Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ЧЕСНОТО ДРВЦЕ

leave a comment »

Или ќе го врзеш коњот каде што ќе ти рече газдата, или ќе го врзеш газдата каде што ќе ти рече коњот!

Неодамна имав можност да се згазам од смеење кога ја сфатив конечно, во една реченица, суштинската разлика помеѓу начинот на кој функционира едно типично приватно претпријатие и начинот на кој функционира едно типично државно претпријатие. Разликата, имено, се состои во тоа што во приватните фирми важи правилото (кажано на српски, оти посмешно звучи): „вежи коња где ти газда каже“ додека во државните фирми скоро секогаш се работи по принципот „вежи газду где ти коњ каже“.

* текстов е првично објавен на 8ми јули 2008 година на http://blogatash.blog.com.mk/node/168414

При тоа, мора да се има во предвид дека формално – правно и по устав и закон, вистинскиот газда на државните фирми е народот т.е. граѓанинот, кој преку даноци ги финансира платите на вработените во државната служба и преку избори индиректно одредува кој ќе биде непосредниот управител на сите државни агенции, министерства, дирекции и сл.

Сепак речиси редовно, после изборите политичарите кои се добрале до власт поставуваат крајно неспособни луѓе да управуваат со државните претпријатија, па бесмислените наредби на тие неуки „коњи“ до нивните вработени придонесуваат кон тоа вистинскиот газда на државната фирма (граѓанинот) да се чуствува цело време како врзан, што е особено видливо ако тој граѓанин се занимава со некој бизнис.

Но, повеќето од граѓаните, барем во нашава земја, или не се занимаваат со бизнис, или ако веќе тераат некаков бизнис, тој е од сивиот или црниот тип, бизнис за кој нема потреба од вадење дозволи, лиценци, одобренија, мислења, потврди и слични документи од јавната администрација. Она што е зачудувачки е што токму тие луѓе, кои или немаат многу допири со државата или се обидуваат да имаат што е можно помалку контакт со неа и особено со даночната управа, токму тие се најголеми подржувачи на идејата која стои зад насловот на оваа колумна. За што станува збор?

Во средниот век, во христијанскиот дел од светот, постоела легендата за Вистинскиот Крст, токму оној крст на кој бил распнат токму Исус Христос, и дека токму поседувањето на тој вистински крст може да го приближи човека до Бога. Бидејќи крстот бил премногу голем (дури и Исус едвај го носел до Голгота), тој не бил практичен како амајлија, па тогашните црковни власти смислиле одлична метода за да им помогнат на верниците да се приближат кон заштитата која овој предмет можел да им ја даде.

Имено, аџиите во Ерусалим можеле да купат т.е. формално – правно, преку доброволна донација за црквата да добијат на подарок мало парче дрво обликувано како крст, кое можело да се носи околу вратот закачено на синџирче, за кое пак парче дрво, црквата гарантирала дека е отсечено токму од вистинскиот крст на вистинското распетие.

Во македонската народна традиција оваа реликвија е позната како „чесно дрвце“ и за неа се верувало дека својот носител го чува од уроци, од болести, од разбојници, а ако се сместело во куќата неговата благотворна сила се пренесувала врз целото семејство, а ако парчето било во некоја поголема димензија, можело да се смести во локалната црква и да го штити целиот град од епидемии, воени порази, земјотреси, пожари и слични несреќи.

Некаде во шеснаесетиот век еден теолог од Западна Европа по име Жан Калвин ја изнел скандалозната пресметка дека ако сите парчиња од вистинскиот крст кој циркулирале низ тогашниот христијански свет (и кои се тргувале за високи цени) се соберат на куп, тој куп би бил поголем од купот деланки што би се добиле од цела шума исечени дрва. Евидентно, заклучил Калвин, Исус не бил распнат на толкав крст, па заклучно, голем дел од чесните дрвца, ако воопшто и било кое од нив, не биле вистинити.

Тогашната црква на ова реагирала со формулирање на догмата дека вистинскиот крст не е обично парче дрво, туку дека тоа е на некој начин „живо“ дрво. Имено, крвта на Спасителот која се пролеала на него му дала моќ колку и да се сечат деланки од него (од кои се правеле амајлиите во облик на крст кои се викале чесни дрвца) вистинскиот крст не се намалувал. По секоја исечена деланка, празниот простор чудесно се пополнувал со нова дрвена маса.

Во денешно време сме темелно свесни дека целата идеја зад произведувањето и продавањето на чесни дрвца била проста измама за лековерните верници со која, владеачките кругови на црквата се обидувале да заработат пари. Денеска огромното мнозинство луѓе никогаш не би поверувале во приказна дека едно парче дрво може вечно да се сецка и никако да не се исецка до крај, и постојано да се земааат делови од него, а тоа да не исчезне, да не се потроши.

Ама тоа важи кога зборувате за парче дрво. Тука денешниве луѓе се доволно паметни да сфатат за што станува збор. Но, обидете се оваа логика да им ја објасните преку тврдењето дека државата не може да ги храни, облекува, лекува, чува од сите можни ризици, да се грижи за исправање на сите нивните грешки, дека државата не е семоќна амајлија која сѐ може да стори.

Ако се разболат од некоја тешка болест, луѓето бараат државата да им обезбеди бесплатно лекување, најдобри лекови и лекари и ако треба, и целосно платено лекување во странство. Ако тоа не може да им го даде државата, тие сметаат дека е изневерено ветувањето за социјална правда.

Повисоки пензии, а пониски даноци. Со наполнети педесет години да се оди во пензија, а со наполнети 35 години да се завршува факултет. И тоа било кој и со било каков успех, државата мора да му најде работа на дипломецот, дури и ако тој не дипломирал воопшто. Системот еднаш го зафркнал, па сега мора да му се одолжи.

За повеќето луѓе во речиси сите држави ширум светот, државната управа е како чесно дрвце, амајлија кој секогаш мора да биде во состојба да му помогне на оној кој верува во неа. Дури и ако верникот е всушност грешник (не плаќа даноци, купува шверцувана стока, се оддава на пороци кои му го нарушуваат здравјето) чесното дрвце треба да го штити. Оти е дел од вистинскиот крст.

Идеите за минимална плата и прогресивно оданочувањe кои на последниве избори беа преставени како концепти кои водат кон социјална правда се темелно апсурдни и сосема контрапродуктивни во пракса. Прогресивното оданочување води кон пониски приходи во буџетот при што оние со најдобри сметководители (најбогатите) всушност често плаќаат помали даноци од посиромашните, а идејата за минимална плата е најлесен начин, ако се спроведува со ригорозни трудови инспекции, да се дојде до зголемување на невработеноста.

На последните избори овие две бескрајно глупави идеи не беа поразени, туку беше поразена партијата која нив ги користеше во пропагандни цели. Ако ги прашате повеќето обични луѓе во оваа држава за самите идеи, не за партијата која ги промовираше, тие ќе ви речат дека се согласуваат со идеите.

Ако државата ја замислиме како амајлија од типот на чесно дрвце, тогаш вистинскиот крст од кој се зема материјалот за правење на таа амајлија е секој оној кој што работи напорно и плаќа даноци на државата. Од тој „вистински крст“, како впрочем и од вистинскиот Вистински Крст, не може да се сече до бескрај и да се зема постојано материјал за чесни дрвца т.е. социјални (непродуктивни) трансфери.

Ако ги прашате повеќето политичари во нашата земја што точно ќе има Македонија корист од влегувањето во ЕУ, тие ќе ви речат дека со тоа ќе добиеме пристап до европските фондови, до стотици милиони евра кои ќе можеме да ги трошиме за помош на неразвиените делови од нашето општество. Со други зборови, нашите политичари се совршено свесни дека вистинскиот крст од кој до сега ги делкаше чесните дрвца нашата држава е блиску до целосно изделкување и исчезнување.

Затоа, влегувањето во ЕУ за производителите на чесни дрвца е како влегување во шума со секира во рака, за да се обезбедат нови стебла од кои ќе се прават лажните амајлии.

Чесните дрвца некогаш биле мошне барана амајлија, бидејќи луѓето верувале во нејзината моќ. Со подигнувањето на свеста на обичниот човек за вистинските причини за епидемиите, поплавите и сушите, потребата од вакви „чудотворни“ амајлии исчезнала.

Нашата сиромаштија, нашата неорганизираност, нефункционирањето на правната држава, корупцијата и сите други „демони“ кои нѐ мачат, нема да ги излечи нашето влегување во ЕУ. Епидемиите не станале минато во развиениот свет заради тоа што секој човек имал по пет чесни дрвца околу вратот, туку благодарение на напорната работа на реформаторите на медицината и јавната хигиена.

Нашите проблеми нема да исчезнат со менување на името и со тоа приближување кон евроатлантските интеграции. Нашите проблеми ќе исчезнат само со напорна работа на нашите реформатори. Врзувањето на коњот каде што газдата ќе ни каже е можеби паметна работа која носи успех во приватниот сектор. Но кога се гради држава, кога се создава иднина, коњот треба да се одврзе, да се јавне и цврсто држејќи ги уздите да се тргне на далечен пат.

Кај нас проблемот не е толку во коњот, ами во нас, газдите. Ние сме врзани со нашите предрасуди, незнаење и неразбирање на светот околу нас. Е заради тоа: газде, ни су вам коњи криви. Одвежите прво себе!

Written by nenobogdan

05/01/2010 at 16:11

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: