Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ МИНИМАЛНА ПЛАТА – УШТЕ ЕДНА ГЛУПАВА ИДЕЈА НА СДСМ

with 16 comments

Луѓето што ќе ги купат овие спортски автомобили работат за максимална плата, а типов што ги гланца коливе сигурно зема многу помалку. Ама никој со сила не го тера да работи за таа плата!

Нашата водечка опозициона партија деновиве ја реактуелизираше својата идеја за воведување на закон со кој би се гарантирала минималната плата за секој вработен во земјава. За чудо, никој од експертите по економија во државава не се јави да каже нешто против идејата, а и од Владата не се потегнаа премногу да ја искритикуваат оваа „примамлива“ идеја, иако против неа имаат многу јасни аргументи.

* текстов е првично објавен на 13ти ноември 2008 на http://blogatash.blog.com.mk/node/192730

А навистина звучи примамливо, нели? Сакам да кажам, кој тоа здрав би нашол замерка против закон (закон, еј!) со кој строго би му се забранило на секој работодавец да им исплаќа на своите вработени плата чиј износ би бил под одредено ниво. И тоа – ниво со кое се гарантира пристојна живеачка на работникот. Доста беше експлотација, доста беше работење за ситни пари, дајте тоа законот и државните служби и инспекции да се стават во погон и секој работодавец конечно да покаже почит спрема своите вработени и да им дава достоинствени плати!

Навистина, убаво звучи, дури и револуционерно. Кој од нас не би сакал да зема плата која би му обезбедила пристојна живеачка? Ништо чудно што никој не се буни против идејата на СДСМ, а зошто и би бунел некој, што ѝ фали на идејата? Што е проблемот со неа?

Еве што е проблемот:

Замислете си дека имате – што знам, да речеме – 100.000 евра во банка и ви текнува да инвестирате во некоја фирма за дистрибуција на производи за широка потрошувачка за малопродажната мрежа.

Идејата е да купите со 50.000 евра еден централен магацин и гаража, и со остатокот да набавите три комбиња со доволно голем товарен простор во нив за да можете со возилата од вашиот магацин каде што ќе ги сместите стоките од производителите, да ги дистрибуирате до маалските маркети во вашиот град.

Планот е супер – еден магацин со гаражи за комбињата и канцеларија за шефот и секретарката и за чување на деловните книги и три комбиња и – веќе сте во бизнисот. Ако сте вредни и трудољубиви, за пет – шест години вашата инвестиција ќе ви се поврати во целост, и потоа сѐ што ќе заработите ќе ви биде плус. И тоа голем плус, ако градот во кој ќе оперира вашата дистрибутивна компанија е доволно голем.

Ама…

Владата преку закон во парламентот, токму во моментот кога вие планирате да ги потрошите стоте илјади евра за инвестирање, донесува одлука, воведува закон за заштита на достоинството на професијата дистрибутер, закон кој има за цел да ги спаси кутрите млади претприемачи од потребата да бидат понижувани со фактот дека оперираат со мали компании. Законот, повторувам, е наменет да го крене дигнитетот на професијата дистрибутер.

Законот се состои во наредба – регулатива – стандард дека ниту една дистрибутивна фирма не смее да работи со помалку од десет комбиња, два магацини со гаражи и постојано да има на својата сметка во банка минимум 100.000 евра како заштита и обезбедување од можни турбуленции и нестабилности на пазарот, а и како бафер – сума од која би се наплаќале евентуалните тужби против компанијата.

И што правите вие со вашите 100.000 евра во банка кои се доволни според новиот закон само да ви послужат како обезбедување од можните турбуленции? За да ја отворите дистрибутивната фирма од вашите соништа, ви требаат минимум уште 250.000 евра. Кои ги немате. И решение? Да отидете во банка и да ги позајмите.

Со фирмата која ќе ја создадете на тој начин, нема да можете да заработите доволно за да го исплатите долгот барем во наредните десетина години. На крајот, банката ќе ви го земе сиот имот и вие ќе останете после десет мачни и напорни години и без фирма и без 100.000 евра од почетокот и без вашите десет години. Дел од животот фрлен во ветар.

А зошто? Затоа што се јави владата со свој закон и ви нареди дека морате да почнете со вашиот бизнис со минимална задолжителна големина на вашата фирма. Наместо да ви дозволи да почнете со мала фирма и да ја зголемите постепено, владата ве примора уште од самиот старт да почнете со голема фирма. Ако не сакате да се задолжите во банка, ќе морате да се откажете од идејата за бизнис.

Што ако вашиот бизнис всушност се состои во изнајмување на вашиот труд во некоја фирма? Ако владата ви забрани да почнете со мала плата, туку веднаш ве тера да барате голема плата? Никој нема ви даде работа, ете тоа ќе се случи.

Ако сте спремни да работите, а не смеете поради законот да работите за 7.000 денари плата, тоа не значи дека ќе работите за 8.000 плата. Тоа значи дека нема да работите за никаква плата.

Не ви е јасна поврзаноста на горниот пример со законот за задолжителна минимална плата? Ајде уште еден пример, овој пат, многу подраматичен:

Сакате да се ожените (под претпоставка дека вие како читател на оваа моја колумна сте маж). Си имате некоја девојка која длабоко и искрено ја љубите, од дното на вашата душа, од длабочината на вашето срце. Планирате да имате и деца.

И таман се спремате да се ожените, владата донесува закон со кој планира да го подигне нивото на задоволство на мажите во бракот и наредува дека ниту една жена не може да стапи во брак ако нема ист или поголем од обемот на градите приближно колку што има Памела Андерсон. Нормално, владата дозволува (а можеби и ваучер ќе даде за) пластична операција за вградување на силикони кај оние жени кои немаат природно толкав обем на градите.

Дали вие ќе се согласите со таков закон кој има за цел, да ве направи вас посреќен (?) сопруг со тоа што ќе ја примора вашата сопруга да се стекне со поголеми гради? Можеби и ќе се согласите, ама што ако во вториот параграф од законот се воведе ограничување за мажите кои сакаат да стапат во брак, за минимална дозволена должина на половиот орган? (тука веројатно, Роко Сифреди би бил репер)

Јасно, и тука идејата е да се зголеми задоволството на вашата идна сопруга во креветот.

Ако се согласите со оваа претпоставена законска регулација, и ако сметате дека денеска нема ништо лошо во тоа, тогаш утре немојте да се изненадите ако владата, со најдобри намери, за да го подигне здравствениот стандард на населението, донесе одлука за максимална и воедно минимална телесна тежина.

Законот ќе предвидува да одат униформирани полицајци со кројачки ленти за мерење низ улиците и да стопираат и легитимираат сомнителни – преслаби и предебели луѓе – и да им го мерат обемот на стомаците.

Па оној кој е предебел да го тераат на лице место склекови да прави (мандатна казна со општествено корисна работа), а ако не сака да „пумпа“ ќе плати казна. Исто важи и за оној кој е преслаб – оти и тоа е штетно за здравјето – па на лице место да му сервираат „десетка со кромид“, еден леб, две пива и пет еклери како десерт и да го натераат да ги изеде. (и да ги плати, нормално, сосе бакшиш за полицајците – келнери)

Мислите дека овие примери се претерани? Зошто? Затоа што владата нема право да им наредува на луѓето како да го живеат својот живот, сѐ додека тие со својот начин на живот и со своите лични одлуки и избори не ја загрозуваат безбедноста на другите луѓе?

Правилно!

Затоа е оправдано да се забрани пијани луѓе да возат автомобили додека не се отрезнат. Оти со своето сопствено пијанство ја загрозуваат безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Затоа се забранува и луѓето да се дрогираат, оти кога се издрогирани, може да направат некој екцес и да ја загрозат не само својата, ами и безбедноста на другите околу нив.

Меѓутоа, како се загрозува безбедноста на другите луѓе ако некој невработен е по своја волја подготвен да прифати да работи во некоја фирма за плата која е помала од онаа која Синдикатот и СДСМ ја сметаат за минимално достоинствена?

Што има Синдикатот и СДСМ да се мешаат во приватните договори на невработените кои сакаат да најдат работа и работодавачите кои нудат мали плати за работата која сакаат некој да ја врши во нивните фирми?

Да, платите во многу индустриски гранки во земјава се мали, безобразно мали. Но, тоа важи и за градите на многу жени, и за полoвите органи нa многу мажи. Дали треба да се донeсе закон спoред кој овие недoстатоци би требало да се санираат задолжително? Не смееш да имаш секс ако немаш минимум пропишани сантиметри? Или, не смееш да раѓаш деца ако немаш доволно големи гради за да ги доиш?

Поентата е: ако на една девојка не ѝ пречи големината на половиот орган на нејзиниот потенцијален љубовник, и ако нему не му пречи големината на нејзиниот граден кош – тогаш тие треба да си водат љубов слободно, без да се секираат за било што и да се плашат дека некој полицаец или инспектор ќе дојде да ги мери и да ги казнува ако не ги исполнуваат пропишаните со закон критериуми. Е па, истото важи и за пазарот на трудот!

Ако некој работодавец и некој невработен се договорат за одредена мала сума на пари невработениот да врши некоја работа – и со тоа да стане вработен – тогаш нека водат слободно луѓето бизнис. Зошто да се плашат дека ќе дојде некој инспектор од власта и ќе ги казни оти не ги следат минималните доволени износи на плата?

Да, би било веројатно многу поубаво сите жени да имаат бујни гради и сите мажи да се надарени таму каде што – е интересно да бидат надарени. Ама за жал, тоа не е така кај повеќето луѓе. Сепак, во интерес на љубовта, која нели го движи светот, луѓето, ако се зрели и возрасни, ги прифаќаат недостатоците на своите партнери, бидејќи се свесни за своите сопствени недостатоци.

И водат љубов, и убаво им е. Често, од татко и мајка кои немаат атрибути кои би им обезбедиле успешна кариера во порно – индустријата се раѓаат деца кои се здрави, паметни, среќни, прекрасни.

Би било преубаво ако сите работодавци би можеле да им плаќаат на сите работници големи плати. И би било преубаво ако сите работници би биле доволно квалификувани да произведуваат толку многу за да може да ја заработат својата голема плата. Ама, тоа не секогаш е така.

Во најчест број случаи, платите се мали, а и профитот на работодавците е мал.

Но, дали тоа значи дека економијата треба да стагнира? Не, бидејќи возрасните и зрели луѓе ги прифаќаат работите такви какви што се и тераат бизнис. И често, од работодавци кои даваат мали плати и  работници – да речеме градежници – кои земаат мали плати се создаваат преубави мостови, брани, згради, куќи и училишта.

Како во сексот, ако не ви дала природата многу ќе морате да го надополните тоа со нови вештини и знаења кои на вашата партнерки (или партнери) ќе им донесат поголемо задоволство, така и во бизнисот – ако немате доволно квалификации да заработувате голема плата не е лекот во тоа владата да му нареди на вашиот работодавец да ви ја зголеми платата. Лекот е во тоа да се доквалификувате.

Лекот за подигнување на стандардот на работниците (кој навистина е ужасно мал) не е во тоа државата да донесе закон за утврдување на минимална плата под која не смее да се оди. Лекот е во тоа да ги зголемат своите знаења и вештини работниците за да може да најдат полесно друга работа која што ќе биде подобро платена.

Некој ќе забележи дека нашите работници се премногу сиромашни и дека тие немаат пари со кои би ја платиле својата обука за нови вештини. Но, тоа не точно. Во нашата држава на пазарот за цигари (легален и нелегален), алкохол и во спортските обложувалници се вртат годишно околу 500 милиони евра вкупно. Знаете ли кој ги дава тие пари, за цигари, за пијанчење и за обложување? Работничката класа, ете кој.

Кога припадниците на работничката класа (од која и јас лично потекнувам – и се гордеам со тоа!) би престанале да пушат, да се опиваат и да се коцкаат и тие заштедени пари (500 милиони евра!) би ги вложиле во едукација за себе и за своите деца – тогаш нашата земја за само десет години би станала богата како Ирска што е сега. За дваесет – богати како Норвешка ќе бидеме. За триесет ќе имаме највисок стандард во светот.

Written by nenobogdan

06/01/2010 at 19:46

16 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Владата на Република Македонија, како и сите досегашни влади, одредувањето на минималната плата го третира како табу – тема. Сојузот на синдикатите со години инсистира на одредување на минималната плата во двата општи колективни договори, за стопанство и за нестопанство. И организациите на работодавачите не се против одредување на најниска плата, но најголемиот отпор и понатаму го дава Владата.

    Како може во Луксембург со закон минималната плата да е утврдена на 1500 евра. Истото тоа го има и во Норвешка и Шведска.

    А нашите се против тоа. Идејата против минимална плата = ЛОБОТОМИЈАААААА.

    Благоја

    28/12/2010 at 17:33

    • Ај прочтиај ја пак колуманта.

      Што ти вреди да имаш право на минимална плата, ако не си вработен?

      А кој ќе те вработи тебе за 100 евра во конфекција, ако во Тајланд или Кина или Буркина Фасо може да вработи некого за истата работа за 50 евра?

  2. Епа финтата е да имаш право на минимална плата ама и државата да ти обезбеди работа.

    Благоја

    28/12/2010 at 18:19

    • Е па финтата е дека државата не може да ти обезбеди работа, оти треба да ти обезбеди и плата!

      А од кај ќе најде таа пари, ако не од даноци врз приватните фирми? Даноци кои значат да се земе од прудуктивните, за да може државата на непродуктивен начин да ги поебе за глупоти, било за километарски ленти од рудникот до Фени (како некогаш) било за Триумфални капии (како сега).

      Во Југославија за секој човек имаше работно место и плата, ама тоа се плаќаше со кредити, кои Американците ги даваа оти сакаа да ја држат СФРЈ подалеку од Варшавскиот договор.

      Откако пропадна СССР, немаа потреба Америте од Југославија веќе, запреа кредитите, па пропадна и СФРЈ отко пробаа нашиве со печатење пари (инфлација) да ја одржат економијата.

  3. Минималната плата за прв пат е воведена во 1894 година во Нов Зеланд, а неколку години подоцна и во Австралија. Во САД во 1938 година е донесен закон за минимална плата. Во Европската Унија 20 од 27 земји имаат со закон пропишана минимална плата. Тоа се Белгија, Бугарија, Шпанија, Естонија, Грција, Франција, Унгарија, Ирска, Летонија, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Чешка и Велика Британија. Во останатите долната граница на платите се регулира со колективни договори на ниво на гранка. Турција и Албанија исто така имаат со закон регулирано минимална плата.

    Државите кои висината на минималната плата ја имаат пропишано со закон можат да се поделат во три групи. Во првата се земјите каде минималецот е од 100 до 350 евра (Бугарија, Романија, Летонија, Литванија, Словачка, Естонија, Унгарија, Чешка и Полска). Во групата од 500 до 700 евра се Португалија, Словенија, Малта, Грција и Шпанија. Третата група ја сочинуваат земјите кои со закон гарантираат минимална плата околу, или дури повеќе од 1.150 евра. Тука се Луксембург, Велика Британија, Франција, Белгија, Холандија и Ирска. Во Турција минималецот изнесува 333 евра.

    Девет земји на ОЕЦД, каде спаѓаат Германија, Австрија, Италија и скандинавските земји, немаат посебен закон за минимална плата, но минималецот се утврдува со гранските колективни договори. Сепак во некои сектори владите пропишале минимална надница.

    Во некои земји минималната плата е помала од 40 отсто од просечната плата. Тука спаѓаат Летонија, Литванија, Полска, Унгарија, Романија, Чешка и Велика Британија. Во Португалија, Шпанија, Ирска, Словенија, Бугарија, Холандија и Словачка износот на минималната плата се движи од 41 до 47 отсто.

    Според извештаите на Еуростат најниска е минималната плата во Бугарија 112 евра, додека највисока е во Луксембург, 1.610 евра.

    Во САД минималната плата изнесува 33 отсто од просечната плата. Минимални плати со закон се гарантирани во Јужна Кореја и Јапонија.

    http://www.ssm.org.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=422%3Aminimalnata-plata-propis-vo-site-evropski-zemji&catid=49%3Ahealth&Itemid=146&lang=mk

    НЕНО ТВОЈАВА КОЛУМНА НАПИШИ ИМ ЈА ВО СИТЕ ОВИЕ ДРЖАВИ КАДЕ ШТО ИМА ЗАКОН ЗА МИНИМАЛНА ПЛАТА, МОЖЕБИ ЌЕ ТИ ГИ ЦРПАТ ТВОИТЕ ИДЕИ.

    СИТЕ ОВИЕ ДРЖАВИ СЕ ГЛУПАВИ ШТО ИМААТ ЗАКОН ЗА МИНИМАЛНА ПЛАТА, А САМО НИЕ МАКЕДОНЦИТЕ СМЕ НАЈПАМЕТНИ ШТО НЕМАМЕ.

    Благоја

    21/02/2011 at 13:38

  4. Шпанија, Грција, Ирска, Португалија… – ова се се земји во економска криза сега.

    Баш поради кусогледата политика се во криза.

  5. Причина за Кризата во тие држави не е затоа што обезбедиле минимална плата туку Капитализмот каков систем. Капитализмот е болест од која боледува човештвото и планетата земја и која на крај за неколку децении ќе не доведе до крај на цивилизацијата каква што ја знаеме.Капитализмот ќе се удави во сопствените гомна (и сите нас за жал).Сите аспекти на капитализмот се ефини и мизерни,од било кој аспект да се работи.

    Еве Норвешка, Шведска, Луксембург од кога имаат закон за минимална плата, а никаква криза кај нив нема. Чудно.
    Или можеби овие три држави се на удар бидејќи имаат минимална плата а???

    Благоја

    21/02/2011 at 19:34

    • Океј, тоа е твое мислење. Јас не се согласувам со него.

      Да те убедувам немам желба, оти нема да те убедам никогаш. Реално да збориме, ти никогаш нема да бидеш убеден дека капитализмот е добар. Никогаш.

      И што да губам време?

      Колумнава имаше околу 2500 зборови. Ако два илјади и петсто збора не се доволни да те убедат, мислам дека ни уште 25 илјади да потрошам за тебе – нема да те убедам.

      Евe, ти признавам. Ти си поумен од мене, ти си во право, јас грешам ама не сум толку паметен да сфатам дека грешам.

      Задоволен?

  6. Кој рече дека сум умен,паметен, не се сметам ни повеќе, но ни помалку попаметен од тебе и останатите членови коишто имаат оставано коментари на блогов, туку си ги изнесувам моите ставови.

    На стариот блог исто на оваа тема убаво еден ти има реплицирано „Колку те плаќа Грујо за глупостиве што ги пишуваш“. Па и јас Нено не би рекол дека не те плаќа Грујо за пропагандиве. Толкави Колумни никој не би ги пишувал од што нема да прави попаметна работа. А гледам дека никој не се согласува со оваа Колумна од коментарите на стариот блог.

    Е вака Нено замисли се ти во ситуација дека долго време работиш за плата од 7000 денари. Е арно ама Владата донесува закон за минимална плата од 9000 денари. И нормално газдата следниот месец ти дава 9000 плата. Дали ти на газдата би му рекол на ти ги овие 2000 денари назад немат тебе што државата да ти се меша за тоа ти мене колку плата ќе ми дадеш.

    Благоја

    23/02/2011 at 13:11

    • Е вака Благоја замисли се ти во ситуација дека долго време работиш за плата од 7000 денари во некоја конфекција.

      Е арно ама Владата донесува закон за минимална плата од 9000 денари. И нормално газдата следниот месец ти дава 9000 плата, ама тие пари потоа мора да ги заработи фирмата од продажба на конфекциските производи. Повисока плата, значи дека и тие мора поскапо да се продаваат на пазаорт во Западна Европа.

      А таму, конкуренција им се исти такви производи од Кина и Виетнам. Каде работниците земаат мали плати, па така, нивните кошули, маици, гаќи се поефтини од македонските.

      И така, бидејќи никој не ги купува веќе нашите, нема промет за фирмата наша, нема профит, фирмата пропаѓа, и ти остануваш без работа и не само што веќе не земаш 9000 ами ни 7000 нема.

      Замисли ли?

      Сфати сега?

  7. Абе Благоја една работа треба да резберете. Од шупливо во празно не се претура. Моите дома земаат 3 пати повеќе плата отколку пред 10 години, ама пак живееме речиси исто може малце подобро. Ако му наредиш на Веро да им ги покачи платите на сите вработени по 2000 тој тие пари нема да ги извади од џеб, ќе ги поскапи работите и пак исто ти се фаќа. Така да ако мислиш да го зголемиш стандардот на Македонија не го барај решението во Социјализмот. Признавам дека треба да се зголемат платите. И признавам дека Нено ја напишал колумната мацле дрско(Секс-минимална плата) Ама ова дека Грујо го плаќа Нено- параноја.Прво колумните на Нено едвај дали ги читаат 200 души(Грујо не би го плаќал тоа).Второ Нено не го подржува баш Грујо-прочитај ги другите колумни.Трето престани да гледаш А1 таму Грујо повеќе личи на Берлускони отколку на интровертен политичар без харизма шо неможе да каже Р.
    Уше една работа-што К*р ви е со ова социјализмов.Потсетување социјализмот се распадна пред 20 години, земијте кои беа во него нејќат да го спомнат(полска,чешка,хрватска,словачка,словенија) Социјализмот доживеа практичен дебакл.Точка. Во природата постои природна селекција така треба да биде и во општеството.
    П.С Никој да не те лаже Македонија секогаш ќе биде скромна земја(сиромашна) не излегувам на море, немаме нафта, немаме индустрија, единствено предавници можеме да извезуваме.Гледам горе ми ги спомнуваш Норвешка,Шведска,Луксембург алооооо знаеш за кои земји збориш.Норвешка има нафта.Шведска-железо.Луксембург-банки.

  8. Нено не мора поскапо да ги продава фабриката конфекцицките производи ако ги зголеми платите ама зголемувањето на платите да биде со распределба (израмнување на платите).
    Еве вака: Во една Фабрика за текстил да речеме третина од вработените се роднини и пријатели на газдата. И нормално поради тоа тие земаат дупло повеќе пари од НЕРОДНИНИТЕ. А како и во секоја друга фирма роднините на газдата работат по принципот – Нишај врата земај плата. А некои од нив имаат и 4 часовно време. Е сега некој ќе рече дека парите на газдата се негови и може колку што сака да им дава нив. Но тоа не е така. Тие не се негови пари, туку тие пари се од тоа што скратува од НЕРОДНИНИТЕ.

    Еве таков Нено е и мојот пример каде што јас 8 часа рмбам за 8000 денари,а мојата колешка која е сестра на газдата со 4 часовно работно време зема 15000. И тоа по принцип нишај врата земај плата.

    Ако фатам да набројувам слични вакви примери ќе треба да го искористам максималниот број на карактери за еден пост.

    Благоја

    25/02/2011 at 13:40

    • Па што да ти кажам на ова освен – отвори си своја фабрика за текстил, уреди ја по своите идеи и види дали е толку лесно колку што си замислуваш.

      А тоа дека „тие не се негови пари, туку им краде на работниците“ ќе сакам да ми го кажеш откако ТИ ќе инвестираш пари за купување на машини, ти ќе закупиш фабричка хала и ти ќе трчаш по саеми и трговски патувања за да најдеш купувачи. Тогаш кажи дека парите што фабриката ќе ги заработи не се твои.

      Парите на газдата на приватна фирма се негови. Ако тоа не го сфаќаш – џабе праиме муабет. Работниците никој со сила не ги тера да работат за 8.000 денари. Ако не им се свиѓа – нека дадат отказ, па нека „работат“ дома за ич пари.

  9. Високо образуван човек не може да зема 8000. Образванието е бесплатно па така да никој не ти е крив што не си завршил факултет. Никој не кажа дека е лесно или дека животот е фер. Не бегај од реалноста и ти самиот не би бил поразличен кога би бил газда.

  10. Нено не правиме ние муабет за парите што газдата ќе ги инвестира во отворањето на Фабриката туку кога ќе почне да дава плата.
    Еве вака со месеци газдата те држи неосигуран, плата ти касни со месеци, ама битно за неговите роднини си има обезбедено високи плати. Тогаш кажи дека не ти крати од твоите пари за да обезбеди за неговите роднини.

    A ти Кољо кажи ми ти кое е тоа бесплатно образование?
    На какво бесплатно образование мислиш на основно училиште, на средно или на факултет???

    Благоја

    28/02/2011 at 14:06

  11. Брат те разбирам ама во крајна линија ако толку си желен за учење ќе ти дадат стипендија, работата е што не ти се учи. А ова за компанијава…па направи ти компанија и да те видиме…не е толку лесно


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: