Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ КАКВА ИДНИНА ГО ЧЕКА БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ?

leave a comment »

Не значи дека ако замине за Црна Гора црно ќе му биде пишано. Панорама од Котор

Факт е дека сите тројца луѓе кои досега ја извршувале функцијата претседател на Македонија својата кариера ја завршиле мизерно, понижувачки и трагично. Како што имам слушнато, вмровците многу му се лути на претседателот поради неговите последни постапки и сметаат дека тој сега навистина ја „претера и прекара“ и дека е крајно време тој конечно да „наебе и надрља“ за своите погрешни потези. Што ли ќе му направат?

* текстов е првично објавен на 4ти август 2008 на http://blogatash.blog.com.mk/node/173404

Вчера, еден висок функционер од владеачката партија со кого се познавам од пред неколку години, уште пред да влезе во политиката, го прашав по мејл какво е расположението во врвот на власта во врска со последните постапки на лицето Б.Ц. и еве што ми одговори тој по мејл:

„… Богдане, овде сите сметаат дека Бранко овој пат навистина ја претера и прекара (дозволи ми да се изразам со неговиот речник) и дека сега навистина сите нас нѐ разљути и разгневи и дека е конечно дојдено времето тој да наебе и да надрља за сите свои досегашни грешки…“

Изненаден од острината на одговорот, веднаш му пратив возвратен мејл во кој побарав некакви дополнителни информации, ама тој само кусо ми пиша: „… ќе видиш наскоро. Чао!“

И така, ме остави пријателот мој во недоумица околу видот и големината на казната која сегашниве политички моќници во нашата влада му ја спремаат на Б.Ц. (како што се изразуваат со иницијали во полициските известувања кога зборуваат за некој криминалец!).

Е затоа, за овој пост, во очекување на нови вести за тажната судбина која го чека Бранко, претседателот наш, принуден сум да применам при мојата анализа на оваа тема една инжинерско – статистичка постапка која се вика екстраполација, која во суштина преставува обид да се предвидат идните настани според тоа како се одвивале настаните во минатото.

Ако веќе екстраполираме за иднината на четвртиот ни претседател на државата, треба да ги погледнеме примерите кои ни ги оставија тројцата претходници на Црвенковски на функцијата Претседател на Македонија.

Тоа се, почнувајќи од првиот, Методија Андонов – Ченто, преку вториот ПППЈРМ – КГ (поранешниот претседател на поранешната југословенска република Македонија – Киро Глигоров) па сѐ од третиот, трагично загинатиот Борис Трајковски. Ако се погледне што им се случи на тројцата претходници на Бранко Црвенковски, се добива исклучително застрашувачка тенденција на случувања, една нишка на трагедии и несреќи која не одминала ниту еден носител на најпрестижната политичка функција во државава.

Еве, да почнеме од Ченто, човекот кој со Киро Глигоров (уште пред тој да стане ПППЈРМ – КГ) присуствувал на АСНОМ, на самиот чин на создавањето на модерната македонска слободна држава. Подоцна, Ченто бил прогласен и за претседател на таа нова, модерна, слободна, македонска држава. И што му се случило потоа?

После неколку месеци обиди да се почне со изградба на една демократска и прогресивна држава која македонскиот народ ќе го воведела во друштвото на цивилизираните и слободни народи – Ченто бил уапсен како наводно се обидувал да побегне преку граница (ова било наместено од неговите непријатели) по што тој бил изведен пред суд каде му била досудена тешка робија на злогласниот Голи Оток. Така завршила кариерата на човекот кој ја создал првата македонска држава. Жално, трагично, болно…

Речиси педесет години подоцна, кога Македонија се осамостои сосема и навистина почна да гради демократски институции, нејзиниот претседател, тогаш само „Киро Глигоров“, само две години откако се стекна со таа функција покажа дека сме направиле голема грешка кога сме го прифатиле за наш „татко на државата“. Имено, Киро Глигоров се согласи со едно „привремено“ име за наше влегување во членство во Обединетите Нации, име кое требаше да трае само два месеца, а еве го, петнаесет години подоцна, сеуште тие два месеца не поминаа.

Но помина мандатот на ПППЈРМ – КГ, во кој мандат, се чини, ако се исклучи обидот за атентат врз него, најдолна точка му беше она плачење и лигавење кога Љубчо и Циле го признаа Тајван без да се консултираат со него.

Се сеќавате сигурно на тоа понижувачко, јавно цимолење на човек во години, кој поминал низ сито и низ решето, за да дојде до ниво некој неизбричен рок – поет и некој мустаклија кој се скарал со диетите да го заебаваат, и тоа јавно, и тоа на највисоко ниво, и тоа во надворешната политика.

Па почна ПППЈРМ – КГ да евоцира некои дипломатски спомени, за некои мигови кога тој водел некоја државничка политика и сфаќајќи дека тие времиња на слава  и моќ и општествено значење поминале, почна спонтано да лее солзи. The end is near, колку болно тоа звучи…

После Киро, дојде Борис, и тоа понесен од две работи. Прво, со неговата славна забелешка кон новинарите од Западна Европа кои не беа задоволни со нашиот третман на косовските бегалци, па Борис им плесна едно „.. ако толку многу ги сакате, што не си ги земете дома…“ и ги освои така срцата на сите оние кои размислуваа како него.

Втората работа која му помогна на Бориса да се добере до претседателската фотеља беа секако калашниковите на партиските рекетари на ДПА, тогаш во коалиција со партијата во која беше член Борис, со чија помош дури и типовите како Фидел Кастро и Садам Хусеин почнаа да му завидуваат на нашиот претседател. Имено, тие во своите најдобри денови освојуваа по 99,99 % од гласовите на нивните избори, а кај нас имаше некои изборни места каде што за победникот гласаа дури и 107 % од запишаните избирачи.

Партијата која тогаш беше на власт (а тоа е истата владеачка партија и сега!) во тоа не гледаше ништо противзаконско. Сега, тие му се лутат на Бранко што се прави мангуп… ех, колку се променија работите во меѓувреме, зарем не?

Ама се чини дека тоа не му донесе многу среќа на Бориса наш. Само две години откако се всели во претседателскиот кабинет во Собранието и во резиденцијата на Водно, во земјава се случи „конфликтот“ и сите оние трагични и одвратни работи кои секоја војна ги носи со себе. Иако целиот свет му ракоплескаше на нашиот претседател за неговата улога во организирањето на рамковниот договор, после сиот тој труд, популарноста на Трајковски беше меѓу гласачите во Македонија на најниско можно ниво. Дури ни во неговата сопствена партија не го сакаа.

Што од овие мизерни собитија на неговите претходници може да го закачи Бранко, сегашниот претседател? Па еве што би можело:

Замислете си дека ќе Грујо & компанија ќе решат да го казнат Црвенковски со казните кои комуњарите му ги нафрлија на Ченто, првиот претседател. Може да се случи шпионите и кодошите кои Бранко ги има поставено околу сегашната власт да го информираат дека му се спрема импичмент во парламентот (ова е реална можност, бидејќи владеачката коалиција има двотретинско мнозинство) и дека Груевски се решил веднаш по сменувањето да нареди апсење на од тој миг веќе поранешниот претседател на државата!

Бранко, во тој момент, исплашен за себе, и особено од можноста да се случи да се најде во притвор и да изврши самоубиство во кофа со вода, ги собира сите штедни книшки и кредитни картички од странските банки и заминува (среде некоја темна ноќ без Месечина, за поголема драматика) за, да речеме, Црна Гора, каде што ќе го пречека единствениот останат пријател (со кого ни самиот не знае колку шлепери цигари имаат прошверцано).

Ако не го фатат на граница, од таму Б.Ц. ќе глуми потоа некаков претседател во егзил, слично на југословенскиот крал Петар кога тој и неговите соработници побегнале од државата во мигот кога нападнале Германците во 1941 година. За разлика од „краљ Петар“ кој во авионот со кој побегнал го натоварил и државното злато, нашиот „краљ Бранко“ златото на нашата држава одамна го смести на приватни сметки во странските банки (или така барем велат сите оние кои го мразат неговиот лик и дело).

По Втората светска војна, новите дечки на власт му забраниле на кралот Петар доживотно да се враќа во Југославија. Се прашувам, ако не успеат да го фатат при обидот за бегање во Црна Гора, дали и нашите сегашни нови дечки, со своето двотретинско мнозинство, нема да му забранат на Б.Ц. да се враќа во државата, доживотно. Со амандман во уставот, мислам, за да биде сѐ формално – правно издржано и регулирано.

И немојте да мислите дека таков член во уставот ќе нѐ оддалечи од евро – интеграциите! Никако! Па една ЕУ држава веќе со децении им забранува на луѓето кои ги протерала после граѓанската војна да се вратат во своите родни огништа. Бранко, во Црна Гора може да глуми во тој случај дете – бегалец…

Ако пак решат вмровците со Бранко да постапат како што постапија Љубчо и Циле со Киро, можеме да очекуваме да признаат ненадејно некоја држава без да го консултираат претседателот (значи, ако веќе решат да не го импичираат). Таа држава би требало да биде некоја територија чие што признавање длабоко би ја налутило државата која му е близок пријател на претседателот, како што Кина му беше блиска на ПППЈРМ – КГ на времето, кого го признаа нашите ајвани Тајван.

Бидејќи е јасно дека Грција е блиска со Кипар, а Бранко е цврст сојузник на Грците во нашиот спор со нив за името, тогаш очигледно е дека за да го расплачат Бранко, и да му покажат кој е сега правиот шеф во државава, вмровците треба да ја признаат Република Северен Кипар т.е. турскиот дел на островот, чиј што јужен дел е населен со Грци. Грција, нормално, ќе збесне поради тоа, ама таа одамна ни е нам лута, па кој ја… кој ја врти па неа, во крајна линија.

И замислете го само Бранко, како евоцира дипломатско – политички спомени пред камери, потсетувајќи се на своите златни времиња и ненадејно почнувајќи да цимоли: „… и тогаш ја му се јавив на шефот на царината и… (почнуваат првите солзи)… и му реков… (шмрц)… дај човече пушти ги тоа… (воздишка).. тоа шлеперите полни со Марлборо… (веќе солзите не можат да се задржат)… ама пази кога ќе им земаш провизија… (ох, колку само убави беа тие времиња, ах, каде заминаа)… да не те снимаат оние од ЦИА, па после… (шмрц)… може да нѐ уценуваат… и Претседателот веќе не може да зборува, ја става раката врз очите, да ги скрие солзите од срамот што веќе никогаш нема да може да прави такви работи, никогаш повторно нема провизија да земе, никогаш…

Или пак замислете како вмровците решат Бранкота да го казнат како што сдсмовците се заебава со Трајковски. Што и не би било толку трагично, ако се спореди со она како некои други (глобални) фактори решија да се справат со „прецедатело“. Очигледно, сто пати е подобро да се караш со локални фактори, отколку со глобални.

Се сеќавате ли Борис како велеше кога беше во кампањата за претседателските избори? Слоганот му варираше, но секогаш го содржеше она „верувам во… затоа што…“. На пример, „Верувам во љубовта, затоа што сум ја почуствувал“ или „Верувам во младите, затоа што во нив е иднината“ и слични изјави, кои конечно финализираа со слоганот „Верувам во Македонија“ (без да објасни зошто).

Што ли му се моташе низ главата на сегашниот претседател кога реши да го амнестира Зоран Заев? Дали можеби „Не верувам во судството, затоа што самиот на времето ги поставив судиите кои сега ми свртеа грб и работат за Грујо“. Или пак можеби „Не верувам во невиноста на Заев, и затоа ќе го амнестирам, затоа што и самиот треба да земам провизија од целата зделка за која тој е обвинет“. Или пак „Не верувам во Македонија, затоа што овде сите сфатија колку сум ја уствари неспособен и корумпиран“. Кој знае?

Чарли Чаплин на времето направи прекрасен филм наречен „Големиот диктатор“. Да направат сега филм за Бранко, како ли ќе го наречат, „Големиот муватор“ можеби?

Обичните членови на ВМРО – ДПМНЕ со кои секојдневно се дружам и комуницирам би сакале Бранко да го… ама веќе сигурно знаете и самите што тие би сакале да му направат. Тоа е верувам јасно и без да се прашаат тие луѓе. Но, она што не е јасно во моментот е што планира главниот вмровец да стори и како тој ќе го возврати ударот.

Како што се изрази мојот пријател кој што го цитирав во почетокот на овој пост, кого ќе го парафразирам за крај на оваа анализичка: Ќе видиме наскоро!

Факт е дека сите тројца луѓе кои досега ја извршувале функцијата претседател на Македонија својата кариера ја завршиле мизерно, понижувачки и трагично. Што ли го чека сегашниот претседател?

Written by nenobogdan

06/01/2010 at 14:42

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: