Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ЕДНА ИТРИНА НА АНТИГОН – И ШТО ВРСКА ИМА ТАА СО „ВОСКРЕСНУВАЊЕТО“ НА ЛДП

leave a comment »

Што треба да правиш ако ниту можеш да ги победиш, ниту сакаш да им се придружиш на непријателите свои?

Забележавте ли дека во последниве неколку недели партијата позната под името ЛДП почна да се буди од својот долгогодишен сон во топлите прегратки на СДСМ и да најавува дека на локалните избори ќе настапи самостојно? Што е тајната логика зад сето тоа, ако воопшто има некоја тајна и некоја логика? Еве го моето мислење за темата:

* текстов е првично објавен на 27ми ноември 2008 на http://blogatash.blog.com.mk/node/195338

Во древните времиња, неколку години по смртта на Александар Велики, во Мала Азија, како и во другите делови на неговата империја, генералите од неговата армија оставени без водач, воделе жестока братоубиствена војна – Македонец против Македонец – со цел да се утврди кој од нив има право да го наследи големиот освојувач.

Крајниот ефект бил што ниту еден од генералите на Александар не успеал да ја заграби под своја власт целата територија што ја освоил Александар, па големата империја била поделена на неколку помали кралства, со кои продолжиле да владеат синовите и внуците и правнуците на генералите кои успеале да ја преживеат долгата братоубиствена меѓу – македонска војна.

Еден од генералите кои успеале да преживеат и подоцна од своите потомци да создадат кралска династија која ќе владее со Македонија сѐ до нејзиното паѓање под власта на Римјаните бил и генералот Антигон, кој во текот на својата долга војничка кариера поминал низ многу битки, многу пресврти на судбината и многу возбудливи авантури.

Приказната која ја сочувал староримскиот историчар од македонско потекло Polyaenus и која зборува за еден успешен трик, една политичка итрина која ја извел Антигон за да ги победи своите непријатели, морам да признам дека извонредно добро може да послужи да се објаснат некои политички појави кои се случија во нашата земја од почетокот на плурализмот па сѐ до денеска. А со примерот со реактивирањето на ЛДП на политичката сцена како самостоен субјект  – мислам дека итрината на Антигон сеуште е употреблива за објаснување на некои чудни работи во македонската политика.

Имено, кога Антигон среде некоја клучна фаза од меѓу – македонската војна на генералите на Александар едни против други доживеал една поголема група од македонски војници под негова команда да се побуни против него, тој сфатил дека ако за тоа дознаат неговите непријатели – тој ќе се нашол во многу тешка стратегиска ситуација.

Бројот на побунетите војници бил околу три илјади (за тоа време, за тие услови, многу голема и значајна бројка), кои војници сфатиле дека против Антигон, човекот кој учел како да биде војсководач од големиот Александар лично, не можат да тргнат во отворена битка, па бунтовниците дезертирале и се сокриле во некој близок планински регион.

Антигон, фатен во „цајтнот“, во момент кога не смеел да си го губи времето со гонење на тие дезертери и борба со нив во планините (во тој период, додека тој би бил така зафатен, непријателите би можеле да го нападнат од зад грб) решил да се послужи со следнава итрина:

Тој моментално го разрешил од сите должности еден од своите најблиски соработници, висок офицер под име Leonidas, кого сите војници во армијата на Антигон (вклучително и оние кои дезертирале) го познавале како способен командант и лојален на Антигон.

Тој Leonidas, навреден од ваквата неправедна постапка на својот довчерашен војсководач и близок пријател, веќе наредниот ден побегнал од кампот на Антигон и им се придружил на бунтовниците – дезертери во планините. Таму, тие биле пресреќни што конечно ним им се придружил и еден способен и реномиран офицер, кој пак им понудил да го изберат него за свој водач, и дека со негова помош ќе успеат да го нападнат Антигон и да го уништат.

Leonidas, сепак, како услов за својата помош на бунтовниците побарал од нив да останат независни и да не се приклучуваат кон ниту една од армиите кои биле под команда на другите македонски генерали, кои му биле непријатели на Антигон. Војниците се согласиле, и под водство на Leonidas тие се симнале од планините во рамничарски предел каде што брзо паднале во заседа која им ја подготвил Антигон.

Бунтовниците, во тој момент сфатиле дека нивниот нов „војсководач“ Leonidas всушност ги заебал и дека тој цело време бил двоен агент на Антигон, но немале што да му прават, па решиле да се предадат, да се вратат во армијата на Антигон, а водачите на нивниот бунт, неколкумина македонски пониски офицери, биле уапсени и депортирани во Македонија.

Што подоцна се случило со овој Leonidas нашиот извор, историчарот Polyaenus, не кажува, но историјата вели дека потомците на Антигон станале кралеви на Македонија и ние нив денеска ги знаеме како династија Антигониди. Итрината на Антигон пак, предокот на Антигонидите, останала запаметена како голема стратегиска мудрост која во римско, византиско и турско време, на овие простори и во пошироката околина, за справување со незадоволниците во сопствените редови, често ја користеле владетелите на тие империи. А ако се сетиме на некои случки од македонската демократска историја, ќе видиме дека и во денешно време, владетелите на нашата земја ја користеа многу често оваа итрина на познатиот древномакедонски генерал, и тоа за истата намена и со еднаков успех.

Сигурно се сеќавате на почетокот на транзицијата, кога еден од водечките луѓе на СДСМ, еден политичар со мустаќи кој денеска е гувернер на Народната Банка, демонстративно најави дека излегува од партијата и побара од сите незадоволници од политиката на тогашното ново раководство на чело со тогаш младиот и непознат Бранко Црвенковски, да му се придружат во формирањето на една нова партија, која тогаш го доби името Демократска партија.

Овие луѓе – раководителите на таа партија – веднаш отидоа во „планините“ кај вмровците кои тогаш под команда на младиот и неискусен „војвода“ Љубчо, веднаш се израдуваа на можноста да имаат во своите редови за престојната изборна битка против „Антигон“ (т.е. СДСМ) човек од самиот врв на нивниот непријател, кој ете, решил да им се приклучи на бунтовниците. Епилогот на таа нивна дружба беше фијаското на опозицијата на изборите од 1994 година, небаре нашиот Leonidas од Пирава, намерно ги одведе вмровците во рамнините каде беа победени од армијата на Антигон од Слатино.

Во 1998 година, „Антигон“ на незадоволниците им фрли нов Леонидас – во ликот на Тупурковски (пак мустаклија). И тој се обиде да ги зафркне вмровците, ама овој пат Љубчо беше попаметен, па не поминаа ни две години, а Циле-онидас доживеа бродолом во политиката.

Љубчо, сметајќи дека финтата со мустаклии – Леонидаси е веќе провалена и дека сите ја знаат, реши да се справи со незадоволниците во својата партија со создавање на свој Леонидас, но овој пат зајакнат со повеќе влакна по лицето (за подобра камуфлажа, можеби?), па им го даде брадестиот Змејковски кој ја формира ВМРО – Вистинска. Тој ги собра околу себе сите незадоволници од владеењето на Љубчо и заедно со нив постигна голем успех на изборите во 2000 – та година, но до парламентарните избори во 2002 –та, таа партија начисто пропадна.

По враќањето на фамозниот & злогласниот Б.Ц. на власт, во неговата партија се јавија нови незадоволници, и мораше да се најде нов Леонидас и за нив. Се чини дека сите мустаклии и брадосани кандидати за таа улога се беа потрошиле, па на незадоволниците во СДСМ, Антигон од Слатино им го даде Тито од Ранковце (Паланечко) за да ги симне бунтовниците од планината во рамнината каде што по изборите во 2006 – та година, тие се упикаа во таборот на Грујо, кој пак и самиот се чини во почетокот беше оригинално планиран од Љубчо да биде нов Леонидас, со кој „војводата“ сакаше да ги неутрализира незадоволниците во партијата, но тој план некако на пола пат се изјалови, оти Грујо се покажа доволно паметен да ја избегне судбината на Змејко.

За да преживее политички во СДСМ, Бранко извади нов Леонидас, во ликот, делото и тренди оделото на Бучко, но тоа не траеше долго, оти политичкиот непријател целата политичка игра во земјава драматично ја редефинира и ја преврте наопаку со својата одлука да не краде како сите негови претходници во премиерската фотеља.

Како што објаснив во една моја претходна колумна, реактивирањето на Љубе Бошкоски е дел од планот на Груевски да се престави себеси како умерен политичар во однос на радикалниот „брат Љубе“. Во последниве неколку недели, сѐ погласно се зборува дека во политиката ќе се реактивира и Љубчо Георгиевски, што веројатно е знак дека тој решил да заработи уште некоја ситна пара, која ќе му ја даде Груевски (тајно, се разбира!) ако тој сега ја игра улогата на Леонидас за незадоволниците во ВМРО – ДПМНЕ. Впрочем, ова нема да му биде прв пат, нели. Видовте ли само како Љубчо намерно ја уништи ВМРО – НП?

И така дојдовме до ЛДП. На нивниот лидер, по мое мислење, уште гумено топче да му стават на носот и чевли за десетина броја поголеми да му обујат на нозете, па слободно кловн може да го наречат без страв дека некој ќе се посомнева дека тој е сериозен политичар.

Жими се, има нескротлива склоност Манасијевски кон стерилни спектакли, почнувајќи од демонстративното симнување на вратоврската на конвенцијата на коалицијата „Сонце“ за изборите во јуни годинава, па сѐ до одлуката да се стои простум во собраниските клупи кога ќе се држи било каков говор на било која и секоја  парламентарна седница. Целото раководство на таа партија е такво – сетете се само на заштитените мечки на Стевчо, на нивата на Гошев во Гевгелиско и на безбројните лудории на Пенов кога тој се обидуваше да го води фудбалскиот клуб „Вардар“.

Во услови кога рејтингот на СДСМ е низок и со тренд на постојано снижување (а зошто е тоа така, погледнете во оваа моја анализа), време е да се најде нов Леонидас со кој народот ќе биде излажан уште еднаш да ѝ даде подршка на партија што не е ВМРО – ДПМНЕ. Тој Леонидас треба да биде осамостоената ЛДП –  подмладена, решителна, со светли идеали, идеи и програми, со нови сили, во нови победи.

Дали ЛДП може да го направи тоа, да се прикаже како мека алтернатива на СДСМ, партија темелно дискредитирана меѓу гласачите кои никогаш не гласале за „тврдата алтернатива“ ВМРО – ДПМНЕ? Може, може, и тоа како!

Аце Коцевски сигурно пак ќе остане градоначалник на Велес, а Ристо Пенов во однос на Трифун Костовски делува како успешен градоначалник на Скопје (но во однос на Трифуна, па кој не би можел да изгледа како успешен градоначалник?). Не заборавајте го и Стевчо Јакимовски, некогашниот градоначалник на Карпош, каде што многумина граѓани сеуште го паметат како квалитетен градоначалник.

ЛДП во своите најдобри денови освојуваше и по над сто илјади гласови.  А бидејќи изборите кои доаѓаат се локални, тука прашањето околу евроатлантските интеграции и зачувувањето на името ќе биде ирелевантно. Битни ќе бидат успешните градоначалници. Нив оваа партија ги има еден куп, и нив може да ги понуди како пример за другите свои кандидати, стратегија што може да привлече многу гласачи.

Моето мислење е дека од самиот нејзин почеток ЛДП беше политички Леонидас за да се неутрализираат и заведат подалеку од десницата – вистинската опозиција – македонските гласачи незадоволни од владеењето на СДСМ. Мислам дека ЛДП сеуште е Леонидас на македонската политичка сцена и дека е само марионета во рацете на олигархијата блиска до Социјалдемократите. Да се надеваме дека до денот на изборите, гласачите ќе сфатат дека единствената алтернатива на СДСМ е единствената партија која СДСМ не ја создаде, туку се обидуваше во изминативе дваесет години да ја уништи.

Да се надеваме дека народот во Македонија се опамети после сите Леонидаси кои го заведуваа и изневеруваа во изминативе години.

Written by nenobogdan

06/01/2010 at 20:08

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: