Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ОД АМАТЕР ДО ХОХШТАПЛЕР

leave a comment »

Не е битно дали мачорот е црн или бел, битно е да лови глувци. Воедно, битно е да не тепа жени по паркинзи

Иако на сликата розата е црвена, сепак името на мачето кое си игра со неа не е Фрки. Откако тоа клучно прашање го расчистивме уште на самиот почеток, сега можеме да се посветиме на објаснување на ликот и делото на еден од претседателските кандидати преку осврт на значењето на неколку зборови од странско потекло кои во нашиот јазик ги употребуваме како навреда.

* текстов е првично објавен на 24ти февруари 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/212723

1. Аматер: овој збор во нашиот јазик дошол од францускиот каде се пишува као amateur каде пак дошол од латинскиот каде што се пишува како amator и буквално значи „љубител“. Поентата е дека овој збор кој во денешно време се користи за да се омаловажи компетентноста на некој човек за некоја тема своевремено се употребувал во позитивна смисла т.е. аматер бил оној кој е љубител на нешто или има голем интерес за некоја област.

Еден од кандидатите на престојните претседателски избори кај нас, во политиката влезе како аматер во позитивна смисла на зборот, за веднаш потоа да се претвори во аматер во негативна смисла на тој поим. Кога стана министер, за него се зборуваше дека е демократ во душа, борец за модерна и прогресивна држава, застапник на новите идеи за слободно општество. Со други зборови, тој беше заљубеник во демократијата и правната држава.

Но, штом стана министер, од аматер – заљубеник се претвори во аматер – некадарник, оти од своите потчинети (кои беа професионалци) побара да му доставуваат информации со кои ќе можеше да ги уценува своите потенцијални политички противници. И тоа не само политичките непријатели од опозицијата (за што имаше и дозвола и подршка од големиот шеф) туку и за своите ривали за превласт во неговата сопствена партија (на која сепак никогаш не ѝ пристапи како член).

Токму таа негова борба против надворешниот (опозицијата) и против внатрешниот (партиски) непријател го доведе до резултат во политката достоен за еден обичен вообразен аматер. Неговата моќ заснована на уцени и манипулации раснеше сѐ до оној момент кога стана закана за неговиот патрон, Големиот Партиски Шеф. И со еден потег, во една бурна и возбудлива ноќ во која со часови заседаваше партиското раководство, тој и неговите приврзаници во партијата на клоци беа исфрлени.

2. Арамија: зборот „арамија“ во нашиот секојдневен говор дошол од турскиот јазик каде што пак пристигнал од арапскиот. Во јазикот на Арапите, овој збор се изговара како „харамијах“ и има ист корен со зборот „харам“ (кој ние го изговараме како „харем“). Фактот што и арамија и харем имаат ист корен на прв поглед може да изгледа чудно и контрадикторно, но не е така.

Еве зошто:

Харемот во куќите на богатите луѓе во арапскиот свет е местото во домот каде што се чуваат најскапоцените нешта. Во древните времиња на Блискиот Исток, најголемото богатство за еден богат шеик биле неговите жени. Тие затоа биле чувани во посебно затворени оддели во палатите, со цел да бидат скриени нивната убавина и младост од погледите на другите мажи.

Харамијах пак била називот за секој оној кој што ќе се дрзнел да упадне во најчуваното место во домот на неговата жртва (во харемот) и да го украде „богатството“. Било да ги грабне жените на шеикот, било да го собере накитот и скапоцените ткаенини (кои редовно биле блиску до жените оти тие најмногу се кителе со нив).

Кога сегашниот кандидат за претседател беше министер, тој не само што беше аматер, туку и арамија бидејќи ги користеше својата моќ и влијание да обезбеди за многубројни криминалци и шверцерски здруженија можност непречено да се занимаваат со својот бизнис и со тоа да ја оштетуваат државата за неброени суми. Се разбира, сето тоа се чуваше во строга тајност (небаре во харем) далеку од љубопитните очи на јавноста.

Се разбира, кога „султанот“ кој на овој арамија му беше дал моќ налик на аладиновата ламба, сфати колкави само богатства зграбил овој расипан човек, реши моментално да му стави крај на неговиот поход кон сѐ поголема концентрација на моќ во неговите раце и – го фрли на улица. Со други зборови, го извлече волшбното килимче од под неговите нозе и му рече „сус бе ќерата!“. И арамијата кој до вера сонуваше да се збогати толку многу што ќе го замени султанот лично, стана клошар.

3. Клошар: овој збор доаѓа од францускиот јазик каде што се пишува како clochard и доаѓа во крајна линија од латинскиот јазик од зборот cloppus што пак значи „човек на кој нешто му фали“ (или „нетокму“).

И навистина, откако анти-херојот на оваа колумна беше исфрлен на улица, надвор од кругот кој му обезбедуваше политичка моќ, тој стана вистински клошар, оти навистина нешто му фалеше. Му фалеше власта, му фалеше присуството на институциите, му фалеше сѐ она што го правеше голем во очите на ситните души околу него кои во него гледаа пример за инспирација и подржавање.

Бидејќи како ситни души и ним им фалеше нешто, и тие се чуствуваа како клошари. Веруваа дека им фали прилика да покажат што знаат и умеат да направат ако се на власт, но всушност она што навистина им фалеше беше самата власт – заедно со сите привилегии што таа редовно им ги обезбедува на оние кои не се способни поинаку да најдат начин да просперираат т.е. од чесна рбаота.

Големиот клошар стана неформален водач и духовен татко на сите македонски професионални клошари. Тие се распрснаа во десетици невладини клошарски организации и полека почнаа да се подготвуваат за денот кога ќе се вратат во домот од кој некогаш беа избркани на клоци. Се разбира, за да може да го изведат тоа, тие мораа да се свртат кон единствениот извор за егзистенција кој го практикуваат сите прави клошари ширум светот – лажењето.

4. Шарлатан: и овој збор доаѓа од францускиот јазик каде што дошол од италијанскиот јазик и има најасна етимологија (наводно од името на италијанското село Cerreto, место кое било прочуено по своите лажговци). Иако оригиналното значење на зборот е доста контроверзно, сепак јасно е што тој поим денеска означува: човек кој со помош на лажни ветувања се обидува да ја стекне довербата на другите луѓе со цел да им ги земе парите и да побегне потоа во непознат правец.

Низ сите епохи шарлатаните обично за да им дадат на своите лаги ореол на вистина земаат некој предмет или идеја и се обидуваат да ја прикажат како лек за сите болести или решение за сите проблеми. Од тука, најпознатите шарлатани низ историјата или продавале чудотворни лекарства, или исцелувале од сите болки, или нуделе амајлии кои гарантирано носеле среќа, или пак се занимавале со гатање и астрологија.

Сепак, во нашава епоха, кај нас особено, најприсутни се политичките шарлатани. Тие имаат ист мотив како и нивните собраќа – измамници досега, а тоа е преку лаги да дојдат до пари. Воедно, нашите политички шарлатни, предводени од најголемиот од сите нив шарлатан (кој сега е кандидат за претседател), не нудат ништо поразлично од обичните шарлатани. Ако им ја дадеме ним нашата подршка на изборите – велат тие – за нас ќе го обезбедат лекот за сите наши општествени болести т.е. зачленувањето во ЕУ и НАТО.

Некогаш, шарлатаните биле скитници и клошари кои шетале низ светот и на лековерните луѓе им нуделе талисмани со гаранција ако ги носеле редовно да им обезбедат среќа и пари. Се разбира, оние потенцијални купувачи кои имале малку повеќе памет секогаш прашувале: „ако овој предмет носи среќа и богатство на оној кој го поседува, зошто тогаш вие што го продавате не го носите самите, па вам да ви донесе среќа и богатство па да не морате да скитате по светот?“

Горе – доле, ова исто прашање може да им се постави и на нашите политички шарлатани. Тие тврдат дека се толку многу паметни што можат да ги убедат ЕУ и НАТО да нѐ примат без да мораме ние да се откажеме од она што сме, туку преку нивниот оригинален и чудотворен концепт за „фер компромис“ ќе ги убедат тие институции дека може и волкот сит да биде и овците на број да останат.

Се разбира, прашањето што ние мораме да им го поставиме на овие шарлатани е: „ако вие сте толку паметни за да можете да го направите она што никој друг не може да го направи, зошто се замарате со нас тука? Зошто не си отидете во средини каде што луѓето сигурно ќе можат да ја препознаат вашата премудрост и визионерство?

И, соочени со овие прашања, кои ним веќе почнуваат да им ги поставуваат многу луѓе кои не сакаат да бидат измамени, тие прибегнуваат кон последното решение: хохштаплерлак!

5. Хохштаплер: овој збор доаѓа од германскиот јазик каде што се пишува како hochstapler и во буквален превод значи „некој што лажно се преставува“ или што би рекле Србите „преварант“.

Најпознатиот литературен хохштаплер се разбира е ликот на Хлестаков од „Ревизор“ на Николај Гогољ. Најпознатиот хохштаплер во македонската политичка реалност е токму кандидатот за претседател чиј лик и дело го обработува оваа колумна. Тој во реалниот живот е само еден мизерен никаквец, уличен силеџија и најобичен вагабонт, крадец – кога му се дава шанса да украде и лажго кога му се дава можност да излаже, диктатор кога има моќ, и полтрон под сите полтрони кога мора да моли некој спонзор да му даде некоја пара.

Има луѓе во земјава кои не можат да го согледаат тоа (такви се над 13% од гласачите, според најновите анкети) оти тој е истовремено и вешт хохштаплер: редовно глуми демократ, борец за евроатлански вредности, идеалист, независен интелектуалец, експерт и мислител.

Сите негови стерилни и промашени идеи, поради тоа што со помош на ползење пред моќниците на времето се стекнал со академска титула, сега редовно добиваат аура на сериозна научна мисла. Дури и кога своите небулози ги збогатува со фрази недостојни дури и за најнеобразованите луѓе, а камоли за професор со европски манири за каков што се преставува самиот тој.

Токму неговата титула го прави хохштаплер, бидејќи својата некултура и безидејност нема да може да ја продава никому ако нема зад себе научна заднина. Доколку не беше тоа што е во нашиот образовен систем, досега никој немаше никакво внимание да му обрнува.

За жал, во нашата земја не постои начин нечија научна титула да биде одземена. Да имаше таква можност, овој хохштаплер, одамна ќе беше препознаен за шарлатан и клошар, и ќе беше поради своите армилаци деградиран до она што отсекогаш и бил – аматер. А аматер рековме што значи: заљубеник. Овој човек отсекогаш беше и остана аматер – заљубен во моќта, заљубен во привилегиите, заљубен пред сѐ во самиот себе и својата болна суета. И аматер во модерна смисла на зборот – неспособен било што од тоа да стекне со чесна работа.

П.С: Се разбира почитувани читатели, ова не е првата моја колумна посветена на оваа тема. За оние на кои денешниот мој пост им се допадна, ги препорачувам текстовите „Експертутки“ и контроверзната „Зошто некои Македонци ја мразат Македонија?“, како и „Пет бенчмаркови кои докажуваат дека СДСМ е промашена инвестиција“. Инаку, во сличен дух на денешнава колумна беше напишана и колумната „Каква држава е Македонија?“ и иако таа не се однесува баш на актуелнава тема, сепак е со политичка конотација па вреди да се прочита.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: