Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ КОЈ Е ПРВ ТОЈ Е КРИВ, НО КОЈ Е КРИВ НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ ПРВ

leave a comment »

Папирус: од плевел што расне во тиња, до книга полна со мудрост. А со СДСМ се чини дека е баш обратното случај

Партијата која додека беше на власт го урниса образованието и здравствениот систем, партијата која никогаш не беше на страната на работниците и партијата која од себе ја одбиваше свесно и намерно чесната интелигенција – ние ја сметаме за стандард, за репер во оваа држава околу тоа што е „социјалдемократија“.

* текстов е првично објавен на 8ми јули 2008 година на  http://blogatash.blog.com.mk/node/168413

Еве едно прашање за кое вреди да се размислува, бидејќи од одговорот на тоа прашање и поширокиот заклучок кој ќе го изведеме од тој одговoр, зависи, ни помалку ни повеќе туку – иднината на демократскиот развој во нашава земја. Ако ова ви звучи претерано, тоа е затоа што сѐ уште не сте се запознале со прашањето, а ниту пак со неговиот одговор. А прашањето е длабоко, интригантно и суштествено, каков што е и неговиот одговор, па гласи:

Зошто местото каде што можете да најдете нега се вика „негувалиште“, каде што можете да најдете одмор се вика одморалиште, а каде што можете да најдете книга не се вика книговалиште, туку – библиотека. Зарем зборот „книгователка“ не би бил посекси (ако ништо друго) од зборот библиотекарка? Да има само примероци од Библијата во библиотеките и ќе има смисла да се викаат така, но што правиме со другите книги? Особено затоа што во многу наши библиотеки и не можете да ја најдете Библијата!

Зборот „библиотека“ доаѓа од старогрчкиот збор кој исто се изговара, а кој пак значи „место каде што има книги“. Книга пак, на старогрчки е „библион“, што пак, како и многу други работи, не е оригинално грчки збор. Имено, во времето кога старите Грци биле уште млади, единствените книги до кои тие можеле да дојдат биле книгите напишани на ролни изработени од папирус. Овие ролни се увезувале исклучиво од феникискиот град (во денешен Либан) кој се викал Библос, па од таму производот кој монополски доаѓал само од Библос Грците го нарекле – библион.

Слична појава имаме и ние кај нас во денешно време, кога сите брендови на топено сирење ги викаме „зденка“ поради тоа што на времето со децении единственото топено сирење го добивавме од истоимената фабрика од Велики Зденци, а и полнетиот чоколадиран колач сѐ уште го викаме „ресана“ (без оглед на тоа која фирма го произведува и од каде се увезува), според фабриката која своевремено имаше монопол на ваквиот вид производ и која работеше во градот Ресен.

И уште: кога во Македонија се воведуваше нашата валута, која требаше да го замени југословенскиот динар, ние ја нарековме нашата парична единица – денар. Тогаш имаше многу луѓе кои сметаа дека со изборот на тоа име покажувавме дека сѐ уште не можеме да се ослободиме од југоносталгијата. Некако во исто време и Словенците воведоа своја валута и бидејќи ја нарекоа „толар“, нашите југоносталгичари се потсмеваа со нив тврдејќи дека тие само го имитираат името на доларот, валутата на светската сила на која Словенците наводно сакале да ѝ се упикуваат. И во случајот со денарот, и во случајот со толарот, она што луѓето го мислеа беше погрешно.

Имено, уште пред два милениуми, на овие простори владеела Римската империја која што меѓу бројните свои парични единици ја имала и монетата која тие самите ја викале „денариус“. Варварите кои во почетокот на средниот век ја растуриле Римската империја не биле доволно цивилизирани да коваат свои пари, па ги користеле парите кои останале од Империјата, и бидејќи не биле доволно писмени, името „денариус“ постепено во нивниот говор се деформирало во „динар“.

Илјада години подоцна, кога потомците на тие варвари веќе прилично се цивилизирале, оформиле држава која се викала Краљевина Србија и во неа името на валутата било динар, збор кој во нивниот јазик останал од деда и предеда. Нормално, тие не биле толку цивилизирани да се вратат во периодот пред деда и предеда, па останало на некои идни поцивилизирани народи да се вратат до самиот корен на зборот и да воведат, во некоја друга држава, парична единица која што ќе има име најблиску што може до името на паричната единица која варварските предци на народите кои живеат денеска на овие простори први ја примениле во почетоците на своето цивилизирање.

Или накратко, зборот „денар“ е поблиску од оригиналното име на паричната единица со традиција на овие простори од името „динар“. Кога ние ја нарековме нашата валута денар, ние не се потсетувавме на Југославија и на Краљевина Србија, ами се враќавме кон корените од каде што тие забегале. (иако ќе беше поубаво да се вратевме кон корените од кои ние бевме забегале, т.е. да ги наречевме нашите пари – статери)

Кај Словенците приказната е сосема иста. Имено, американскиот долар го добил своето име по средновековните сребрени монети кои биле во употреба во Европа и кои биле доста ценети поради својата квалитетна изработка и кои се викале „талер“ (скратено од Јоакимсталер, што пак на германски значи „монета од Јоакимс Тал“ т.е. произведена во Јоакимовата долина). Поентата е дека Словенците не им се упикуваа на Американците и на нивниот долар, туку црпеа инспирација од монетите кои во средниот век, биле најшироко распространети на територијата на која денеска се протега државата Словенија.

Како што можеби забележавте пред малку, на германски зборот „тал“ значи „долина“, а од германскиот јазик во нашиот секојдневен финансиски говор е дојден и доста проширениот збор – „шверц“. На германски, тој збор е некоја глаголска или падежна или некаква таква форма на зборот „шварц“ што пак значи „црно“, т.е. црна боја.

За време на Втората светска војна, германските трупи стационирани во нашава земја оние кои се занимавале со црна берза ги нарекувале шверцери, збор што останал во нашиот секојдневен говор веројатно поради тоа што и поимот црна берза или црн пазар останале во нашиот менталитет и општеството како континуирана појава.

Спротивен на зборот „шверц“ пак е зборот „албум“. Имено, првиот значи црно, а вториот значи „бело“ или празно. Во стариот Рим, за албус (од тој збор доаѓа зборот „албум“) се сметала секоја бела штица на која што тогашните политичари ги запишувале своите политички програми и пред изборите ја закачувале на јавно место, каде што граѓаните можеле да го прочитаат напишаното и да се запознаат со политичките ставови на кандидатот за јавна функција.

Во денешно време, зборот „албум“ означува нешто доста слично, иако политичкото значење се изгубило. Албум во денешна смисла е книга со бели листови на кои може да се лепат сликички, или празен диск на кој може да се снимаат песни. Било какви.

Ако споите црно и бело, добивате чоколадо. Зошто? Затоа што црно е какаото, а бело е млекото, и ако ги споите овие два збора на италијански, „чоко“ (какао) и „лате“ (млеко) добивате – чоколате. Првите чоколади биле токму тоа, мешавина на млеко и какао и воопшто не биле во тврда форма, туку течни. Првите чоколади не се јаделе, туку се пиеле. И не биле благи. И не биле за деца. И немале врска со Швајцарија.

Со тек на време, технологијата се развила до тој степен, што денеска имате многу чоколади во кои немате млеко, а имате и чоколади во кои нема какао. Само по себе тоа е нелогично, ама зборот по традиција си останал таков каков што бил во времето кога биле создадени првите чоколади.

И како што велат во квизовите кога се играат игрите на асоцијации, прашањето од чиј одговор зависи иднината на демократскиот развој на нашата држава се состои во конечното решение на следниве отворени полиња: збор чие значење доаѓа од долгогодишен монопол врз тој збор, пари за кои не ја знаеме историјата, шверц, и празна бела површина на која се пишува политика и идеологија по потреба. Ако вашиот конечен одговор е „социјалдемократија во Македонија“ тогаш сте погодиле.

Што е заклучокот од оваа колумна? Па многу е просто и многу е важно во исто време, да сфатиме дека она што ние во оваа земја го подразбираме под поимот „социјалдемократија“ е дефинирано од она што партијата која со децении го носи тоа име го правеше и кажуваше. Благодарение на тоа што имаат многу пари чие што потекло е недефинирано, благодарение на масивниот шверц кој го дозволуваа и од кој земаа провизии додека беа на власт, тие успеа и без да создадат било што кое би личело на социјалдемократска идеологија да се претворат во албум – партија.

Како бела штица или книга со празни листови на кои можете да напишете сѐ или да залепите било каков лик и тоа да го наречете – социјалдемократија. Партијата која додека беше на власт го урниса образованието и здравствениот систем, партијата која никогаш не беше на страната на работниците и партијата која од себе ја одбиваше свесно и намерно чесната интелигенција – ние ја сметаме за стандард, за репер во оваа држава околу тоа што е „социјалдемократија“.

Јас себеси се чуствувам за десно ориентиран и нема смисла јас да објаснувам што е социјалдемократија во вистинска, европска смисла и значење. Меѓутоа, мислам дека знам што не е социјалдемократија и што никако не може да се преставува за идеја од тој систем на политичко размислување. Затоа и го споменав чоколадото, бидејќи во една наредна колумна, преку правењето на интересна аналогија помеѓу чоколадите и политиката ќе се обидам да ве натерам да размислувате на еден доста необичен начин околу клучното прашање за иднината на политиката во нашава земја, а кое гласи: дали на македонската демократија ѝ треба левица, или можеби на македонската левица ѝ треба демократија?

Written by nenobogdan

05/01/2010 at 15:51

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: