Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ СО ЛАОС ДО ПОБЕДА НАД ГРЦИТЕ

leave a comment »

Главната идеја во аикидото е да му „помогнеш“ на противникот сам да се исфрли од рамнотежа

Во овој пост ќе се обидам да ви предложам, вам искрени и посветени македонски патриоти една стратегија која се надевам дека ќе дојде и до ушите на македонското МНР и која ќе ни помогне да се справиме со Грците полесно.

* текстов е првично објавен на 14ти јули 2008 година на http://blogatash.blog.com.mk/node/169700

Не сакам да помислите дека во насловот на колумнава сум направил печатна грешка, па наместо „хаос“ сум пишал „лаос“. Не, не, ЛАОС ако не сте знаеле, е една ултранационалистичка, радикална, екстремно десна партија во Грција, чии што водачи се сепак доволно интелигентни па успеаја во својата политичка концепција да убедат доволно луѓе за да добие нивната партија неколку пратеници во грчкиот парламент.

ЛАОС значи е најуспешната националистичка партија во Грција, и нејзиниот национализам се заснова пред сѐ на негирање на Македонија, ширење омраза кон Албанците во Грција и плукање кон сѐ што има врска со Турција.

Со други зборови, ЛАОС ви е една типична ксенофобична екстремно десна неофашистичка партија која што ете, влегла во грчкиот парламент. Момците од ЛАОС нас, Македонците особено нѐ мразат, не проколнуваат, цело време смислуваат расистички песни против нас, пишуваат и тие блогови и постови контра Македонија и Македонците и – и токму затоа, овие момци може да бидат нашите најголеми сојузници за справување со Грција!

Токму така, нашата најголема и најпаметна инвестиција за промовирање на нашиот став околу зачувувањето на името и идентитетот, може да биде токму нашиот заколнат непријател, најголемите ултранационалисти во Грција кои нас не сакаат ни да не смислат.

Дозволете да објаснам: стратегијата која ја предлагам е инспирирана од основниот принцип на јапонската боречка вештина „аикидо“. Тој принцип се состои во филозофијата на зен – будизмот која тврди дека „сѐ што е претерано е погрешно“ и поради тоа треба да се избегнува. Аикидото ја користи оваа философија за да при борба, му овозможи на напаѓачот токму да претера со својот напад.

Ако сте виделе аикидо борба во живо или барем на телевизија, сте забележале дека во оваа вештина нема поставување блокади, туку напротив, оној кој се брани му се подместува на напаѓачот така што овој не може да ја контролира силата која ја вложува во нападот. Ако тој нападне со тупаница, наместо да стави блокада со дланката бранителот, тој ја фаќа неговата тупаница и ја влече кон себе уште посилно, при тоа избегнувајќи го во последен момент контактот и со тоа создавајќи услови да се залета неконтролирано раката, а со неа и остатокот од телото на напаѓачот во празно.

Со брз зафат, оној кој нападнал ќе се најде на подот, при што оној кој се брани со помош на аикидо воопшто нема да мора да вложи некоја позначителна физичка сила. Со други зборови, аикидото му овозможува на послабиот, помалиот и поинтелигентниот, да се одбрани од посилниот, покрупниот, посамобендисаниот.

Тргнувајќи од оваа логика, бидејќи ние сме токму такви во однос на Грците, слаби и мали, а тие се неверојатно самобендисани – еве ја примената на овој аикидо принцип во дипломатијата:

Наш преставник (таен агент) се среќава со некој од „интелектуалците“ на ЛАОС и на сродните расистичко – националистички движења во Грција и му нуди плата од неколку десетици илјади евра годишно на тој фанатик при што станува збор за понуда која гркофашистот ни во сон не би ја одбил. Понудата се состои во тоа, да тој грчки ултранационалист, кој сега е веројатно пензионер, или невработен или зема мала и бедна плата од некоја ситна приватна фирма, образовна институција или друга државна фирма, да се професионализира како националист. Да стане расист со полно работно време и да зема за тоа плата (која преку тајни канали, ние ќе му ја обезбедиме).

Во неговото работно време, тој ќе мора да пишува пропагандни текстови во кои темелно ќе ги образлага своите националистички идеи. При тоа, единствен услов е сите негови идеи целосно да ги вклучи во пропагандата, и тоа да го објави на интернет и во печатена форма. Ние ќе му овозможиме тој да твори слободно, со полна уметничка слобода, ние ќе го плаќаме, а тој само да делка национализам.

При ова треба да се има во предвид дека грчките расисти, како и сите расисти ширум светот, не се ограничуваат на само една омраза, туку мразат сѐ живо.

Па така нашиот платен националист ќе си создава омраза кон Македонците и кон Турците и кон Евреите (Евреите секогаш се популарни за мразење кај сите ксенофоби секаде во светот), и кон католиците (оти секој грчки националист е и ултраправославен фанатик) и кон Американците (оти дури и грчките фанатици – националисти не сакаат нивната земја да биде во НАТО и да води војни за Америка).

И благодарение на нашата финансиска помош, неговите идеи, текстови, сфаќања и размислувања ќе бидат достапни за секого во светот, па на неговиот web – сајт ќе платиме и луѓе да ги преведуваат неговите текстови на англиски, француски, руски, германски, хебрејски, турски и на сите јазици на засегнатите страни.

А ако некого го мрзи да чита текстови, ние ќе обезбедиме и podcast – аудио снимки со превод на сите текстови кои се поставени на сајтот. И нормално, ние од наша страна ќе сториме сѐ за да сите нормални, паметни луѓе ширум светот чии народи се цел на говорот на омразата на „нашиот Грк“ да дознаат за него и во целост да се информираат за неговите луди ставови.

Замислете го само ефектот: француски Евреин ќе слушне од некој од официјалните мејнстрим грчки политичари дека Македонија е поим отсекогаш сврзан со Грција. И во главата на тој Французин веднаш се буди сеќавање за web – сајот каде што го прочитал тоа тврдење и на кој, освен таков став, прочитал и куп антисемитистички ставови. И во умот на тој француски Евреин, веднаш антимакедонизмот и антисемитизмот стануваат неразделно поврзани. И бидејќи непријателот на мојот непријател е мој пријател, ете ни го тој париски рабин како наш сојузник.

Не оти многу нас ќе не сака, туку затоа што слуша став на човек кој има исто размислување за нас како што има некој човек кој отворено ги мрази Евреите. При ова, внимавајте на бенефитот – официјалниот мејнстрим грчки политичар не мора да биде и самиот антисемитист, туку само антимакедонист, ама поради тоа што благодарение на нашата помош во промовирањето на ставовите на грчките ултрарасисти, неразделно се поврзани антисемитизмот со антимакедонизмот. Истата работа би се случувала и кога официјалниот мејнстрим грчки политичар би се сретнал со некои италијански политичари или американски политичари.

Замислете само: „оу хај, од каде сте вие, од Гриис, јас вчера видоув на интернет снимка од некои Грикс како мочаат врз американ знаме!“ на што грчкиот преставник одговора дека тоа се мала група будали од кои владата во Атина сосема се оградува, на што американскиот конгресмен одговара „мистер, ај не ми продавај пуфки, не сум јас од јестердеј, можеби се тие мала група, ама сепак тоа зборува лоушо за вас“.

И потоа се правда грчкиот официјален преставник дека тоа се националисти и дека тој не е таков и после кога ќе го праша конгресменот зошто дошол, која е целта на неговата посета, и кога овој ќе тропне дека „Македонија е грчка“ конгресменот веднаш ќе му врати „па нели рекоувте пред малку дека вие не сте националист, ах вие сте ист како оние од снимката самоу се правите пофин“.

И се обидува да се извлече Гркот со зборови како „ама јас не сум толку голем националист, јас само Македонците ги мразам“ на што конгресменот му ја затвора вратата од канцеларијата пред нос со зборовите „Гудбај, невер кам хир агејн, ју рејсист пиг“

Ние мораме да им помогнеме на грчките ултраксенофоби да го загадат интернетот со својата одвратна пропаганда и говор на омраза кон сите што не се Грци, и на тој начин, кога некој ќе слушне само дел од грчката националистичка реторика, делот против нас, веднаш да се надоврзе кај него во умот и остатокот од грчкиот националистички дијапазон – насочен против сите.

Да резимираме: да речеме дека за овој проект би се одвоила сума од скромни милион евра годишно за оперативни трошоци и уште сто – двеста илјади евра за одржување на посебен таен оддел во нашето МНР за менаџирање на овој проект. Со милионот евра ги наоѓаме десетте најлуди, најмрднати, најзапалени грчки ултранационалисти што може да се најдат во Грција, и им нудиме плата од по неколку десетици илјади евра годишно, која ќе варира од човек до човек според нивниот учинок.

А тој учинок да се состои во пишување текстови, снимање видео – клипови со нацистичка – ксенофобична ултрагрчка содржина и нивно постирање на интернет, при што за преводот ќе се погрижиме ние, и тоа на сите јазици каде што ни е потребна пенетрација на тие гадости. Замислете само десетина ултранационалистички грчки фанатици со полно работно време колку само одвратна пропаганда може да измислат и на постават на интернет.

И сето тоа ѓубре ние ќе им го направиме достапно на сите заинтересирани страни. И тоа, толку многу, што ефектот од таа поплава од грчка пропаганда ќе биде контрапродуктивен за грчката страна во спорот околу името и идентитетот на нашата земја.

Некоја си минијатурна, мизерна, ситна и беззначајна грчка анархистичка екстремно лева група се забавува навечер со палење на американски знамиња и пишување антиамерикански графити? Нема проблем, ние ќе им дадеме пари да си направат убав web – сајт каде што редовно ќе ги објавуваат своите активности. И, ние на сите американски конгресмени, сенатори и политички и медиумски фактори ќе им го испратиме линкот за тој web – сајт.

Група грчки расисти мочаат врз знамето на Израел а потоа истото го прават и врз турското знаме и врз знамето на Република Македонија. Супер, ако тоа уште и го снимаат и го постават на нивниот сајт, ние ќе им платиме, а уште и ќе им направиме реклама, па цел свет да ги види. Нема врска што официјалната, мејнстрим политика на Грција никогаш не би забегала до толку. Ако светот постојано го гледа најлошото од грчкиот расизам, тогаш и за грчкиот расизам против Македонија ќе го мисли најлошото.

Конечно, заклучно: поентата на оваа стратегија инспирирана од аикидото е дека ние треба да им помогнеме на лудите и улави Грци националисти да станат толку гласни, што оние помалку лудите кои сепак знаат да глумат нормалност да не можат да дојдат до израз. И кога светот ќе помисли на Грција, да помислува на улавите.

Патем речено, оваа стратегија Грција веќе ја спроведува спрема нас. Ете, сетете се само на оној билборд со грчкото знаме каде што крстот беше претворен во свастика. Тоа беше приватен проект кој немаше никаква врска со официјалната политика на државава, ама Грците го искористија за да нѐ посрамотат. Е ние треба да им вратиме, со исти методи.

Еве, замислете си само како би реагирале обичните луѓе во Израел кога во некој нивен весник ќе прочитаат вест дека некоја грчка фирма произвела тоалетна хартија (или вреќи за ѓубре) со отпечатени на неа картата на Република Македонија, карта на Турција и карта на Израел или со знамињата на овие три земји.

Замислете си како би регирале обичните, нормални луѓе во САД кога ќе слушнат на вести дека во „д кантри од Гриис, ин Јуроп“ некоја локална радикална група анархисти организира традиционален турнир во палење на американски знамиња, при што екипата која што ќе запали најмногу знамиња во рок од една минута ќе се пласира во наредното коло, каде што на ред е палењето на македонското знаме?

Со инвестирање од по неколку илјади евра по скандал, ние Македонците можеме да им помогнеме на лудите грчки фанатици да се стекнат со светска слава со своите улави активности. А колку пославни ќе бидат тие, толку позасрамена ќе биде официјална Атина. Толку засрамена од своите националисти, што нема да се осмелува да го споменува својот национализам кон Македонија, од страв да не ги потсети своите меѓународни соговорници на останатите, светски познати, грчки националистички ставови.

Аикидото е прекрасна боречка вештина која не само што може да му помогне на послабиот да се одбрани од посилниот, туку и на послабата земја да се заштити од посилната. Затоа, господине министер за надворешни работи, ако го читате ова, доста со поставување на дефанзивни блокови, време е за аикидо.

Written by nenobogdan

05/01/2010 at 20:07

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: