Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ГРАДОТ MACEDONIA ВО ОХАЈО, САД

leave a comment »

Ние крстопат на југоисточна Европа, а тие крстопат на североисточен Охајо

Веројатно знаете дека во Америка има десетина гратчиња кои се викаат исто како и нашата убава земја. Повеќето од тие градчиња се сосема мали и безначајни, но еве го овде најголемиот од нив, преубав град со околу 10.000 жители во северниот дел на сојузната држава Охајо.

* текстов е првично објавен на 25ти август 2008 на http://blogatash.blog.com.mk/node/176701

Како градот го добил името? Во 1824 година, на својот мал имот во североисточен Охајо, некој си човек по име Ејбрахам Кренмер ја изградил својата колиба од трупци и почнал да живее во неа, заедно со своето младо семејство. По неговиот пример, во околината почнале да се населуваат мошне брзо и други семејства, па набрзо малото село кое тогаш сеуште немало име добило и училиште и црква.

Црквата за жал немала свој резидентен свештеник, па жителите на селото биле принудени да побараат од едно теолошко – богословско училиште во околината да им прати поп – барем да држи богослужба само во неделите. Бидејќи раководителите на тоа училиште за попови биле изненадени од повикот за помош од страна на селаните од селцето кое немало ни вистинско име, се сожалиле врз нив и им пратиле некои од своите апсолвенти да држат проповед.

Интересна работа е што селото кое подоцна ќе прерасне во градот Маседониа, пробитно имало само привремено име, и се викало The Corners (во превод „Ќошињата“). Зачудени од овој факт и сметајќи дека секое село кое има своја црква заслужува да има и трајно име, поповите кои го опслужувале селото решиле да го наречат Macedonia, според оној стих од Библијата каде што на светиот апостол Павле му се обраќа еден човек со зборовите „Дојди во Македонија и помогни ни!“, замолувајќи го така апостолот да дојде во нашата земја и да започне да го проповеда христовото учење.

И така, селото со привремено име Ќошињата го добило своето сегашно име Маседониа. Гледате ли сега колку вреди името на земјата ви да го споменат во Библијата, а?

Интересни факти од неговата историја: Како што раснело и се развивало селото Маседониа, така се зголемувал и бројот на неговите жители, па веќе во 1921 година била донесена одлука од страна на локалната самоуправа да се формира и противпожарна единица. Интересно нешто е што во првите неколку години од постоењето на противпожарната служба во Маседониа, немало ни гаража за возилото за гаснење на пожари, па командантот на единицата ја подарил својата штала за да биде паркирано возилото – цистерна кога не било на терен да гаси пожари. Зиме во шталата бил пален и оган во печка за да не замрзне водата во цистерната…

А пожарите во Маседониа биле приказна сама за себе. За нас денеска, овдешниве Македонци, дури и смешно ќе ни звучи фактот дека во 1935 година, значи цели 14 години по формирањето на противпожарната единица во Маседониа, вкупниот број на пожари кои се случиле таа година во градот бил седум (!) при што четири биле со запалена сува трева, а три со запалени куќи. За илустрација, имало дури 12 пожарникари во службата за гаснење на пожари. Вкупната штета од сите пожари во таа година била во износ од само 400 долари (!).

Како што раснел градот, раснел и криминалот во градот па морало да се формира и полициска служба. Денеска таа брои над 20 полицајци, а интересна работа кај полицијата во Маседониа, е што за новогодишната ноќ на преминот од 1999 во 2000 година, само во периодот од попладне 31 декември до наутро 1 јануари, полицајците носеле специјални пригодни „милениумски“ полициски значки. Ако не верувате, погледнете ги на овој линк.

Што има сега да понуди Macedonia? Па, и покрај тоа што градот во Охајо кој има исто име како нашата земја е мал и во него живеат помалку од 10.000 жители, тој сепак е снабден со 4 основни училишта, едно средно училиште и верувале или не, цели три болници.

Во Маседониа во Охајо не смеете да го паркирате ноќе вашиот автомобил на улица или друга јавна површина и ако веќе морате да го сторите тоа, треба претходно да побарате дозвола од локалната власт.

Во Маседониа во Охајо имаат и тие свој „ден на дрвото“ кој кај нив се вика Arbor Day, а имаат и своја кампања за купување на локално произведени производи. Не знам дали и кај нив има „сонценце“ ама имаат слоган „keep the money local“. Освен тоа, Маседониа го има и безмалку најголемиот парк во државата Охајо, кој се протега на над 350 acres (150 хектари) и во кој освен дрвја, пешачки и велосипедски патеки и цвеќиња, има и пливачки базен. Впрочем, погледнете и сами на нивниот сајт macrec.com и ако некогаш ве нанесе патот во нивниот крај, посетете ги.

Градоначалникот на Маседониа е човек со многу интересна смисла за хумор што посебно се огледа во една од неговите колумни т.е. писма до своите сограѓани кога ги советува како да ја зголемат вредноста на своите автомобили. Имено, алудирајќи на сѐ поголемите цени на горивото, тој вели дека вредноста на своите коли може да ја удвојат ако ги наполнат до врв резервоарите со скапото гориво…

Инаку, градоначалникот на Маседониа, кој се вика Дон Кучта, веќе со месеци ги замолува граѓаните на неговиот град своите канти за ѓубре да не ги оставаат пред нивните куќи, туку за поубав и поестетски изглед на градот, да ги скријат малку, некаде каде што нема да бодат очи. Добар совет и за кај нас, зарем не?

Се чини дека во Маседониа во Охајо, најсилна верска заедница се методистите (Борис Трајковски ѝ припаѓаше токму на таа верска заедница) бидејќи од вкупно десет гласачки места во тој град, дури пет се наоѓаат во нивната методистичка црква. Другите гласачки места се сместени во рекреативниот центар во паркот споменат погоре. Не знам само дали во костими за капење им е дозволено да гласаат кога ќе излезат од базенот во рекреативниот центар…

Другите места во САД што се викаат Macedonia:

За да можете да го споредите градот кој ви ги преставив (www.macedonia.oh.us) со другите места кои се викаат исто како него и кои се наоѓаат во Америка, погледнете ги следните линкови. Ќе забележите дека сите други градови со такво име се многу, многу помали и полошо организирани од оваа, голема Маседониа. Човек просто да се запраша кон која американска Маседониа е поблиску по степенот на развој нашава европска, библиска Македонија…

Macedonia во Алабама

Macedonia во Џорџиа

Macedonia во Илиноис

Macedonia во Индиана

П.С: На еден ѕид во Скопје имам видено графит „Македонија до Индија“, ама некој го пречкратал она „до“ и пишал врз него „е“ па излегува дека „Македонија е Индија“ алудирајќи на нечистотијата и сиромаштијата која ја споделуваме ние со Индијците.

Можеби е време да напише некој графит со наслов „Македонија до Америка“ па слично на горниот графит, да го пречкртаме она „до“ и да пишува „Македонија е Америка“. Што убаво би било тоа, зарем не? Да станеме богати и моќни како Американците…

Written by nenobogdan

06/01/2010 at 17:04

Posted in Uncategorized

Tagged with

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: