Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ТРЕСКА, ВАРДАР, НИЕ И ГРЦИТЕ

with 2 comments

Што е попрво: јајцето или кокошката? Зависи од тоа за која конкретно кокошка и за кое конкретно јајце станува збор.


Македонија и Грција си требаат еден на друг токму вакви, во спор кој нема решение. Ние ним им обезбедуваме домашна слога околу едно клучно прашање, што ќе им помогне подоцна да се сложат и околу другите домашни прашања. Тие нам пак, ни требаат како инспирација.

* текстов е првично објавен на 8ми јули 2008 година на http://blogatash.blog.com.mk/node/168425

Дали е правилно да се тврди дека реката Треска се влева во Вардар или, строго научно гледно, треба да се каже дека Вардар се влева во Треска? Спротивно од она што можете да го видите на картата на нашата држава каде што се чини дека првото тврдење е правилно (дека Треска се влева во Вардар) всушност обратното е далеку поправилно и пологично.

Ова затоа што во спојот на овие две реки, на границата меѓу општините Сарај и Ѓорче Петров, во било кој период од годината, во било која година, количеството вода што доаѓа од Треска е поголемо од количеството вода што доаѓа од Вардар. Освен тоа, должината на двете реки пред нивниот спој е во корист на Треска, таа е подолга и има и слив со поголема површина (од таму и повеќето вода во неа).

Впрочем не без причина, првата хидроцентрала (Матка) и најголемата брана (Козјак) во Македонија се изградени токму на Треска. Е зошто тогаш, сите сме уверени дека е правилно да се тврди дека откако поголемата и подолга река Треска ќе се соедини во помалата и пократка река Вардар, новата река која продолжува треба да се вика Вардар? Нема смисла, нели? Тоа е исто како СДСМ да се обедини со ЛДП и новата партија да се нарекува ЛДП (иако според вонредно ниската популарност и на двете партии тоа и не би било толку нелогично).

Причината веројатно доаѓа од таму што во делот од официјалниот Вардар, пред спојот на таа река со официјалната Треска, Вардар минува низ територија на која што живеат повеќе луѓе, (Тетово и Гостивар) отколку што живеат покрај бреговите на Треска која минува низ еден од најретко населените делови на државава. Повеќе публика, поголем аплауз.

Ова не е изолиран пример во нашата реалност. Имено, повеќето луѓе во оваа земја кога би ги прашале дали се согласуваат жолтиот лав во црвен штит да стане официјален грб на Република Македонија не би се согласиле, оправдувајќи го своето несогласување со зборовите дека „тоа е симбол на една политичка партија“.

Ај настрана што тоа одамна не е симбол на само една партија, но уште позначајно, тоа со векови пред воопшто да се формира партијата која ја имаат на ум граѓаните, било симбол на Македонија како земја. Во книгите за хералдика од доцниот среден век фигурира токму тој симбол, жолт лав на црвено поле во штит, и под него името на нашата земја. Дури и на некои монети на Александар Велики го има неговиот лик со наметка од кожа на лав. Но, зошто денешните Македонци сметаат во големо мнозинство дека лавот е вмровски, а не македонски симбол?

Друг пример. Една од најголемите заблуди во нашата култура е дека ние имаме наша македонска азбука која има 31 буква. Фактички гледано, тоа не е точно затоа што всушност има 32 букви во азбуката на нашиот македонски литературен јазик. Просто, ако тргнеме од фактот дека „буква е симбол т.е. знак кој одговара на еден глас“ што е основно правило на секој фонетски правопис, излегува дека покрај официјалните 31 буква (од А до Ш) од кои сите го почитуваат правилото “еден знак да се чита како еден глас“, го имаме и фамозниот ’ знак, кој го викаме по име „апострофче“ ама кога ќе го видиме во збор го читаме идентично како што Бугарите и Русите ја читаат буквата Ъ. Ете на пример, зборот од некои наши дијалекти „ж’та“ не се чита „жапострофчета“, ами како што се чита.

Апострофчето е толку незгодно за буква, што дури ни во наводници не можеме да го ставиме, замислете само „’“ – на што личи ова? А сепак тоа е буква, оти е еден знак кој се чита како еден глас. Не е официјално буква, ама сепак фактички е буква.

Но, зарем ние како Македонци нема да се понижиме ако ја прифатиме бугарската буква Ъ во нашиот јазик, во нашата македонска азбука – обично приговараат луѓето кога ќе им го кажам ова. Поентата е дека таа буква воопшто не е ниту бугарска ниту пак руска, туку е дел од оригиналната кирилица која во десетиот век, во Охрид ја составил, ни помалку ни повеќе туку цел еден Св. Климент Охридски, за кого никој од нас не би оспорил дека е Македонец.

По таа основа, зарем буквата Ъ не е всушност оригинално наша, македонска? И ако е наша, од Климента оставена, подеднакво колку што се од истиот Климент оставени и „Ш“ и „Б“ и другите кирилски букви, зошто тогаш ние Македонците ја сметаме за бугарска?

И конечно, за Грците. Тие самите себеси се нарекуваат Хелени, нивната држава Хелада, но ние ги викаме Грција и Грци, а некако слично ги нарекува и остатокот од светот. Зошто таква дискрепанца, и кој е крив за тоа преименување?

Е па, криви се Римјаните, и тоа на начин што објаснува зошто Грците толку многу го мразат нашето име. Старите Грци себеси се нарекувале „хеленои“ а името Грци им го дале Римјаните кои со Хелените немале речиси никаков контакт пред да почнат да ги освојуваат.

Никој не знае што точно значи името „грекус“ како што Римјаните го викале секој Грк, ама има теорија дека тоа е по првото племе кое го победиле римските легии на грчка (т.е. хеленска) територија. Таа теорија можеби е точна, но подеднакво точно е дека на латински т.е. на јазикот на старите Римјани, зборот „грекс“ (grex) значи буквално – „стадо“ (овци) или „крдо“ (говеда). Денешниве Грци сакаат себеси да се преставуваат како потомци на еден славен и во антиката почитуван народ, но се чини дека тоа размислување Римјаните не го споделувале.

Од друга страна, античките Македонци, поради Александар во прв ред, биле многу поголемо и пославно име, па Римјаните кога ја освоиле оваа земја ја нарекувале исто како што си ја викале нејзините домородни жители – Македониа (старите Римјани немале буква „ц“ туку зборот Macedonia го изговарале токму – Македониа. Дури во средниот век, поради полуписмените калуѓери – препишувачи на книги од латински, Каесар ќе стане Цезар, а киркус – циркус, кензура – цензура и сл.)

Што е заклучокот од овој текст? Имено, исто како и во случајот со Треска која се влева во Вардар (а всушност е обратно), исто како што лавот не е вмровски туку македонски симбол, како што Ъ е оригинално македонска, светиклиментовска буква, а не бугарска, така и Грците не се потомци на славна и значајна цивилизација, туку ние сме.

Во старо време, најмоќните луѓе биле воините и кралевите кои располагале со силни армии. Со пишување, со административни работи, со уметност, поезија, архитектура, музика – се занимавале нивните робови и слуги, кои често пати биле вонредно слабо платени. Воините изумреле, армиите исчезнале, но она што е запишано останало, врежано во карпите и сочуваните стари ракописи.

Стара Грција и нејзината култура биле анонимни и безначајни во свое време, а станале познати подоцна, само поради тоа што водачите на народите кои владееле со светот, Македонците и Римјаните, за свои писари и административци и дворски поети и историчари ги вработувале Грците.

Постои мислење дека големиот Александар бил толку успешен како државник бидејќи бил воспитуван од Аристотел кој бил голем научник и филозоф. Моето мислење е дека е обратното во прашање. Дека Аристотел, еден обичен медиокритет и по ништо оригинален мислител се стекнал со светска слава и значење низ вековите само затоа што во неговото CV пишувало дека му бил учител на еден голем државник.

Денешните Грци се совршено свесни (иако тоа нема никогаш јавно да го признаат) дека нивните предци, старите Грци, биле тотално безначаен геополитички фактор во античките времиња. Затоа ним им треба Македонија како поим, како извор на ликови од калибарот на Филип и Александар.

Строго научно гледано, Вардар се влева во Треска. Строго научно гледано, буквата Ъ е македонска, а не бугарска. Строго научно, да не беа Македонците, никој денеска немаше да ја знае стара Грција, па дури ни новиве Грци не ќе имаа на што да се гордеат. Впрочем, и во она што денешните Грци фалбаџиски го нарекуваат како „втората грчка цивилизација“ т.е. Византија најзначајниот император бил Јустиниан, роден во наше Скопје, за кого сите тогашни историчари (кои биле Грци) запишале дека „едвај знаел да зборува грчки“.

Кога ќе речат дека благодарение на Грците и нивната пропаганда цел свет слушна за Македонија и дека благодарение на грчките притисоци кај нас конечно почна да се буди некава национална кохезија, да не е всушност обратно – дека токму ние уште пред дваесет и кусур векови со нашите освојувања не придонесовме цел свет да чуе за Грците и зарем токму нашето инсистирање за користење на името Македонија не им дава сега национална кохезија на денешните Грци?

Впрочем, единственото прашање за кое се сложни сите грчки политички партии е прашањето околу Македонија. Ако ние го смениме името – што ќе прават Грците? Околу што ќе се сложуваат дома? Што ќе им помогне да престанат да се караат меѓусебно?

Македонија и Грција си требаат еден на друг токму вакви, во спор кој нема решение. Ние ним им обезбедуваме домашна слога околу едно клучно прашање, што ќе им помогне подоцна да се сложат и околу другите домашни прашања. Тие нам пак, ни требаат како инспирација. Нашите спортисти да постигнуваат успеси за инает на Грците, нашите уметници да прават уметнички дела (филмови, музика) за инает на Грците, нашите студенти да студираат низ светот и да постигнуваат високи оценки – за инает на нивните соученици Грци. Погледнете што само направи грчкиот притисок на последниве избори. Конечно ја избриша секоја вештачка поделба кај нас и им овозможи на македонските гласачи јасно да изберат меѓу едниот блок и другиот блок.

На Македонија ѝ треба Грција и нејзиното негирање на сѐ што е македонско. Токму тоа ќе нѐ направи поголеми Македонци. А и на Грција ѝ требаме ние, такви, непокорни, тврдоглави, Македонци засекогаш. За да им помогнеме да станат тие конечно сложни и обединети. Е затоа, во обостран интерес, да не го менуваме името. Да, да! Во обостран интерес е ние да не го менуваме името, а тие жестоко да не се согласуваат со нашиот став по тоа прашање.

Идејата е дека Европа ќе нѐ прими ако го смениме името. Баш обратно. Ако не го смениме името, за да опстанеме ќе мораме економски и политички да се развиеме толку многу што ние Европа и нејзините вредности ќе ги примиме практично, а не само декларативно и формално.

Не е битно што пишува во географските карти. Фактички Вардар се влива во Треска, а не обратно. Не е битно што кажува Оли Рен кога е трезен или што кажал Жан Сибелиус кога бил пијан.

Европа и да сака не може да ја прими Македонија ако првин Македонија не ја прими Европа, не бирократско – комесарската, туку онаа вистинската, Европа на хуманистички вредности и цивилизациски сфаќања, демократска и легалистичка. Да не го менуваме името, оти токму тоа ќе нѐ направи вистински Европејци. Токму тоа.

Колку повеќе ќе сакаме да останеме Македонци, толку повеќе ќе мораме да стануваме Европејци. А колку повеќе ќе стануваме Европејци, толку полесно ќе ни биде да останеме Македонци.

2 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. „Дури во средниот век, поради полуписмените калуѓери – препишувачи на книги од латински, Каесар ќе стане Цезар, а киркус – циркус, кензура – цензура и сл.“

    -Не знам за неписмените калуѓери, ама јас учев латински и го учевме баш по правилата што ги користеле калуѓерите..
    Буквата „С“ пред дифтонгот „ае“ се чита како „Ц“, а дифтонгот како „е“, па така се добива „Цезар“.
    Сфатив дека сум бил учен погрешно кога дознав дека старите Римјани за „С“ викале „К“ а за „ае“ – „ај“, па така испадна дека Цезар бил Кајсар, а јас место Римјанин испаднав неписмен калуѓер. Тоа ти е како денес да учиш Англиски според тоа како го користат Жак Клузо и Ѓоко Танески…

    Мартин

    02/05/2011 at 14:43


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: