Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ВАРАНГИСКА ГАРДА – ЗОШТО НА МАКЕДОНИЈА Ѝ ТРЕБА ТОКМУ ЕДНА ДЕСНА УЛТРАРАДИКАЛНА ПАРТИЈА?

leave a comment »

Со ваква „скандинавска“ партија тешко дека ќе имаме скандинавски избори

Спротивно на она што многумина загрижени за европските перспективи на нашата држава и многумина загрижени за опстанокот на Груевски на политичкиот врв го мислат, јас сметам дека новата партија што Љубе Бошкоски наскоро ќе ја формира е токму она што ѝ треба и на Македонија за да се приближи повеќе кон Европа, а и на Груевски за да ја придобие меѓународната заедница на своја страна.

* текстов е првично објавен на 15ти октомври 2008 на http://blogatash.blog.com.mk/node/187229

Мислам дека е редно првин да го објаснам чудниот и верувам за повеќето од вас досега непознат термин од насловот „варангиска гарда“. Ова е име на една воена единица од времето на Византиската империја, која што воена единица имала значајно место во вооружените сили на императорот во Константинопол.

Варангиската гарда била составена исклучиво од Викинзи – припадници на скандинавските народи кои дошле како платеници во Византија и кои се ставиле себеси во служба на империјата. Царот сфаќајќи дека тие се потполни странци во неговата земја, сфаќајќи дека се силни и борбени и дека не се плашат од никого и ништо, но истовремено и не познавајќи никого и не верувајќи му никому, ги организирал Варангите (така се викале тие платеници на нивниот сопствен јазик) во своја посебна елитна единица.

Оваа единица наречена Варангиска гарда имала во воени услови задача да се бори во најжестоките битки како своевидни средновековни командоси, а за време на мирот, да служи како лично обезбедување на самиот император.

Генерално гледано, Варангиската гарда му била лојална на императорот кој ја плаќал, но припадниците на оваа единица имале една темелна маана, ако така може да се каже, а тоа била склоноста на одредени нејзини членови да прават инциденти и тоа во самиот Константинопол, главниот град на Империјата, во чија што армија служеле.

Инцидентите се состоеле во тоа што од време на време, сосема без причина и без предупредување, по некој од Варангите се случувало да силува некоја локална жена, да запали некоја куќа на некој локален жител, да претепа и ограби некој богат трговец или да направи ексцес од кој репутацијата на Варангиската гарда би била нарушена.

Често, после таков некој екцес, угледните жители на Константинопол ќе отиделе кај царот на аудиенција и ќе побарале од него да ги смири неговите елитни телохранители. Но, царот редовно имал обичај да им објаснува на своите поданици дека да се контролираат Варангите е најтешка работа на свет и дека и тој самиот, што ги плаќа и што ги држи во своја служба, едвај може да ги држи мирни.

Сепак, царот никогаш не заборавал да ги охрабри граѓаните – жалители дека сѐ додека е тој жив, Варангите нема да прават претерано големи инциденти и иако од време на време може да се случи нешто негативно од нивна страна, сепак тој, царот, со својата мудрост и итрина, ќе знае да ги држи колку – толку мирни.

Царот знаел и да напомене дека ако случајно некој го убие него, со отров или во заседа, тогаш ќе нема кој да ги држи за узда Варангите и дека постои реална можност тие да го запалат целиот Константинопол. А тоа нешто ги плашело граѓаните на градот повеќе од било што друго. Затоа, од аудиенцијата кај царот тие си заминувале со мислата дека е „добро што царот е жив и дека ако чујат за некој заговор против него треба веднаш да го известат, оти ако нешто му се случи нему, кој знае што беља ќе направат неговите луди и опасни Варанги“.

Благодарение на стравот од анархијата што Варангиската гарда оставена без цар да ја контролира можела да ја предизвика, граѓаните на Константинопол многу ретко се обидувале да сковаат заговор против императорот, и затоа во византиската историја додека биле Варангите присутни во служба на Империјата, ретко се случувало некоја конспирација против царот да успее.

Византиските цареви кои ја губеле власта по насилен пат, тоа го доживувале пред сѐ поради порази на бојното поле во отворени битки со своите конкуренти и ривали за престолот, од кои повеќето не биле од самиот главен град на Византија, Константинопол, туку од некоја провинција.

И како се вклопува ова во најавата за формирање на нов политички субјект во нашата земја, предводен од „брат“ Љубе Бошкоски лично? Дали Груевски треба да се плаши од Љубета како нов конкурент за гласовите на десно ориентираните гласачи во Македонија, или пак можеби Љубе всушност ќе му дојде на премиерот како „кец на десетка“ во неговите напори да ја избегне изолацијата од меѓународните (претежно од ЕУ) фактори, во која се чини, сѐ повеќе запаѓа како политичар?

Зошто Груевски би се плашел од Љубета и неговите потенцијални приврзаници, кога на времето не се плашеше од Љубчота, и неговите приврзаници? Да бидеме реални, според она што се слуша во јавноста, околу Љубе, како муви на лепак најбрзо ќе се налепат токму бившите раководни кадри на ВМРО – НП.

А тоа се, искрени да бидеме, во најголемиот дел промашени кариеристи и офуцани лузери кои на времето во недостиг на сопствени идеи и резултати се обидоа да изградат за себе општествен статус шлепајќи се на славата и харизмата на Љубчо, а сега истите тие луѓе, откако Љубчо, заедно со неговата харизма, начисто потона во македонскиот политички океан, се обидуваат да преживеат во политичката џунгла, држејќи се за лавовскиот опаш на брат Љубе.

А брат Љубе сите го знаеме, тоа е човекот кој на 16 – ти септември 2002 година излезе во јавноста со она несфатливо однесување на поразен и изненаден од поразот политичар кој со сиот памет, сериозно тврдеше дека изборите биле фалсификувани со тоа што ливчињата самите со помош на тајно мастило гласале против ВМРО – ДПМНЕ, иако на повеќето ливчиња гласачите ја заокружиле токму таа партија.

Со тоа однесување Љубе уште тогаш се покажа како човек кој нема баш цврст допир со политичката реалност, бидејќи во тоа време ни еден разумен човек не очекуваше дека вмровците ќе победат на тие избори. После четири години апашлуци на Војо, Ламбе, Даравелски и цела плејада од други неспособни и корумпирани дилетанти, после изгубена војна и Рамковен договор, после национални понижувања и владини скандали, зарем Љубе сериозно очекуваше дека гласачите нема да го казнат тоа?

Да се надеваме дека Љубе во годините кои ги помина во хашките зандани, имаше време да размисли за своите грешки и дека некои работи денеска појасно ги сфаќа отколку тогаш.

Ако тоа навистина е така, тогаш останува да објаснам што, според мене, стои во заднината на формирањето на партијата на Љубе кое се најавува за периодот што следува и зошто јас мислам дека токму Никола Груевски (тајно, се разбира) можеби е главниот помагач на Љубе во неговото реактивирање во политиката.

Прво: Груевски нема зошто да се плаши од некое земање на гласови и губење на рејтингот за сметка на Љубета, оти Бошкоски може да се надева најмногу на 100 – 120 илјади гласови, ако не и многу помалку. Тоа се гласовите што во својот најуспешен настап на изборите (локалните од 2005) ги доби ВМРО – НП. На Грујо од денешното огромно гласачко тело на ВМРО – ДПМНЕ му се лути само бранителите и нивните семејства.

Тие се лути со причина бидејќи толку долго ги игнорираше тој нивните оправдани барања, но, како и да е, тие сепак се многу малку по број. И да ги загуби нивните гласови, Груевски нема зошто да се секира, оти разлика меѓу над 500.000 гласачи на кои може да се надева сега и 200.000 – те гласачи за кои реално може да се избори СДСМ е три пати поголема од можната загуба.

Второ: за рејтингот на Груевски и за дополнителното уништување на СДСМ може дури и добро да дојде појавувањето на партијата на Љубе. Бидејќи во однос на Љубе, кој и да не се труди премногу секогаш може да добие етикета на радикал, националист, ретроградна сила, проруски и антиамерикански политичар и рурален патриот, сегашниот „тврдоглав и непопустлив“ Грујо може да заличи на умерен и разумен политичар со кого може да се разговара и преговара.

Така, кај нас, ќе се створи некој пандан на српската политичка сцена, каде што Чедо Јовановиќ ќе се преслика кај нас во СДСМ (партија со минимална подршка од гласачите која се залага за капитулација во борбата за зачувување на Косово/името), Радикалите ќе се пресликаат во Љубевци (ултранационалисти, опасно е да дојдат на власт оти се против секаков компромис), а Тадиќ, миленикот на Западот ќе се изроди кај нас во светлиот лик на Груевски, кој слично на својот српски пандан ќе биде патриот кој не го дава Косово (името), ама патриот со кој сепак може да се има некоја комуникација (за разлика од радикалите/ Љубевци).

Еден мој пријател неодамна ми рече дека „сите во ес-де-ес се предавници на оваа држава, и сите предавници на оваа држава се во ес–де-ес“, но јас не би се согласил со него, оти сметам дека има многу луѓе во земјава кои гласаат за левицата, само поради нивната аверзија кон најрадикалните елементи од десницата.

Ако Љубе ја формира својата партија од екстемно десни радикални структури на македонскиот политички спектар, и ако таму ги привлече сите ултра – десни вмровци кои сега се во ВМРО – ДПМНЕ, тогаш партијата на Грујо ќе заличи на „чисто, добро дете од чиста и угледна фамилија и сите деца ќе сакаат да си играат со него“. Со други зборови, оние гласачи на СДСМ кои не сакаат да гласаат за ВМРО поради радикалните сили во таа партија, сега ќе може без грижа на совест да ја префрлат својата лојалност од бродот на Б.Ц и другарите му, кој брод тоне сѐ подлабоко и подлабоко, кон новата, темелно исфилтрирана и ферментирана ВМРО – Портокалова на Груевски!

Да се вратиме на Варангите од почетокот на текстот. Ако мојата анализа за причините и факторите кои влијаат врз создавањето на новата партија на Љубе е точна, тогаш во целата „престава“ Груевски ќе ја игра улогата на византискиот император кој ќе ги смирува Европејците (кои се угледните граѓани на Константинопол) дека само тој може да ги држи подалеку од власта љубевите радикали и националисти (Варангите) кои ако дојдат на власт може драматично да ја дестабилизираат целата ситуација.

Така Тадиќ во Србија ги плаши странците од можноста Радикалите да дојдат на власт, и токму затоа странците му даваат нескриена подршка на Тадиќ, знаејќи дека само тој, иако не е толку спремен да им слугува ним како Чедо, може да ги спречи приврзаниците на екстремната десница да дојдат на власт.

А ако помислиме убаво, на Љубета ова и нема да му биде прв пат да глуми Варангиец, зарем не? Сетете се само на онаа необјаснива одлука на Бошкоски, кога ги формираше „Лавовите“ да дозволи меѓу над илјада чесни и сосема пристојни луѓе да прими и неколку десетици криминалци и силеџии кои постојано правејќи инциденти и екцеси го валкаа името на единицата. Зошто беше неопходно да има такви луѓе во „Лавовите“, кои повторувам, во огромно мнозинство беа сосема цивилизирани луѓе?

Па, во тоа време, Љубчо се почуствува загрозен од растечката популарност на Љубе и сакаше да го елиминира политички при првата можност што ќе му се укажеше. Има некоја макијавелистичка логика според која Љубе намерно ги наполнил „Лавовите“ со криминалци за да може на Љубчо да му каже: „ако мене ме тргнеш од министерската фотеља, кој ќе ги држи под контрола Лавовите?“ И Љубчо не го тргна, оти со толку ниска популарност колку што имаше „војводата“ во тоа време, можеше лесно да се случи „Лавовите“ да застанат зад нивниот министер и да го соборат по насилен пат премиерот Георгиевски.

Да резимираме, за крај: овој текст не е насочен против Љубе Бошкоски и неговата намера да се реактивира политички. Тоа е негово право и ако тој смета дека ќе има успех – слободно може и треба да го направи тоа.

Јас не се сомневам во искрените намери и длабокиот патриотизам на брат Љубе, ама потполно сум уверен дека тој нема да стигне далеку во неговата намера да стане претседател на Македонија на изборите напролет. Не може да се надева на подршка поголема од стотина илјади гласови, а ако се земе во предвид со какви стари хохштаплери ќе се опкружи во неговата нова партија, сите бивши врвни „народњаци“ од партијата на Љубчо, прашање е дали и толкуте гласови ќе ги добие.

Но, Љубе секако треба да формира партија, и да се најави себеси и своите приврзаници како антизападен, антиамерикански, проруски, екстремен националист и радикал и да почне да шири околу себе страв од неговиот можен успех.

Само таков Љубе (а тоа сигурно нема да му падне тешко да го одглуми, оти тој, а уста отвори, а некаков спектакуларен и бескомпромисен говор излегува од неа), значи само таков Љубе ќе ѝ биде од полза на оваа земја.

Со него како плашило на политичката нива, како баба – рога за странците, тие ќе бидат многу понаклонети за соработка со умерениот и надежен политичар со кого може да се разговара, премиерот Никола Груевски, лидерот на модерната, европска, разумна, нормална десна партија, ВМРО – ДПМНЕ.

Тоа што сега Никола Груевски делува претерано радикално и ултрапатриотски, е само затоа што нема некој друг релевантен политичар кој би изгледал уште порадикално и уште поултрапатриотски. Затоа, такво „лошо дете“ мора да се најде под итно. А Љубе ми се чини дека е најдобриот кандидат за таа улога.

И најјако кај него е што воопшто не е битно дали тој ќе се прави умерен и проевропски, кога за него медиумите (инаку, скоро сите купени од власта) ќе сплетат екстремистички невистини и полувистини и гласини непотврдени. Перцепцијата на екстремизам е во пропагандни цели секогаш поважна од реалниот екстемизам.

И затоа, како заклучок, почитувани читатели: кога ќе ве прашаат во анкета некои испитувачи на јавно мислење за која партија ќе гласате на наредните избори, речете дека ќе гласате за партијата на Љубета, и дека во себе гаите длабок национализам и шовинизам, и дека ја подржувате Русија и дека ја мразите Америка. Оти само ако 10 – 15 % од гласачите му дадат анкетна подршка на радикалниот Љубе Бошкоски, само така странците ќе се испаничат од нас и ќе сторат сѐ за да се смират со умерениот Груевски Никола.

Не двоумете на анкетарите да им кажете дека сте за Љубета, од секогаш и засекогаш, со срце и душа. Ама кога ќе дојдат избори, размислете убаво за кого ќе гласате и немојте за претседател на оваа убава и цивилизирана држава да го изберете човекот кој на една турска телевизија, во времето кога сеуште беше на власт, играше во емисија во живо – чочек. И кој знаеше на една воена вежба, пукајќи од автоматски фрлач на гранати да рани и за малку да убие четворица од гледачите на таа егзибиција своја.

И кој, среде војна, само за свој инает, ги повлече полицајците од пунктовите кои го обезбедуваа главниот град, за подоцна само за да преживее политички, ги наполни „Лавовите“ со дузина криминалци и силеџии кои го извалкаа угледот на таа единица составена од илјада и кусур искрени, храбри и чесни луѓе, вистински македонски патриоти и бранители. И најважно, човек кој сеуште се нема дистанцирано јавно од Љубчо Бугаринот.

П.С: Од денешна гледна точка (јануари 2010та година)  делува дека сум згрешил во улогата на Љубе. Ама, морате да признаете дека во времето кога беше напишана колумнава, имаше и тоа како многу смисла ова што го тврдам во неа. Принципот на „Варангиска гарда“ сеуште си важи… уште да се најдат гардисти🙂

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: