Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ЗАЕВ, ТАЈНАТА ПОЛИЦИЈА И ПАПАРАЦИТЕ

leave a comment »

Нека пишуваат што сакаат за мене, само нека стават убава слика

Повеќето наши политичари и холивудските филмски ѕвезди имаат една заедничка особина, а тоа е што и покрај тоа што се свесни дека цело време некој ги набљудува, ѕвездите – папараците, а политичарите – агентите на другата партија, сепак постојано прават скандали. Тоа делува нелогично, ама не е, бидејќи и едните и другите имаат силна причина за тоа.

* текстов е првично објавен на 18ти јули 2008 година на http://blogatash.blog.com.mk/node/170499

Морам да признам дека има една работа која сѐ до неодамна не можев да ја сфатам во карактерот на холивудските актери и актерки и нашите политичари, претежно од опозицијата (сегашната и поранешната).

Имено, во Холивуд, ѕвездите се совршено свесни дека од зад секој агол демне некој папарацо со својот фотоапарат и постојано чека славната личност да направи некоја глупава работа, дали да се сопне и да падне, дали да се бакне со некого, дали да помине со автомобилот на црвено – не е битно, само да направи некој потег кој ќе изгледа интересно ако се фотографира.

И, покрај тоа што се свесни дека цело време некој ги гледа, постојано слушаме дека ѕвездите возат пијани, уринираат на јавно место, се бакнуваат на улица со луѓе со кои не се во врска (сеуште) или во брак, се дрогираат и слични глупости кои редовно ги дознаваат нивните обожаватели преку таблоидите.

Нашите опозициони политичари, и од времето кога десницата беше во опозиција и од времето сега, кога левицата е во опозиција, веројатно се совршено свесни дека „службата“ постојано ги набљудува, го мерка секој нивен чекор, секоја нивна постапка и само чека шанса да направат некое кривично дело, за да може да ги сними, документира и да ги достави тие компромитирачки податоци до водството на противничката партија, каде што ќе бидат потоа користени за уценување на оној кој го направил незаконското дејство.

И, знаејќи го тоа, зачудувачки е што речиси и да нема политичар во земјава кој нема зад себе некоја долга криминално – аферична опашка, за која секогаш можат да го фатат и повлечат и да го треснат од земја политичките конкуренти.

Се поставува прашањето, дали холивудските ѕвезди и нашите опозиционери се толку глупави, или нешто друго е во прашање?

Ајде да ѝ пристапиме на целата работа од гледна точка на обратната логика. Имено, она што сите го мислат е дека „кога опозициониот политичар ќе направи некое кривично дело, тогаш тој може да биде уценуван од страна на тајната полиција во служба на власта“.

Е, ама обратната логика би рекла дека „кога некој опозиционен политичар сака да биде уценуван од тајната полиција во служба на власта, тогаш тој прави кривично дело“.

Ова може да делува многу нелогично на прв поглед, бидејќи, кој тоа би сакал да биде уценуван воопшто, кој би сакал неговото име да се влечка по афери и скандали и ако веќе би сакал, зошто? Одговорот лежи во однесувањето на филмските ѕвезди.

Имено, најславната личност моментално во светот, која замислете е славна само поради тоа што е славна, и поради ништо друго, е Парис Хилтон. Таа не е ниту пејачка, ниту актерка, ниту политичарка, ниту е манекенка, ниту е спортистка, всушност, таа е од сѐ тоа по малку, ама тоа воопшто не ја прави пославна, туку напротив, славата ѝ овозможува да добива токму такви ангажмани.

Нејзиниот пример во поголема или помала мера го следат и другите во Холивуд кои сакаат да бидат славни и успешни, па од неа можеме да го извлечеме и заклучокот кој ќе го искористиме за објаснување на однесувањето на македонските опозиционери.

А тоа е дека, луѓето кои што немаат доволно талент за да бидат славни и со тоа успешни, стануваат славни за да и покрај недостатокот на талент бидат успешни.

Еве ви практичен политички пример од почетокот на деведесетите години, т.е. од времето кога главниот кошмар на вмровците беше свежо реформираната УДБ-а и кога главниот кошмар на удбашите беше свежо формираното ВМРО.

Во тоа време имаше еден бизнисмен кој немаше многу среќа во бизнисот, оти и покрај тоа што знаеше како се одвива шверцувањето и влечењето на врски со луѓе на власт, кутриот не знаеше ниту еден човек на власт и немаше доволно пари за да почне да поткупува за да му оди мирно шверцот. И што направи тој бизнисмен?

Му велеа пријателите кои веќе стануваа успешни во бизнисот да ѝ се приклучи како нив на тогашната владеачка партија, ама тој знаеше подобро и ѝ се приклучи токму на водечката опозициона партија. Почна да крева галама, да се прави патриот, антикомунист, тврд националист, и нормално, првата прилика што му се пружи ја искористи за да биде фатен (!) на дело од полицијата како шверцува.

И веднаш му пристапија преставниците од тајната полиција и му понудија дил – да стане нивни човек во опозиционата партија и да ги информира за сѐ што се случува.

Во спротивно, ќе одеше во затвор, оти шверцот во кој го фатија беше сериозен. Тој прифати, и во замена за својата верна работа, побара од службата да му помогне да го врши својот бизнис без проблеми, оти колку побогат ќе стануваше тој, толку повеќе и ќе раснеше неговата моќ и влијание во опозиционата партија, па уште поголема вредност тој ќе имаше за удбашите како нивен шпион.

И договорот беше склучен, па на општо задоволство на двете договорени страни, и службата добиваше редовни информации од доверлив карактер за активностите на опозиционата партија, а и кодошот имаше мирен бизнис – живот во кој напредуваше до милионер, а и во партијата не му одеше лошо, па дојде на висока функција.

Секогаш кога некој деловен партнер ќе се обидеше да го измами или да не му плати некој долг, беше доволно да дигне телефон и да се јави во тајната полиција и деловниот партнер веќе наредниот ден ќе го посетеа сите можни инспекции, контроли, полицајци во цивилка, и нормално, долгот веднаш ќе беше вратен. Кодошот ѝ беше верен на службата и службата му беше верна на кодошот. Симбиоза за мерак.

А замислете каква ќе беше бизнис кариерата на тој кодош – политичар – бизнисмен ако не направеше кривично дело во раните денови на својата кариера? Немаше да отиде во затвор, но немаше ни да се збогати, бидејќи системот во тоа време (намерно) беше така (не)организиран што деловните партнери ако сакаа да те измамат или да не ти платат долг, немаше начин како да ги спречиш во тоа преку институциите. А без пари, без деловен успех, кодошот никако немаше да напредува ни во неговата партија.

Оваа игра ја играа многу наши бизнисмени – опозиционери во текот на својата политичка кариера. Ако ептен не ги биваше за политика, ако немаа харизма, ако немаа визии и идеи, тогаш единствениот начин за напредок во политиката или во бизнисот, или и во двете работи истовремено, беше да ја имаат подршката од Службата.

И така дојдовме до неодамнешното приведување на еден од водечките луѓе на опозиција за кого, за чудо, не знаеме ние, широката јавност, ама баш ништо. Искрено кажете ми, знаете ли кои се неговите ставови, идеи, неговата визија, неговите размислувања, што тој човек кажал, што рекол, што замислил – со други зборови, што знае оваа држава за него, освен дека е успешен градоначалник на Струмица?

Струмица е исклучително убав град и исклучително убаво е што со неа управува успешен градоначалник, но реално гледано, што му значи тој податок на просечниот член на СДСМ од Куманово, или уште повеќе од Скопје, на пример? Ако е за успешен градоначалник, па на Андреј Петров што му фали? Во општината во која што јас живеам, Карпош, чиј градоначалник е тој, буквално нема ден нешто ново да не се изградува, значи довршува.

Како градоначалник на Карпош, господинот Петров е фантастично успешен (јас сум гласач на десницата, па кога јас кажувам нешто добро за левичарски политичар, значи навистина тоа „добро“ е добро). И плус, од Скопје е, каде што се концентрирани сите бизнис – олигархиско – медиумски подржувачи на партијата. Имаше ли реални шанси против таков еден човек провинцијалецот? Не, барем не до вчера.

Завчера тоа беше човекот кој управуваше некаде таму со некој град кој повеќето членови на СДСМ не можеа ни на карта на Македонија да го најдат, а денеска, тој е херојот, прогонуваниот, судениот, малтретираниот, репресираниот од злите сили на десницата, големиот свети великомаченик Зоки, суден за идеите на социјалдемократијата и демократијата воопшто.

Ако стане претседател на СДСМ, тој никогаш нема да биде прифатен од скопските ес – де – ес – овци, кои секогаш на него ќе гледаат како на „сељак“, на „дечко од провинција“. И тоа е потенцијал за раскол во партијата. И токму затоа, сегашнава власт има многу силен интерес да токму Зоки стане лидер на опозицијата.

Значи, погрешна е логиката дека само затоа што тој има реална шанса да стане претседател на опозицијата власта го прогонува, напротив, обратната логика вели дека власта го прогонува токму за да тој навистина добие реална шанса да стане лидер на опозицијата!

Погледнете го само кривичното дело за кое е обвинет. Па случајот е толку јасен што е просто неверојатно како тој си дозволил да падне во таква замка и да направи такво нешто кое што нема шанси некој да не го забележи и да не го искористи против него. Е, ама токму тоа е поентата.

Многу пореално е да најдете чесен човек во политиката отколку политичар меѓу чесните луѓе. Се чини дека во нашата држава сеуште важи правилото дека сѐ додека не им дадеш на другите начин да те запрат, нема да ти дадат да тргнеш. Чесниот и способен политичар никој не може да го запре во неговиот поход кон власта, освен, нечесниот политичар кој е популарен.

П.С: Почитувани читатели, доколку ви се допадна овој пост и идејата изложена во него, како и начинот на кој ја изложив, погледнете го и мојот пост Инсајдер, каде на сличен начин беше објаснето, преку аналогија, зошто и како успеваат сосема анонимни луѓе одеднаш да станат клучни фигури во некоја партија. А за еден практичен предлог како да се стави крај на ваквите византиски политики и местенки, кликнете на овој мој пост.

Written by nenobogdan

05/01/2010 at 22:25

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: