Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ЗАГОВОР ИЛИ ИЗГОВОР

leave a comment »

Антимакедонската банда на купче

На горнава слика се прикажани (од десно кон лево): неформалниот водач на македонската опозиција, преставникот на потплатените медиуми во земјава, зад нив стои човек од грчките тајни служби и сосема лево (клекнат и се држи за глава) е дел од албанскиот политички фактор во земјава. Тие заедно прават план – како да ја распарчат Македонија.

* текстов е првично објавен на 10ти септември 2008 на http://blogatash.blog.com.mk/node/179797

Веројатно ви е познато она тврдење дека постои организиран заговор против Македонија, против православието, против словенските народи и против сѐ што е добро, хумано и напредно во светов, заговор организиран од страна на злите сили на западните држави, на Масоните, на Евреите, Темпларите, на светските финансиски моќници…

Целта на мојот денешен текст е да се направи една мала анализа не толку за вистинитоста на ова и нему сличните тврдења, туку за причините кои луѓето ги тераат да веруваат во таквите глупости. За илустрација, креирав четири имагинарни ликови (Ѓоре, Боре, Зоре и Жоре) секој со свое место во општеството и секој со свои причини кои го тераат да биде поборник на теоријата за заговор. За да не биде недовршена оваа колумна, на крајот има и заклучен дел со одговор на прашањето „Кој владее со Македонија?


Зошто Ѓоре е поборник за теоријата за заговор? Ѓоре сигурно го имате сретнато во вашиот живот. Тој, како што и самиот сто пати ви има кажано, пробал да студира на некој си факултет, ама професорите го замразиле некаде во втора година на студии, бидејќи сфатиле дека тој е еден слободен дух, бунтовник кој секогаш го кревал гласот против неправдата.

Бидејќи професорите на факултет каде што тој студирал сите биле бивши удбаши и комуњари, тие се здружиле во заговор против Ѓоре – праведникот и не му дозволиле повеќе да положи ниту еден испит. Ѓоре се откажал од факултетот.

Ѓоре, после две – три години невработеност исполнета со секојдневно опивање, заминал во странство да работи во сендвичара во Англија, ама и од таму го избркале, оти капиталистичките газди на сендвичарата го експлотирале и барале од него побрзо да ги лупи компирите за помфрит. Ај тоа и се трпело некако, ама тоа бездушните газди барале од него на работа да доаѓа секое утро во исто време, како и другите работници.

Ѓоре денеска живее во Македонија, не е вработен, одбива да гласа на било кои избори и смета дека владата е предавничка, дека сите партии се предавници кои во содејство со меѓународниот капитализам се здружени во обид да ја уништат македонската нација и држава и нејзината традиција и цивилизација.

Евидентно е зошто Ѓоре верува во теоријата за заговор: тој самиот целиот живот бил мрзлив, склон кон пороци, и без било каква внатрешна самодисциплина која би му овозможила да развие работни навики и да стекне солидно образование кое подоцна би му помогнало да најде добро платена работа, ако не толку во Македонија, тогаш барем во странство.

Ѓоре смета дека оние Македонци кои заминале во странство и се вработиле во престижни интернационални фирми (Мајкрософт, Нокиа, Сименс…) се деца на комуњарските директори или на удбашите. Ѓоре смета дека животот е неправеден. И Ѓоре не прави ништо ниту се обидува да направи нешто за да го смени тој факт.

Оти, така мисли и цврсто е убеден Ѓоре, зошто да се труди тој кога целиот свет е во заговор против него и луѓето како него. Не може да победи како и да е, па зошто да почнува борба. И затоа, по цел ден Ѓоре седи пред телевизор, гледа вести и навива за Путин кој конечно ќе им покаже на Американците мускули и кој е кој во светот.


Зошто Боре е поборник за теоријата за заговор? Боре можеби не сте го сретнале во живо (освен ако не сте биле на митингот на неговата партија) ама сигурно сте го виделе на телевизија. Знаете, тој е лидерот на онаа партија која што не може ни две илјади гласови да добие и да влезе во парламентот, ама тоа не ја спречува да држи прес – конференции на секои две – три недели и да објавува доверливи информации дека ЦИА ги наместила последните избори кај нас, дека е откриен таен план за распарчување на земјата наша, библиска и вековна, дека Македонија треба и мора да тргне по друг пат, оти власта и опозицијата се слуги на странските фактори.. и слични глупости прикажани како „факти“.

Боре, за разлика од Ѓоре се обидува нешто да направи за да ја промени својата мизерна ситуација. Тој е лидер на мала, но гласна партија која е цврсто застаната на браникот на македонските вредности.

Ама Боре знае дека народот е систематски лажан и манипулиран од медиумите кои сите се во служба на заговорот против Македонија. Но Боре се бори, тој постојано се труди да каже нешто важно, да ја каже вистината, да ги освести заблудените народни маси. За жал, Боре нема своја телевизија, нема свои весници, нема свои… нема ниту своја интернет страница неговата партија.

Боре на своите блиски пријатели кои веруваат во неговите идеи им кажува дека причината за нивниот неуспех на политичката сцена се удбашите и олигарсите кои прават сѐ, грдни пари фрлаат за тој и неговите вистински македонски патриоти да не можат да просперираат воопшто. Кога само некој би им дал доволно пари, тие чуда би направиле. Не памет да им даде некој (тие си знаат што треба да прават), ами пари, пари, пари!

Боре не знае дека малите партии не се мали оти малку луѓе гласаат за нив, туку дека е обратно: малку луѓе гласаат за малите партии оти тие се мали. Не по рејтинг, туку по дух и визија. Во партијата на Боре нема ниту еден паметен економист, ниту еден кој разбира нешто од модерната технологија (интернет сајт немаат бре!), ниту еден кој има поим од маркетинг и пропаганда, никој од нив не знае ништо освен да критикува, да наоѓа заговори, да наоѓа тајни планови на големите сили против нашиот народ.

На Боре му одговара луѓето да веруваат во постоење на Заговорот. Оти така, тој секогаш ќе си има оправдание за своите неуспеси. Не дека тој не се труди да научи нешто повеќе за тоа како функционираат работите (што ќе учи кога тој сѐ знае веќе!), ами јаки фактори се обединети против него. И против Македонија. За Боре, секој заговор е добар изговор.


Зошто Зоре е поборник за теоријата за заговор? А газда Зоре ниту сте го виделе на митинг, ниту пак на телевизија, ниту пак тој е некој сиромашен и невработен тип кој за сѐ живо ги обвинува другите. Јок, јок, скраја да е, Зоре е дел од бизнис – елитата во нашата земја, па и пошироко.

Зоре ги знае сите и сите го знаат Зоре иако никој точно не знае со кој точно бизнис Зоре се занимава, од кај му се сите тие пари што ги има. Зоре никогаш не можете да го видите сам, ами секогаш е во друштво на убави и млади манекенки, или со видни членови на семоќната олигархија во нашата земја пие виски на коктел, или пак, за него се зборува дека е финансиер на сите појаки партии во земјава.

За Зоре се тврди (а тоа сите го зборат) дека е личен пријател со најмоќните политичари во државава и пошироко, и од опозицијата и од позицијата. За Зоре сите врати се секогаш отворени, во било која институција, во било кое министерство, Зоре си има свој човек.

Зоре тера бизнис и носи три мобилни во џебот свој. Секој втор ден е во странство, дали во Црна Гора, дали „у Грчка или у Турска, или чак и у Кипар“. Зоре ги знае сите битни фаци на Балканот, а и пошироко. Зоре има пријатели меѓу мафијашите, естрадните ѕвезди и политичарите, како и меѓу тајните агенти на разузнавачките служби на безмалку секоја појака светска сила инсталирани кај нас (и пошироко). И да… за Зоре се вели дека е член на она тајно друштво за кое може да се прочита во книгите и за кое се вели дека владее со светот и ги влече конците зад сите случувања.

Деведесет насто од она што се збори за Зоре е лага и тоа лага што самиот Зоре ја има измислено и проширено за себе. Зоре ниту е масон, ниту се познава со тајните служби, ниту ги финансира партиите наши, ниту пак на неговите три мобилни прави некои значајни деловни муабети.

Ама Зоре има многу силна причина луѓето да веруваат дека тој сите тие работи ги прави. Затоа што Зоре е бизнисмен во транзициска земја и како таков, тој мора да се заштити од оние деловни партнери кои би сакале да го измамат или да не му ги плаќаат долговите.

Ако луѓето мислат дека Зоре е само обичен бизнисмен – тогаш никој нема да се плаши од него и никој нема да го цени. Ама ако сите мислат за Зоре дека тој има моќни пријатели, дека е човек поврзан со сите битни фактори во земјава и пошироко, и дека „секој кој што се обидел Зорета да го заебе – потоа наебал самиот“ тогаш Зоре нема да има проблеми во бизнисот. Кој тоа деловен партнер би се осмелил на човек поврзан со ЦИА, со масоните, со мафијата, со владата, да не му плати пари што му ги должи?

Не мора да е Зоре навистина толку вмешан во сите тие „тајни сили“ ама помага, нели, многу помага кога сите мислат дека Зоре е поврзан со тајните сили. Ако луѓето престанат да веруваат дека постои заговор, дека има тајни сили кои се посилни од јавните сили – тогаш Зоре ќе биде сведен на најобичен човек кој се обидува да просперира во бизнисот. А такви има илјадници како него.

На Зоре не му треба независно и ефикасно судство, регулаторна гилотина или реформски зафати за развој на деловната клима во Македонија. Зоре во такви услови би бил обичен бизнисмен, а сѐ додека има матни води, тој може да се прикажува себеси за крупна риба. Иако не е. Кога луѓето би ја знаеле вистината, Зоре би бил никој и ништо.


Зошто Жоре е поборник за теоријата за заговор? Жоре карактерно ви доаѓа нешто како мешавина меѓу карактерот на Зоре и карактерот на Боре. Жоре е новинар во еден влијателен медиум (телевизија и весник) а според некои очевидци, Жоре всушност е политичар и тоа не од оние кои стојат во првите редови на партијата, ами веднаш во вториот ред, зад увцето на лидерот кому постојано му шепоти вредни совети.

За Жоре се вели дека е „сива еминенција“ на таа и таа партија. Политичките непријатели на лидерот на владеачката партија тврдат дека државната политика не ја формира самиот лидер, ами Жоре, неговиот таен и верен советник. Ама Жоре не е воопшто таен, туку води вести или политичка емисија на телевизија во ударните термини и таму сите гледачи можат да видат што мисли и што советува Жоре.

Тој е ненадминат мајстор за пронаоѓање на сите тајни информации – прв дознава и објавува – за сѐ што се случува и за сѐ што никој друг нема поим. Не само што тој знае што се случува, ами и зошто се случува и кој е крив за тоа што се случува. Знае кој на кого му е братучед, кој со кого е во дослух, кој со кого пиел кафе, кој виски, а кој кисела вода (или ново лисиче).

Жоре знае сѐ за секого и тоа му го кажува на лидерот на партијата во која е советник. Ама тој не е советник за јавни работи, ами за тајни работи. Барем половина од сите теории на заговор во светот ги има измислено или Жоре или некој како Жоре.

Жоре нема поим од реална економија, нема поим од реална политика, нема поим од ништо корисно и паметно. Тој знае само да измислува заговори и тајни договори, да креира приказни и шпекулации за тајни сили и што е најважно – бидејќи тој знае сѐ за тие таинствени работи, само тој е најдобриот советник и помошник за оној политичар кој што сака да се заштити од тајните сили.

Дедо му на Жоре бил доктор кој имал многу пациенти кои сите страдале од сериозни болести, ама тој доктор сите нив ги излечил успешно. Како успеал дедо му на Жоре да ги излекува и најсериозните болести?

Е па, кога некој човек на улица ќе кивнел, веднаш дедо му на Жоре ќе му се приближел и ќе му се преставел дека е лекар и дека би сакал да го прегледа, сосема бесплатно, оти тој е добар и хуман човек кој сака да помага. И штом ќе му го измерел пулсот, ќе му ги погледнал очните капаци, ќе му го послушал дишењето – докторот Жоре (внукот Жоре – новинарот е крстен по дедо му Жоре – докторот) ќе му дијагнозирал на човекот кој само кивнал, најстрашна форма на најопаката болест што постои, и ќе му препорачал итно лекување кај него, оти во спротивно – му нема спас.

Нормално, пациентот бил премногу неинформиран за да сфати дека Жоре го лаже и дека од неговата „болва“ направил „слон“ само за да убивајќи ја „болвата“ се пофали дека го убил „слонот“ и добро да си ги наплати своите услуги.

Новинарот Жоре таа метода од дедото свој, докторот Жоре, убаво ја научил и ја практицира и денеска. Па така, кога нешто ситно ќе му се случи на некој политичар, тој му прави дијагноза дека има цел заговор против него и дека само тој, кој ги знае сите детали, може да му помогне, за добра надокнада. Ако само политичарот би ја сфатил вистинската причина за своето „кивање“ Жоре би останал без корка леб.


Кој владее со Македонија? Дали тоа е американскиот амбасадор, олигарсите, корумпираните новинари во служба на странските тајни сили, меѓународни друштва кои се обидуваат да го уништат православието….?

Кој е крив што нас не нѐ бива?

Дали во 2004 – та година Албанците и Американците го поставија сегашниот претседател на државата против волјата на народот? Не!

Ако добро се сеќавате, од вкупно милион и седумстотини илјади луѓе со право на глас, во првиот круг за него гласаа нешто повеќе од 380.000 гласачи. Тоа е едвај една петтина од вкупниот број на избирачи. Како може човек за кого како прв избор гласале само една петтина од вкупниот број на избирачи да владее со другите четири петтини кои не гласале за него? Зарем тоа не е доказ за заговор?

Е не е, оти за неговиот противкандидат гласаа една шестина од вкупниот број избирачи (околу 300.000 гласачи), а најголемиот број на луѓе со право на глас воопшто не излегоа да гласаат. Тие што не гласаа директно против лошото, тие гласа индиректно за лошото.

Олигархијата ли владее со Македонија, и дали можеби олигарсите го потплатиле и си го купиле и сегашниот премиер, како што шири дефетизам една глупава новинарка, веројатно, по дух, сестра на Жоре и братучетка на Боре, мајка на Ѓоре и бивша швалерка на Зоре?

Олигархијата не го намести сегашниот премиер на неговата функција, туку 480.000 гласачи го избраа него, кога ја подржаа неговата коалиција. Ако олигархијата сакаше некого да го подржува финансиски, зарем немаше да ги подржува оние што отсекогаш ги подржувала и кои никогаш не ѝ го свртеле грбот?

Ама тие немале рејтинг висок, па затоа решиле олигарсите да се обложат на коњот кој победува… е па пак се враќаме на гласачите, на оние стотици илјади луѓе кои и покрај сите медиуми, телевизии и весници бесплатни, сепак одлучија да гласаат против оние со низок рејтинг.

Значи, оној што се обложил на коњот за кој што знае дека ќе победи во некоја трка не направил со својот облог токму тој коњ да победи, туку коњот самиот ја трча трката и самиот победува затоа што е силен и брз.

Не ви се допаѓаат пишувањата на некои предавници – новинари во весниците? Не ги купувајте тие весници!

Не ви се допаѓа некоја политичка емисија во која водителот изнесува антимакедонски ставови? Пишете им мејл на фирмите кои се рекламираат во таа емисија, и кажете им дека сте почнале да ги бојкотирате нивните производи (гуми за џвакање, сокови или средства за чистење) и дека ќе ги бојкотирате сѐ додека не престанат да пуштаат реклами во такви емисии.

Ако доволно луѓе, десетици илјади или стотина илјади пишат мејл на некоја фирма која се рекламира во непријателски медиуми или емисии и ако навистина престанат да купуваат од производите на тие фирми, за две – три недели газдите на фирмите ќе ја сфатат пораката и ќе престанат со рекламирањето во тие емисии.

Македонија годишно троши, на легалниот пазар, на оној кој се евидентира и оданочува, 150 милиони евра за купување на цигари. На нелегалниот се трошат барем уште толку пари. Значи, македонските граѓани своеволно секој ден плаќаат по милион евра за купување на цигарите, од кои немаат никаква корист и напротив имаат штета по здравјето од нив. И некој ќе ми рече дека тутунските босови владеат со Македонија?

Ако луѓето престанат да пушат уште утре, тутунските босови ќе останат без триста милиони евра (ајде од тоа сто милиони да се трошоци за поткуп и даноци и други трошоци, но пак остануваат двеста милиони чист профит). Ако луѓето, тие милион и сто илјади пушачи кои моментално ги има во Македонија, престанат да пушат – што ќе остане од моќта на тутунските босови?

Газдата на синџир маркети има неколку медиуми кои шират антимакедонизам секој ден? Не купувајте во неговите маркети!

Ако само 100.000 (сто илјади) луѓе месечно трошат по само 3000 (три илјади денари) за купување во продавници, и ако тие луѓе решат да купуваат само во еден синџир на продавници, тогаш прометот на тој синџир маркети би бил околу 60 милиони евра годишно. Од тоа само 1,5% (еден и пол процент) да остане како чист ќар за газдата на тој синџир маркети, тоа е милион евра – доволно е сто илјади луѓе да донесат одлука каде ќе купуваат секој ден и за една година од било кој бизнисмен во земјава можат да направат милионер.

Колку пари македонските граѓани трошат во обложувалниците? Десетици милиони. Кој ги заработува тие милиони, кој е профитерот? Олигарсите ли? Ако утре луѓето престанат да фрлаат пари за обложување – колку ќе профитираат олигарсите од нивните обложувалници, а?

Кој владее со Македонија?

Не ви се допаѓа некој олигарх, кој има неколку свои фирми. Бојкотирајте ги производите на тие фирми. Не морате да чекате до избори за да ја практикувате својата власт. Главен проблем за македонските текстилни фабрики не е кинеската роба, туку македонските купувачи што ја купуваат таа роба. Главен проблем за македонската држава не се партии полни со нечесни политичари, туку луѓето кои гласаат за тие политичари и тие партии.

Македонија не е жртва на некој голем заговор. Или на серија од заговори. Туку на серија од изговори да не се работи ништо, да не се преземе ништо.

Ако не ги купуваме весниците во кои се пишуваат антимакедонски текстови, исто како никој да не ги напишал тие текстови. Јавно искажаниот збор нема никаква важност. Јавно слушнатиот (или прочитаниот збор) е битен.

Кој владее со Македонија?

Утре, наместо да купите цигари во продавница, отидете на пазар и купете моркови. Бензинот е скап? Не ги обвинувајте светските берзи со нивните шпекуланти и манипулатори. Купете си велосипед. Зејтинот е скап? Па наместо да ги пржите јајцата, варете ги. Исто и за компирите.

Ако признаеш дека самиот си крив за состојбата, тогаш пред себе ја имаш обврската нешто и да сториш за тоа. А ако немаш волја да направиш нешто, тогаш не барај изговор во теоријата за заговор.

Не ти се допаѓа некоја политичка емисија на телевизија? Погледни кој густ сок се рекламира во таа емисија и уште вечерва напиши мејл од фирмата која го произведува тој сок и кажи им дека си решил да ги бојкотираш нивните боровинки и од сега ќе купуваш сок од боровинки од друг производител кој не се рекламира во политичката емисија која ја мразиш. Утре, во продавница, навистина не го купувај нивниот сок, туку сокот од боровинки од другата фирма.

Кој владее со Македонија?

Што може да стори или да смени еден човек, дури и да бојкотира кога другите луѓе нема да бојкотираат? А од кај знаете дека другите луѓе нема да бојкотираат? Колку волја треба да се направи еден обичен избор во продавница и наместо да се избере еден тип на пиво, друг тип на пиво (или грицки, или бисквити или зејтин?) Некој мора да почне.

Не мора да чекаме до избори за да гласаме во ова општество наше. Секој ден, секој денар што ќе одлучиме како да го потрошиме е глас кој моментално одлучува кој ќе биде богат, а кој сиромашен од бизнисмените во оваа земја.

Ако сакате да видите кој владее со Македонија, застанете пред огледало. Секој од нас поседува дел од македонската иднина. Секој од нас одлучува. Секој ден.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: