Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПЕТ БЕНЧМАРКОВИ КОИ ДОКАЖУВААТ ДЕКА СДСМ Е ПРОМАШЕНА ИНВЕСТИЦИЈА

leave a comment »

Ху лет д догз аут? Море, прашањето е ху лет д догз ин?

Неодамна еден мој пријател економист, во еден неврзан разговор околу економската криза што го зафати светот ми ги објасни петте показатели кои ако се согледаат кај една компанија тогаш треба да се заклучи дека таа компанија се движи кон банкрот. Таков каков што сум – опседнат со политика – веднаш ги преточив тие пет „бенчмаркови“ во анализа за перспективите на СДСМ, и излезе дека таа партија е вистинска, класична промашена политичка инвестиција.

* текстов е првично објавен на 27ми октомври 2008 на http://blogatash.blog.com.mk/node/189561

1. Постојан тренд на загуби и намалување на профитот: Реално да зборуваме, СДСМ никогаш вистински и не бил профитабилна политичка фирма (профит не во украдени пари, ами во добиени гласови).

До 1998 година тие или ги загубија изборите три пати (парламентарните во 1990 и 1998 и локалните во 1996 година) или ги добија со помош на фалсификат (1994) а во 2002 – та година рекордната дивиденда од речиси 500.000 гласови ја потрошија многу брзо на разни скандали, афери и изневерени ветувања, па веќе на наредниот изборен циклус (претседателските од 2004 –та) створија минус од 120.000 гласови, бидејќи нивниот кандидат, Бранко Црвенковски и покрај тоа што требаше да знае и требаше да може, знаеше и можеше да освои само 380.000 гласови во првиот круг, кога во неговото салдо не влегоа албанските гласови.

Неуспешниот референдум кон крајот на 2004 – та година беше јасен сигнал за сите кои сакаа тоа да го видат, дека оние 450.000 гласачи кои тогаш му беа страшно лути на СДСМ и кои излегоа да гласаат на референдумот, на наредните избори ќе бидат повеќе од половината од вкупниот број излезени гласачи. Но во СДСМ никој не сакаше да го види она што им доаѓаше во пресрет и си продолжија како партија да прават глупости без нешто да променат суштински во својот настап, па веќе во 2006 – та година изборниот приход на оваа партија беше само 215.000 гласови, што дури и заедно со гласовите на нивните тогашни албански партнери (ДУИ) не им обезбеди доволно голема сума за да ја заработат власта.

Во 2008 – та година, СДСМ падна уште повеќе, иако реалната бројка на добиени гласови беше вешто скриена под превезот на коалицијата со НСДП. Имено, тогаш водството на СДСМ тврдеше дека тие добиле повеќе гласови (230.000 наспроти 215.000 – те) во споредба со 2006, но тие како да заборавија дека во 2006 – та и Тито Петковски, имаше добиено самостојно над 60.000 гласови. Значи, од збирот на двете најсилни социјалдемократски партии од 2006 – та од речиси 290.000 гласа, за само две години, збирот на гласовите на СДСМ и на НСДП на Тито Петковски падна на 230.000 гласа.

Заклучокот од изнесените бројки е неизбежен: од 2002 – та до 2008 – та година, македонската левица падна од вкупен број освоени гласови околу 500 илјади на вкупен број освоени гласови околу 230.000.

Или, за само шест години – над 50% пад на профитот на политичкиот пазар. Ако вака продолжат (а се чини дека токму така и продолжуваат), до наредните парламентарни избори во 2012 – та ќе паднат и под 150.000, ако не и под сто илјади!

Со толку мал број на добиени гласови, тешко дека ќе може да се надеваат не само да се вратат на власт, туку и да учествуваат во било каков облик во донесувањето на политичките одлуки во земјава.

Особено ако овие сегашните владеачки партии, со нивното двотретинско мнозинство, решат да го вратат мнозинскиот систем при изборот на пратеници. Сега засега нема најави за такво нешто, но далеку е 2012 зарем не, па сѐ може да им текне до тогаш на овие.

2. Губење на пазарниот удел и довербата од потрошувачите (brand failure): Во светот на бизнисот кога ќе почне некоја фирма да ја губи довербата од значајни сегменти од својот редовен потрошувачки корпус, тоа е знак за тревога од највисок степен.

Колку за да разберат оние читатели кои не се баш навлезени во економската терминологија, еве еден едноставен и практичен пример со чоколадите: имено, познато е дека овие вкусни производи ги купуваат главно деца (за себе), дедовци и баби (за внуците) и родители (за дечињата свои). Од време на време може и некој спортист од 30 – ина години да купи чоколадо за да брзо ја надополни енергијата која ја потрошил при напорниот тренинг, но таквите луѓе не се клучен дел од потрошувачкиот корпус на производителите на чоколади.

Што се случува ако во јавноста излезе некоја информација дека извесниот бренд на чоколади, познат како „СДСМ“ (со ориз и млеко) во својот состав има оризови снегулки увезени од Кина и полни со пестициди, и млеко исто од Кина во чиј состав има меламин (баш сега е актуелна таа токсична материја).

И пред пазарната инспекција да ги повлече чоколадите од пазарот (а тие можеби и се нетоксични) прво бабите и дедовците кои по цел ден гледаат вести и читаат весници ќе престанат да ги купуваат тие чоколади (поради оправдан страв за здравјето на нивните внучиња), па потоа родителите (кои постојано работат и немаат време редовно да слушаат вести) откако ќе чујат од бабите и дедовците и тие ќе престанат да купуваат од спорните чоколади.

Малите деца многу ретко се информирани за здравствените ризици од загадените состојки во нивните омилени слатки, па затоа тие можеби и ќе останат верни купувачи на инкриминираните чоколади. Но, поради губењето на најзначајниот дел од пазарот, релативно најбогатите потрошувачи, родителите и бабите и дедовците, фирмата нема да има доволно голема продажба на чоколади за да може целата производна линија да ја одржува за рентабилна. И ќе мора да се затвори фабриката. И нормално, тоа ќе значи и дека инвестираните пари за развој на производот и купување на опремата за правење на чоколадата која ја изгубила популарноста меѓу купувачите се залудно фрлени.

СДСМ уште од својот почеток е во постојан тренд на губење на редовните купувачи на нивните политички производи т.е. на своите гласачи. Работниците кои гласаа за нив во раните ’90 години ги загубија со затворањето на стотици фабрики и истерувањето на тие работници на улица. Младите кои во многу европски земји се доста наклонети кон левицата ги изгубија поради уништувањето на образовниот систем и одземањето на било каква можност за перспектива во сопствената држава за тие млади луѓе. Од неодамна, со второто по ред зголемување на пензиите од страна на владата на Груевски, социјалдемократите се на неповратен пат да ги загубат и пензионерите од својот гласачки корпус. А тие некогаш им беа најверните подржувачи.

Кој ќе му остане на СДСМ да гласа за него? Им остануваат воените лица од некогашната ЈНА и борците од НОБ, удбашките кодоши од времето на социјализмот кои се плашат од изнесување на податоците за нивните кодошлаци, и вработените по партиска линија од СДСМ во државната администрација. Интересна работа со овие категории на граѓани е што ако направите од нив збир, отприлика ќе ја добиете бројката од 150 – ина илјади гласачи и тоа се токму оние 9% од вкупното гласачко тело во Македонија на кои сега (според најновите анкети) може да се надева нашата водечка опозициона партија. А борците од НОБ се сите многу стари и полека им се намалува бројката поради „природни“ причини.

Човек би требало да се запраша зошто СДСМ не се обидува да го прошири својот спектар на потенцијални гласачи, што по пазарната аналогија, може да го направи или со намалување на цената на својот производ (гласајте за нас и нема да крадеме толку многу како порано!) или со зголемување на квалитетот (гласајте за нас, оти сега кога ќе крадеме, сепак ќе има нешто и за вас!).

Но, кому да му текне за тоа кај нив, а и да им текне на менаџерите на компанијата т.е. партијата, дали тие ќе можат да остварат таква успешна маркетиншка кампања и дали од сите реклами и промоции ќе имаат ќар? Оти, ако производот ви е неквалитетен, колку сакате рекламирајте го – нема никој да го купи.

3. Лоша кадровска политика во континуитет: на прв поглед ниту една приватна компанија никогаш не би требало да влезе во финансиски потешкотии поради вакви причини. Нели, познато е она старо правило „брат за брата, сирење за пари“ како и „дружба е дружба, но служба е служба“, па затоа се очекува во приватната фирма, каде профитабилноста е главна цел, да нема услови за толерирање на неспособни и мрзливи вработени.

Ама сепак, ова е повеќе идеал отколку реалност бидејќи во многу приватни фирми, родителите кои се газди и ја создале од ништо фирмата ги вработуваат своите синови и ќерки и тоа директно на врвните позиции и функции во компанијата. Бидејќи многу ретко се случува децата да се подеднакво интелигентни за бизнис како нивните родители, по преземањето на раководењето од страна на новите и неискусни генерации, компанијата запаѓа во криза.

Па младите менаџери „татините и мамини синчиња и ќеркички“ почнуваат да носат погрешни одлуки, се прават непотребни трошоци, се соработува со погрешни партнери, се инвестира во погрешни технологии…

СДСМ е од пред неколку години токму во акутна фаза на трпење на негативните последици од долгогодишната темелно погрешна кадровска политика која се спроведуваше во партијата. Почнувајќи уште од поставувањето за партиски лидер на фамозниот & злогласниот Б.Ц. кој и самиот беше исклучително погрешно кадровско решение, па сѐ до најновиот претседател, аболицираниот за обвинението за корумпираност и злоупотреба на службената положба, струмичкиот „кмет“ Зоран Заев.

Иако мојата теорија изнесена подетално во еден мој претходен пост е дека Зоран Заев беше изнудено решение кое скопското лоби во СДСМ мораше да го прифати оти со вешт византиски маневар, власта на Груевски, со неговото репресирање му ја зголеми енормно популарноста меѓу членството на СДСМ, сепак тоа не значи дека изборот на некој друг за лидер на партијата ќе имаше позитивен ефект врз нејзиниот рејтинг.

Сакам да кажам, СДСМ има толку лоша кадровска екипираност – кој од кој се поголеми крадци и неспособници – што едноставно немаат кого да го стават за претседател, а од него да видат некое фајде како партија. И тоа важи за сите нивоа во партијата, од врвот до дното. Хоризонтално и вертикално и во длабочина – практична бездарност, идејна стерилност и политичка бесперспективност во три димензии.

Некогашниот висок член на партијата, колумнистот на „Дневник“ Фрчкоски, во една своја колумна пред многу години даде интересно објаснување зошто Б.Ц. намерно ги избркал сите паметни и способни луѓе од неговата партија: „..а зошто ми се интелигентни луѓе? Па нема на квиз да одам…“ – наводно му рекол во една пригода секогаш луцидниот Црвенковски.

Колку е оваа изјава точна не знаеме и нема никогаш да знаеме со сигурност, но факт е дека ако политиката ја замислиме како квиз, во СДСМ сега нема кој да одговори точно на прашањето од милион долари (поточно, од над 2 милијарди евра годишно буџетски пари) кое гласи: „како да се дојде на власт?“

4. Погрешни деловни стратегии кои создаваат загуби: замислете дека имате неколку десетици илјади евра кои планирате да ги инвестирате во купување на акции од некоја наша компанија. Сосема случајно, некој пријател ве кани на некој прием во некоја голема пекарница во просториите на нивната централа, каде што извршниот директор и претседателот на управниот одбор ќе им одржат говор на присутните пофалувајќи се со своите деловни резултати и поканувајќи ги богатите гости (меѓу кои сте и вие) да купат акции во пекарницата со што ќе може да бидат сигурни дека направиле безбедна инвестициска одлука.

Очигледно е дека инвестирањето во компанија која произведува леб е во најголемиот број случаи исклучително сигурна инвестиција (оти луѓето секогаш ќе мораат да јадат леб, па макар немале пари за ништо друго!) но тоа не секогаш е така.

Ако на промоцијата во пекарницата забележите дека поводот за свечениот прием  е отворањето на новата деловна зграда со луксузно уредени канцеларии, а не пуштањето во употреба на нов производствен погон, немојте да се излажете и да купите акции во таа пекарница.

Бизнисот на пекарницата од која таа може да има профит и да ви носи вам дивиденда за купените од неа акции ќе биде подобар само ако таа инвестира во профитабилни нешта – нови машини, нови возила за дистрибуција, нови продажни места. Сигурно нема да се зголеми профитот ако се потрошат парите добиени од продавање на леб и бели пецива, на купување на персиски ќилими, уметнички слики, махагони – паркет и фотељи обложени со скапоцена кожа.

Тоа може да е паметна инвестиција во хотел кој од четири ѕвезди сака да си го крене рејтингот на пет ѕвезди, ама не е паметна инвестиција во пекарница.

СДСМ изгледа дека во континуитет прави такви погрешни инвестиции во погрешни работи: наместо да вложат ресурси во создавање на некој свој професионален think – tank (т.е. центар за развој на идеологијата и креирање на нови политики) како што од неодамна почна да прави ВМРО – ДПМНЕ со отворањето на нивниот десничарски институт, овие од СДСМ фрлаат неброени пари на купување и спонзорирање на: самонаречени „интелектуалци“ кои не создаваат нови идеи, новинари – пропагандисти на кои никој веќе не им верува и на одржување на шпиони – кодоши околу политичкиот непријател кои во последно време може само да пријават: „на овие добро им оди, и уште подобро ќе им биде!“

Ваквата стратегија е паметна можеби за некој трачерски жолт весник или петпарачки двонеделен таблоид кој сака со непроверени и бесмислени „информации“ да привлече што е можно повеќе читатели желни за најновите озборувања од џет – сетот.

Но, сериозна партија која претендира да води држава не може да се потпира само на плукање по противникот, туку мора да понуди и нешто свое. СДСМ се чини дека не само што нема што да понуди, туку и како да не смета дека треба нешто да понуди.

Во 2006 – та пред изборите вмровците излегоа со билборди на кои пишуваше: „прочитај ја програмата“. Прашање е колку луѓе навистина ја прочитаа програмата на ВМРО – ДПМНЕ, но самото имање на програма и нејзиното рекламирање барем кажуваше дека десницата има сериозен пристап кон она што го работи. А левите сили собрани околу СДСМ? Имаат ли тие воопшто програма?

Да не мислат дека и тоа е нешто што е потребно само за на квиз?

5. Присуство на активен и силен конкурент на пазарот: конечно, една фирма може да опстане на некој пазар дури и ако постојано прокнижува деловни загуби, ако ја водат морони сосема неписмени за бизнис, ако цело време произведува неквалитетни производи и нуди чкарт – услуги за своите потрошувачи и дури и ако сите пари кои ќе се појават како некој привремен вишок на сметката ги „инвестира“ во скапи летувања за своите топ – менаџери, во нови луксузни автомобили за директорите и во нови тоалети обложени со чист бел мермер.

Повторувам, една фирма може да ги прави сите тие работи и да преживее и да не пропадне со години па и со децении дури, но само под еден клучен услов – ако е единствената компанија на пазарот и ако потрошувачите кои имаат потреба од некој, било каков давател на услуги и снабдувач со производи – немаат друг избор.

СДСМ во својот поранешен живот, под името КПМ (па потоа СКМ) беше токму политичка компанија која одговараше по своите карактеристики и стил на работење на описот од горниот пасус. И така преживеа цели 45 години без да почуствува било каков проблем оти беа – монопол на политичкиот пазар. Немаше кој да ги предизвика на двобој, немаше избор меѓу нив и некоја друга партија, оти системот беше таков што немаше законска можност да се формираат други партии. А правниот поредок и нефер – законите во него, го бранеа со своите пушки и пиштоли и тенкови и топови ЈНА и УДБа, двата столба на кои навистина се потпираше политичката моќ на комунизмот во Југославија (а со тоа и во Македонија).

Поради економски и други причини системот колабираше во 1990 година и од тогаш СДСМ е соочен со конкуренција која од стартот на плурализмот се искристализира во непомирливиот ривал за освојување на власта во ликот на ВМРО – ДПМНЕ.

Од самиот почеток на демократскиот развој на Македонија, ВМРО – ДПМНЕ беше преставувано како најголема закана за старите структури, градени врз основа на митови, лаги и заплашување во текот на цели 45 години. Вмровците беа кошмар за СДСМ, иако првиот пат кога сепак дојдоа на власт, во ерата на премиерот Љубчо, тие не ги репресира премногу бившите комунисти.

И сепак, овие сторија сѐ за да се вратат на власт, па дури и војна против сопствената држава поведоа и успеаја да ги соборат вмровците првиот пат. И не само што ги симнаа од власт, туку почнаа и да ги репресираат и тоа без усул (генералот Горан Стојков, кој цела година помина невин во притвор, е најдобар сведок за ова).

И затоа, кога се вратија на власт десничарите, тие сосема одлепија. Сфатија дека со „арно и со кроце“ комунистите не разбираат, па фатија веднаш со лошо.

Ова што до сега го имаме видено од борбата против криминалот и корупцијата е ништо во однос на она што допрва ќе следува, откако Б.Ц. т.е. човекот што има моќ да аболицира и да амнестира, конечно ќе си замине од претседателската фотеља и нема веќе да може да помилува криминалци од неговата партија.

Кој тогаш ќе ги чува и брани од злите сили кутрите сдсмовци? Во услови на тоталитарна или полутоталитарна власт, единствената заштита на опозицијата е народот. Власта секогаш се плаши од народот (дури и ако тоа не го покажува отворено), оти ако народот премногу ја засака опозицијата, може лесно да се случи или на избори или со револуција (Милошевиќ да е жив би посведочил колку е тоа реална опција и колку тоа боли!) да го собори репресивниот режим и на новата власт – изградена од поранешната опозиција – да ѝ даде одврзани раце да ѝ се одмаздува на претходната прогонителна структура. Богољуб Кариќ, некогаш еден од најбогатите и најмоќните луѓе во Србија исто така можете да го консултирате околу точноста на тврдењето изнесено во претходната реченица.

Арно ама, за нашиот СДСМ ова не важи, оти тие не само што се репресирани од владата (или ќе бидат, штом Бранко ќе си замине од функцијата) туку истовремено се и непопуларни. Хуго Чавез во Венецуела и Владимир Путин во Русија, може мирно да спијат знаејќи дека опозицијата може да ја прогонуваат колку што им е меракот, бидејќи ја имаат огромната подршка од граѓаните на своите држави.

Кај Евреите има една клетва која гласи: „да даде Господ да имаш, па да немаш“. Кај нас, Македонците веројатно во врска со СДСМ оваа клетва треба да се прошири во формата: „да даде Господ да имаш, па да немаш, ама да не си доволно паметен да сфатиш дека ако продолжиш со истото однесување, никогаш нема да имаш пак и вечно ќе немаш“.

Оваа мудрост можеби на нашите (лажно реформирани) комунисти ќе им се стори премногу тешка за разбирање, небаре прашање за квиз е. А тие нели, не планираат на квиз да одат.

Но, финтата е што квизот наречен политичката борба во Македонија и без нив може да продолжи.

Прашањето дали на македонската држава ѝ е потребна опозиција е лажно, оти е евидентно дека на опозицијата олицетворена во ликот на СДСМ не ѝ треба државата ако ја нема власта во таа држава.

На Македонија, за да биде демократска држава секако дека ѝ треба опозиција и тоа не било каква, туку силна и популарна меѓу гласачите, партија од која власта ќе се плаши, оти за неа ќе има реална можност да дојде на власт. А да збориме реално, ако политиката е бизнис, СДСМ е несомнено – промашена инвестиција.

Време е СДСМ да пропадне, да отиде во стечај, и да ѝ го отстапи местото на македонската политичка сцена (што со години го узурпираше) на некоја нова, свежа политичка сила.

Но, каде да се најде таа нова сила?

Written by nenobogdan

06/01/2010 at 19:06

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: