Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПАТИШТА И МОСТОВИ VS БРАНИ И КАНАЛИ: ШТО ДА СЕ ГРАДИ СО КРЕДИТИТЕ?

leave a comment »

Некои прашања заслужуваат одговор

На прв поглед темава може да ви делува апстрактно, банално и дека нема врска со политика. Ама темата има многу врска со политика, оти токму стотиците милиони долари кои нашата влада планира да ги земе како кредит за да инвестира во инфраструктурата, токму тие пари и начинот на кои ќе се потрошат, ќе ја одредуваат нашата иднина како држава. Ова е вистинската политика во позитивна смисла на зборот, а не јаловите шпекулации околу тоа кој полтрон на кој лидер му го погалил „мајмунчето“ за да стане кандидат за некоја функција. Затоа, читајте:

* текстов е првично објавен на 10ти февруари 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/209530

Прво да нагласам дека не гледам ништо спорно во тоа владата на нашата држава да се задолжи во странство и со земените кредити да го финансира инфраструктурниот развој на Македонија. Таман работа тоа е да е спорно, оти тоа е најнормална работа и така се прави секаде во светот. Ако немате свои пари за да инвестирате во бизнис, ќе позајмите, и откако вашата инвестиција ќе се исплати и ќе почне да носи профит, вие со дел од заработените пари ќе го враќате земениот кредит и тоа со камата. До тука (заедно со каматата), нема апсолутно ништо лошо.

Но, лошото со најавеното задолжување тешко неколку милијарди долари, кое нашата влада планира да го направи наскоро, настанува во тоа – за што ќе се трошат тие пари? Со други зборови, какви точно инфраструктурни објекти ќе се градат со парите од кредитите?

Владата планира (барем така најавува) да ги модернизира патиштата, мостовите и тунелите, како и да ја доврши железничката пруга од коридорот осум. Ова на прв поглед делува како разумна одлука, оти состојбата со нашата патна инфраструктура е исклучително незадоволителна.

Но, на втор поглед, во планот има една голема грешка. А таа се состои во фактот што во Македонија веќе постојат функционални асфалтирани патишта кои веќе ги поврзуваат сите индустриски и населени центри. Да, на Македонија ѝ требаат понови и помодерни патишта. И точно е, да бевме ние земја во која за да стигнете од, што знам, Виница до Кочани, ќе требаше да патувате со вашиот автомобил по земјен пат или макадамски друм – ајде и ќе беше сосема оправдано да се смета изградбата на асфалтен пат меѓу овие два и другите слични градови за врвен приоритет.

Но, ние не сме таква земја. Точно е дека имаме села во, на пример, Мариово, каде што може да се стигне само со теренски возила со погон на сите четири тркала. Ама, Мариово и така не е некој регион со значаен економски потенцијал. Така да, неповрзаноста на тој регион и сличните нему региони со асфалтирани патишта и не е некоја страшна пречка за развојот на македонската економија.

Од друга страна, ние сме држава која што има колосални проблеми со обезбедувањето на најосновните ресурси за развој на било каква економија: струја и вода. И токму тука треба да се планираат најголемите инвестиции од кредитот кој владата ќе го зема наскоро од меѓународните финансиски институции.

Ова од проста причина што со изградбата на подобри патишта ние само ќе придонесеме производите кои ќе се произведуваат во провинциските места да бидат полесно преносливи до границите на државата и со тоа полесно да станат дел од нашиот извоз. Ама, за какво производство може да стане збор во нашите провинциски градчиња, ако таму редовно за секој потенцијален инвеститор би била присутна опасноста во секој момент да му биде прекината струјата (оти е преоптоварена мрежата) или водата (оти привремено пресушиле блиските извори кои го хранат локалниот водовод).

Македонија сака себеси да се нарекува „земја која може да произведува здрава храна“. Тоа се планира да биде нашиот главен извозен адут. Но, почитувани читатели, нашиот план да станеме земјоделска сила во Европа е осуден на неуспех, на долг рок барем, затоа што ние наводнуваме со вештачко наводнување т.е. со вода од акумулации која се доставува со помош на канали, едвај 9% (девет!!) од вкупните расположливи обработливи површини.

А поради таа причина, само половина од тие вкупни расположливи обработливи површини навистина и се обработуваат. И тоа, со „половина срце“ оти секоја година земјоделците стравуваат од суша, па не инвестираат премногу во сеидбата (џабе да користат повеќе ѓубриво и поскапи / поплодни семиња, ако биде сушна годината)

Промената на климата е реалност во целиот свет и кај нас особено, што е нагласено и поради нашата специфична географска положба. На долг рок, количеството врнежи нема да се намали, дури и ќе се зголеми (вишокот водата што ќе испари поради загревањето мора да падне како дожд некогаш, нели?), но тоа ќе биде распоредено на екстремни максимуми (кратки и обилни поплави) и на екстремни минимуми (долги периоди без капка дожд).

Значи, водата нема да си отиде, ама нема да доаѓа редовно и во умерени количества. Затоа, ако ние не сториме нешто во најбрз рок (во наредните десетина години) за да се осигураме дека ќе ја задржиме големата вода кога ќе дојде, и дека ќе ја трошиме разумно, по полека тогаш кога ќе ја нема – ние не можеме да зборуваме за развој на земјоделието.

Да, ќе биде прекрасно кога кон граничните терминали и понатаму кон европските пазари по широките македонски автопатишта изградени со парите од кредитите ќе се тркалаат шлепери полни со нашите домати, лубеници, краставици, печурки, пиперки, тикви и компири, произведени на органски (или барем на здрав, без пестициди) начин. Но, што ако неколку месеци пред бербата/жетвата не капне ни капка дожд? Со што ќе ги наполниме шлеперите? Со кои плодови, кога плодови нема да имаме?

Затоа, наместо да се фрлаат парите (да, фрлаат!) во изградба на патна мрежа која и така и така веќе ја имаме и е колку – толку функционална, зарем нема да биде попаметно да се инвестираат сите тие пари во изградба на нови брани и канали за наводнување, кои ги немаме!

Со помош на доволно инвестирање во изградбата на хидроакумулации и каналска мрежа за дистрибуција на акумулираната вода, ние ќе можеме да обезбедиме стабилност на нашето земјоделско производство кое нема да зависи од краткорочните сушни периоди (кратки, но доволно долги да ја уништат бербата). Воедно, ако покрај новите брани инсталираме и енергетски постројки, ќе можеме да произведуваме и големо количество на електрична енергија, со што ќе ја намалиме и зависноста од увоз на струја.

Сето тоа значи дека со помош на инвестициите од кредитите, за само неколку години со заработените нови пари од извозот на земјоделски производи и заштедата од намалувањето на увозот на струја и храна, ќе можеме да профитираме доволно за да ги вратиме кредитите. А со вратени кредити, ќе можеме, благодарение на нашиот поволен кредитен рејтинг (што ќе го обезбедиме со навременото враќање на парите) да подигнеме нови кредити со кои тогаш – ќе ги реновираме и модернизираме нашите патишта.

Ако сега инвестираме во модернизацијата на патиштата, а ја запоставиме градбата на браните и каналите за наводнување, ние само ќе ги фрлиме парите за џабе, без да има било каква основа за развој на профитабилни и извозно ориентирани сектори од економијата. И со кои пари ќе ги враќаме тие кредити?

Ова што ви го напишав во претходниве пасуси не е некое епохално откритие до кое јас сум дошол после длабоки и опсежни испитувања и истражувања. Ма не, ова е најосновна политичка економија што на секој кој и малку се разбира од инвестиции му е јасна.

Па зошто тогаш нашата влада, во која се чини сѐ сами економисти седат (и кај што треба и кај што не треба), нема да го направи токму ова што јас го предложив и образложив?

Со други зборови, зошто владата тврдоглаво ќе ги земе кредитите, и уште потврдоглаво ќе ги потроши парите за изградба на патишта кои ништо нема да произведуваат, и кои ќе зјаат „празни“ т.е. без зголемен сообраќај по нив, оти – нема да има економија да произведува нешто за извоз штом сите пари од даноците (кои ќе се зголемат) потоа ќе се трошат за враќање на кредитите?

Одговорот на ова прашање лежи во една многу очигледна работа, која – морам да признам – наликува на теорија на заговор против нас: прашајте се кој ќе ги даде тие кредити и зошто би ги дал? Одговор: кредитите ќе ги дадат земјите од Западна Европа и САД кои, замислете какво изненадување: се најголемите извозници на земјоделски производи во светот!

А ним, секако, не им одговара да имаат државите како Македонија, сопствено производство на доволно храна за своите потреби, па уште и за извоз. Ова секако не е доминантен фактор во економската политика на тие држави, но сепак ако нашата сопствена влада се согласува со таквата кратковида политика од наша страна, не можете да очекувате тие држави самите да ни ги отворат очите, нели?

Тие можеби и би ни дале кредити и за развој на земјоделието и енергетиката, ама ние не ги сакаме! Т.е. не ние, ами нашите „премудри“ политички лидери. Зошто? Па, веројатно од истата причина поради која сите влади досега правеа сѐ за да ги уништат домашните производители. За да може фирмите блиски до политичките моќници да увезуваат храна во земјава без да имаат домашна производна конкуренција!

Е сега, некој ќе рече дека сегашнава влада не е баш таква како претходните, таа нели дели десетици милиони евра субвенции за земјоделието и таа сума е со тенденција на раснење. Значи, на прв поглед – владата се грижи за развој на македонското производство на храна.

Ама тоа е на прв поглед, оти ефектот од сто милиони евра поделени директно на земјоделците не вреди ништо во однос на ефектот кога истите тие сто милиони евра ќе бидат инвестирани во развојот на земјоделската инфраструктура – канали за наводнување, брани за акумулирање на водата, модернизирање на ветеринарните служби, развој на домашната индустрија за производство на вештачки ѓубрива, инвестирање во агрономијата (нови сорти на растенија, раси на животни, производни методи, агро – консалтинг…) и сл.

Субвенциите во земјоделието се како социјална помош, а како што сите добро знаеме, со социјална помош – нема економски развој. Подобро е парите наместо за социјална помош да се инвестираат во некоја фабрика која ќе создава профит и во која оние кои треба да земаат социјална помош ќе се вработат и самите ќе си ја заработуваат платата.

Конечно да резимираме: тие милијарди долари кои во наредниве неколку години нашата влада планира да ги земе како кредити од меѓународните финансиски институции не треба да се инвестираат во изградба на трети ленти и обиколници за веќе постојните патишта во државава. Какви – такви, ние патишта имаме доволно за тоа што треба да го пренесуваме по нив. Ние немаме многу што да пренесуваме, затоа што немаме индустрија и земјоделие кои ќе произведуваат доволно за извоз. А ги немаме тие индустрија и земјоделие бидејќи немаме доволно основни ресурси за нивен стабилен развој и работа – нема вода и нема струја во доволни и гарантирани количини.

Затоа, со парите од кредитите, треба да се градат нови брани, нови канали, нови електрани. Само така, тие пари ќе бидат паметно потрошени и ќе создадат услови за економски развој на Македонија. А само економски силна Македонија ќе биде држава во која ќе сакаат Македонците да останат да живеат. Со изградбата на пошироки патишта, а без вода за нашите ниви и струја за нашите нови фабрики, само ќе ни биде полесно на сите нас да ја донесеме конечната одлука да се иселиме побрзо од својата сува и мрачна држава. Не знам која е целта на луѓето кои ќе ни ги даваат кредитите, ама зарем тоа е целта на луѓето кои ќе ги земаат тие кредити во наше име?

Ова, почитувани читатели, не беше банална и апстрактна тема, ами многу, многу, многу актуелна и реална. И ептен многу врска има со политика, и тоа политиката од највисоко ниво. Оти, се работи тука за пари, за вода и за храна. Од тоа, повисока политика нема!

Written by nenobogdan

06/01/2010 at 22:55

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: