Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ИНТЕРЕСНА СТРАТЕГИЈА НА ФИЛИП II ПРИМЕНЛИВА И ВО ДЕНЕШНИ УСЛОВИ

leave a comment »

Македонската фаланга, во очекување да пропаднат дипломатските напори

Античките историчари го забележале случајот кога Филип II требало да се справи со двајца разбојници кои правеле криминали во една област под негова управа. Имено, тој му пратил писмо на едниот разбојник во кое му понудил целосна амнестија, под услов да го фати и да му го доведе заробен другиот разбојник.

* текстов е првично објавен на 1ви август 2008 година на http://blogatash.blog.com.mk/node/172925

За жал, историчарот од времето на стариот Рим, Polyaenus, од чија книга ја прочитав оваа случка, не продолжува со својата приказна за големиот македонски крал, и ние не знаеме дали стратегијата на Филип се покажала успешна или доживеала неуспех во тој конкретен случај. Не знаеме дали едниот разбојник ја прифатил понудата, и уште повеќе, дали можеби Филип му пратил идентична порака и на другиот разбојник (постапка која би била многу итра од денешна гледна точка, зарем не?).

Меѓутоа, за оние кои доста добро ја познаваат античката македонска историја, оваа стратегиска итрина на Филип II не преставува ништо чудно, бидејќи тој со ваква метода се служел речиси редовно кога требало да освојува некој добро утврден град.

Имено, откако граѓаните на непријателскиот град цврсто и одлучно ќе го отфрлеле неговиот ултиматум,  колнејќи се дека до смрт ќе се борат за слободата и независноста на својот град – држава, Филип веднаш влегувал во тајни преговори со неколку видни жители на тој град, понудувајќи им ја управата на градот ним, по неговата победа, која тој би ја извојувал со малку или и без жртви, под услов секако, тие да му помогнат да го заземе нивниот град.

Ако се земе во предвид колку градови успеал Филип да освои, и тоа според сите историски извори, со исклучително малку насилство и борби, веројатно, стратегијата „прости му на едниот непријател за да ти помогне да го фатиш другиот непријател“ била доста плодна и корисна од државнички аспект.

Инаку, во древните времиња, не бил само Филип II корисник и почитувач на ваквите стратегиски итрини. Напротив, ако се погледне историјата на развојот и експанзијата на стариот Рим, ќе се забележат десетици случаи кога за да освојат некоја територија која можела да даде исклучително силен отпор, Римјаните на дел од политичката елита во таа територија им нуделе да им ги остават имотите и привилегиите, па и по победата да им дадат и дополнителни награди и бенефиции, само под услов тие да им помогнат, преку предавање на сопствената земја, да ја освојат римските легии со што е можно помали жртви.

И Англичаните кога во деветнаесетиот век ја граделе својата глобална колонијална империја, секогаш се користеле со ваква метода, при што сепак, секогаш воделе сметка за свои сојузници и помагачи од локалните елити да ги изберат оние кои биле послаби. Со тоа, англиските стратези знаеле дека ако им помогнат на послабите и по победата ги постават нив за локални владетели, тие ќе бидат свесни кој им овозможил да се доберат до власт и дека ќе им бидат лојални слуги на англиските колонијални господари.

И Турците кога навлегле за прв пат во Европа не биле нешто многу срамежливи во користењето на оваа метода. Впрочем, во српската историја сеуште за главен виновник за поразот во Косовската битка се смета тогашниот српски аристократ Вук Бранковиќ, кој во клучниот момент дезертирал заедно со својата војска од српскиот табор, по што Турците ги масакрирале силите на „царот“ (поточно кнезот) Лазар.

И Чеченците за својата сегашна несреќа треба да го обвинат користењето токму на оваа стратегија од страна на Путин при освојувањето на нивната земја во втората чеченска војна. Имено, во првата војна, во 1994 – 1996 година, руските војници кои Јелцин ги испрати во Чеченија се бореа против сѐ што е чеченско и затоа сите Чеченци беа заедно, во одбрана на таковината. (и Русите ја изгубија таа војна)

Но, во втората чеченска војна, онаа која започна кон крајот на 1999 година, тогашниот премиер, Путин, направи договор со еден од чеченските лидери, Кадиров, кој им овозможи на руските војски многу полесно да се справат со чеченските бранители. Денеска, синот на истиот тој Кадиров е претседател на Чеченија (секако, поставен со благослов и во знак на благодарност за услугите на неговиот татко, од страна на Кремљ).

Не би сакал да помислите дека оваа стратегија е користена само за освојување и уништување. Таман работа, варијанти на оваа стратегиска финта се употребувани низ историјата и за позитивни цели. Еве два историски примери:

Во Франција, на почетокот на деветнаесетиот век, непосредно по револуцијата од 1789 година, имало вистинска анархија и криминални банди и корумпирани државни служби го тиранизирале народот на таа земја.

Не можејќи да се справат со тој хаос, властите биле позитивно изненадени кога Франсоа Видок (François Vidocq, линкот ве води до неговата биографија на Википедиа), инаку поранешен криминалец кој ги познавал безмалку сите водечки гангстери во тогашна Франција, им пристапил со идеја да му дадат средства да формира специјален полициски (!) одел за борба токму против таквите криминалци.

Неговиот оддел, од кој подоцна израснала токму денешната француска детективска полиција, се состоел од само 12 соработници со кои, на пример, само во 1817 година, Видок успеал да расветли стотици кривични дела и да помогне при апсењето на над 800 криминалци!

Кариерата на овој криминалец кој станал полицаец, е речиси пресликана во ликот и делото на таткото на познатиот американски претседател Џон Кенеди, Џозеф Кенеди.

Овој човек во својата младост, во раните години на дваесетиот век, се прочул како неверојатно способен шпекулант на тогашната берза кој со помош на најразлични манипулации и финти се стекнал со огромно богатство. Инаку, времето кога Џозеф Кенеди шпекулирал на берзата било токму најдивиот период во историјата на американските финансии и токму поради многубројните шпекуланти и измамници кои оперирале слично на Кенеди, прво берзата, а потоа и целокупниот американски финансиски систем доживеале страотен крах во 1929 година.

Со цел да се спречат понатамошни крахови од такви колосални димензии, властите во САД му предложиле на најголемиот шпекулант од сите, злогласниот Џозеф Кенеди, да стане токму тој шефот на нивната комисија за хартии од вредност (SEC) и по стапувањето на таа функција, Кенеди ги забранил токму оние форми на шпекулации и манипулации со кои самиот успеал да стане милионер во времето пред крахот.

Благодарение на неговата работа во комисијата за хартии од вредност, денеска американската берза се смета како најдобро регулирана таква институција во светот, во која било какви незаконски и нечесни активности брзо се пронаоѓаат и сурово се казнуваат, при што инвеститорите уживаат највисоко ниво на правна заштита од измами. Како дошло до тоа? Со помош на советите на човек кој знаел сѐ за таквите измами и дубари бидејќи и самиот се збогатил претходно на таков начин.

И така дојдовме до нашата земја, нашето време и нашиот политички систем. Во 2006 – та година, водачот на ВМРО – ДПМНЕ ја примени, по мое мислење, сосема истата стратегија како и нашиот голем државник Филип II. Ја „амнестираше“ партијата ДПА чиј еден тогашен пратеник само две години пред тоа се закануваше дека Скопје ќе го бомбардира со топови, и ѝ даде одврзани раце да го фати другиот разбојник на нашата политичка сцена, партијата на човекот кој пет години пред тоа навистина ги бомбардираше нашите градови со минофрлачи и зољи.

Резултатите од таа стратегија беа толку добри, што на конгресот на партијата во која се најголемите македонски националисти и патриоти, лидерот на партијата чии членови во 1997 година маршираа низ Гостивар облечени во црни кошули, доби аплауз и беше скандирано неговото име со додавката „војвода“.

Сепак, оваа година, се покажа дека главниот човек на македонската десница убаво ја сфатил стратегиската философија на Филип и не си дозволи да заспие во својот победнички занес. Имено, како што беше кажано пред неколку редови, кога од двајцата непријатели се бира еден за амнестирање, за тој да го гони другиот, се бира послабиот. И токму тоа се случи со коалицијата со ДУИ.

Тоа што сега се во коалиција вмровците со албанската партија која има повеќе пратеници не значи дека тие се во коалиција со појаката партија. Имено, да се сетиме на изборниот процес на први јуни и да не заборавиме дека на тој ден, кога наместо Албанците гласаа рекетарите на двете партии, ДПА во урбаните средини доби многу повеќе гласови од својот ривал, што покажа дека рекетарите на таа партија беа посилни од рекетарите на конкуренција.

По таа основа, Груевски мораше да ја избере за партнер токму послабата (во рекетарски поглед) партија за партнер. Што и го направи!

Имаше тогаш многу лоши зборови распишани по блогосферава околу таа неприродна коалиција, главно засновани на фактот што Али војувал против Македонија. Па, гледано од другата страна, по обратна логика, и Македонија војувала против Али, зарем не?

Ама Македонија војувала против Али во самоодбрана? Па и тој војувал против Македонија во самоодбрана, бидејќи, „… нападот е најдобра одбрана…“. Сигурно тој самиот верува во тоа, иако ние не.

Целта на оваа колумна не е да се оправдува било чие војување против било кого, најмалку нечие војување против Македонија (оти и авторот на овие редови е директен учесник токму во тој конфликт, од нашата страна, се разбира!) туку да се смират зовриените страсти преку анализирање на целата ситуација од историско – стратегиски аспект. Еве пак пример од Филип II:

Една од првите големи победи на Филип II била победата во битката близу денешен Охрид против илирскиот крал Бардуљ (Bardyllis) во која Илирите биле крваво поразени со илјадници жртви на нивна страна и многу помалку загинати од македонскиот табор. Знаете ли што направил Филип после таа голема победа? Склучил мировен договор со Илирите и се оженил со илирска принцеза. И од тогаш, западната граница на македонското кралство била мирна и спокојна!

Мислам дека ако се има во предвид тој светол и хуман и (најважно од сѐ) продуктивен пример од нашиот најмудар државник на сите времиња, тогаш коалицијата ја вмровците со учките и не треба да се гледа како некоја голема катастрофа, национално предавство и слични тешки зборови.

Впрочем, знаете ли која е најчесто изговоруваната фраза низ целата човекова политичка историја? Тоа е фразата која секој голем лидер барем еднаш ја има изговорено во својот живот, најчесто со доза на резигнираност: „...е па јеби га, не планиравме така, ама така испадна…

Инспиративноста на оваа стратегиска финта не мора да се заврши со „неприродната коалиција“ која деновиве ја брануваше македонската десничарско – патриотска јавност. Имено, пред неколку месеци, сите нас нѐ потресе информацијата дека во мигот на најголемата ескалација на нашите односи со Грција, нашиот премиер на некоја грчка фирма ѝ доверил договор тежок 70 милиони евра! Тоа беше проценето од некои „аналитичари“ како национално предавство и јасен доказ дека Грујо е всушност лажен патриот.

Но, еве едно прашање за луѓето кои така размислуваа: ако таа грчка фирма добила во Македонија бизнис тежок толку многу милиони евра, што мислите, ако во Грција се појави идеја да се прекинат сите економски односи со Македонија и да се постави целосно ембарго кон нашата земја, која фирма најмногу ќе се бори против таквиот грчки чекор?

Сигурно онаа која има 70 милиони евра да изгуби ако дојде до тоа… а не е само една грчка фирма заглавена со милионски бизнис кај нас, нели?

П.С: Честит Втори Август до сите мои читатели, во понеделник ќе има на овој блог нов пост. Во меѓувреме, ако немате друга работа и ако ви се допадна денешниот пост, прочитајте ги и другите постови на мојот блог. Поздрав🙂

Written by nenobogdan

06/01/2010 at 14:27

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: