Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ НАЈЧЕСТИТЕ ПСИХОЛОШКИ ГРЕШКИ ШТО ГЛАСАЧИТЕ ГИ ПРАВАТ ПРЕД ИЗБОРИ

leave a comment »

Десниот елен не само што го турка другиот елен, туку се бори и со нагорнината

Идејата на денешниот пост е да се направи мал осврт на неколку психолошки грешки кои гласачите ги прават речиси секогаш кога размислуваат за партиите и нивната политичка понуда пред изборите. Овие грешки произлегуваат од човечката природа и се заеднички за сите електорати ширум светот, па со тоа и кај нас се доста застапени. Иако од секоја од следниве неколку грешки и заблуди може да се направи посебен пост, сепак мислам дека е убаво да се имаат во еден пост (како овој) на купче:

* текстов е првично објавен на 3ти февруари 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/208068

1. Верување во бесплатни подароци: не само во нашата политика, ами буквално во секоја држава каде што се одржуваат избори, редовно, во сите изборни циклуси се појавуваат политичари кои на своите гласачи им ветуваат подароци од страна на државата, ако тие ним им ја доверат власта. Се ветуваат најчесто бесплатни учебници за учениците, субвенции за земјоделците, повисоки плати за државните службеници, повисоки пензии за пензионерите или најчесто кај нас, вработувања во државната служба и слични нешта.

И народот, верувајќи дека ако партијата која го ветува тоа дојде на власт и ќе го оствари, обично гласа за неа. Сепак, дури и ако таквите ветувања се остварат, ако политичарите кои ги дале таквите изјави се искрени, не е разбирливо од логична гледна точка зошто гласачите ценат дека би имале корист од таквите ветувања.

Од проста причина што барем кога е во прашање државата, таа нема свои сопствени приходи, таа ништо не произведува и не заработува, туку сите нејзини приходи се или од даноци (кои паѓаат врз грбот на народот) или од задолжување т.е. од земање кредити (кои во крајна линија, пак мора да се отплатат од даноците собрани од работниот народ).

Со други зборови, ако владата навистина реши да ги зголеми платите на државните службеници, да ги покачи пензиите или да дели бесплатни учебници, тоа не преставува бесплатен подарок од владата за народот, туку само враќање на парите што владата ги зела од истиот тој народ преку даноци.

По таа основа, зарем не е поправедно владата да не им ги зема парите на луѓето уште во самиот почеток, па потоа со тие оставени пари тие самите да купат учебници за своите деца, или преку намалените даноци (како ДДВ) да заштедат доволно пари, па да имаат во својот паричник толку колку што владата би им дала преку зголемување на платите и пензиите?

Е ама, во тој случај луѓето не би ѝ благодариле на власта, оти така би сфатиле дека самите си ги заработиле тие „вишок“ пари, а не им ги дала државата. И тогаш, со што би се фалеле политичарите?

Ако некој ви украде 100 евра и потоа ви купи подарок вреден 50 евра и подарувајќи ви го ве замоли да му простите за кражбата, би му простиле ли? Зарем нема да му речете дека не ви требаат подароци од него, туку да не ви ги краде парите воопшто?

2. Размислување по принципот на контраст: ова е еден од најсилните принципи во човековата психологија и како таков редовно се користи во најразлични техники за контролирање на однесувањето на луѓето. Целата идеја се состои во тоа што луѓето се генетски програмирани и биолошки предодредени да ги споредуваат субјективно работите и појавите, а никако објективно. Објективното споредување е многу напорна работа за човековиот ум, но не и невозможна, и затоа само најсамосвесните луѓе се способни за такво нешто.

Со други зборови, за да биде појасно, ние луѓето, никогаш кога споредуваме две работи и кога треба да направиме избор меѓу нив, не ги споредуваме нумерички, во однос кон некоја стандардизирана единица мерка, туку дијалектички – една со друга.

Овој психолошки принцип се користи, меѓу другото, и во полициските испитувања кога двајца полицајци детективи испитуваат некој осомничен. Едниот полицаец се прави остар, лут, гневен, се заканува постојано со најстроги казни за притвореникот ако тој не проговори „сега и веднаш“, а другиот полицаец се прави (глуми) дека е поблаг, поотворен за компромис, и тој на таков начин ја стекнува довербата на осомничениот откако тој ќе биде исплашен од лошиот полицаец. Оваа финта се вика разговорно „добар џандар, лош џандар“ и е овековечена во стотици холивудски филмови.

Принципот на контраст е, како што рековме, универзално правило во човечката психологија. Па и во политиката редовно се користи, и тоа особено кога луѓето размислуваат за партиите пред избори. Пример, во 2002 – та година, на сите им беше јасно дека СДСМ е партијата која воопшто се немаше реформирано во однос на периодот кога беше на власт (до 1998 година) и дека ја водат сосема истите луѓе кои народот веќе еднаш ги беше отфрлил на избори сметајќи ги за премногу неспособни и корумпирани. Но во споредба со нив, беше премиерот Љубчо од нивната противничка партија, кој пак во тие услови се чинеше како уште понеспособен и покорумпиран. И затоа, народот наместо да гласа против и двете групи корумпирани и неспособни политичари, гласаше за претходните оти му се чинеа помалку корумпирани од актуелните.

И денеска, кога широките народни маси размислуваат за неспособноста и корумпираноста на двете водечки политички групи во земјава, СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ, сите се свесни дека и во двете партии има многу недоречености (сеуште не знаеме кој ја финансираше кампањата на ВМРО во 2006 – та) и простор за сомнеж кон способноста на некои т.е. повеќето министри (скандалозното доцнење со издавањето на учебниците за шесто одделение, на пример?).

Сепак, кога ќе дојде време за избори, на повеќето гласачи ќе им се чини дека партијата на Груевски е чиста како солза и способна небаре е составена од супермени, во споредба со СДСМ, партија чие име е за сите луѓе во нашата држава синоним за апашлук и јавашлук во политиката.

Ако некој крадец ви провали во домот и откако ви ги украде сите скапоцености што ги имате, ви ја запали куќата, сигурно до крајот на животот ќе ја проколнувате судбината, зарем не? Но ако потоа, во новиот дом ви провали друг крадец и само ве ограби, без да подметне пожар во вашата втора куќа, сигурно ќе ѝ благодарите на судбината што не ве снашла истата несреќа како со претходниот крадец. Дури ќе се сметате за среќни, иако сте ограбени до последната паричка.

3. Утре ќе мислиме за утре: се вели дека најјасниот знак за државничка мудрост е кога луѓето кои се на власт во некоја земја прават напори да ја обезбедат иднината не само на сегашните генерации граѓани, туку и на идните. Затоа секогаш е за поздравување кога владата инвестира во образованието, во заштитата на природата, во пошумување, градење на насипи за заштитата од поплави кои можеби ќе се случат триесетина години подоцна и слични активности предвидени да дадат резултати на долг рок.

Сепак, инвестирањето во долгорочни проекти захтева дел од средствата, кои денеска би се потрошиле, да не се трошат за краткорочни активности, оти така не би имале пари за долгорочните активности. Повеќето луѓе ова го сфаќаат на прв поглед и затоа се согласуваат, на пример, во некое село со 800 жители, наместо владата да им подели на сите селани по 1000 евра во кеш, таа да изгради со тие пари училиште вредно осумстотини илјади евра, за децата, во наредните неколку децении, да може да учат во пристојни услови.

Ама луѓето само на прв поглед го сфаќаат ова, но на втор поглед не!

Еве пример: јасно е дека од пушењето во Македонија општеството како целина трпи многу негативни последици – зголемена застапеност на разни белодробни заболувања, зачестеност на сите видови рак, огромни трошоци за купување на цигари, кои пари буквално се изгорени во тутунскиот чад. Јасно е како бел ден дека со цигарите ние ја уништуваме на долг рок нашата иднина како држава. И што прави владата наша, која треба да мисли за иднината на земјава?

Ги субвенционира тутунарите! Со цел интересите на неколку десетици илјади одгледувачи на тутун и неколку илјади вработени во производствено – дистрибутивната дејност на цигарите да бидат заштитени, владата мора да одвојува милионски суми за подршка на тутунопроизводството. Се даваат субвенции за земјоделците, ниски даноци за семиња, ѓубриво и заштитни препарати, а се штитат тутунарите и фабриките за цигари и со високи царини за увоз на цигари и суров тутун, со цел нивните производи да бидат поконкурентни. Која глупост!

За да се задоволат неколку десетици илјади луѓе денеска кои не произведуваат ништо корисно, се жртвува здравјето на неколку стотици илјади луѓе во наредните години и децении. И гласачите не гледаат ништо погрешно и штетно во таквата бесмислена и кусогледа политика.

Ако сте сопственик на стан кој вреди 50.000 евра и некој денеска ви понуди толку пари за да го купи од вас, ќе се согласите ли да го продадете, знаејќи дека утре, ако сакате да продолжите да живеете во истиот комфор и удобност на кој сте се навикнале, ќе треба да му плаќате на истиот тој човек по 250 евра месечно за да живеете во истиот стан кој до вчера бил ваш. За помалку од седумнаесет години, ќе ги платите истите пари назад и пак ќе бидете без стан.

Со други зборови, би ги продале ли вашите крави денеска за да од утре со тие заработени пари купувате млеко секој ден и тоа токму од човекот кој ги купил токму вашите крави?

4. Од болвата не може да се види кучето: на последните парламентарни избори, кога едната коалиција нудеше откажување од името и од националното достоинство за да се влезе во НАТО, а другата коалиција сметаше дека влегувањето во НАТО не е доволно голема награда за откажувањето од нашиот национален идентитет – гласачите ја избраа токму втората коалиција подарувајќи ѝ го мнозинството во парламентот.

Ама луѓето во Македонија не гласаа за ВМРО – ДПМНЕ и неговата коалиција поради ветувањето за зачувување на името, туку поради резултатите покажани во борбата против криминалот и подобрувањето на економските перспективи на земјата. И токму тоа е она што јас овде го нарекувам „од болвата да не може да се види кучето“. Која што болва стои токму на тоа куче.

Владата и нејзините анкетари сега, по парламентарните, а во пресрет на локалните избори се опседнати со погрешниот заклучок дека народот гласал за владеачката партија поради нејзиниот цврст став во врска со името. И затоа, владата (иако не изгледа така, оти вешто глуми) ја батали речиси целата вистинска работа во врска со економијата и управувањето со државата и почна да се занимава строго со „патриотски“ прашања.

Иако разгласена на сите страни како голем успех, операцијата „Пепел“ е на најдобар пат да заврши како и „Змиско око“ каде што судот одлучи дека немало елементи на организиран криминал. Небаре, криминалот кој се правеше со години на патарините бил стихиен, неорганизиран, спонтан. Како што тргнале работите со најголемиот удар врз тутунската мафија во државава од осамостојувањето до денеска, се чини дека судот и во овој случај ќе најде дека немало основа да се тврди дека уапсените биле „организирани“ во својата криминална активност.

Состојбата во образованието е катастрофална, за што сведочи скандалозното доцнење со издавањето на учебниците, упорното глупирање на премиерот со издавањето на ваучери за купување на компјутери на апсолвентите, а не на бруцошите (кој тоа стигнал до завршната година на факултет, а сеуште нема компјутер?), како и неразбирливото запоставување на реновирањето на руинираните училишни згради ширум целата држава, при што истовремено безобразно се финансираат со милионски суми рекламните кампањи за привлекување на децата во образовниот процес со понуди до нив да го продолжат образованието. Во кои и какви објекти ќе учат?

И конечно, каде исчезна проектот „регулаторната гилотина“? Сте слушнале ли нешто во последниве месеци за таа операција од која земјава навистина можеше да има огромна, реална корист?

Накратко, од болвата (цврстиот став за неменување на името) владата не може или не сака да го види кучето (вистинската економија и правилното функционирање на државата). Ајде тоа да е само владата заблудена и не би било толку страшно, но и голем број гласачи на владеачката партија не сакаат да го согледаат тоа.

Ако утре премиерот реши да се откаже од неменувањето на името – многумина би му се налутиле до тој степен што не би гласале пак за него, но ако утре пак реши да спроведува акција од типот на „Ден на дрвото“ при што ќе се засадат милиони дрвца од кое ниту едно нема да се фати поради несоодветните подготовки и нестручното засадување – што значи и милиони евра без врска потрошени – никој нема да се изнервира премногу. Луѓето се секираат поради тоа што Бранко и Никола си разменуваат меѓусебе непристојни изјави околу името и преговорите за него. А никој не прашува до каде е набавката на со полни усти најавените најмодерни медицински апарати со кои требаше да се подигне нивото на здравствената заштита во сите болници во земјава.

Не велам дека треба да заборавиме на спорот со Грција за името, напротив тоа е многу битно и значајно прашање (тука именувано како „болва“ а болвите нели, касаат многу болно). Ама и „кучето“ е битно, оти кучињата знаат да касаат уште поболно од болвите. Оти без развиена економија и функционална држава, нема да можеме да го сочуваме името и македонската гордост и достоинство. Болвата без кучето не може да преживее.

5. Персонификација на партиите: уште една психолошка грешка што секогаш и секаде гласачите ја прават и која е многу застапена и кај нас. Обично, гласачите кога ќе го чујат името на партијата го поистоветуваат со нејзиниот лидер (формален или неформален, сеедно) и не помислуваат дека во рамките на секоја партија има и многу други членови и раководители, кои во случај партијата да дојде на власт ќе управуваат со државните претпријатија и служби.

Имаше случаи во нашата држава да се гласа за некоја партија (пример, Демократска Алтернатива) само затоа што на гласачите им се допаѓаше лидерот на партијата. А потоа, кога таа партија дојде на власт, се распоредија нејзините кадри по сите државни фирми каде што направија многубројни криминали. Луѓето гласаа за Тупурковски, ама заедно со него гласаа и за неговите соработници, неспособни и корумпирани какви што беа безмалку сите.

Истиот случај се случи и со НСДП, партија полна со некои од најголемите хохштаплери и бездарници од редовите на СДСМ, која што нејзините гласачи ја поистоветуваа со Тито Петковски.

А истото токму сега се случува и со ВМРО – ДПМНЕ на Никола Груевски. На неговата слава и популарност се залепени како пијавици стотици неспособни идиоти во редовите на неговите коалициони партнери и особено во неговата сопствена партија. Ако ги погледнете внимателно и длабински „успесите“ на некои од актуелните министри во сегашната влада (министерството за образование и министерството за заштита на животната средина се најнеуспешни до сега, по мое мислење), просто ќе се зачудите од која ли листа на промашени лузери ги одбрал нив нашиот премиер. А во вториот ешалон и во пониските нивоа на државната управа, буквално врие од неспособни луѓе.

Јасно, во СДСМ состојбата е далеку поалармантна од онаа во ВМРО – ДПМНЕ. Таму од самиот врв на хиерархиската пирамида па до самата база на партиската структура има речиси исклучиво неспособни и поткупливи политичари.

Но, тоа не го амнестира лидерот на владеачката партија од потребата да се ослободи од јаловиот кадровски товар во своите редови. Може да почне со некои од коалиционите партнери (престојните избори се најдобро време да се направи тоа) па да продолжи со масивно и безмилосно проветрување и во редовите на својата сопствена партија.

Факт е дека гласачите сеуште кога помислуваат на ВМРО – ДПМНЕ помислуваат на Никола Груевски, но што ако неговите соработници толку многу забегаат во своите глупости, па гласачите да почнат да помислуваат на Никола Груевски кога ќе се сетат колку само неспособни идиоти има во ВМРО – ДПМНЕ?

Тогаш, со „валканата вода“ (партијата), на некои наредни избори, може да отиде во канал и „детето“ (лидерот). Впрочем, ако не верува дека тоа е можно да се случи, премиерот може да ја праша Шеќеринска, таа најубаво знае колку е тешко чесен и способен човек да ја стекне довербата на гласачите за својата партија, ако партијата е составена од темелно компромитирани политичари.

6. Мојот глас не вреди ништо: логиката која стои зад овој тип на размислување е следнава: „што може еден гласач со неговиот еден, единствен глас да постигне и да промени, кога на изборите се бројат гласовите во стотици илјади. По таа основа, зошто да гласам кога и така мојот глас не вреди ништо?“.

За да се одговори на оваа фаталистичка заблуда доволно е да се потсетиме на еден философ од древна Грција кој, меѓу другите глупости кои ги смислил, еднаш дошол и до апсурдниот заклучок дека еден човек никогаш не може да оќелавее, без оглед колку влакна да му паднат од косата.

Философот Zeno од Елеја тврдел дека ако со губењето на едно влакно (од вкупно пет – шест илјади влакна на косата) ниту еден човек нема да рече дека станува ќелав, тогаш и со губењето на било кое наредно влакно тој мора да го каже истото – дека не ќелавее. Следствено, ако едно по едно ги изгуби сите влакна од косата, логично е тој човек да не може да рече дека оќелавел. И следствено – заклучил Zeno со неговата типично апсурдна грчка логика – дури и луѓето кои ги изгубиле сите влакна од главата не се ќелави.

Тоа евидентно е погрешна логика и на сосема ист начин може да се пренесе како заклучок во изборните циклуси: точно е дека еден глас не прави разлика, исто како што едно влакно ако падне не го прави човек ќелав. Но, петстотини илјади пати по еден глас – тоа се петстотини илјади гласови. А богами, со толку многу гласови – секоја партија која што ќе ги добие тие гласови во земјава наша би можела да добие чисто мнозинство во парламентот.

Конечно, ако еден глас не вреди ништо, зошто тогаш пред избори партиите прават сѐ што можат да го добијат секој можен глас? Веројатно тие најубаво знаат дека кога ќе дојде време за избори – буквално секој глас вреди. Партиите тоа го сфаќаат и се подготвени тие гласови дури и да ги купат со вреќи брашно, канти сирење или туби зејтин, па во последно време и со кеш на рака. Значи, да резимираме: партиите знаат колку вреди секој глас, фали уште тие што ги имаат гласовите (а тоа се гласачите) да го сфатат тоа. Да сфатат колку навистина вреди нивниот еден глас.

Особено на престојните локални избори, каде што ако се суди според минатите локални изборни циклуси, за тоа кој ќе биде градоначалник на некоја општина ќе решава разлика од само неколку гласови. Значи, сите гласови се еднакви, ама некои се поеднакви од другите. Е тогаш, навистина сечиј глас злато вреди!

Written by nenobogdan

06/01/2010 at 22:45

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: