Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ШЕСТ ТИПОВИ НА ЛИДЕРИ

leave a comment »

Не е битно дали мачката е црна, бела, сива или кафеава, битно е да ги лови глувците!

Познавачите на политикологијата велат дека сите лидери можат да се поделат во шест различни типови. Интересно, но заклучно со сегашниот премиер кој деновиве ќе добие обновување на мандатот, и ние од почетокот на демократијата па до денеска, имавме шест различни премиери. Во овој текст, ќе се обидам секој од нив да го сместам во една од категориите на лидери.

* текстов е првично објавен на 25ти јули 2008 година на http://blogatash.blog.com.mk/node/171675

Утре, на 26 – ти јули 2008 година, нашиот новоизбран парламент ќе ја избере новата влада, составена од преставници на партијата за која јас гласав на изборите, и преставници на партијата за која јас никогаш не би гласал на никакви избори. Тоа можеби е трагично, можеби е парадоксално, ама сигурно тоа не е тема на овој текст.

Тема на денешниот мој пост, во чест на новата ни влада, е да се направи обид да се категоризираат шестте досегашни премиери на нашите влади од почетокот на независноста па сѐ до денеска (Кљусев, Бранко, Љубчо, Хари, Бучковски и Груевски) и да се види како тие соодветствуваат на поделбата која некои политиколози ја направиле за типовите на лидери кои се среќаваат при управувањето на политички организации од најразличен карактер.

Политиколозите ги поделиле лидерите во следниве шест категории:

  1. учителски тип
  2. пријателски тип
  3. демократски тип
  4. автократски тип
  5. визионерски тип
  6. тип наречен „брзиот и бесниот“

Еве, според мое мислење, како шестмината луѓе кои во нашата независна држава досега ја носеле титулата премиер, може да се распределат по овие категории, по еден од нив во секоја. Јасно е дека премиерите не беа чисти карактери па да строго се концентрираат во една категорија без да се преливаат низ другите, но овде е направена мала апроксимација и се земени во предвид при анализата само најсуштинските карактеристики на секој од луѓето во прашање. И еве го резултатот:

1. Учителски тип на лидер: овој тип на лидер знае да го поврзе она што го можат неговите следбеници со она што мора да се направи, бидејќи тој обично е длабоко интелигентен и широко едуциран за темата која ја работи. За жал, кога нашиот систем преминуваше (или барем требаше да премине) од социјализам во капитализам, од еднопартиски во демократски систем, тогаш ни беше потребен еден друг тип на лидер, а не учителски карактер како Никола Кљусев.

Знаете како е во училиште кога доаѓа стариот чичко учител да им објасни на дечињата како се делат и множат дропки или како се добива минато време од глаголот „се реформираме“. Сите деца во прво време слушаат внимателно, ама многу брзо започнува да опаѓа концентрацијата кај учениците и започнува врева, фрлање на парчиња хартија наоколу, закачки, довикувања… е па, на „учителот“ Никола Кљусев токму тоа му се случи, кога секој од учениците започна да прави проблеми во нашето тогашно општество.

Старите удбаши се обидуваа да ги задржат своите кодоши за узда и да ги искористат, реформираните комуњари тргнаа во поход да ги ограбуваат фабриките, вмровците уште тогаш се заколнаа дека „сѐ ќе срушат“ кога конечно ќе дојдат на власт, партијата на Албанците почна да гради паравојска, народот неписмен и неискусен како што беше, само седеше и се чудеше, дозволувајќи да биде од сите партии манипулиран… и учителот го заврши часот предвреме, а ние научивме само дека ништо не научивме.

2. Пријателски тип на лидер: си замина Учителот и по него дојде Пријателот, секако не пријателот на народот, не пријателот на правдата и на слободниот пазар, не пријателот на законите и правната држава, туку како што наскоро видовме, пријателот на апашите, на неспособните за чесна работа манипуланти, на комунистичките директори кои станаа во негово време олигарси, пријателот на странските разузнавачки служби, пријателот на нашите душмани, фамозниот и злогласниот Б.Ц.

Речиси сите раскарани фракции и партии и лоби групи кои се изродија во времето на Учителот, Пријателот ги обедини околу себе и заедно продолжија да владеат со државата ограбувајќи го народот кој токму тогаш почна да се профилира на две страни. Или со нив, или против нив.

Мислете што сакате за Бранко, ама морате да признаете дека тој беше и остана најискулираниот и најхаризматичниот македонски премиер и политичар од сите што ги имавме. Само со таа негова природна харизма може да се објасни неговата политичка успешна кариера (успешна за него, не за нас, секако).

И покрај сите изневерени ветувања, и покрај сите лаги, и покрај сите апашлуци што тој и неговите пријатели ги направија во оваа земја, сеуште има многу луѓе, стотици илјади кои пак би гласале за него ако се премисли и сепак реши да се кандидира за претседател на државата, или пак се врати во партијата како кандидат за премиер во некое идно време.

Бидејќи тој беше природно пријателски настроен и секогаш подготвен за компромис од кој само тој би имал корист и неговите следбеници со него, дали тоа значи дека оние кои никогаш не го сакавме бевме всушност намќори, па тој не можеше да нѐ освои? Не, ние бевме демократи.

3. Демократски тип на лидер: верувале или, кога владееше Љубчо Георгиевски, ние имавме најголем степен на слобода и демократија во државава. И тоа никој не може да го оспори, бидејќи во неговото време, ама буквално секој можеше да прави што сака.

Можеше да се возат коли без регистрации, можеше да се шверцуваат цели шлепери преку граница, само требаше да се плати на неговиот главен цариник, можеше да се организираат паравоени формации на Шар Планина и Скопска Црна Гора, можеа војниците на НАТО да прават сообраќајќи по нашите автопатишта и никој ништо да не им направи, можеа министрите самите да признаваат држави како Тајван, можеа да се местат избори во Липково каде што кандидатот за претседател добиваше 107 проценти од гласовите… ама искрено, зарем кога беше Љубчо на власт немаше најголема можна слободија за сите кои имаа доволно пари да си ја купат од неговите корумпирани соработници?

А Љубчота сами си го избравме, кога ни се здодеа финиот, културен Пријател кој беше премиер пред него. Војводата беше неуредно брадосан, постојно пишуваше некои чудни и неразбирливи поезии и прози, изгледаше и делуваше скандалозно, па и уште тогаш се зборуваше дека има некоја пробугарска наклонетост кај него, која многу години подоцна конечно дојде до полн израз кога тој си стана Бугарин со тапија.

А самите го избравме, зарем не? Очигледно немавме ништо против неговите недостатоци, а се чини дека и тој немаше ништо против нашите недостатоци, па затоа никогаш не се ни обиде да нѐ промени како луѓе, да нѐ направи подобри.

Ја знаете секако онаа конфучијанска мудрост: „има човек што не знае и знае дека не знае, најди го и помогни му да научи“. Е ама, ние го најдовме човекот кој не знаеше како да владее и беше сосема свесен дека не знае, ама наместо да го подучиме како да работи, ние веднаш го избравме за премиер. И после, чудно ни беше зошто човекот така се однесува. Ееее…

4. Автократски тип на лидер: После падот на Демократот, на еден инаку крајно недемократски начин, се врати за кратко Пријателот заедно со еден од неговите блиски пријателчиња, кого конечно го беше наместил и за наследник на премиерската функција.

Хари Костов инаку беше успешен и доста квалитетен банкарски директор, кој својата банка ја раководеше правилно, строго, конзервативно, како што и банка навистина треба да се раководи. Како таков, тој од Комерцијалната Банка направи најсилна банка во земјава, која добиваше и многубројни меѓународни признанија. Кажете што сакате за Хари, ама човекот за банкар го биваше и сеуште го бива.

Ама во политиката не се снајде, оти времето кога тој, автократски тип на лидер, стана премиер, беше токму најпогрешното време за да автократ биде водач. Пријателот се пресели на повисока функција, и во партијата на Пријателот како и во коалиционите партнери, сите очекуваа новиот лидер да биде подеднакво добродушен и непретенциозен како и неговиот претходник.

Ама Харчо цел живот просперирал благодарение на својот автократски карактер и кога стана премиер, не гледаше причина да го смени однесувањето и стилот на работа. И овој успешен автократ во банкарството го доживеа тоа понижувачко искуство некои од неговите министри јавно да кажат дека не му одговараат нему, туку на своите партиски лидери.

А бидејќи СДСМ немаше во тоа време активен лидер, и тие никому не му одговараа за ништо. Па се случуваа луди работи, како кога беше дозволено да работат кафулињата цела ноќ, само затоа што била земјава признаена од Американците под уставното ѝ име. И Харчо се навреди, оти си рече, поубаво да сум директор на банка и сите да ме почитуваат, отколку да сум премиер и секој да ме заебава.

5. Визионерски тип на лидер: немојте да ме сфатите погрешно, ама Владо Бучковски беше токму ова. Од денешна гледна точка, да имаше тој човек контрола врз својата партија како што ја има сега Груевски, чуда ќе направеше.

Ама ја немаше, па му се случи неговите визии да заглават во лавиринтот на дневната политика. Тргна против „Окта“ и го донесе „Лукоил“ во земјава, ама државната администрација на која тој ѝ беше шеф се сврте против него. Замислете, партијата која што успеа милијарди долари да приватизира и да украде во ерата на ембаргото кон Србија, не можеше да обезбеди расчистување на имотно – правните односи за локациите на кои требаше да се градат 40 – те бензински пумпи на рускиот нафтен гигант!?

Тоа беше намерно. Некој, можеби „пријател“ му го намести тоа на Бучко. Скандалот со оштетата за бачилото на Иснифарис Џемаили го обелодени, ако се сеќавте, токму државниот завод за ревизија. Да не заборавиме, Бучко го договори „Џонсон контролс“ да дојде кај нас да инвестира, ама овдешниве мамлази од неговата сопствена влада и партија правеа сѐ за да го саботираат тој проект.

Со месеци, она што требаше да се подготви во „Бунарџик“ не се подготвуваше. Никој не сакаше да работи за визиите на Визионерот. И визионерот ги изгуби изборите. Така е тоа, кога ќе избереш погрешен „пријател“.

6. И тогаш дојде „Брзиот и бесниот“ лидер: и Македонија се изненади и падна во шок. Овој ли е тој, кој му беше тивок и послушен министер на брадосаниот Љубчо, овој ли е тој кој за најголем дострел во својата кариера го сметаше залепувањето на некакви си насмеани сонценца на секој производ направен во земјава, овој ли е тој што не знае убаво „р“ да каже, тој што чудно оди. Овој ли е тој кого никој не го есапеше за политички фактор?

Му се смееја сериозните политичари од крупен калибар, заедно со нивните потплатени новинари и експерти – експертутки, го зафркаваа малечкиот на секоја тема и на секое поле. А сега?

Да можат, кондурите ќе му ги бакнуваат, ама па тој ги зеза и каубојски чизми си носи. Сите тие сакаа „да му ја скројат капата“ ама тој шешир си стави на глава и не му е гајле за сонцето кое се засили да го изгори и поцрни неговиот лик. Сеуште не може „р“ да ја каже правилно, ама и не мора: даноци, инвестиции, закони, победи, моќ, углед, слава… тоа се зборови каде што нема потреба од „р“.

А за рејтинг, за патриотизам, за регулаторна гилотина, за растурање на СДСМ на секој план, има кој да се грижи. Си најде човекот верни соработници, скоро анонимни, ама строго агресивни, кои до последна паричка ги собираат даноците, ги апсат корупмираните на патарините и ги поткупуваат земјоделците и државните службенци и пензионерите со покачувања, субвенции и донации.

Како тип на лидер, тој е брзиот, ама неговите непријатели се бесните. Бесни затоа што не можат да фатат чекор со него, бесни затоа што им бега секогаш кога ќе помислат дека го фатиле, бесни затоа што знаат дека покрај него, нема иднина за нив.

Сите наши премиери беа посебни типови на лидери кои владееја во посебни периоди од развојот на нашата држава. И се чини, сите беа погрешни луѓе во погрешно време.

Кога требаше Автократ кој цврсто ќе не поведеше кон општествената преобразба, ние имавме Учител. Кога требаше Учител кој со своја мудрост ќе не научеше како се прави модерна демократска држава, ние имавме Пријател кој заедно со другарите му ја опљачка и онака сиромашната нација. Кога требаше Пријател да прави баланс меѓу разните етнички групи, ние добивме Демократ кој на екстремистите од сите бои им дозволи да прават што сакаат.

Кога требаше Визионер да ја обнови државата по изгубената деценија во транзицијата и националниот пораз во војната од 2001 – та, ние добивме Автократ кој немаше вистински авторитет, освен авторитетот кој му го даде оној кој и самиот си го задржа тој авторитет за себе и за своите пријателчиња.

Сега го имаме „брзиот и бесниот“ и токму таков ни треба, барем сѐ додека не се претвори земјава во пристојно место за живеење, во вистинска европска модерна држава. А потоа, ќе ни треба демократ. За да сфатиме зошто Оли Рен, Европеец од пребогатата и политички сосема здодевна и совршена Финска, се осмелува да нѐ заебава со вицови за пијани композитори. Не нѐ заебава тој нас, туку ние самите себеси се заебававме и се заебавме постојано избирајќи ги погрешните лидери да нѐ водат.

Јасно е дека стиловите на водство и типовите на лидери може да се преплетуваат еден со друг па од шест да се спојат во три. Така, Пријателот може да биде сличен со Демократот, Визионерот со Учителот, а Автократот со Брзиот & Бесниот.

Од друга страна, еден американски политички новинар од средината на минатиот век има кажано дека има само два типа на политичари: оние кои ги разочарале гласачите и оние кои сеуште не ги разочарале гласачите. Да се надеваме дека нашиот сегашен премиер, со неговата нова влада нема да го потврди тврдењето од претходната реченица. Да се надеваме дека тој научил нешто од своите претходници на премиерската функција.

Поговорката вели дека „паметен човек опкружен со будали е како убава жена опкружена со слепи луѓе“. Да се надеваме дека нашиот премиер избрал паметни соработници. Да се надеваме дека нашата земја конечно ќе ја води вистински човек во вистинско време во вистинска насока.

Written by nenobogdan

05/01/2010 at 23:17

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: