Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПОЛИТИКАТА Е КАКО ТОАЛЕТ – 11 СЛИЧНОСТИ

leave a comment »

Кофата во лева рака се носи, а количката со десна рака се турка

Не се секирајте, во овој пост нема никаде да употребувам одвратни термини од кои на читателот би му се згадило. Апсолутно ќе бидам коректен и културно и граматички правилно ќе ви ги преставам единаесетте најочигледни сличности помеѓу нашиот политички систем и просториите за вршење голема и мала нужда.

* текстов е првично објавен на 14ти јули 2008 година на http://blogatash.blog.com.mk/node/169698

1. И во тоалетот и во политиката сите влегуваат исклучиво поради личен интерес. Ова е јасно како бел ден, оти никој никогаш за никого не може да отиде во тоалет, бидејќи секој само сам за себе може да се олесни, многу или малку, и за никој друг тоа не може да го направи.

Исто е и во политиката, каде што и покрај многубројните ветувања на сите кои почнуваат да се занимаваат со неа, на сите порано или подоцна им станува јасно дека сите политичари се занимаваат со политика за да си ги промовирааа само сопствените лични потреби и интереси.

2. Од тука произлегува и втората сличност, која секогаш ги тера сите паметни луѓе да престанат да им веруваат на политичарите кои постојано ги лажат дека ќе се борат за нивниот интерес и самите да решат да влезат во политиката.

Кога ќе стане веќе неподнослива нуждата, секој сфаќа дека мора самиот да си ја заврши работата, мора сам да остави свој белег. Заради таа причина, многу често кога одредени бизнисмени ќе сфатат дека политичарите кои ги плаќале и финансирале не се способни да им ја завршат работата за која ги (пот)платиле, самите решаваат да формираат своја партија или да се кандидираат за независни пратеници или градоначалници.

Од Силвио Берлускони, преку Богољуб Кариќ, па се до актуелниот градоначалник на Скопје, сите овие богати луѓе сфатија после долги напори да влијаат врз политичарите, дека единствениот начин да се осигураш дека ќе видиш политичар кому можеш да му веруваш е да се погледнеш во огледало.

3. Најбитните работи во тоалетот и во политиката се прават зад затворени врати. При тоа, се мисли на големите олеснувања кои корисниците на тоалетот ги прават т.е. аналогно на големите компромиси кои политичарите ги прават во тајност и од кои, исто како и после големите олеснувања останува многу силно чуство дека нешто многу смрди во целата ситуација.

4. Е затоа, како и во тоалетите, така и во политичкиот систем т.е. во јавноста постојано мора да има освежувачи за воздух, т.е. новинари и институции кои ќе се грижат да не се почуствува непријатната миризба и во двата случаи.

Како што секој од нас знае, кога работата ќе се заврши во тоалетот, ако било нешто големо и навистина сериозно, тогаш мора да се прсне малку наоколу со некој освежувач за воздух кој служи, нели, да се неутрализира миризбата, од која сите би побегнале, освен се разбира мувите.

Новинарите, барем кај нас, имаат една многу слична функција како дезодорансите во тоалетите. Тие мора после секое големо „олеснување“ на политичката сцена да пуштаат дезинформации и манипулации, да шират пропаганда наоколу за да се покријат непријатните миризби од непријатниот компромис што го направиле нивните политички ментори.

Ама еве една интересна забелешка околу освежувачите за воздух: колку повеќе освежувачи за воздух користи некој во својот тоалет, тоа значи дека е поголем засмрдувач. Апсолутно идентично е и во политиката, при што колку повеќе новинари и медиуми има собрано околку себе еден политичар или политичка партија, толку тој се подготвува да направи поголемо срањ… упс, извинете, нели рековме дека нема да употребуваме некултурни термини. Се извинувам.

5. Во куќите на исклучително сиромашните луѓе често пати тие не можат да си дозволат постојано да купуваат и употребуваат освежувачи за воздух. Па не е ретка појавата, барем еден час откако некој многу се олеснил во куќниот тоалет, да не може да се влезе во санитарната просторија.

Оти многу ја засмрдел работата, а освежувач никаде наоколу нема.

Кога некоја партија ептен ќе ја заглави државата, со економија во колапс, со несигурни и корумпирани институции, со хаос и анархија во секоја општествена сфера, на оној политичар или партија што ќе ги наследи на власт им е многу, многу тешко да правилно си ја вршат својата работа и да ја раководат со успех државата.

Ама, како што секој кој навистина имал потреба од голема нужда има осетено, кога мора да се оди во тоалет – мора да се оди. Ама не е битно кој бил пред тебе и што правел, и до колку ја засмрдел работата.

Во политиката секогаш важи принципот на избегнување на правниот вакуум. Не смее да се остави државата без власт, без разлика колку и да била претходната влада катастрофална. Она што наредната влада може да го направи откако ќе дојде на власт за да ја олесни состојбата во тоалетот, пардон во политиката, е да го пушти уште еднаш казанчето, за да се измие темелно површината која е избербатена.

Впрочем, кому му зборувам јас, па на први јуни оваа година сите видовме колку пуштањето на казанчето ги исчисти од нашата политика најголемите гом… пак се извинувам, за малку повторно ќе напишев некултурен збор. I’m sorry. Shit happens.

6. Парите во политиката ја имаат улогата на тоалетната хартија во тоалетите. Ова од таму што и двете работи служат за идентична намена. Имено, ако во тоалетот ептен многу се олесните, ако имате доволно тоалетна хартија покрај вас, сепак ќе излезете чист. Така е и во политиката, оти барем во нашата земја политичарите кои исклучително многу ја имаат избербатено државава сепак, поради тоа што еден куп пари фрлија за подршка на медиуми и поткупи по разни институции, странски и домашни, сепак формално – правно се сосема чисти.

Никакви докази не водат до нивните фекални продукти.

Никакви! Дури, ако некој медиум напише дека некој политичар сокрил во странска банка неколку десетици милиони ролни тоалетна хартија во противредност во евра, тој медиум може да биде и  тужен.

7. Е, ама некои луѓе кои влегле во политиката за да завршат мала работа, откако им тргнало од почетокот, решиле да останат подолго, па се полакомиле, па на крaјот лошо завршило за нивните политички кариери. И во тоалет, нели, понекогаш може да се отиде за мала нужда, па да се сфати во меѓувреме дека нуждата била голема, па ако нема доволно тоалетна хартија покрај оној кој се олеснува, тој ќе мора да излезе од тоалетот прилично избербатен.

При тоа, воопшто не помага да тврдите пред да влезете во тоалетот дека наскоро ќе донесете милијарда ролни тоалетна хартија, бидејќи народот ќе ви поверува и ќе ве пушти во тоалетот, ама потоа ако не успеете да ја донесете хартијата што сте ја ветиле, никој нема да ви помогне. И дека ќе „пуштате ветер“ силно и често (или силно и чесно беше?). Дури и вашите сопствени пратеници ќе ви свртат грб, штом ќе сфатат дека некои други, поголеми серк… (аман веќе со овие мои печатни грешки) им нудат повеќе хартија т.е. пари.

8. И покрај сите напори и вложување на енергија, обично во политиката од политичарите и од нивниот ангажман се добива сосема истиот резултат, во суштина, како што се добива и во тоалетот од луѓето кои го користат за голема нужда.

И како и обично, тоа секогаш го чисти некој друг. Впрочем, карактеристично е што и во политиката и во тоалетите работите се организирани така да и покрај сите пари што би се вложиле во зголемување на луксузноста, суштината е секогаш иста.

Сеедно е што постојат тоалети кои се поплочени со скапоцени мермерни плочки, со капаци од злато, со ексклузивни парфеми наместо освежувачи на воздух, ама сепак, она што се случува во нив е сосема исто како она што се случува во најруинираните јавни тоалети. Така е и во политиката, при што може државата да ви се преставува како европска и демократска, прогресивна и модерна, ама сепак политичарите да ви крадат, да лажат, да манипулираат, да се темелно неспособни, да промовираат непотизам…

Ако сакаш викај го и дијамант, ама ако смрди, смрди бре!

9. Скапите кампањи кои многу често се прават во политиката пред избори се пандан на сапунот во тоалетите. Имено, се смета за хигиенска навика и цивилизациска придобивка да се измијат рацете со сапун после користењето на тоалетот. Зошто? Па затоа што рацете се нечисти.

Е, и во политиката, кога некој политичар ќе фрли огромни пари во некоја скапа изборна кампања, тоа обично е знак дека тој самиот смета дека неговите раце се нечисти и извалкани од претходниот мандат. Со нечисти раце не се излегува пред гласачите, оти како и во тоалетниот систем, никој не сака да му подаде рака на оној чии раце ги смета за валкани.

10. И царот мора да оди пешки во тоалет, а богами, кога ќе дојде време за избори, и секој политичар мора да тргне самиот во поход за освојување на гласовите на народот.

Никој нема да ви ја заврши работата за вас ниту во тоалетот, ниту во политиката. Ако сте претседател, премиер, лидер на владеачка партија или било кој моќен функционер, ако сакате нов мандат, мора да се се мешате со народот, да го слушате, да му давате ветувања, да го убедите да ве сака и да гласа за вас, лично.

Никој не може да се ослесни место вас, и никој нема да ви ја подари власта. Цар или просјак, кога треба да се оди, тогаш мора да се оди. Државник, татко на нацијата, политичар со највисок рејтинг, не е битно – кога ќе дојде времето за избори, мораш да се појавиш пред народот и да го убедиш да не го пушта казанчето, оти, кога народот конечно ќе реши да го потегне синџирот од казанчето, тогаш заедно со твоите фекалии може и тебе да те однесе изборната вода.

11. Српскиот рокер познат под уметничкото име Бора Чорба имаше на времето една позната песна во која најкарактеристичен беше стихот „социјални случај пред вратима WC – а“ и морам да признаам дека секогаш кога ќе видам штрајкувачи или демонстранти пред Собрание или пред Влада секогаш помислувам на тој стих од таа песна.

Луѓето кои сиромаштијата ги натерала да дојдат пред портите на нашите главни политички институции нуждата ги натерала да дојдат таму очекувајќи дека внатре ќе може да се олеснат нивните проблеми. Но, оние кои се внатре обично им велат дека имаат многу сериозна работа и дека немаат време да ги примат.

Не знам што подразбираат тие политичари под поимот „сериозна“, но кој знае, според резултатите од нивното работење на кои сме сведоци сите, можеби луѓето навистина се буквално сериозно зафатени.

Со години ситуацијата е сериозна, толку сериозна што посериозна да не може да биде, па веројатно затоа државава ни е толку избербатена и засмрдена. Од време на време, кога има избори пуштаме вода, ама тоа фекалиите никако да си отидат бре, туку постојно испливуваат на површина.

Одводите по сѐ изгледа се затнати, а одводите како што знаеме се во подземјето. Значи, се чини дека причините за проблемот треба да се бараат во подземјето.

П.С: Ако успеавте да го прочитате овој пост до крај, без да ви се згади, и ако сметате дека е колку – толку интересен и ве тера на размислување, погледнете го и мојот пост каде што правам обид експертите во нашата земја кои се однесуваат неморално и недостоинствено да ги споредам со проститутки, па таа колумна ми е насловена како „Експертутки“. Погледнате ја, интересен е текстот иако е малку подолг, па оставете коментар. Поздрав:)

П.П.С: Ако сакате да прочитате и друга интересна аналогија, т.е. споредба на политиката со, на пример, археологијата, погледнете го и овој мој пост.

Written by nenobogdan

05/01/2010 at 19:48

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: