Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ КАКВА ДРЖАВА Е МАКЕДОНИЈА?

with one comment

Башибозукократија?

Некои велат дека нашата земја е демократска држава оти во неа владее демократија, други дека таа е темелно партизирана па системот во кој наводно за сѐ одлучуваат партиите би требало да се нарекува партократија. Тоа можеби е вистина, ама ајде да ги разгледаме следниве неколку опции:

* текстов е првично објавен на 5ти август 2008 на http://blogatash.blog.com.mk/node/173573

1. Клептократија: овој збор доаѓа од двата старогрчки зборови, зборовите „клептос“ кој што значел „крадец“, и „кратеин“ кој што се преведува како „владеење“. По таа логика, поимот „клептократија“ е всушност систем во кој со државата владеат крадците!

Е па, дали Македонија е клептократија?

Во нашата земја, ако имате доволно пари, кои можете да ги заработите преку нечесни работи, па дури и со крадење од државата или од лековерните клиенти на вашата фантомска фирма, можете потоа со дел од заработеното да потплатите секаде каде што треба – судови, обвинителство, полиција, медиуми, дури и ако доволно се нафатирате, можете ако ве уапсат, да организирате и луѓе да протестираат во ваша подршка и да блокираат улици и патишта, па како што слушнав вчера на вести, да блокираат дури и водовод и канализација кон оние кои сведочеле против вас, и – да си излезете од затвор без да ви фали влакно на главата.

Конечно, ако имате доволно пари украдено во вашиот нечесен бизнис и ако вклучите и некој кој што може да ве амнестира или аболицира во вашиот апашлук, со право можете да се надевате на неговата милост кога ќе дојде време да ве спасува од затвор. Па ако тоа не е владеење на крадците, не знам што е!

2. Порнократија: овој систем на владеење името го добил од грчкиот збор за „владеење“ гореспоменат, и зборот „порно“ кој на старогрчки означувал буквално „курва“ или „проститутка“ (да се изразам покултурно). По таа логика, порнократијата е систем во кој со државата владеат (или се обидуваат да владеат) курвите!

Е па, дали Македонија е порнократија?

Ако се земе во предвид дека безмалку сите наши досегашни влади во голема мера при оформувањето на законската регулатива се користеле со помошта на експерти кои по падот на едната партија од власт моментално се преориентирале и почнале да ѝ служат на другата партија која ја зграбила власта, се добива впечаток дека навистина во оваа земја експертските курви или како што ги нареков во еден мој претходен пост, експертутките, навистина решаваат за многу нешта во државава или со други зборови владеат.

Ако се земе во предвид дека и во невладиниот сектор, и во медиумите и во бизнис – заедницата има многумина кои се подготвени да работат за било која партија која ќе дојде на власт, ако се земе во предвид само колку пратеници досега смениле и по неколку партии, и ако се има на ум фактот за тоа колку само неприродни коалиции се формирани меѓу нашите партии, просто на човек му доаѓа да си помисли, да не е можеби нашата држава всушност порнократија?

Држава каде што курвите од било кој тип (медиумски, политички, експертски, бизнис и естрадни) владеат со секое поле на општественото живеење! Тоа ли е Македонија?

3. Ксенократија: првиот дел од името на овој тип на владеење доаѓа од старогрчкиот збор „ксенос“ што значи „странец“. Затоа, „ксенократија“ може да се преведе како систем во кој со државата владеат странците.

Е па, дали Македонија е ксенократија?

Погледнете само колку моќ во нашата земја имаат странските емисари и преставници, колку само за секоја ситница сите политички и општествени фактори ги прашуваат и консултираат луѓето кои не се од тука, а се тука на „работа“.

Впрочем, има ли некој во оваа земја кој што мисли дека било што смее да се случи во Македонија без за тоа да се бара и добие дозвола од структурите на ЕУ, НАТО, Стејт Департментот, американската амбасада, ОБСЕ, ММФ, Светската банка… списокот на странски институции кои мораме (или не мораме, ама мислиме дека мораме?) да ги прашаме за сѐ што сакаме да направиме во сопствената држава е буквално бесконечен.

Колкаво само учество имаат во секојдневниот наш живот странците и нивните институции во нашата земја, просто човек да се запраша дали живее во демократска или во ксенократска држава!

4. Плутократија: ако овој збор досега не сте го слушнале, не вознемирувајте се бидејќи некој дал големи пари за да не го слушнете.

Токму првиот дел од кованицата доаѓа од латинскиот збор „плуто“ што во јазикот на старите Римјани означувал „богатство“. И затоа, како што кажав, ако досега не сте слушнале некој Македонија да ја нарекува „плутократија“ тоа е затоа што некој од оние богатите дал некому пари за да се заташка целата работа и никој да не помисли дека во оваа земја владеат богаташите.

Е па, дали Македонија е плутократија?

Ајде да размислиме: Факт е дека во секоја земја каде што владее парламент чии членови се избрани на избори, големо влијание врз тоа кој ќе седне во пратеничките клупи и кој ќе одлучува за составот на владата, имаат медиумите, бидејќи тие имаат моќ да го креираат јавното мислење.

А кој ги поседува медиумите во нашата земја? Два дневни весника и една телевизија (море, две телевизии, бидејќи од неодамна и втор канал постои) поседува еден многу богат човек.

Уште една телевизија поседува друг богат човек за кого се вели дека поседува и цела планина, а и фирма за камионски транспорт. По една телевизија поседуваат и двајца пратеници, избрани од владеачката коалиција на последниве избори.

Луѓето кои во Македонија поседуваат некој влијателен медиум се многу богати, а од неодамна некои од нив седнаа и во пратеничките клупи, благодарение на медиумската подршка што нивните приватни телевизии му ја дадоа на победникот на последните избори. Пратениците ги донесуваат законите, го одредуваат буџетот и ја избираат владата. Во нашиот парламент седат двајца газди на телевизии кои и претходно беа многу богати. Значи, богатите сепак владеат со државава. Е па, ако тоа не е плутократија, не знам што е.

5. Мизократија: првиот дел од овој збор доаѓа од зборот „мизо“ кој се среќава и во зборот „мизантроп“ со кој пак се означува човек кој ги мрази другите луѓе.

По таа основа, „мизократија“ би бил систем во кој оние кои владеат го мразат сопствениот народ. За да видите зошто некои Македонци (а особено некои политичари) ја мразат сопствената земја и сопствениот народ, погледнете ја мојата анализа со наслов „Зошто некои Македонци ја мразат Македонија“.

Суштината на моите ставови изнесени во тој пост е во теоријата дека постојат два типа на Македонци во Македонија: еден тип кој ја сака својата земја бидејќи се чуствуваат поврзани со неа и се гордеат со нејзината традиција, култура, историја и со еден збор со нејзините суштински вредности, и спротивно на тој тип, има и друг тип на своевидни фалсификат – Македонци, кои го носат само името на нашата нација, а во себе немаат ништо македонско, при што се мисли на нивната длабока духовна и емоционална празнотија, која ја прикриваат преку плукање врз оние Македонци кои сепак се вистински Македонци, Македонци по дух и чест и себеспознание.

Теоријата изложена во тој пост вели дека фалсификат Македонците (кои во голем дел се организирани околу една од двете големи партии на нашата политичка сцена) ги мразат оригиналните, вистински Македонци бидејќи поставени еден до друг, како кога ќе се постави фалсификат патика до оригинал бренд – патика, веднаш се познава разликата. Веднаш се гледа кај кого е квалитетот и иднината, а кај кого лагата и промашеноста.

Ако само погледнете со колкава омраза некои новинари, медиуми, политичари и самонаречени независни интелектуалци плукаат по сѐ што е македонско, и како речиси никој не презема ништо против тоа, сериозно се поставува заклучокот дека можеби оваа земја не е демократска, ами дека во неа е присутен системот наречен мизократија – владеење на оние кои ја мразат сопствената држава.

6. Пантократија: за оние на кои не им е познато значењето на зборовите кои започнуваат со префиксот „пан“ (со исклучок на паника и пантолони) да објаснам прво дека тој префикс доаѓа од старогрчкиот јазик каде што означувал „сѐ“ па од таму, зборот „панславизам“ значи движење за обединување на сѐ што е славјанско, „пантеизам“ е религиско – философски правец кој смета дека Бог е во сѐ околу нас, па конечно и пантократија би бил систем во кој власта сака да оствари контрола врз секоја пора на општеството, да владее со сѐ.

Е па, дали Македонија е пантократија?

Можеби не е сеуште, ама ако се погледне каде сѐ власта која има многу пари и многу моќ се меша, што сѐ се обидува да стави под своја контрола, какви сѐ активности сака да финансира и подржува, и колку само за секоја ситница мораме да побараме дозвола од „надлежните“ државни органи, станува многу тешко да се тврди дека Македонија не се движи полека, но сигурно кон пантократија.

Можеби изгледа убаво кога некој друг се грижи за сите наши потреби, ама тоа не е начинот на кој возрасни, зрели, слободни луѓе би требало да живеат. Сето тоа чини многу пари, а што мислите, од каде ѝ се парите на државата?

7. Псеудократија: првиот дел од овој збор звучи многу познато, и навистина е, бидејќи доаѓа од многу често користениот старогрчки збор „псеудо“ што значи „лага“.

Кај нас, по грешка, овој збор често се пишува и како „псевдо“, но како и да е, значењето е исто, па така овој систем на владеење би се превел како систем во кој со државата владеат лажговците.

Е па, дали Македонија е псеудократија?

Уште прашуваш! Факт е дека нашите политичари – сите политичари! – пред да дојдат на власт кажуваат еден куп лаги со кои се обидуваат да ги убедат избирачите да гласаат за нивната политичка опција. Ај што лажат пред избори, лажат и потоа, кога ќе дојдат на власт. Па имало договор – па немало договор, па ќе правеле коалиција со една партија – па потоа прават коалиција со друга партија, па нема да дојде до пораст на цените на парното – па доаѓа до пораст на цените на парното. Иди фати им го крајот!

Ако ништо друго, нема човек во земјава кој не би се согласил со констатацијата дека во Македонија владееле и владеат и за жал, ќе владеат големи лажговци. А лажат и кога ќе паднат од власт, па се преправаат дека тие сѐ добро правеле кога биле на власт, ама народот не ги сфатил нивните добри намери. Море, ве сфатил вас народот, само не сфаќа дека и оние што ги избрал да ве заменет се веројатно – исти псеудократи како и вие.

А можеби и не? А можеби и да…

Е па, почитувани читатели, тоа е тоа. Од вас сега очекувам да ми одговорите во вашите коментари дали Македонија е демократија или можеби е некој од горенаведените седум општествени системи. Или можеби е сите заедно, во едно, одеднаш?

Како би се викал тој систем на владеење, кога сите партии се здружени за да владеат со народот, да го лажат, ограбуваат, да го продаваат на странците и да им дозволуваат на курвите и богаташите да се изживуваат врз него?

Зборот демократија доаѓа од старогрчките зборови „демос“ и „кратеин“ кои означуваат соодветно, „народ“ и „владеење“. Па дали нашите партии цело време се всушност искрени кон нас кога се нарекуваат себеси демократски? Ако демос е народ, а кратеин е владеење, тогаш секоја партија која се нарекува себеси демократска (а така се нарекуваат сите  наши партии) го сака токму тоа – да владее со народот!

Тоа, по мое мислење е многу интересно толкување на вистинското значење на зборот „демократија“. Зарем не би се согласиле?

One Response

Subscribe to comments with RSS.

  1. „…Како би се викал тој систем на владеење, кога сите партии се здружени за да владеат со народот, да го лажат, ограбуваат, да го продаваат на странците и да им дозволуваат на курвите и богаташите да се изживуваат врз него?…„
    -Како се вика онаа група на грагани во Македонија,која после 20 год. независност го уочува ова горенаведеново како проблем и не превзема ништо?
    -Што е полошо,група политичари кои самоволно владеат или маса на народ кое тоа го дозволува упорно?
    -Проблем мегудругото е што непостои ни најмал отпор.

    DeJaN

    25/10/2011 at 23:35


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: