Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ КАКО БУГАРИТЕ СЕ МАЈТАПАТ СО НАС МАКЕДОНЦИТЕ

leave a comment »

Мала група на бугарски комедијанти кои им се потсмеваат на Македонците

Во Бугарија, на нивната национална телевизија, редовно се прикажува хумористичното шоу со наслов „Комиците“ во кое актерите постојано се подбиваат со нас, Македонците. Еве за што станува збор:

* текстов е првично објавен на 14ти август 2008 на http://blogatash.blog.com.mk/node/174915

По сугестија и препорака на еден посетител на мојот блог, инаку Бугарин, кој во еден коментар ми кажа дека во нивната држава имало хумористично шоу во кое се кажуваат вицови на наша, македонска сметка, одлучив да ја испитам целата ситуација.

Бидејќи во Македонија (колку што мене ми е познато) на кабелска може да се гледаат само бугарските канали „Планета“ и во некои градови и „Балканика“, немав прилика директно да го гледам тоа шоу.

Но затоа, на YouTube.com, во полето за барање пишав на кирилица Комиците и веќе во наредниот миг имав можност да погледнам неколку видео – клипови од ова шоу.

Станува збор за екипа комедијанти (тоа значи зборот „комиците“ на бугарски), слична на нашите К-15, ама не толку по типот на хумор кој го произведуваат, туку по нивната склоност кон ретко менување на костимите и лепење на лажни мустаќи.

По квалитетот на хуморот, сепак, се многу далеку зад Тошо, Миле и Цацко, бидејќи скечовите некако им делуваат изнасилено, со многу викање и гестикулации и гримаси, слични на нашите „Хихириху“ и во општи црти, на италијанските и француските комедии, сосема различни од американскиот, лежерен и природен тип на хумор, кај нас преставен преку „Фрејзер“ и „Вил и Грејс“.

Како и да е, кај Бугарите оваа комедијантска екипа е наводно многу популарна, а како што вели еден од водителите на „Комиците“ токму најпопуларна тема во нивното шоу секогаш е подбивањето на сметка на Македонците.

При тоа, за да се прикажат Македонците, актерите се преоблекуваат во некакви си „комитски“ алишта (иако во тие алишта повеќе личат на бугарски овчари, отколку на македонски комити, бидејќи имаат чудни капи и елеци) и се обидуваат да зборуваат на „западнобугарски дијалект“ т.е. на македонски.

Велам, се обидуваат, оти некако слабо им оди со нашиот „дијалект“ т.е. јазик. Можеби на Бугарите им звучат како Македонци, ама на ниту еден Македонец начинот на кој зборуваат „Комиците“ кога глумат комити нема да му се стори како македонски.

Нејсе, главна тема во разговорите на „македонските комити“ е кога смислуваат планови како да кренат востание (цело време, само на тоа мислат, да креваат востание) и при тоа, да крадат моми и девојки. За илустрација, погледнете го овој видео – клип:


Интересна работа е што кога бугарските комедијанти се преправаат во македонски комити, ги задржуваат своите имиња, а на презимињата само им додаваат наставка „ски“. Нивниот „војвода“ се вика, верувале или не, Љубчо (!?).

Во клипот што ви го препорачав, нема да најдете некој ептен смешен хумор кој слатко ќе се насмее, освен можеби моментите кога „комитите“ се фалат дека Македонците ги измислиле рестораните „Мекдоналдс“ (или по нивно – Македоналдс) и дека светската поп – ѕвезда Мадона, всушност се вика Македона. И нормално, дека Македонец бил и Пол Макартни, член на легендарната рок – група Бит’лси (кои имале вистинско име „Битолци“, оти биле од Битола).

А и штипките кои служат за закачување на алишта се македонски пронајдок, оти ги открило некое „македонско девојче од Штип“. И слични глупости, ама во суштина, клипот не е кој знае колку смешен. Сепак, погледнете го, особено крајот, кога комитите сфаќаат дека е најдобро да пијат ракија и да се опијат, оти демек, ако не можат да влезат во историјата, сепак можат да влезат во некоја кафеана!

Погледнете го клипот и ќе се чудите (како и јас впрочем) зошто ова шоу е толку популарно во Бугарија. Дали можеби тие луѓе сметаат дека е смешно постојаното викање од типот: „Абе ти Ристе комита, многу глуп си бил…“ или она неразбирливо „ебребребреј!“ кое цело време го повторува „војводата Љубче“. Што има смешно во тоа? Бугарите си знаат…

Мене, како Македонец, овој клип ме навреди, но не поради тоа што во него се прави обид да се исмеваат Македонците, туку поради тоа што тој обид е доста неуспешен. Како што реков, и како што и самите ќе се уверите откако ќе го изгледате клипот, не е нешто посебно смешен. Значи, не ме навредува тоа што има виц, туку тоа што тој виц не е смешен. Толку ли немаат во Бугарија талентирани комичари да смислат барем еден добар виц?

Но, како да им вратиме на Бугарите за тврдењето дека пејачката Кајли Миног била Македонка со вистинско име Макајли Миног? Или дека врвен дострел на македонските градежници е правењето на макетата на Ајфеловата кула?

Можеби со тврдењето кое и ние би можеле да го ставиме на YouTube.com во облик на видео – клип дека Бугарите го измислиле аспиринот и дека го викале „аспарухин“ или дека првиот човек кој полетал во вселената не бил Русинот Јури Гагарин, туку дека тој се викал всушност Јури Бугарин, или поточно Ѓуро Бугарин? Или клип во кој некој сериозен „научник“ ќе тврди дека „… Русите во вселената првин испратиле куче, потоа Бугарин, па мајмун и на крајот човек – космонаут…“

Освен што се преоблекуваат како комити (или поточно кажано, како ајдути) комичарите од шоуто „Комиците“ се облекуваат понекогаш и како „девиците на комитите“ т.е. како македонски моми, при што во следниот клип тие ги глумат најславните моми од Македонија, Билјана (од „Билјана платно белеше“), Калина (од песната „Назад, назад, моме Калино“), Јованка (од „Јовано, Јованке“) и Катерина (од песната „Катерино моме“).

Прво нешто што зачудува во овој клип е зборот со кој „мајката“ на момите, Билјана, им се обраќа на своите „ќерки“ нарекувајќи ги штерки (!?). На кој јазик е тоа, дали на бугарски или на македонски – не разбирам. Ниту е д’штерки ниту е ќерки, па да се чуди човек кого всушност овие го имитираат.

Нејсе, овој клип е уште поздодевен од претходниот со комитите со лажни мустаќи, оти овде и нема некоја тема. Тука идејата е веројатно Македонците да се прикажат како пијаници и будали, а единствена светла точка во целиот клип која има барем некаков комичен дух е кога момите се договараат да ги крадат комитите кога овие ќе се опијат и ќе легнат да спијат, при што кога ќерките (штерките?) ја прашуваат Билјана од кога тоа почнале моми да крадат момци, а не обратно, таа им одговара дека тоа е сега модерно, жените да бидат еманципирани, или кога станува збор за Македонци, да бидат „емакедонципирани“!

И тоа, верувајте ми, е единствениот збор кој има некаков комичен контекст во целиот клип, ако се исклучи моментот кој само нам, овде, во Македонија може да ни се стори смешен, кога мајката Билјана се фали дека таа ќе го краде не некој обичен комита, туку војводата Љубчо лично.

А замислете, целиот овој здодевен, а по бугарски стандарди комичен клип трае неверојатни 9 здодевни минути! И две здодевни секунди плус над деветте здодевни минути!

Погледнете ги и другите клипови кои бугарските обожаватели на „Комиците“ ги постирале на YouTube.com. Ниту еден од нив не се истакнува со некоја особена комичност, а оние клипови кои се поставени за терање мајтап со Македонците се дури и здодевни, а за нас и навредливи.

Па, како да им вратиме? Еве идеја за наш видео – клип кој би ги преставил Бугарите како будали и неспособни да се снајдат во реалниот живот:

Тројца бугарски историчари – професори решиле да тргнат на екскурзија до Охрид, “бугарскиот Ерусалим“ како што тие го викаат. Овие тројца професори, одглумени од Цацко (како Красимир Апашов), Миле (во улогата на Ивајло Джебджиев) и Тошо (како Калојан Поткупчев) на пат низ Македонија, застануваат покрај една ливада каде што здогледуваат едно прекрасно ждребе како мирно си пасе од сочната трева.

Восхитени од убавината на ждребето, и со цел да дознаат дали луѓето во Македонија имаат бугарска или македонска национална свест, го прашуваат сопственикот на ждребето: (при тоа се мачат да зборуваат на „западнобугарски дијалект“ т.е. на македонски јазик)

„Извин’те госп’дине, дали този хубаво ждребе, кога ште порасне ште биде коњот на Александар Македонски, или пак коњот на Аспарух Б’лгарски“?

Сопственикот на ждребето ги погледнува презриво и им одговора:

Море глупи Бугари, ова ждребе кога ќе порасне нема да биде ниту коњот на нашиот Александар, ниту пак коњот на вашиот Аспарух, оти кога ќе порасне нема да биде никаков коњ. Ова е женско ждребе, зарем не гледате. Ќе биде кобила!

Како би се чуствувале Бугарите кога би виделе видео – клип со таква содржина на YouTube.com?

П.С: Не би сакал после овој пост некој да ме смета за македонски шовинист кој сака да распали омраза на Македонците кон Бугарите. За таа цел, еве еден мал придонес од моја страна кон помирувањето на двата народа (слушнавте ли Бугараши, реков ДВА народа, а не еден народ разделен во две држави!).

Почитувани Македонци, ако не сте го погледнале до сега, погледнете го овој видео – клип на бугарската пејачка на турбо – фолк песни Малина. Кликнете на долниот линк и ќе ве одведе до клипот на YouTube.com на нејзината песна „Страст“ во кој таа игра и пее на еден неверојатно секси – начин. Дури и ако не слушате турбо – фолк музика и ако нејзината песна не ви се допадне, верувајте ми, спотот е феноменален!

Можеби после гледањето на овој клип нема да ги засакате Бугарите, ама Бугарките ви гарантирам дека ќе ги гледате поинаку од досега…

Written by nenobogdan

06/01/2010 at 15:59

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: