Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ КАКО ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ НАШИТЕ ШУМИ ОД ЛЕТНИТЕ ПОЖАРИ?

leave a comment »

Сликава е од бајка, затоа е девојкава толку безгрижна. Ама со шумите во реалноста не смее да се постапува безгрижно

Основната грешка што ја правиме кога станува збор за заштитата на шумите од пожари е што се обидуваме да ги спречиме луѓето да отидат во планините. Тоа очигледно не функционира, оти пожари сепак се случуваат, и тоа многу. Јас мислам дека токму обратната логика е решението – треба да натераме што е можно повеќе луѓе да бидат во шумите и само така ќе го спречиме подметнувањето и ширењето на пожарите.

* текстов е првично објавен на 2ри ноември 2008 на http://blogatash.blog.com.mk/node/190684

Ајде да се соочиме со реалноста – а таа е дека пироманите никогаш нема да ги спречиме да отидат во некоја шума и да подметнат пожар во неа. Особено лете, кога вегетацијата е бујна и е практично невозможно ефикасно да се контролира теренот од далечина.

Затоа, методите за спречување на подметнувањето на пожари кои нашата влада ги спроведува и кои се состојат во забрана за движење за сите луѓе во шумите летно време, како и поставувањето на камери на одредени клучни – стратегиски точки на пристапните патеки кон горите низ земјава се погрешни и како што покажуваат реалните факти – се дел од една сосема непродуктивна стратегија.

Ова е аналогно на желбата на некоја влада да ги спречи ограбувањата на банките преку забрана за граѓаните (сите граѓани!) да поседуваат оружје. Обичните граѓани, во најголемиот дел не ни помислуваат да ограбуваат банки, туку тоа го прават криминалците. А криминалците секогаш ќе можат да набават доволно оружје за да извршат вооружен грабеж.

Можеби решението би било, наместо да се вработуваат специјални чувари во банките кои би биле малубројни и лесно вооружени, банкарските службеници и службенички да поминат како задолжителен дел од својата обука за работата и еден краток курс за ракување со оружје. Па кога некој гангстери ќе влезат во некоја експозитура на некоја банка да ја ограбуваат, наместо да се соочат со пет – шест голораки службеници кои исплашено ќе им ги даваат сите пари од касите и сефот, ќе имаат пред себе банкари кои ќе им извадат „калашников“, „узи“ или „хеклер и кох“. Наполнет, откочен, репетиран и нанишанет.

Ако сите банкарски службеници во земјава се квалитетно обучени за ракување со огнено оружје и ако сите се добро вооружени со автоматски пиштоли и пушки кои ќе им стојат под шалтерот (меѓу компјутерот и печатачот), веројатно нема веќе да слушаме за ограбени банки низ земјава.

Е па, ајде оваа идеја да ја примениме и во заштитата на нашите шуми од пироманите.

Факт е дека многу, многу, многу ретко се случуваат злосторства среде бел ден и на јавни места. Зошто е тоа така? Па затоа што криминалците не се луди да прават нешто кога сите се будни и шетаат наоколу и кога има еден куп потенцијални сведоци.

Грабежите на банките се исклучок од ова правило, оти тука криминалците се привлечени од голем плен – десетици или и стотици илјади евра кои може да ги украдат и затоа се подготвени да ризикуваат.

Шумите наши ги палат, според одредени информации, или несовесни граѓани или платеници на некои политички структури кои сакаат преку подметнувањето на пожари да направат власта да изгледа неспособна и со тоа да ѝ го намалат рејтингот.

Со планот кој ќе го образложам во наредните неколку точки, е можно да се стави крај и на двете групи причинители на пожарите.

1. Ако сезоната на пожари е како војна, тогаш за да победиме ни требаат бранители на фронтот: да се направи паралела помеѓу состојбата на стотина пожари кои беснеат истовремено низ целата држава и состојбата на војна кога терористичко – криминални групи напаѓаат секојдневно села и градови, не би требало да е некоја тешка задача, особено за нас кои ги имаме поминато и двете состојби.

И при војна и при масовни пожари има материјални загуби од голем размер, има вонредна состојба, има постојани извештаи по медиумите за ширењето на фронтот на пожарот (војната), има евакуација на цивили од загрозените реони, имате места опколени од оган (непријателот) кои имаат потреба од итна помош од голем број пожарникари (бранители), и слично.

По таа логика, зошто да не се однесуваме кон пожарите во шумите како кон своевидни терористи кои на државата ѝ се закануваат со уништување? Затоа, уште во почетокот на месецот Мај, кога започнуваат првите помали пожари од долгата (до крајот на Септември) сезона на шумски огнени стихии, треба да се изврши мобилизација на минимум десетина илјади луѓе, кои наместо да бидат вооружени со пушки или минофрлачи, ќе бидат „вооружени“ со опрема за гаснење на пожари во раната фаза.

Овие луѓе не само што треба да бидат мобилизирани, туку треба да бидат и претходно обучени т.е. да поминат тренинг со што нивната ефикасност би била многукратно зголемена. Интересна работа тука е што за мобилизирање во пожарникарските бранителски единици нема потреба да се повикуваат луѓе кои веќе се вработени во некоја фирма и кои сигурно нема да може да ја остават работата за која се платени за да ги чуваат нашите шуми од Мај до крајот на Септември, туку, пожарникарите – бранители ќе бидат регрутирани од речиси истите социјални слоеви како резервистите од „конфликтот“ во 2001 – та година. Невработени, стечајци, луѓе без постојани извори на приходи, сезонски работници…

Наместо да се понижуваат тие сиромашни луѓе барајќи пред почетокот на бербата на плодовите во земјоделието, слабо платена и напорна работа кај некои земјосопственици, тие многу подостоинствено ќе ги заработат истите пари (кои ќе им ги плати државата) ако заминат на огнениот фронт и ја бранат својата земја од пожарите во планините.

Сезонските работници кои работат по нивите лете берејќи зелки, домати и пиперки и тикви, се пресреќни ако успеат да заработат до десетина илјади денари месечно. За пет месеци служба во пожарникарските бранители, тие би заработиле околу 50.000 денари, што заедно со придружните трошоци за нивното одржување (вода, храна) би дошло околу илјада евра по бранител. По десет илјади бранители – пожарникари тоа се околу десетина милиони евра. Додајте ги тука и трошоците за тренинг, координација и потрошни материјали и добивате инвестиција од 15 милиони евра за секоја сезона на пожари.

Тоа можеби звучи како многу пари, ама не се, особено затоа што станува збор за три пати помала сума од штетата која пожарите ја нанесуваат во последниве години, секоја година. А освен тоа, овие пари ќе се исплаќаат во денари на широк број луѓе, така да нема да го оптоварат трговскиот дефицит (кој и така е голем!) со странство, а ќе делуваат и на социјално поле, оти бранителите, нели рековме, дека ќе бидат претежно сиромашни луѓе без други примања.

Некој би рекол дека платите се премали за задачата која ќе ја вршат тие луѓе. Ама, ако се сетиме дека ќе бидат десет илјади бранители на број, не треба да се очекува дека ќе има многу работа за секого поединечно, оти со толку многу луѓе, никогаш нема да се дозволи пожарите да ескалираат до големи размери. А оние што ќе бидат вклучени во гаснење на пожарите почесто, ќе имаат право и на некој бонус.

2. Бранителите – пожарникари ќе имаат и офицери кои ќе имаат овластување да апсат пиромани: многу е битно овие пожарникарски единици да имаат квалитетна и професионална командна структура со цел да се спречи падот на дисциплината до ниво какво што имаше кај одредени бранителски единици во 2001 – та година. Тогаш (а за ова сум лично сведок) на резервистите кои беа мобилизирани не им беа поставени команданти од постојаниот состав на армијата или полицијата, туку во самите почетоци тие беа оставени да се организираат самостојно.

Поради непречената достапност и употреба на алкохол во неограничени количества и веројатно поради военото неискуство на повеќето резервисти, се случуваше командантите (избрани од редовите на самите резервисти) да организираат вистински „битки“ со другите групи резервисти, при што цел беше да се ограбат „непријателите“, чиј што единствен грев обично беше тоа што се мобилизирани од некој друг град.

Состојбите за само неколку дена по доаѓањето на резервистите во касарните ескалираа во некои случаи до тој степен што имаше повредени, претепани, вадење и употреба на ножеви и палки, фрлање на камења и молотови коктели, и за да не дојде до престрелки со огнено оружје, беа повикани специјалците на МВР и АРМ за да ги разоружуваат оние групи резервисти кои премногу забегаа.

Секако, за ова нешто јавноста тогаш речиси ништо не дозна, а по војната целата работа се забошоти темелно. Инаку, потребата да се контролираат недисциплинираните резервисти беше главната причина (по мој заклучок) што во првите денови од војната не можеше да се испратат сите припадници на нашите безбедносни сили на фронтот. Најголемиот дел од „тигрите“ и „волците“ и „скорпионите“ мораа да останат во касарните за да го одржуваат редот и мирот меѓу самите мобилизирани резервисти. Таа состојба заврши со конечното поставување на вистински офицери како команданти на групите од мобилизирани бранители, па така во голема мера се намали потенцијалот за внатрешни борби во редовите на резервистите.

Ова негативно искуство мора да се има во предвид и кога ќе се организираат бранители – пожарникари. Ни под еден услов не смее да се дозволи тие самите да ги избираат своите команданти (како што се направи во првите денови од мобилизацијата во 2001 – та, па ни се случуваа ограбувања на викендички на Шар Планина од страна на бранителите задолжени да ги чуваат) затоа што последиците може да бидат катастрофални. Целокупниот команден кадар на тие пожарникарски – бранителски единици мора да биде од редовите на полицијата или армијата, оти тие имаат искуство со издавање и почитување на наредби т.е. навика за хиерархија.

Освен тоа, оние припадници од полицијата кои ќе бидат деташирани привремено меѓу бранителите – пожарникари ќе имаат и можност и овластување да ги апсат и пироманите кои би биле фатени во шумите како подметнуваат пожари.

3. Бранителите – пожарникари ќе бидат превентивно распоредени по најнепристапните предели: простата математика вели дека ако се „разбијат“ 10.000 луѓе на 250 групи од по 40 пожарникари во секоја група, тогаш би можеле да поставиме ефективна противпожарна единица на секои 100 километри квадратни од територијата на државата. Што пак значи дека секоја единица од својот статичен логор (од теренската база) ќе биде оддалечена од било која точка на која може да избие пожар најмногу до пет километри.

Што пак значи дека од моментот кога пожарот ќе започне, до моментот на неговото забележување не би поминале ни пет минути (од Воена Болница до Милениумскиот крст на Водно има повеќе од пет километри). Кога пожарот би бил толку брзо забележан, реакцијата би била исто така брза и тој многу поефикасно би бил изгаснат уште во најраната фаза, пред да се прошири на поголема површина.

Ова делува како импресивна бројка, а уште поимпресивна станува кога ќе се каже дека и не мора на целата територија на државата да бидат распоредени бранителските противпожарни единици. Оти, тие треба да се распоредат само на оние места каде што теренот е непристапен за регуларните професионални пожарникарски единици.

Така на пример, во Пелагониската рамнина, или во Полошката, Овчеполската и Струмичката котлина нема потреба од поставување на овие специјални бранителски единици. Тука, теренот е рамен и сосема лесно и брзо може да пристигнат регуларните пожарникарски единици.

Ако ги исклучиме и урбаните средини и другите рамнински региони во земјава, останува територија од едвај десетина илјади квадратни километри тешко достапен терен низ целата држава, каде што секоја од 250 – те групи на бранители би покривала во просек по 40 – ина километри квадратни. Или, ако во центарот на секој толкав сектор се постави кампот на бранителите – пожарникари, од најодалечаната точка на секој сектор бранителите би биле на растојание од едвај три километри. Што значи дека и најмалиот пожар штом ќе започне ќе биде детектиран за помалку од пет минути и изгаснат за половина час најмногу.

4. Бранителите нема да бидат статични туку екстремно мобилни, способни за брзо прераспоредување, но и патролирање: јасно е дека ни во војна не се предвидува воените единици да бидат распоредени на една статична позиција, туку според развојот на ситуацијата на фронтот тие може да се прегрупираат и префрлуваат од една до друга критична точка. Ова треба да важи и за бранителите – пожарникари оти и тие не треба да седат без работа во нивниот сектор кој се покажал безбеден од пожари ако во соседниот сектор се појавил еден или два пожари подметнати од пиромани платени од некоја политичка партија.

Кога сме веќе кај пироманите – платеници, би било корисно во секоја единица од бранителите – пожарникари да има по неколку луѓе со дигитални камери опремени со моќен „зум“, со чија што помош пироманите би биле снимани од оддалеченост и од неколу стотици метри и со тоа нивната идентификација и судење би биле исклучително олеснети.

Ако некој пироман биде фатен во шума без доказите на него, тој може да се брани дека барал печурки или шумски плодови. Меѓутоа, ако некој го има снимено на дело како го подметнува пожарот, тој нема да може да ја избегне казната (освен ако претседателот не го амнестира, ама кога ќе дојде наредното лето, овој претседател нема да биде на власт, па таа опција е исклучена).

Освен тоа, пироманите кои ќе знаат дека во густите шуми насекаде околу нив има стотици и илјадници бранители скриени меѓу грмушките кои имаат во своите раце дигитални камери со силен зум, сигурно ќе се чуствуваат како потенцијални криминалци кои среде бел ден во трговски центар би се обиделе да ограбат некоја банка, снимана од десет агли со десет камери. Обично криминалците не се одлучуваат да прават криминал кога знаат дека има околу нив многу сведоци, па тоа може корисно да дојде во шумите за нивната заштита од подметнати пожари.

Пред неколку недели имавме во нашата држава таканаречен „Ден на идеи“ на кој се очекуваше од граѓаните да ѝ ги пренесат своите добри идеи за најразлични теми на владата која пак требаше да ги сослуша. Така барем велеа рекламните пораки изготвени за популаризирање на денот на идеите.

Ама бидејќи јас бев присутен минатата година, на тогашниот ден на идеи пред владата, и видов каква ефтина фарса за замајување на јавноста беше тоа, оваа година не отидов. А и да отидев, кому ќе му ја кажев мојата идеја која штотуку ја изложив во овој пост? На министерот за заштита на животната средина од ДУИ?!

Особено ако употребував зборови како „бранители“, баш сум сигурен дека ќе ме ислушаше тој. Можеби на заменичката – министерка? Бидејќи пред изборите во 2006 – та (пред таа да стане министерка) имав можност лично да разговарам со неа за екологијата, можам да ви кажам дека мојот став е дека со неа не вреди да се разговара за екологија. Или за било што друго. (впрочем, токму поради длабоката хипокризија во врска со заштитата на животната средина која ја забележав кај одредени припадници на нејзината партија, одбив уште во времето кога ја формираа да станам нивен член, иако ми беше нудено – поради моите интересни идеи за екологијата – и место во повисоките партиски ешалони. Личноста која ми го нудеше местото, една моја блиска пријателка, и самата се разочара од нив и по изборите сосема се пасивизираше во партијата, оставајќи ги кариеристите и дилетантите да глумат некаква си „најеколошка партија во Македонија“)

Нашите прекрасни шуми секое лето се уништуваат сѐ повеќе и повеќе затоа што никој од релевантните политички фактори во државава сериозно не сака да се зафати со нивната заштита. Јавна тајна е дека шумската полиција е легло на масовни злоупотреби на службената положба и сосема отворена корупција, и прашање на месеци е – можеби пред локалните избори – кога ќе пукне некоја спектакуларна полициска акција и таму, налик на „змиското око“ од патарините (оваа ќе се вика можеби „кукавичје гнездо“ или „лисичје крзно“ или „зајачко опавче“ или нешто така)

Еве, конкретен и најсвеж пример е „Денот на дрвото“. Тоа е акција сосема безуспешна и ова не го кажувам за да бидам негативен (оти јас сум исклучително против СДСМ и сум приврзаник на премиерот) туку со најдобра намера, за да бидам продуктивен. Целата идеја на таа акција е, барем мене ми се чини, безвреден маркетинг и пуста и јалова политичка пропаганда.

А нашите шуми и нивното обновување и заштита од пожари се премногу важни за да си играме игри на популарноста со нив.

Огромен дел од дрвцата се погрешно насадени од нестручни луѓе (иако добронамерни, но без и најосновната обука), а и насадените површини не се заштитени и одржувани подоцна, па скоро сите дрвца беа уништени или од негрижа, или од намерно саботирање.

Можеби требаше да има и чуварска служба на засадените голини. Тоа сигурно ќе беше корисна и паметна идеја, ама тоа не ќе можеше да се рекламира, нели?

Тие десетина милиони евра кои секоја година се фрлаат на глупави и сосема бескорисни рекламни кампањи од кои ама баш нема ништо фајде ни државава, ни партијата на власт, туку само газдите на телевизиите и весниците (и нивните тајни деловни партнери од политиката, можеби?), можеби би било попаметно да се инвестираат во остварување на оваа идеја за заштита на шумите, па барем некое фајде да видиме сите.

Written by nenobogdan

06/01/2010 at 19:17

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: