Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПЕТ ПРИЧИНИ ЗА ВОВЕДУВАЊЕ НА БЕЈЗБОЛ ВО МАКЕДОНИЈА

with 4 comments

Како што гледате, дури и овој спорт дава идеални услови за неспортско однесување (што за некого може да биде и причина плус во прилог на прифаќање на идејата)

Бејзболот е еден од најпопуларните спортови во САД, а и во некои други земји. За чудо, кај нас го знаеме само од филмовите, па во овој текст еве неколку причини поради кои мислам дека овој спорт треба да го воведеме и да го засакаме и кај нас:

* текстов е првично објавен на 22ри август 2008 на http://blogatash.blog.com.mk/node/176235

1. Нов спорт, во кој се немаме пробано и разочарано како нација: резултатите на нашите преставници на последната Олимпијада во Пекинг беа полоши од разочарувачки, тие беа катастрофални. Веќе две децении македонската фудбалска репрезентација се обидува без успех да се пласира на европско или светско првенство и – не успева. Нашите тенисери се далеку, далеку од врвот на светските ранг листи.

За кошарка немаме високи играчи, за ватерполо немаме ни играчи од нашата земја па моравме да ги увеземе од Србија, Босна и Црна Гора (и пак џабе!), во ракометот да не беа Украинките и Русинките во нашата женска репрезентација пред десетина години никогаш немаше да стигнеме до нашиот најголем успех во било кој спорт– седмо место на светско првенство, а за нашите хокеари, јавачи и едриличари – ич муабет не вреди да правиме, оти ние такви спортисти ниту имаме, ниту пак и да ги добиеме ќе постигнеме нешто битно, оти тоа се спортови кои захтеваат години и години на подготовки и огромни суми на пари за развој и тренинг.

И затоа, ни останува единствено безјболот, оти ние во оваа земја, ако сеуште немаме бејзбол – тимови, барем имаме луѓе кои знаат што е бејзбол – палка и како треба да се замавне со неа за да се погоди силно… тоа што се обидуваат да го погодат тие што редовно „играат“ со такви стапови.

Треба само нивниот талент и увежбаност да ги пренесеме во некоја креативна насока, во вистински спорт. Шегата настрана, ама можеби ќе се најде кај нас некој неоткриен талент кој ќе замине во САД како надежен играч од нашата бејзбол лига и таму ќе заработи милиони долари, а со него како ѕвезда во САД, можеби и за Македонија ќе се чуе подалеку.

Ако чекаме фудбалер или борач или тенисер да нѐ прослави ширум светот како нација, според досегашното искуство – ќе се начекаме. Затоа, да му дадеме шанса на бејзболот.

2. USAID ќе плати за развојот на бејзболот кај нас: а кој друг очекувавте да подржи таква идеја во нашата земја, ако не преставниците на државата во која бејзболот е најпопуларен спорт. Впрочем, основањето на една бејзбол лига во Македонија не би требало да биде нешто многу скапа работа, по груби проценки, за почетни 6 – 8 тимови полупрофесионални, не би требало да се потрошат повеќе од милион долари вкупно за сите тимови годишно, при што треба да се има во предвид и дека терените за играње на бејзбол се прилично ефтини за изградба и одржување, а и опремата нема да биде проблем да се набави.

Американците од USAID и сродните ѝ на неа агенции во изминативе петнаесетина години имаат фрлено во нашето општество преку 500 милиони долари за демократски развој, за цивилен сектор, за имплементација на една или друга бескорисна работа, за ворк – шопови на сосема стерилни теми, па веројатно нема да им биде тешко да дадат и уште по едно единствено милионче годишно во првите пет – шест години потребни за да заживее бејзболот кај нас како спорт и да можат тимовите да прераснат во клубови со свои приватни спонзори.

А за спонзори не би било тешко, оти кај нас бизнисмените кои имаат пари за трошење во спортот сите се поврзани со водечките партии кај нас, а пак сите водечки партии кај нас душа дале да им се додворат на Американците. Така, нема воопшто да биде тешко да се најдат покровители и финансиери од домашните бизнисмени кои ќе бидат привлечени со можноста да ѝ се умилкуваат на својата партија која преку нив ќе ѝ се умилкува на Америка.

3. Првата година, ние сигурно ќе бидеме балкански шампиони: ако не и европски прваци, па и некое видно место на светско ниво може да земеме, по регионален клуч се разбира. Ова следува од фактот што во нашата околина, во цела југоисточна Европа, не сум слушнал дека има некоја активна бејзбол – лига.

Вие сте слушнале ли за најдобриот бејзбол клуб од Бугарија, од Романија, од Црна Гора…? Дури ни во Србија нема бејзбол клубови кои активно и сериозно се посветени на овој спорт, па по таа основа, со наши пари (откако Американците ќе платат за формирање на бејзбол лига во Македонија), значи со нашите сопствени пари ќе си формираме квази – клубови за бејзбол во соседните земји, кои ќе ни служат само за да организираме Балканско првенство, и ние како најсериозно зафатени во бејзболот, лесно ќе ги победиме нашите инстант – ривали од Софија, Тирана или Белград, а ако даде Господ, и од Атина (!) и така барем првата година ќе можеме да се гордееме со фактот дека ние сме балкански шампиони.

Тоа ќе трае сѐ додека нашите соседи не сфатат дека конечно сме нашле начин да ги победиме во нешто, и додека и самите не се зафатат сериозно со развој на бејзболот кај нив. Ама нас тоа не треба да нѐ загрижува, оти – ние ќе имаме предност, барем една година ќе сме пред нив во развојот.

Дури и нашите Албанци ќе може да видат ќар од тоа, оти нивните клубови од Македонија ќе може да се натпреваруваат во некоја си сѐалбанска лига на Балканот и како единствени сериозни бејзболисти во регионот да ги победуваат нивните братучеди од Косово и Албанија. А Албанците нели многу ја сакаат Америка и сигурно нема да имаат ништо против тоа да формираат бејзбол – клубови, само во чест на нивните големи сојузници и пријатели – САД.

Во Америка најголемата легенда во нивниот бејзбол бил Бејб Рут. Кај нас може да се појави и некој Бејб Ристе или Бејб Љузлим.

4. Ќе нѐ зближи нас Македонците со Американците уште повеќе: нели ние и така и така сме си блиски и сме си сојузници, уште од времето кога нѐ признаа под уставното ни име!

Со промовирањето и заживувањето на бејзбол лигата кај нас, во Македонија, ќе покажеме дека не само што испраќаме наши војници во Ирак и Авганистан да се борат на страна на САД во нивните војни, туку дека ја цениме и почитуваме и нивната култура. Вчера ги прифативме нивните хамбургери, денеска нивниот бејзбол, а утре кој знае што ќе следи – можеби ќе нѐ примат и како 51 држава во нивната унија?

И еве една блиц – идеја што ми текна во последен миг: можеме да најдеме некој американски сенатор кој не е по ништо значаен во својата земја и да го поканиме кај нас да биде почесен претседател на Македонската Бејзболистичка Федерација. Така, не само што ќе си го легитимираме нашиот про – американизам, ами и тој безначаен и сосема запоставен во својата земја сенатор ќе се чуствува горд што токму ние, Македонците сме му посветиле толку внимание и сме му довериле толкава чест, што можеби, ќе ни стане голем пријател и сојузник во сенатот на САД.

5. Конечно, секој спорт е убав и корисен, а особено бејзболот: во крајна линија, дури и ако горните четири причини не се доволни да ги убедат оние кои имаат слободно време да се занимаваат со ваква идеја, еве ја и последната причина која можеби и би требало да биде прва причина во листата: просто и едноставно, секој спорт е интересен и убав и корисен, и како таков треба да се промовира и спонзорира од страна на надлежните државни институции.

Особено бејзболот мислам дека нам многу убаво ќе ни дојде од проста причина што ни одговара на националниот карактер: се состои од еден човек кој фрла со мало топче кон друг човек и тој другиот човек треба со палка да го удри топчето што подалеку од себе. Најчесто, обидите на оној со палката да го удри топчето завршуваат безуспешно, но тој добива и друга шанса да успее, па и трета шанса.

И нашите државотворни капацитети во последниве дваесетина години се покажаа токму такви – не преземаат иницијатива самите, туку се обидуваа да се одбранат кога некој сосед ќе ни нафрли некоја навреда и непристоен предлог, а кога замавнуваме со нашите дипломатски палки често завршува замавнувањето во празно, без да го удариме „топчето“.

Ама затоа секогаш посакуваме да добиеме уште една шанса, па и уште трета шанса. Затоа мислам дека бејзболот треба да почнеме да го воведуваме и кај нас, оти ако ништо друго, според она што нашите политичари го постигнаа од почетокот на независноста до сега, и според тоа како ние се однесуваме кон нашите државнички проблеми, ние имаме голем талент за бејзбол.

Само што не сме сфатиле дека постои и забавен и корисен начин да го примениме тој талент што како нација го имаме. Затоа, дајте стаповите и да почнеме да маваме.

Written by nenobogdan

06/01/2010 at 16:44

4 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Druze, potpolno se slozuvan so tebe ! Sekoja cest,i jas sum zainteresiran i mi se dopadja ovoj sport, ne go pratam mnogu (skoro ic), no mnogo mu se dopadja stilot i nacinot na igrata,navistina treba ovaa ideja da bide realizirana ! Pozdrav od Kumanovo !

    Filip

    01/12/2011 at 20:57

    • Еееј, кај го најде овој пост😀

      ха ха ха😀

      Дури имав заборавено дека некогаш сум пишувал за оваа тема🙂

      Поздрав.

  2. Kriket ni treba🙂

    Кољо Дијамант

    08/12/2011 at 22:38


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: