Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ЗОРАН ЗАЕВ – НАЈСИГУРЕН КАНДИДАТ ЗА ЛИДЕР НА СДСМ

leave a comment »

Комунистите го имаа Че Гевара, а комуњарите можат да се надеваат од сега на Зај Че Гевара

Во ликот и делото на струмичкиот градоначалник, СДСМ го доби во еден човек она што кај десницата е разделено кај двајца. Имено, поради неговата способност и младост, Заев е сдсмовскиот Грујо, а поради тоа што е жртва на прогон од страна на власта, тој е воедно и нивниот Љубе. И сега?

* текстов е првично објавен на 31ви јули 2008 година на http://blogatash.blog.com.mk/node/172708

Сигурно се сеќавате на времето пред претседателските избори во 2004 – та година, кога тогашната опозиција неформално (а потоа и формално) се расцепи на две фракции, едната која се залагаше Љубе Бошкоски да биде кандидат за претседател, а другата која застана зад тогашниот лидер на ВМРО – ДПМНЕ Груевски, и зад неговиот фаворит, Кедев.

Потребата да се избира помеѓу „херојот“ кој беше човек на Војводата, или „докторот“ кој беше човек на Менаџерот, меѓу членовите на тогашната опозиција создаде голем раздор кој се залечи конечно дури на последните парламентарни избори кога крилото на Војводата напросто – исчезна од политичката сцена.

Во голема мера, мое мислење е дека токму тоа наскоро ќе се случува и со сегашната опозиција, особено по притворањето на Заев и по шокантната најава на сдсмовскиот „војвода“ Бранко.

Имено, откако лицето Б.Ц „објави и обзнани“ дека нема да бара нов мандат за претседател (а и да бара, зарем ќе го добие?) се отворија природните шпекулации дека тој планира да се врати на позицијата лидер на неговата стара партија.

Сѐ до наглиот пораст на интересот на јавноста за судбината на Зоки Зајакот, во СДСМ апсолутно немаше никакви индикации дека некој би можел и да помисли да му го попречи патот на стариот волк да се врати во својата глутница и да се обиде уште еднаш да ги поведе своите кон освојување на власта над големото гласачко стадо кое едно време ги сакаше нив и им дозволуваше што сакаат да прават во нашето трло.

Постојат тврдења дека репресирањето на струмичкиот градоначалник е договор помеѓу Бранко и Грујо, со кој и двајцата добиваат. Имено, Бранко го отстранува својот најсигурен ривал за лидерската позиција во партијата, а Грујо ја гасне секоја шанса на СДСМ да стане повторно сериозна опасност за ВМРО бидејќи со Бранко на чело, таа партија никогаш нема повторно да ги освои симпатиите на гласачите. Јас мислам дека таа логика е погрешна и еве зошто.

Тврдењето дека Бранко е некој ептен заебан политичар кој сите можни финти ги знае и дека тој може пак да се врати на власт кога и да посака, е бесмислица која нема врска со реалноста, бидејќи е производ на полтроните и подлизурковците кои во медиумскиот сектор му служеа сиве овие години на Б.Ц. (всушност, не нему, туку на неговите пари)

Бранко се има вратено на власт само еднаш, во 2002 – та и тоа не по своја заслуга, туку благодарение на глупавоста на Љубчо и на неговиот тим на крадци и неспособни идиоти кои ги имаше околу себе. Тимот на сегашниот водечки вмровец нема апсолутно никаква сличност по нивото на својата поткупливост и неспособност со тимот на тогашниот водечки вмровец. (иако и сегашниве не се баш ангели и супермени)

Според тоа, дека Бранко благодарение на својата харизма или византиската способност за интриги и сплетки ќе успее да се врати пак во премиерската фотеља е само пуста желба. Народот му сврте грб на Државникот одамна, и никакви шашми или медиумски кампањи нема да го натераат да се премисли. Државникот, за разлика од оние полтрончиња околу него, кој од кој понеспособен да се снајде во реалниот свет, тоа го знае совршено добро.

А го знаат и олигарсите во неговото опкружување и затоа ним им е потребна замена, ново лице на чело на нивната партија, оти на сегашниот премиер, кој сепак е голем (сега засега) пријател со нив никогаш нема да можат да гледаат со полна доверба. Во Русија, еден олигарх од рангот на Ходорковски му веруваше на Путин, па сега некогаш најбогатиот Русин цепи дрва во еден сибирски затвор, каде што ќе седи до 2015 година, кога му истекува казната.

Олигархијата можеше да избира меѓу двајца неизвалкани сдсмовци, едниот беше градоначалникот на Карпош, а другиот беше првиот човек на убавата Струмица.

Пред да се случат бурните настани од последните денови, особено после најавата за поскапување на парното за неверојатни 60%, Андреј Петров имаше најреална шанса да стане новиот лидер на СДСМ. Со толкав удар по џебот на многу скопски семејства, со неговата сосема оправдана популарност како исклучително успешен градоначалник на Карпош, опозиционерот Андреј Петров можеше буквално да се прошета на локалните избори догодина и да стане без проблем новиот градоначалник на Скопје.

Дури и Грујо против него да ги испратеше Славевски, Јанкуловска или Ставревски како противкандидати за градоначалничката функција, светлите примери на скопските промашени вмровци Аларова од Центар и Тодоровски од Аеродром, ќе ја поматеа шансата на било кој од најблиските соработници на премиерот за освојување на фотељата која сега ја грее задникот на Трифун Костовски.

А со преземање на толку престижна функција која носи огромна реална моќ, медиумско внимание и пристап до значително количество на пари, Андреј Петров, како фаворит на скопското лоби во СДСМ ќе беше незапирлив во својот поход кон водечката функција во неговата партија.

Повеќето сдсмовци тоа го знаеја уште од сега, и затоа на најавата за кандидатура на Зајакот за иста функција се гледаше само како на некаков своевиден демократски маскенбал, со кој ќе се покажеше пред јавноста дека партијата, еве, се модернизирала и конечно избира меѓу двајца сериозни кандидати.

Но, шокот дојде пред неколку дена кога јавноста ја потресе веста дека популарниот градоначалник (популарен е во Струмица, да бидеме реални, и никаде на друго место низ земјава!) станал жртва на политички мотивиран прогон од страна на власта.

И скопското лоби веднаш скокна да го спаси од притвор својот најголем противник, бидејќи со влегувањето во занданите во Шутка, Струмичанецот моментално ќе станеше паднан на брат Љубе, човек вонредно популарен во малите градови и руралните средини во Македонија.

Со крајни напори, го спасија Заев од притвор (Не, не го даваме брат Зоки!) и направија сѐ што беше во нивна моќ тој да западне во што е можно побрз заборав. Имено, се сеќавате на големата конференција за печат после одлуката да не оди тој во притвор? Не се сеќавате? Е па тоа е затоа што и немаше таква конференција за печатот. Партијата направи сѐ за да се заборави страдањето на брат Зоки.

И токму кога требаше Андрејчо да се промовира како појак шизик од Зочко, и пред камери (сеуште) градоначалникот на Карпош и (сеуште) шеф на ЗЕЛС да му додели на „дечкото од провинција“ награда и овој од неговите раце да ја прими понизно и покорно, па уште и да му се заблагодари – пак шок.

Зоки Зајакот се врати на насловните страници на весниците со веста дека власта решила да продолжи со неговото репресирање. И неговиот народ, неговите верни Струмичани, се кренаа на бунт протв ненародниот режим на црниот Грујо. И блокираат улици, патишта…

И што прави Грујо, човекот кој цела година ги држи во притвор оние кои крадеа на патарините? Ништо! Ако на автопат земаш пари од возачите, ќе седиш во затвор, а ако го блокираш истиот тој автопат – никој не те пипа. Нели е тоа малку сомнително?

Ако власта реагира и ги расчисти блокадите, утре нема да зборуваат на вести за тоа, туку само денеска. А ако ги остави блокадите, секој ден името на Заев ќе биде глорифицирано на сите страни. И наскоро, луѓето кои веруваа дека скопскиот фаворит за претседател на СДСМ ќе биде новиот лидер на нашата левица, ќе почнат да се прашуваат: Андреј Петров?! Who the fuck is Андреј Петров?

Апсолутно не знам дали има некаков договор меѓу Заев и Грујо за оваа шарада, ама навистина така личи. Бидејќи и двајцата ќе имаат огромна корист од тоа, а богами и Македонија.

Ако Зајакот стане нов лидер на СДСМ, што сега изгледа како сосема реална можност, наскоро ќе дојде до раскол во таа партија. Скопските сдмсмовци никогаш не ги сакале своите „браќа“ од провинција, таканаречените „рурални“ политичари, и тоа без разлика на која партија да припаѓаат. Почнувајќи од делчевскиот Љубчо, па преку кавадаречкиот Андов, кратовскиот Ѕинго, валандовскиот Гошев или паланечкиот Тито, во СДСМ секогаш имале некој голем анимозитет кон секој кој не е од Скопје. Од друга страна, Бранко, Бучко, Хари, Радмила, па и Пенов и Манасиевски, сите се Скопјани!

Но, скопското лоби во таа партија е на залезот на својата сила. После два катастрофални порази на парламентарните избори од пред две години и сега, народот, гласачите на СДСМ немаат веќе доверба во старите кадри од партијата.

Силата на една партија не е во тоа колку пари имаат нејзините лидери, или колку тајни досиеја водат за своите следбеници и можни политички ривали. Силата на една партија е во гласачите. СДСМ како силна опозиција ѝ е потребна на Македонија за да биде таа демократска држава. И затоа, на сегашната македонска водечка опозициона партија ѝ е потребен еден темелен, длабински раскол, еден расцеп по кој сите стари кадри ќе ги снема од политичката сцена, засекогаш.

Можеби тие ќе основаат СДСМ – Народна Партија, ама нејзината судбина ќе биде идентична како онаа на љубчовистите. Сѐ што му требаше на Зоран Заев за да се стекне со предност над својот најсигурен противник, фаворитот на скопската олигархиско – медиумско – невладина багра, беше ореолот на маченик. И Петров и Заев се популарни како способни градоначалници, ама сепак Струмичанецот сега е повеќе од обичен популарен општински првенец. Тој е сега „брат Љубе“ во сдсмовска верзија.

Што му останува на Карпошчанецот сега? Да си организира можеби обид за атентат? Не му вреди тоа, оти ако до тоа дојде, веќе наредниот ден ќе чуеме вест дека „некој се обидел Зоран Заев да го удави во кофа со вода во неговата притворска ќелија“.

Како што реков погоре, за Македонија е најубаво Зоран Заев да стане новиот лидер на СДСМ, оти само така старата гарда на таа темелно корумпирана и неспособна партија ќе биде елиминирана од политичката сцена. На брат Зоки сигурно би му одговарало да се добере до таа функција, па затоа, овој период од неговиот живот не е најтешкиот, туку веројатно најубавиот дел од неговата кариера како политичар.

А Груевски? Дали можеби тој би сакал старата гарда да остане во игра, бидејќи по старата стратегиска максима „подобро непријател што го познавам, отколку непријател што не го познавам“ тој би требало да стори сѐ за да ги зачува нив? Ма, не!

Ако нешто Грујо научил од кариерата на Љубчо, тоа би требало да биде сознанието дека власта не зависи од разните дворски игри и византиски сплетки, туку доаѓа исклучиво и само од народот. Јавното мислење е крал и неограничен господар на сите политички кариери. Впрочем, се сеќавате ли на мизерниот крај на премиерските амбиции на Хари Костов? Сакам да кажам, СДСМ на времето направи сѐ што можеше за да го врати Љубчо во игра, па гледајте до каде стигна целата работа – Груевски и неговите се посилни од било кога.

Старата гарда на македонската левица е офуцана до крај и народот се откажа од неа. Нејзиното време е завршено и време е за новите дечки. Што и да се случи сега со случајот против струмичкиот градоначалник, неговата политичка иднина е светла и прекрасна. Напролет, во Струмица тој повоторно ќе биде избран за градоначалник, а ако сепак заврши во затвор, човекот кого тој ќе го препорача како замена, Струмичаните ќе го наградат со градоначалничката фотеља.

Ако не го изберат за претседател на СДСМ, неговата популарност ќе му овозможи самиот да си формира своја партија во која ќе помине речиси целокупното гласачко тело на сегашната македонска опозиција.

Не верувам дека еден ден ќе стане премиер, но, тоа и не е неопходно. За македонската демократија, тој треба да биде своевидна Баба Рога за власта. Имајќи силна опозиција против себе, водена од (колку – толку) способни и (колку – толку) чесни луѓе, никогаш нема да си дозволи владеачката партија да забега во масивна корупција и неодговорност.

По мое мислење, во развојот на македонската демократска државност, случајот со притворањето на Зоран Заев е можеби последниот чин на матни игри и манипулации со институциите со цел да се доведат во заблуда гласачите и политичките противници. Со други зборови, времето на византиската политика помина. И тоа е добро.

Ако мојата денешна анализа има смисла, верувам дека наскоро, во нашата земја ќе имаме две нормални водечки партии, на чие чело ќе стојат паметни луѓе кои меѓусебно ќе се натпреваруваат не со докажување кој е помалку лош, туку кој е подобар. И така, ќе бидеме поблиску до Европа. А и таа до нас.

П.С: На истата оваа тема пред една недела напишав еден пост во кој подетално го опишав механизмот преку кој се остварува византискиот интригантски аспект од целава фарса околу притворањето на Заев. Можете да го прочитате тој текст ако кликнете тука.

Поздрав🙂

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: