стане брилијантен јавен обвинител, или судија, и да ги гони токму луѓето на кои до вчера им бил правен застапник. Впрочем токму таквиот човек е и најдобар за таква работа, оти ако ништо друго, тој барем го знае „непријателот“ длабински и темелно. Од прва рака.

Ама клучниот збор овде е „поранешен“. Кога некој ќе влезе во државна служба, кога ќе изјави и ќе даде заклетва дека ќе се грижи само за интересите на народот и на државата, тогаш тој мора да ги остави зад себе своите поранешни соработници кои останале во приватниот сектор.

Нашата левица која сега, за среќа, е (и веројатно ќе остане) опозиција, е преполна со инсајдери пикнати во најтесниот раководен круг, од страна на финансиерите на таа партија. Големи олигарси, странски инвестициски фондови, разузнавачки служби на туѓи држави, балкански криминални организации – секој кој што можел да даде некоја пара за Партијата, пратил и свои луѓе за да му ја заштитуваат инвестицијата.

Нема ништо лошо во тоа една партија да ги распродава своите идеали за пари. Во крајна линија, што прави една партија самата со себе си е нејзина работа. Ако сакаат, можат за неколку милиони евра комплетно да се наполнат со инсајдери. Ама, сѐ додека гласачите се свесни дека на таква продадена партија не смеат никогаш да ѝ го доверат својот глас, и ако така размислуваат мнозинството од гласачите, таа партија на инсајдери засекогаш ќе остане партија на аутсајдери.

Инсајдер е „оној кој е внатре“. Аутсајдер е „оној кој е надвор“. Во партиите, кој што сака нека прави, и кој колку му е ќеф нека биде внатре, на висока функција. Тоа не зависи од нас, тоа зависи од партијата. Но, од нас, гласачите зависи дали ќе им дозволиме на таквите луѓе да раководат со нашата држава.

Да се вратиме на почетокот на текстов. Според мое мислење, кога јас би требало да решавам, јас не би го прифатил кредитот кој банката би ми го понудила под такви услови. Подобро да живеам во колиба која ќе биде само моја, одошто во куќа која нема да биде никогаш навистина моја.

Но, за жал, повеќето луѓе, а меѓу нив и голем дел од нашите политички лидери, не размислуваат така. Додуша, поголемиот дел од политичките лидери кај нас во поголемиот дел од времето се чини воопшто и не размислуваат. Нашата левица е полна со инсајдери, нашите албански партии се преполни со инфилтрирани агенти на странски разузнавачки служби и локални криминални здруженија, а се чини дека и владеачката коалиција не е нешто сиромашна со инсајдери.

П.С: Ова со инсајдерите можеби и не е толку лоша работа колку што се чини на прв поглед. Еве историски пример: Филип II, нашиот најинтелигентен државник на сите времиња, во младоста бил заложник во грчкиот град – држава Теба, од каде што по ослободувањето, се вратил во Македонија каде што станал крал.

Веднаш склучил мир и сојуз со Теба, по што веројатно многу тогашни Македонци за него сметале дека е „тебански човек“ или „марионета на неговите поранешни домаќини, Тебанците“. Филип склучил и мир со сите соседи на кралството, со Илирите, Дарданците, Тракијците, со некои од соседните кралеви влегол и во семејна поврзаност, женејќи се со нивните ќерки. Во мировните договори направил и многу отстапки, повеќето прилично неповолни за нашата тогашна држава. И сите тогашни Македонци мислеле дека Филип ја предал државата со тоа што склучил мир со сите нејзини вековни непријатели. Сите мислеле дека тој работел по диктат на странските фактори.

Но, од денешна гледна точка, ние знаеме дека Филип бил човек со план и дека 20 – 30 години откако тој станал господар на оваа земја, оваа земја станала господар на сите други земји кои биле познати во тоа време. Можеби на тој начин треба да се гледа на коалицијата на Груевски со Ахмети?

Written by nenobogdan

05/01/2010 at 18:22

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: