Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ДОБРА ИДЕЈА ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ГРЦИТЕ

leave a comment »

Картаџиска порака, ама прилично јасна

Грција со години се наоѓа на работ на банкрот, презадолжена е и со вечно празна државна каса, па со помош на оваа техника можеме да ја турнеме преку работ, во финансиски амбис и со тоа да ја натераме конечно да ја батали својата глупава политика од која досега и така и така немаше некоја корист.

* текстов е првично објавен на 8ми јули 2008 година на http://blogatash.blog.com.mk/node/168423

Легендата вели дека во еден од големите градови во внатрешноста на државава имало пред неколку години една ваква интересна и многу инспиративна случка: локалниот политичко – финансиски моќник му се налутил многу на газдата на една локална приватна телевизија и решил да го казни на тој начин што ќе им забрани на сите локални бизнисмени да се рекламираат на таа телевизија.

Локалните бизнисмени многу се плашеле од локалниот политичко – финансиски моќник и го послушале неговиот „совет“ објаснувајќи му на газдата на локалната телевизија дека иако тие лично немаат ништо против него, моќникот така наредил и тие, од што многу се плашеле од моќникот, морале да ги откажат сите реклами на таа телевизија.

Газдата на телевизијата се растревожил, и тоа не без причина, оти без приходот од рекламирањето на бизнисите на локалните бизнисмени, неговата телевизија многу брзо ќе се нашла во банкрот – состојба. ТВ – газдата не сакал да оди да го моли за прошка моќникот, а не знаел ни од каде да најде нови огласувачи кои ќе плаќаат за да ги пушта нивните реклами на неговата телевизија, па во мигот на тежок очај се сетил на обратната логика – ако моќникот им забранил на бизнисмените да се рекламираат кај него, тогаш очигледно е дека – на локалните бизнисмени им е забрането да се рекламираат кај него.

И тоа било решението кое го спасило газдата на локалната телевизија од банкрот. Генијално!

За оние што не ја сфатија спасоносната идеја на газдата на телевизијата еве го и крајот на приказната. Имено, газдата им се јавил на сите оние локални бизнисмени кои ги откажале рекламите поради страв од моќникот и им се заканил дека ако не му даваат пари, ќе им ги пушта рекламите на неговата телевизија. Бизнисмените веднаш сфатиле дека ако моќникот види некоја реклама од нивните фирми на телевизијата, ќе помисли дека тие не ја послушале неговата наредба и ќе им се налути и ќе ги казни.

Затоа, безмалку сите локални бизнисмени се согласиле да продолжат му даваат пари на газдата на телевизијата, само за да не ги пушта нивните реклами. Ситуацијата траела некое време сѐ додека со помош на трето лице, моќникот и газдата на телевизијата не се смириле и рекламите повторно се вратиле на ТВ – екраните, но овој пат било плаќано по стариот познат начин – даваат пари бизнисмените за да им се пуштаат рекламите, како што е впрочем најнормално секаде во светот.

Дека оваа идеја, произлезена од обратната логика (која безмалку ќе биде заштитен знак на секоја моја наредна колумна) е употреблива и за пошироки околности, еве и друг пример:

Во еден мал провинциски град на работ на нашава држава, една пријателка на моја пријателка била задолжена од една приватна компанија да врши истражување на пазарот, со тоа што ќе посетува обични луѓе, нејзини соседи и сограѓани и ќе им поставува по неколку прашања во врска со нивните потрошувачки навики. Инаку, пријателката на мојата пријателка е една исклучително културна, цивилизирана и позитивна личност и како таква е скоро совршена за работата која требало да ја извршува – да анкетира секојдневни, обични луѓе за нивните секојдневни, обични навики.

Е ама, многу од луѓето кои таа се обидела да ги анкетира не сакале да ѝ одговараат на прашањата. Едноставно, не сакале, оти како типични провинцијалци, тие биле опседнати со теориите за заговор и сметале дека нивните одговори на геополитички прашања од типот „дали сакате повеќе кафе со шеќер или без шеќер?“ може да паднат во погрешни раце и подоцна да бидат искористени против нив (а и против татковината, православието и словенските народи воопшто). И затоа, она што навидум требало да биде лесна анкетирачка работа во првите денови се покажало како невозможна мисија – големото мнозинство од оние кои таа се обидела да ги анкетира изричито одбивале да даваат одговори.

Откако се запознав со нејзиниот проблем, ѝ ја раскажав приказната од почетокот на колумнава, за моќникот и газдата на приватната телевизија и како вториот успеал да го преживее бојкотот, и таа веднаш доби идеја. За оние кои не сакале да ѝ одговараат на прашањата, таа веднаш им се „заканувала“ дека таа на анкетниот формулар (кој инаку бил сосема анонимен) ќе го напише нивното име, презиме и адреса и самата ќе го пополни со компромитирачки одговори („конкретната личност таа и таа преферира да пие кафе со сосетките од истата улица отколку со сосетките од другата улица“). Со помош на оваа застрашувачка, скоро рекетарска техника, пријателката на мојата пријателка беше успеала да постигне фантастични резултати – сега речиси никој не се осмелува да ја одбие нејзината молба за анкетирање.

И така, дојдовме до Грците, нашите локални моќници кои нам, анкетарите кои ширум светот одиме со само едно прашање во нашите анкетни листови „Would you like to call me Macedonia?” се обидуваат да ни забранат да постоиме со име какво што самите сме си одбрале. Реков дека приказната од почетокот на колумнава е инспиративна, и тоа во многу широки размери, како што покажа и втората приказна, со пријателката на мојата пријателка, па затоа, еве ја идејата која би сакал да им ја предложам на луѓето кои ја креираат секојдневната политика во нашето министерство за надворешни работи:

Како што имаме амбасадори за странски инвестиции и како што имаме културни амбасадори, можеби би требало да почнеме да испраќаме и „некултурни амбасадори“ или „рекет консултанти“. Нивна задача ќе биде да најдат некоја земја која сеуште не нѐ признала под уставното име и да ја убедат владата на таа земја да им испрати порака т.е. дипломатска нота на Грците (до нивното МНР) дека таа земја е подготвена да ја признае државата FYROM под нејзиното уставно име. Оваа нота ќе ги разлути моментално Грците и тие веднаш ќе упатат остар демарш до МНР – то на земјата која изразила спремност да ја признае Македонија како Македонија, и во тој миг почнува да се остварува нашиот пакосен план за „зафркнување“ на Грците.

Имено, МНР – то на земјата која е подготвена да нѐ признае, веднаш ќе одговори на демаршот на грчкото МНР со едно културно, учтиво, крајно цивилизирано барање за крупна грчка инвестиција или бескаматен заем за дотичната држава во вредност од неколку десетици милиони евра или долари. Што побитна е државата меѓународно, тоа поголема е сумата. Најцивилизираниот и најучтив дел од тоа барање е решеноста на таа држава уште утре да ја признае Македонија како Македонија ако Грција не ја исплати целата сума – моментално.

Грците ќе се обидат да ја смалат цената и по кратки преговори, ќе се согласат да исплатат (официјално, да инвестираат) некоја значителна сума која нормално, државата ќе си ја стави во својот џеб, а некоја ситна провизиичка ќе има и за премиерот на таа држава, па и за нашите „некултурни амбасадори“. Поентата не е во тоа што ние ќе ќариме, туку колку ќе ја натераме Грција да се потроши.

На нашиот некултурен амбасадор можеме и ние да му исплатиме и некој процент кој ќе биде врзан со тоа колку ја натерал Грција да даде пари на земјата која ја посетил, и така ќе имаме за неколку милиони евра од нашата страна инвестирани, десетици ако не и стотици милиони евра фрлени во ветер од грчка страна.

По првичните успеси, методава може да се прошири и врз познатите телевизии во светот и весници во развиените држави. Ние ќе ги убедиме да ѝ се заканат на Грција дека ќе објават позитивни информации и репортажи за нашата земја, и ќе барат тие од Грција да им даде пари за да не ги објавуваат тие позитивни репортажи и информации. Ова второво дури и не мора да се организира од нашите државни институции, туку и самоиницијативно, од страна на нашите иселеници ширум западните земји.

Треба само да наминат во локалниот медиум и да го запознаат сопственикот на тој медиум со патолошката осетливост на Грците на сѐ што ќе биде кажано убаво за Македонија и да го заинтересираат за можноста за изнудување на значителна сума од нашите душмани.

Замислете си само како ќе реагира грчкиот амбасадор во некоја фиљан западна држава кога наутро кога ќе ја проверува електронската пошта ќе наиде на писмо од некојси локален Трибјун или Поуст или Хералд или Обз’рвер во кој уредникот го информира официјалниот преставник на Хеленската Република дека весникот во утрешниот број планира да објави текст со анализа на македонско – грчкиот спор во кој отворено ќе покаже разбирање, па дури и наклоност за нашата страна.

Може во мејлот да го приложи и нацрт – текстот кој планира да го објави, со болдирани пасуси во стилот „…но сите знаат дека Македонија не е грчка…“ или „…евидентно е дека Грција не е во право…“ и слични брутални изјави од кои на секој грчки националист би му се кренала косата на главата. И секако, на крајот на мејлот, уредникот му пишува на грчкиот амбасадор дека доколку грчкото министерство за култура или туризам или некоја таква слична државна институција сепак одлучи да закупи за наредните три месеци по две страни колор секој ден во весникот за рекламирање на туристичко – културната понуда на Грција, објавувањето на текстот ќе биде одложено за неодредено време (откако ќе заврши закупот на тие две страници).

Зарем Грците нема да прежалат неколку десетици илјади долари за да го спречат објавувањето на позитивниот текст за Македонија во тој весник? Десет илјади долари може да звучат како мала сума, ама не е само еден весник во западниот свет, нели? И не мора само три месеци да трае рекетирањето, зарем не? И најубаво, ние немаме никаков трошок од сето тоа. Грците се тие што ќе трошат!

Со помош на оваа метода и техниките кои може да се издиференцираат при нејзиното практикување, можеме за неколку години, ако вредно се зафатиме со работа, да ја олесниме Грција за милијарда евра. Грција со години се наоѓа на работ на банкрот, презадолжена е и со вечно празна државна каса, па нашиот дополнителен напор може да ја турне во финансиски амбис и да ја натера конечно да ја батали својата глупава политика од која досега и така и така немаше некоја корист. Ако им покажеме дека може уште и штета од тоа да имаат – веројатно ќе успееме многу полесно да продолжиме со преговорите за зачувување на нашето вековно име.

Мислам дека оваа идеја е добра и дека нејзините варијанти се покажале успешни во пракса. И во случајот со локалниот моќник и газдата на локалната телевизија, и во случајот со пријателката на мојата пријателка која вршеше анкети. Ако сакаме да се справиме со Грците, ни требаат добри идеи. Ова беше само една од нив, а во наредните колумни – ќе има уште.

Written by nenobogdan

05/01/2010 at 16:42

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: