Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ КАКО ДА ГИ ПОБЕДИМЕ ГРЦИТЕ

leave a comment »

Треба Грците да ги доведеме во ситуација „сам на себе го пукал“

Ако луѓето немаат корист од вас нема да ви помогнат, но ако ги убедите дека имаат штета од делувањето на вашиот непријател, со други зборови, ако го убедите дека вашиот непријател е и нивен непријател – е тогаш можете да очекувате помош од нив.

* текстов е првично објавен на 8ми јули 2008 година на http://blogatash.blog.com.mk/node/168424

Веројатно сте ја слушнале класичната приказна која постојано сите наши академици и повеќето политичари добронамерно ја кажуваат и која во суштина се состои во идејата дека „ние треба на светот да му ја кажаме вистината за Македонија“.

Поентата на оваа идеја, која според мене е темелно погрешна и бескорисна, е дека светот нас нѐ не знае, дека не слушнале повеќето светски влијателни фактори за Македонија и за Македонците и дека кога само ние би успеале да им ја раскажеме во целост вистинската приказна за суштината на грчко – македонскиот спор, тоаш тие како праведни и чесни луѓе би застанале на наша страна и спорот би бил решен за миг, бидејќи, моќните фактори на глобално ниво, кога нешто ќе наумат, никој и ништо, па ниту една Грција не смее да им се спротистави. Е ова е погрешна идеја и сосема погрешен и непродуктивен пристап. Зошто?

Е па затоа што на моќните светски фактори не им е гајле за Македонија и за нашите проблеми и неправдите на кои сме биле и сме изложувани. Прва причина поради тој нивен став е дека повеќето од тие неправди се последица токму на нивното делување на овие простори, а втора причина, уште поважна, е што моќните многу ретко се и праведни и ако некогаш се стават во интерес на праведноста, тоа го прават само кога од таа праведност имаат некаков интерес. Со други зборови, да се повикуваме на правда и човекови правдини и фер односи во светот на глобалната политика е – џабе!

Затоа, да не губиме време и да се залажуваме дека ако само успееме да ги запознаеме светските моќници со македонската вистина т.е. со вистината за Македонија дека тие ќе ни помогнат. Тие нема да ни помогнат, затоа што не им е гајле за нас! Мислите ли дека некој американски конгресмен може да ја најде нашата земја на карта?

Ако на некој сенатор од Охајо или Илиноис му споменете дека треба да направи нешто добро за Маседониа, тој ќе си помисли дека му зборувате за гратчето Маседониа кое се наоѓа во северен Охајо во близина на Кливленд, или пак за гратчето Маседониа во јужен Илиноис, или за некое од многуте гратчиња со такво име во Алабама, Кентаки, Џорџија, Тенеси, Тексас, Вирџинија и во речиси секоја сојузна држава во САД, и веднаш тој сенатор ќе ви рече дека таму луѓето и така и така не гласале за него, па зошто да се занимава со проблемите на Маседониансите.

Значи да скратиме: никому, повторувам, никому од моќниците во светот не му е гајле за вистината за Македонија, оти од неа немаат корист! Но, сега слушнете ја оваа идеја: наместо да се обидуваме на странците да им ја кажуваме вистината за Македонија, ајде да се обидеме да им ја раскажеме вистината за Грција!

Ако луѓето немаат корист од вас нема да ви помогнат, но ако ги убедите дека имаат штета од делувањето на вашиот непријател, со други зборови, ако го убедите дека вашиот непријател е и нивен непријател – е тогаш можете да очекувате помош од нив.

Да тргнеме од Американците, нашите најблиски сојузници и колку – толку, најдобри „пријатели“ (ако за пријателство воопшто може да станува збор во меѓународните односи) кои, како што знаеме се во сојуз со нашите вековни душмани, нашите јужни соседи кои сакаат да нѐ сотрат нас и сѐ што е наше, почнувајќи од името, па завршувајќи со државата.

Значи, да не им ја кажуваме вистината за Македонија на Американците и колку тоа ние сме во право и колку тоа ние ги сакаме САД, затоа што на американските водачи едноставно не им е гајле за тоа. Нив ги води единствено, само и исклучиво нивниот интерес и интересот на нивната земја.

А интересот на нивната земја се состои во идејата дека „сѐ што е добро за Русија е лошо за Америка и обратно“ и токму од таа константа во нивното надворешно – политичко размислување треба да тргнеме во нашиот поход за убедување на Америка да ја замрази Грција. Нашите дипломати и лобисти треба да се информираат добро и темелно за сите интереси кои ги поврзуваат Русите и Грците и за секоја заедничка активност која тие ја прават и за сите можни инвестиции и за секоја соработка која постои меѓу нашиот непријател и американскиот непријател.

Нафтоводи, гасоводи, банки, телекомуникации, купување оружје, купување земјиште, корумпирани политичари, наклонетоста на грчката јавност кон Русија, културни врски, некултурни врски… Сѐ до што можеме да дојдеме, а кое што докажува дека Русите и Грците се блиски едни со други, без оглед за кое поле станува збор, е добро за нашата цел и тие информации треба да им ги доставиме на битните фактори во американскиот сенат и преставничкиот дом.

Просечниот американски гласач не може да ја најде Македонија, ниту пак Грција на географската карта, но просечниот американски конгресмен или сенатор многу добро знае дека со пријателите на Русија Америка никогаш не може да гради доверба и дека ако некој од сојузниците на САД ѝ намигнува на Русија тогаш на тој сојузник треба да се гледа со недоверба и сомничавост.

Значи да резимираме: на американските лидери не им е гајле дали Македонија е во право или Грција е во право, туку кој е тој што работи против американските интереси овде на Балканот. Затоа, на американските конгресмени не треба да им ја кажуваме вистината за Македонија, туку вистината за Грција. Вистината за Македонија и она што Грција ни го прави нам е навредлива, но само за нас, но вистината за Грција и тоа што таа зад грб ѝ го прави на Америка е навредлива, но оној кој при тоа е навреден има моќ нешто и да стори во врска со тоа.

Ако господинот Џон Меккејн стане претседател на САД после изборите во ноември, мислам дека некој од нашите иселеници во Америка треба под итно да му испрати една монографија за страдањата на нашите Македонци во некогашните грчки логори на пустите острови во Егејското Море.

Она што Меккејн ќе го прочита во таквата книга барем тој ќе може да го разбере, оти и самиот има поминато неколку години во логор како воен заробеник и сигурно нема да има позитивно мислење за било кој, било каде во светот кој спрема било кого се однесувал исто како што некој се однесувал спрема него кога бил заробеник во Виетнам.

Ако им се верува на оние кои тврдат дека добро го разбираат односот на силите во реалната светска политика, тогаш нашата втора насока кон која треба да ги насочиме нашите напори за запознавање со вистината за Грција се – Евреите. Во нашава земја имаме чудни и веројатно збунети луѓе кои истовремено ги мразат и Грците и Евреите, иако ако се земе во предвид историјата и фактите кои таа ги нуди, овие две чуства барем за нас Македонците би требало да се неспоиви.

Како што Евреите имаат страдано низ својата историја само затоа што сакале да го зачуваат својот идентитет, толку и ние сме страдале поради сосема иста причина низ нашата историја. Но, како што рековме, ова е сосема небитно од практична причина, бидејќи никому не му е гајле за туѓите проблеми, туку секој гледа да си ги решава своите проблеми. Секој гледа самиот да си го тера својот интерес и да извади некоја корист за себе. И тука е решението за нашите комуникации со Евреите.

Ако не сте знаеле, освен што Грција на нашите деца – бегалци и на нивните потомци им го оспорува правото да ги добијат назад своите имоти кои им биле одземени во Грција, така и на околу 100.000 (сто илјади!) денешни Евреи, Грција им должи пари. И тоа, верувам многу, многу повеќе отколку што ни должи нам. Оти, во времето кога Македонците биле протерани а нивните имоти конфискувани од Грција, тие биле претежно сиромашни луѓе кои и така немале некој голем имот.

Но, во Солун пред Првата светска војна живееле десетици илјади Евреи, од кои некои сигурно биле исклучително богати. По освојувањето на овој град од страна на грчката армија, сите Евреи биле протерани, насилно, со невидена тортура и со апсолутна конфискација на нивните со мака стекнати имоти и богатства.

Нашата дипломатија треба да организира посебен оддел во нашето МНР кој би ги пронашол потомците на тие Евреи и во соработка со државата Израел и еврејското лоби во САД да организира кампања за обесштетување на потомците на луѓето на кои им биле одземени имотите во Солун по неговото преземање од страна на Грција по Балканските војни и Првата светска војна. Во случајот со македонските бегалци се зборува за неколку милијарди долари вреден имот.

Во случајот со некогашните солунски Евреи, цифрата би можела да се движи и до десетици милијарди долари. А да зборуваме реално, тие имаат многу поголема моќ од нас на меѓународно ниво, и многу е пореално тие да ги добијат своите пари. Колку голем удар ќе биде тоа за Грција, од финансиски и од политички аспект? Непријателот на нашиот непријател е наш пријател. Загубата на нашиот непријател е наша добивка.

Одиме сега со Русија. Тука поради карактерот на политичкото уредување на државата, каде што еден човек (или во моментов двајца) има огромна моќ и другите политичари речиси се беззначајни, е тешко нешто многу да постигнеме, но сепак не е безнадежно. Кака што знаеме, Русија е словенска земја каде што во последно време многу се води сметка за тој аспект од нивната култура. Како што знаме ние Македонците, Грците имаат покажано големо непријателство кон сѐ што е словенско, па имињата на селата, градовите, планините, реките и дури и надгробните споменици кои ги асоцирале на словенски називи во Егејска Македонија ги имаат променето и преработено во грчки имиња. Грчките националисти ги сметаат Словените за нижа раса, за полулуѓе. Можеби би требало тој факт да им го предочиме на Русите.

Денеска со Русија владее политичка елита кој има некаков интерес од деловен аспект со Грција, но тоа не значи дека не можеме да ги запознаеме со фактот дека нивните бизнис пријатели всушност ги мразат и длабоко ги презираат сите Словени, па вклучително и Русите.

Колку побогата и посилна ќе станува Русија, а тоа сѐ повеќе и повеќе ќе станува, таа ќе може да си дозволи да води помалку сметка строго за деловните интереси, а повеќе да се посветува на терање инает, емотивно однесување и казнување на оние кои се осмелуваат да ја навредуваат по било кој основ. Аналогијата за ова се сите сиромашни луѓе кои станале богати. Кога биле сиромашни, морале да трпат понижувања и навреди, оти тоа бил единствениот начин да заработат некоја пара за живот.

Но кога се збогатиле конечно, им се одмаздиле на оние кои ги навредувале кога биле сиромашни. Кога наскоро Русија ќе стане доволно богата за да не мора ама баш никому да му прави лице, ќе биде интересно да го видиме нејзиниот однос кон секој оној, па тука особено се вклучени Грците, кои некогаш се осмелиле нејзиниот словенски карактер да го омаловажуваат. Во меѓувреме, на нас е да ја запознаеме Русија со вистината за Грција и што навистина Грците мислат за Русите и за сите Словени.

И конечно Европа, и нејзините стерилни и промашени институции и политичари. Колку и да се аморфни институциите на Европската Унија тие сепак се контролирани од луѓе кои имаат некое чуство за самопочит и некоја идеологија која ги направила влијателни политичари во нивните земји. Најјаките политичари во европските земји се делат на конзервативци – десничари, на левичари – либерали и на зелени – екологисти.

Секоја од овие групи на политичари можеме да ја запознаеме со непријатната вистина за Грција и за односот што нашиот јужен сосед го има кон нивните идеолошки определби.

Конзервативците кои имаат некое значење во ЕУ треба да ги запознаеме со фактите околу корумпираната грчка влада која не знае да стави ред во своите јавни финансии и која не е способна да изведе ниту една реформа како што треба. Да ги запознаеме моќните конзервативци од Европа за вистинскиот карактер на Грците – дека тоа се едни анархистички, неодговорни апаши кои никогаш нема да ја сфатат суштината на десничарската политичка философија за ниски даноци, правна држава и одговорна власт.

Бидејќи до влијателните конзерватици и десничари тешко дека ќе можеме да дојдеме, треба да се концентрираме на оние кои не се на власт (но кои можат да дојдат) и на младите кадри во владеачките десничарски партии во Европа. Тие еден ден ќе бидат оние кои на Грција ќе ѝ ги секнат дарежливите европски фондови. Тие луѓе сонуваат за апсолутна власт со која ќе може да ја укинат социјалната помош за невработените и сиромашните во нивните сопствени земји.

Зарем мислите дека е некој проблем да ги убедиме, кога ќе можат, да ѝ ја укинат социјалната помош за Грција која оваа вечно несолвентна држава со децении ја прима од ЕУ? Јас мислам дека никогаш не е проблем да убедите некому да престане да му дава пари на некој друг и да си ги задржи тие пари за себе.

Но, и левицата во Европа не треба да ја запоставиме. Обично оние кои се либерални и лево ориентирани се искрени и добронамерни луѓе, особено ако се во пониските ешалони на левите партии или ако се во опозиција и очекуваат да дојдат еден ден на власт. За европската левица имаат големо значење правата на малцинствата и правата на хомосексуалците, како и религиозната слобода и слободата на информирање и размислување. Токму во секое од овие полиња официјалната грчка политика има значителни недостатоци и недоследности. Заклучок: да ѝ покажеме на европската десница колку е всушнсот лева Грција и да ѝ покажеме на европската левица колку е всушност десна Грција.

А зелените во ЕУ, чие што време допрва доаѓа особено со засилувањето на еколошката свест и сѐ поприсутните проблеми со глобалното загревање и последиците кое тоа ги носи? Па тие се најлесни за свртување на наша страна. Почнувајќи од хорор – приказната за исчезнувањето на Дојранското Езеро и како ние едвај го спасивме од Грците, преку грчките фабрики во Македонија кои загадуваат сѐ околу  себе, па сѐ до пожарите кои грчката влада не може или не сака да ги спречи и кои од таа земја наскоро ќе направат држава без шуми.

Зелените и екологистите се политички движења чие што време допрва доаѓа во ЕУ, а и насекаде во светот, ако не директно како чисто екологистички партии, тогаш како луѓе со такви убедувања кои ќе бидат вклучени во традиционалните леви и десни партии. Токму на нив треба особено да се посветиме, оти тие најмалку имаат разбирање за глупави, расистички идеологии кои владеат со држави каде што не се води сметка за заштита на околината.

А најубавата работа со модерните екологисти е што тие сфаќаат дека уништувањето на природата во еден дел од светот се одразува врз природниот баланс и во нивниот дел од светот. Модерните екологисти подеднакво се нервираат кога горат шумите во Грција поради неспособната власт, и кога горат шумите во Германија поради други причини.

Значи да завршиме со колумнава и да резимираме што заклучивме: Америка можеме да ја свртиме против Грција, и Русија можеме да ја свртиме против Грција. Можеме да ги свртиме и левите и десните од Европа против Грците. Можеме да ги свртиме и арапските земји против Грција, ако само ги запознаеме со начинот на кој Грците се однесуваат кон барањата за религиозни права на Албанците и Турците во таа земја, а можеме да ги свртиме и Евреите против Грција, ако само ги потсетиме колку им има украдено на нивните предци нашиот јужен сосед.

Значи, ако малку повеќе се потрудиме, можеме сите да ги свртиме против Грците. Но, многу е битно да се тргне од основната идеја на оваа колумна – да не се обидуваме да му ја кажуваме на светот вистината за Македонија, туку да му ја раскажеме вистината за Грција.

Американците велат на нивниот јазик дека „вистината ќе те ослободи“ или на англиски, во оригинал „the truth shall set you free“. Тоа мислам дека е најголемата вистина и најголемата мудрост. Да научиме да ја употребуваме вистината и тоа непријатната вистина за нашиот вистински непријател. Затоа што вистината е најсилното оружје против лагата. И против лажговците.

Written by nenobogdan

05/01/2010 at 17:05

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: