Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ДЕВЕТ СЛИЧНОСТИ ПОМЕЃУ МАФИЈА И ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА

leave a comment »

Коза ностра понекогаш знае да се маскира и како „овца ностра“. Но, ако коза (ностра) лаже, сенката не лаже

Идејата на денешниот пост е да се направи мала анализа околу тоа колку една типична политичка партија е слична со една типична мафијашка организација. На почетокот мислев дека ќе најдам само две – три сличности, ама кога фатив да ги разгледувам нашите партии, сличности излегоа многу повеќе.

* текстов е првично објавен на 28ми јули 2008 година на http://blogatash.blog.com.mk/node/172156

Кај нас, оти толку малку знаеме за формите на организираниот криминал кои постојат низ светот, а и покрај тоа што имаме толку многу организиран криминал кај нас, се знае сосема малку за општите принципи врз кои е заснована мафијата како специфична форма на криминално здружување. Бидејќи, да се разбереме – не секоја организација на криминалци е мафија. Може десетмина разбојници да се здружат во група и да ограбуваат банки, ама сепак тоа не е мафија. Тоа е обична банда.

Мафијата е нешто многу покомплицирано, оти таа има својство да трае во своите криминални дејствија низ еден подолг рок. Со други зборови, бандите се мобилни и во простор и во време, тие се движат од едно место во друго, тие се формираат и расформираат без некоја систематичност. Повеќето банди се организарни околу силен лидер, главниот разбојник, кого другите бандити го почитуваат или му се плашат. Ако тој главен разбојник, при некој вооружен судир со полицијата или со друга, конкурентска банда загине, бандата се растура моментално.

За разлика од тоа, мафијата е институција за вршење криминал, која преставува вистинска „држава во држава“. Нејзиниот основач и лидер може да загине, или да почине од природна смрт, или да скапе во затвор, но организацијата продолжува да живее. Организацијата т.е. другите мафијаши кои му биле потчинети на лидерот избираат нов лидер и така мафијата како друштво продолжува да постои. Токму затоа, мафијата, како специфична форма на тајно друштво е толку и тешко да се искорени, оти таа се заснована на принципи, а не на луѓе.

Може да се каже дека онаа политичка партија која ќе се организира себеси како мафија т.е. врз принципи, ќе успее низ еден подолг период да преживее на политичката сцена, па и да просперира. Од друга страна, онаа партија која ќе се организира околу некој силен водач, или популарен харизматичен лик, ќе згасне веднаш откако водачот ќе ја изгуби својата популарност и својата харизма.

Може слободно да заклучиме дека Демократската Алтернатива и НСДП, па и ВМРО – НП пропаднаа само поради една причина – нивните харизматични лидери ја изгубија популарноста меѓу гласачите (и тоа по своја сопствена вина). Од друга страна, големите партии кои постојат уште од почетокот на демократијата кај нас, сеуште се живи, и со исклучок на СДСМ – во сосема добро здравје.

Веројатно, тоа е затоа што овие партии се организирани врз основа на истите принципи врз кои е организирана и мафијата. При тоа, како мафија, во овој текст ќе бидат анализарни не само познатата сицилијанска „Коза ностра“, туку и тајното друштво на Слободните ѕидари (т.е. масоните) како и организацијата на расистичките бели терористи од југот на САД, позната под кратенката ККК (Ku Klux Klan). Овие тајни друштва, иако основани и организирани во сосема различни делови од светот, и во сосема различни времиња, сепак се чини, ако внимателно се погледне, дека ги имаат следниве заеднички карактеристики:

  1. Друштвото има свој таен јазик за комуникација
  2. Она што се случува во друштвото, останува во друштвото
  3. Никој освен друштвото не смее да им суди на членовите
  4. Сите членови поминуваат низ ритуал за примање – иницијација
  5. Надворешниот круг го крие внатрешниот круг
  6. Хиерархија наместо демократија
  7. Од едно друштво произлегува друго
  8. Моќта на друштвото доаѓа од инфилтрацијата на членовите во општеството
  9. Митот за непобедливоста на друштвото е неговиот најсилен адут

Значи, почитувани читатели, горенаведените девет карактеристики се заеднички за секое друштво кое што себеси се смета за тајно и кое што сака преку нечесни методи на делување да се добере до позиција на моќ, која што позиција ќе му обезбеди да ги оствари своите цели, кои во најголем дел се финансиски – да се заграбат повеќе пари, но понекогаш постојат и други цели. Еве да видиме, колку овие особини може да се препознаат кај однесувањето и организацијата на нашите водечки политички партии:

1. Друштвото има свој таен јазик за комуникација: или, во случајот со масоните, тоа се тајни знаци, чудни видови на ракувања, дискретни поздрави, кои за неупатените посматрачи немаат некое особено значење, но за членовите на тајното друштво упатени во специјалниот јазик на организацијата, тие гестови и тоа како се битни. Имено, по специфичните зборови, изрази и фрази кои се употребуваат во разговорот, двајца членови на тајното друштво кои меѓу себе не се познаваат дека се членови на тоа друштво, може да се препознаат.

На пример, во САД постоела една тајна расистичка организација позната под иницијалите ККК чии членови, за меѓусебно препознавање го користеле следниов систем: ќе дојде некој патник (член на ККК) од некој друг град во местото каде што има потреба да се сретне со припадници на тајното друштво. Тој ќе влезе во некоја кафеана и ќе го праша човекот на шанкот, дали го познава господинот Ајак (првите букви од прашањето „аre you a clansman?“ т.е. „дали си член на кланот?“), а овој ако го разбирал тајниот поздрав т.е. ако и самиот бил член на организацијата ќе му одговорел, дека не го познава тој Ајак, ама го познава господин Акаи (првите букви од потврдниот одговор „a clansman am I“ т.е. „член на кланот сум јас“). Ако не бил член на организацијата на ККК, барменот збунето ќе прашал „Кого дали го знам?“ и тоа било очигледен знак дека патникот налетал на погрешен човек.

Кај нас, во нашата држава често се организираат трибини, форуми, дискусии и дебати на кои се присутни политичари, новинари и интелектуалци од јавниот живот. Ако некој член на едно од тајните друштва сака да види кои од учесниците во дебатата се исто како него приврзаници на истата политичка мафија треба да го постави следново, навидум добронамерно прашање: „кој е најголемиот проблем со кој се соочува државава?“ и ако му одговорат дека тоа е „недостатокот на консензус во политичкиот дијалог“ или „немањето на слух на владата за барањата на опозицијата“ тогаш знае дека наишол на членови од истото друштво.

Ако добие збунет одговор од типот „па невработеноста, лошата економска состојба, застојот во реформите…“ или нешто слично, тогаш јасно е дека политичкиот мафијаш кој ги бара своите собраќа налетал на погрешен човек.

2. Она што се случува во друштвото, останува во друштвото: ако се случи некој од членовите на организацијата да ги предаде или ги објави тајните симболи и знаци, како и методите со кои се служи друштвото за да дојде до моќ, тој мора да биде уништен или барем исфрлен и прогонуван за својот престап.

Во тајното друштво кое некогаш се борело за независност на островот Сицилија, а денеска се занимава со криминал и е популарно познато како „Коза Ностра“ постои закон според кој ако некој од нејзините членови разговара со полицијата или обвинителите за она што се случува во рамките на организацијата или на било кој начин изнесува детали за делувањето на друштвото во јавноста или по медиумите или ако напише книга за тоа, тој мора да биде ликвидиран.

Се случува понекогаш и кај нашите партии вакви нелојални членови, да излезат во јавноста и да ја разобличат својата поранешна партија. Ако не се смири таквиот член, може да заврши во затвор за некоја проневера или кражба која ја извршил во времето кога сеуште бил лојален член на друштвото.

Сетете се само што зборуваше еден поранешен премиер и лидер на партија против неговата партија откако ја изгуби власта и што му се случуваше потоа и како сега мудро си молчи. А сетете се и што му се случи на градоначалникот на една скопска општина кога јавно се пожали дека неговата сопствена партија го рекетирала и му барала општински пари за својата предизборна кампања. Каде е сега тој градоначалник?

3. Никој освен друштвото не смее да им суди на членовите: јасно е дека во секоја група на луѓе организирани да работат нешто, секогаш треба да се очекува дека ќе се јават и несогласувања, нетрпеливост и меѓусебна омраза помеѓу некои од членовите. Затоа, секое тајно друштво има свој систем на арбитража, внатрешни судови, чија функција е да ги решаваат во рамките на друштвото, тајно, далеку од очите на јавноста, споровите и недоразбирањата меѓу членовите.

Во рамките на масонската организација улогата на арбитар и судија му припаѓа на човек со титула „Големиот Инквизитор“, во Коза Ностра тоа е донот (т.е. кумот на мафијата), а кај нашите партии се чини дека тоа е најбогатиот и најмоќниот од сите нив, Големиот Лидер.

Освен тоа, кога членовите на мафијата т.е. партијата ќе бидат фатени како јавно крадат пари или го кршат законот на сметка на државниот или општинскиот имот со кој треба одговорно и чесно да управуваат, и кога ќе ги уапсат, првин се огласува нивната сопствена партија која тврди дека нејзините членови се „репресирани“ од страна на централната власт, или ако тој, еве да речеме, министер за одбрана, го фатат како префрлил 13 милиони германски марки на сметка на фирма на своите роднини, тогаш прво лидерот на партијата вели дека првин случајот ќе се разгледа во рамките на партијата, па потоа ќе се дозволи обвинителството да преземе истрага.

4. Сите членови поминуваат низ ритуал за примање – иницијација: за разлика од, да речеме, еколошко здружение, или аматерски фудбалски клуб, да се стане член на тајно друштво не е едноставна работа од типот „дојдов, видов, ми се допадна и ќе останам“. Не, не, не!

За да човек стане дел од било кое тајно друштво тој мора да биде препорачан од некој кој веќе е член на друштвото и мора да помине низ сложен ритуал наречен „иницијација“, кој е многу мистичен и кој служи да се провери неговата подготвеност за членување. Така, кај Коза Ностра се сметало дека ако некој не поминал некое време во затвор, за било каков прекршок или криминал, дека тој не е достоен за да биде примен во мафијата.

На американските универзитети, постојат бројни квази „тајни“ друштва на студентите, кои служат повеќе за забава отколку за нешто сериозно, но и кај нив, за да стане некој студент член на друштвото мора да помине барем една недела во правење на бессмислени глупости и тоа јавно, пред очите на цел универзитет. Токму таа недела на правење апсурдни глупави работи е де факто – иницијација.

Кај нашите главни политички партии, на некој начин се комбинирани овие два аспекти од Коза Ностра и од студентските братства. Имено, првин се бара од оној кој сака да биде член на друштвото да направи некој криминал (за да може потоа да го контролираат и ако се одметне да има за што да го пријават и да го уапси полицијата), а откако ќе биде примен во организацијата, од членот се бара постојано (не само една недела) да зборува и да прави јавно глупости кои се сосема бесмислени и бескорисни. Но, тоа има своја цел.

Во колку повеќе афери и апашлуци е заглавен членот, толку подебела е папката за него во фиоката на големиот инквизитор (лидерот), и толку поголема ќе биде казната ако се осмели да ги предаде идеалите на организацијата. Од друга страна, колку повеќе јавно глупости ќе прави членот, толку повеќе ќе станува изолиран од општеството и од оние кои не се членови на друштвото, па и самиот ќе сфати дека како единствен пат за успех му останува да биде лојален и верен на друштвото и особено на Големиот Лидер.

Или, по следнава сообраќајна аналогија: „запали ги сите мостови, освен оној кој минува преку мојот имот, и тогаш ќе можам да ти верувам дека си ми сто проценти лојален. Оти, единствениот пат ако сакаш да одиш било каде е мостот кој јас го контролирам. Затоа, ни случајно не помислувај да ме предадеш, оти за твојата иднина – еден е изборот. “

5. Надворешниот круг го крие внатрешниот круг: сите тајни друштва се засновани на принципот на два круга – еден надворешен, во кој членува огромното мнозинство од членовите, и еден внатрешен кој е отворен само за елитата на друштвото.

Во надворешниот круг се таканаречените идеалисти, оние кои се зачлениле во организацијата верувајќи дека ќе работат на нешто големо, важно, свето, значајно, продуховено. Така на пример, во Коза Ностра, своевремено, пред таа организација сосема да се криминализира, младите луѓе од Сицилија се зачленувале со надеж дека ќе се борат за ослободување на својата земја од странските ропства. Познавачите велат дека во масонските друштва се зачленувале на времето најпрогресивните умови кои сметале дека со помош на нивната работа во организацијата ќе доведат до создавање на нов светски поредок на слобода, еднаквост и братство и дека во новиот свет ќе има за сите луѓе демократија и човекови права.

Арно ама, во секое друштво има, како што рековме, два круга, и во внатрешниот круг секогаш се прагматичните материјалисти кои се водат од други идеи и идеали. Во Коза Ностра, водачите на друштвото ја користеле организацијата единствено за да се стекнат со моќ, со пари, со значење во општеството. Според некои теории, во рамките на масоните постои уште потајна организација на така наречени „Илуминати“ кои ги манипулираат обичните членови од надворешниот круг за да дојдат до – моќ, пари и значење во општеството.

И во тајните друштва околу нашите водечки партии имаме сличен систем. Многу луѓе членуваат во надворешниот круг (кој од надвор личи на политичка партија), и искрено веруваат дека се борат за поубава Македонија, со светла перспектива и иднина во Европа. Ама, тие не се свесни дека во рамките на нивната организација постои и внатрешен круг на елитни членови, кои, слично како и сите внатрешни кругови секаде и секогаш ги интересира само да дојдат до – моќ, пари и општествено значење.

6. Хиерархија наместо демократија: во секое тајно друштво постои строга хиерахиска поделба на моќта. Кај кумот на мафијата или кај големиот мајстор на слободните ѕидари се пристапува со почит и страв, оти тој има безмалку безгранична моќ. Тој одлучува кој како и кога ќе напредува во организацијата и кој колку ќе добие од пленот што организацијата го има собрано во текот на своите незаконски тајни активности.

Водачот на Коза Ностра, познат под титулата „дон“ (скратено од латинскиот збор „доминус“  што пак значело „господар“) има право на речиси половина од приходите на секој член на организацијата и кога ќе му се донесат парите на сребрен послужавник, обичајот налага да му се бакне прстенот што го има на раката.

Кај нашиве политички мафии, не се знае колкав дел добива нивниот „дон“ од парите што ги земаат од народот, но, наместо бакнување на прстенот членовите обично му се оддолжуваат со плукање кон ликот на неговиот политички конкурент.

Владата ги води реформите во погрешен правец, опозицијата ги кочи реформите, тие не нудат концепт, овие не работат како што бара ЕУ – и слични бессмислени фрази во кои не веруваат ни самите тие што ги кажуваат, ама така мораат, оти таков е обичајот. Тоа од нив го бара организацијата.

Кај што има Коза Ностра (тоа значи „наша работа“) не постои место за меа кулпа (ова значи „моја кривица“). Секогаш е крив некој друг.

7. Од едно друштво произлегува друго: секое тајно друштво кое било познато низ светската историја произлегло од некое друго тајно друштво кое постоело пред него, и благодарение на чија подршка тоа можело да се развива во раните фази на своето постоење.

Така на пример, мафијата во Америка е основана од членовите на италијанската мафија, организациите на масоните ширум светот се основани од англиската масонска организација, а ништо поразлични не се ни нашите политички мафии.

Имено, во дваесетите години на минатиот век, тајната служба на СССР финансиски и организационо ги подржала основањата на неколку десетици комунистички партии низ цела Европа, Азија и Латинска Америка, кои подоцна ѝ послужиле на советската експанзионистичка стратегија за организирање на револуции и ширење на комунизмот низ целиот свет.

Во Југославија, во 1948 година, локалните комунисти решиле да се скараат со своите ментори од Советскиот Сојуз, по што продолжиле да егзистираат самостојно. За подобра контрола на својата територија, КПЈ основала свои филијали низ сите републики, па и во тогашната Народна Република Македонија. По распадот на Југославија, во нашата земја комунистичката партија продолжи да работи под друго име, кое еден дел од нив и до ден денешен го носат.

Дел од комуњарите пред неколку години, решија да се скараат со своите довчерашни пријатели и да формираат нова партија која што до пред само неколку месеци беше во владеачката коалиција заедно со, историски гледано, најголемиот непријател на нивната довчерашна партија. Што пак, нѐ води до следната карактеристика на тајните друштва, а таа е:

8. Моќта на друштвото доаѓа од инфилтрацијата на членовите во општеството: бидејќи се тајни, сите тајни друштва мора да бидат и мали по бројност на членовите, бидејќи ако се големи тешко би се одржала тајната таинствена.

Затоа, бидејќи се мали, тие не можат директно да делуваат и да имаат сопствена моќ во општеството, туку своето влијание го остваруваат преку инфилтрација на свои верни членови во секоја пора на општествениот живот која што има некоја функција во секојдневието: во медиумите, во компаниите, во невладините организации, во владините организации и органи – секаде ги има нив, инфилтрирани и скриени, неуморно работејќи за интересите на друштвото.

Има ли потреба да елаборирам понатаму за тоа колку токму оваа карактеристика е заедничка за нашите водечки партии и колку само тие постојано се трудат да сместат свои луѓе на клучните места во системот? Мислам дека е јасно…

9. Митот за непобедливоста на друштвото е неговиот најсилен адут: моќта на секоја тајна организација престанува да постои кога луѓето ќе престанат да веруваат во неа. Ниту една тајна група не е навистина толку моќна колку што се смета за неа од оние кои се неупатени. Перцепцијата на моќ е многу поважна од самата моќ.

Во САД, тајната расистичка организација на белците од Југот позната како ККК во времето кога за неа се тврдело дека има најголема моќ всушност не вршела скоро никакви активности против црнците. И немало потреба да ги врши, затоа што кај црнците постоело длабоко вкоренето уверување дека ККК е неверојатно моќна и дури семоќна и тие се плашеле да ѝ се спротистават.

Речиси цел еден век по укинувањето на ропството во САД, црнците иако го добиле правото да гласаат не го користеле тоа право затоа што се плашеле од ККК. Но, во шеесетите години од дваесетиот век, во САД телевизијата станала сеприсутна, и во секој дом, дури и во домовите на сиромашните црнци од Југот имало по еден телевизор. Така, тие можеле да се запознаат со политиката и развојот на општеството и надвор од нивните изолирани средини.

Во педесетите години на минатиот век, во САД поради убеденост дека ККК е семоќна организација црнците не гласале. Верувале дека ништо не можат да променат со својот глас. Денеска, само половина век по почетокот на освестувањето на американските црнци, голема е веројатноста токму црнец (т.е. половина црнец, оти мајка му е белкиња) да стане претседател на државата.

Во почетокот на дваесетиот век, Ирците кога почнале да се доселуваат во Америка биле понижувани и дискриминирани од тогашните Американци. Не добивале работни места, не им било дозволено да гласаат. Половина век подоцна, Џон Кенеди, кој имал ирско потекло, станал претседател на САД.

Моќта на елитистичките организации кои постојат само и единствено за да се збогатуваат нивните раководители се заснова само и единствено на перцепцијата на народот дека тие имаат безгранична моќ. Но, моќта во политиката произлегува само и единствено од народот.

Народот ја дава и народот ја зема власта. Кога народот конечно ќе согледа каква е навистина една група на политичари, тогаш никакви закани, никакви уцени, никакви кампањи, никави лаги и манипулации, никакви тајни инфлитрации, медиумски шашми и монтирани афери – ништо нема да ѝ помогне да дојде на власт. Ниту пак да остане на власт.

Ова нешто, нашите политички партии – мафии треба да го имаат секогаш на ум. Нивната моќ, нивното богатство, нивните позиции, нивната недопирливост, нивната сила, нивната иднина – тоа е во наши раце. А не обратно.

Е токму истата работа треба и ние, народот, да ја имаме на ум. Ама пошироко за тоа, во некој нареден пост. До тогаш, прочитајте ги и другите постови на мојот блог. Поздрав🙂

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: