Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ РАМКОВЕН ДОГОВОР – СЕДУМ ГОДИНИ НЕСРЕЌА

leave a comment »

Сега и буквално изгледаат како негативци

Денеска изминува и седмата година откако нашата политичка елита ја потпиша капитулацијата на нашата земја. Се вели дека кога човек ќе скрши огледало потоа го следат седум години несреќа. Дали и ние тогаш го скршивме нашето општествено огледало и дали поради тоа нас нѐ следеше тој долг период на несреќи?

* текстов е првично објавен на 13ти август 2008 на http://blogatash.blog.com.mk/node/174770

Веројатно ви се познати оние наши шеги со наводните турцизми за одредени наши фрази. Знаете, се прават многу лесно, кога ќе земете неколку зборови кои се навистина или само звучат како турски и ќе ги споите во една реченица и на тоа ќе му дадете некое сосема поинакво значење од тоа што го имаат.

Такви примери се антологиските „сурат билет“ (лична карта), „џабе ташак“ (импотенција), „апашлук тајфа“ (политичка партија), „беља багер“ (тенк) и сличните ним. Во еден мој претходен пост, Чудна логика (2), на шега забележав дека на турски изразот „рамковен договор“ би се превел како „резил тапија“.

Ова требаше да го симболизира писмениот облик на документот (тапија) кој нас нѐ натера да се срамиме (резил) од сопствените политички водачи.

А се мислев дали да го наречам рамковниот „баксуз ферман“ или пак уште посоодветно „зијан марифетоти тој не само што беше парче хартија со неков текст на него, туку подоцна се пројави и со својот дух, па еден куп работи кои ги немаше во рамковниот договор потоа се имплементираа и беа оправдани дека се во духот на договорот од Охрид.

Би сакал мојата анализа да ја започнам токму со тој аспект – духот на рамковниот. Многу политичари кои јавно го беа прифатиле рамковниот се бунеа кога албанските политичари во Македонија ќе бараа проширување на одредени одредби од тој договор, и нивно имплементирање во нашето законодавство.

Оние кои ги посакуваа тие проширувања велеа дека иако не е така запишано во самиот документ, сепак тоа било во „духот на договорот“, а оние кои се противеа на тие проширувања тврдеа дека како и секој договор, така и тој нема свој дух, туку има свој текст и дека треба да се толкува така, црно на бело, без своеволни креативни проширувања.

Ама, по мое мислење, сепак сите понижувачки отстапки кои македонскиот блок ги направи во овие изминати седум години, сите постапки кои оправдано предизвикуваа револт кај етничките Македонци, сите тие сепак беа во духот на рамковниот.

Оти, рамковниот договор во својата суштина беше токму тоа – договор за капитулација со кој државата која беше создадена со референдумот на Осми Септември и најавена на АСНОМ, требаше да биде темелно демонтирана во сите свои основни принципи, при што мнозинскиот народ во таа држава требаше да биде посрамотен и понижен, доведен така до ниво да ја изгуби волјата да ја управува самиот сопствената држава.

Со други зборови, целата идеја на рамковниот, целиот негов дух, целата потреба од него беше македонскиот народ да престане да ја сака Македонија. Да се натераат Македонците да се откажат од Македонија, затоа што требаше да бидат убедени дека Македонија се откажала од нив.

Во 2001 – та година, откако се случи „повлекувањето“ на терористите од Арачиново (ако не се сеќавате да ве потсетам, се повлекоа од еден дел на нашата земја во друг дел на нашата земја), имаше големи, спонатни (така барем тогаш се чинеа, спонтани) протести пред Собранието.

Протести на Македонците кои не можеа точно да разберат што се случува, но знаеја, чуствуваа дека нешто темелно погрешно се случува со нивната држава. Дека политичарите конечно докажале дека лажат, дека конечно јасно и кристално чисто му покажаа на народот свој дека нив не им е гајле за иднината на Македонија.

Кога зборувам за тие настани, често велам дека во тој миг јас лично сум бил на „погрешната страна“, по што дообјаснувам дека токму тогаш јас бев бранител, во униформа на македонската армија и со пушка во рака ги бранев (заедно со моите соборци) институциите на системот.

Токму кога се случуваа тие спонтани протести, претседателот на државата побегна од својот народ, и токму мојата единица беше задолжена да го чува „врховниот командант“. Токму јас бев еден од оние кои бевме одбрани да бидеме во првата смена на стражари на објектот во кој тој ја помина таа бурна ноќ.

Подоцна, целата работа околу тие протести беше толку извртена и изманипулирана како информација, што од денешна гледна точка не е јасно што точно се случуваше пред Собранието. Сум разговарал со неколку луѓе кои тврдеа дека биле токму меѓу демонстрантите, токму таму, токму таа ноќ. И секој од нив ми раскажуваше сосема различна верзија на целата работа, почнувајќи од мотивите на насобраните луѓе, преку количеството на оружје во нивните раце и лутината во нивните зборови, па сѐ до тоа како завршиле тие протести.

А најчудно е што подоцна дознав дека и еден мој многу близок пријател бил меѓу тие демонстранти!

И токму тоа ми се чини, најубаво би послужило да го објасни насловот на мојот денешен текст. Постои верување дека ако човек скрши огледало, било намерно или ненамерно, ќе го следат седум години исполнети со несреќи (ова секако е обично суеверие, ама сепак е интересно како концепт).

Токму таа ноќ, на некој начин, јас сум бил од едната страна на огледалото, а мојот близок пријател од другата страна, веројатно од реалната страна, во реалниот свет кој се огледувал во нас, чуварите на системот како дел од самиот систем, подоцна унапредени во „бранители“ од десницата, а од левицата наречени „животинско царство“.

Рамковниот договор, начинот на кој беше донесен и на кој беше прифатен од страна на сите политички фактори во тоа време и од самиот народ, ме потсетува токму на кршење на огледало.

Ако народот го сфатиме како огледало во кое политичарите се огледуваат, т.е. дека народот има политичари какви што самиот ќе си избере, некој може и да се спротистави на оваа аналогија. Ама дозволете да објаснам накратко:

Во 1994 година имаше избори кои беа сѐ, само не фер и демократски. Во 1996 година опозицијата собра доволно потписи за да се распише референдум за свикување на предвремени избори. Изборите не беа свикани, ниту пак референдум се распиша. Во 1999 година, добивме претседател кој беше избран на евидентно незаконски начин, со полнење на кутии и тепање на посматрачите на тогашната опозиција. На изборите во 2000 – та година, имаше пукање и кршење на кутии и на крајот и убиство.

И сето тоа, народот го гледаше и толерираше. Оние кои беа најодговорни за кршењето на законите на најочигледен начин – никој не ги санкционираше. Не мислам на официјалните институции, од нив, како поставени од власта, никој и не очекуваше да реагираат кога власта правеше незаконски работи.

Мислам на народот, на гласачите. Иако на сите им беше јасно дека СДСМ ја опљачка државата, дека ги украде од работниците фабриките кои 50 години веруваа дека се нивни, иако со години им крадеше значителен дел од пензиите на пензионерите – сепак, на наредните избори токму работниците во приватизираните фабрики на олигархијата и пензионерите беа најверните гласачи на СДСМ.

Иако на сите им беше јасно дека во ВМРО – ДПМНЕ на Љубчо не остана ни трага ни глас од било каков бескомпромисен национализам на кој беше изградена таа партија додека беше во опозиција, иако сите изборни ветувања беа погазени, иако војводата уште тогаш отворено застана во одбрана на криминалите на јавните функционери во неговата власт – неговите гласачи постојано гласаа за него и за партијата која тој ја водеше.

Во нашата држава, наместо народот да биде наполно свесен за својата гласачка моќ и за потребата да се одржи и развива демократијата во сопствената држава, токму гласачите на двете големи партии, токму оние кои најмногу влијаат врз тоа кој ќе биде победник на изборите, токму тие најмалку се грижеа за опстанокот на демократските процедури во нашата земја.

Ми беше чудно, бесконечно чудно кога Борис стана претседател по скандалозниот втор круг, во кој, меѓу другите свои успеси, можеше да ги вброи и 107% од Липково, и кога членовите на неговата партија, до вчера заколнати борци за демократија и почитување на правото на глас, им се потсмеваа на приврзаниците на СДСМ велејќи им дека сега им вратиле за 1994 година.

Ми беше чудно, бесконечно чудно кога Горан Стојков и неговите соработници беа притворени и одлежаа цела година во затвор без било каква вина да биде и најмалку докажана за нивните наводни „злосторства“, и кога приврзаниците на СДСМ беа лути што тие не биле обесени во затворот. Приврзаниците на СДСМ, до вчера најголеми граѓани и „европејци“, беа искрено тажни што четворица сосема невини луѓе кои не направиле ништо лошо беа ослободени од затвор.

Ако човек има несредна фризура кога ќе застане пред огледало тој тоа веднаш го гледа, огледалото веднаш му кажува како навистина изгледа и тој може веднаш да го поправи својот изглед. Народот во една демократска држава е како огледало за своите политичари. Кога овие ќе направат некоја грешка, некој апашлук, некој скандал, народот треба да им го каже тоа без заобиколување со одземање на власта на избори.

Ама ова не беше случај и со нашиот народ, со нашето демократско огледало. Политичарите правеа глупости и скандали во серија, ама на изборите нивните гласачи пак ги бираа.

И што требаше да очекуваме од нашите политичари кога требаше тие да донесат одлука дали ќе го потпишат рамковниот договор или не? Зарем тие не знаеја што потпишуваат? Зарем не знаеја каков грев против сопствената држава и сопствениот народ прават?

Знаеја, ама исто така знаеја и дека народот нема да ги казни за тоа. Знаеја дека за разлика од демократските земји, зрелите општества, овде кај нас огледалото е скршено одамна. Нашите политичари можеа да ги направат најголемите глупости што ќе ги намислат и пак, на наредните избори нивните подржувачи како овци пак ќе гласаа за нив.

Рамковниот договор ни донесе седум години несреќи, седум години болка, седум години срамови, во најголем дел затоа што политичарите кои го потпишаа не беа казнети од гласачите, не беа казнети од народот кого го предадоа.

Да беа избришани од политичката сцена уште во 2002 – та, зарем оние што ќе дојдеа на нивно место немаше да сфатат дека со сопствениот народ нема играчки? Дека има да слушаат што вели шефот (т.е. народот) или ќе летаат. Ама тие не беа казнети за своите грешки и затоа заклучија дека можат да продолжат со своето однесување.

Но, се чини дека тоа време, тие седум трагични години исполнети со несреќа конечно поминаа. Партијата СДСМ го доживеа својот дебакл пред неколку месеци на последните избори и се чини дека таа сѐ повеќе и повеќе се ближи кон својот логичен крај – тотално гаснење и пропаст.

Од самиот почеток на плурализмот во нашата земја, беше срамота да се биде националист. Изгледаше како глупак, како анахроност и демоде секој кој ќе поставеше во јавната дебата некое национално прашање. Беше срамно да се гордееш со својот Македонизам.

Од 1991 година до 1998 – та беше првиот период на седум години несреќа за Македонија, но бидејќи во почетокот на деведесетите бев премногу млад, не се сеќавам зошто тоа се случуваше.

Од летото 2001 – та до први јуни 2008 – та беше вториот период на владеење на СДСМ, во разни облици (широка коалиција, директна власт, инфилтрација преку новите социјалдемократи) и тоа беше вториот период на седум години македонска несреќа.

Дали е можно нашето огледало, нашите гласачи, овој наш народ, конечно да се опамети, конечно да се исправи и да не дозволува веќе да го кршат и виткаат политичарите и нивните медиуми и невладини организации за колективна манипулација?

Во мојот пост со наслов „Зошто некои Македонци ја мразат Македонија“ ја изнесов сега веќе крајно контроверзната теорија дека постојат вистински и фалсификатни Македонци. Дали можеби во земјава сме имале цело време и две огледала, два сосема различни народа со исто име, и дека она чистото, бистрото огледало до сега било скриено зад она искривеното, матното, во кое корумпираните и неспособните водачи на СДСМ секогаш можеле да се видат себеси како чисти и паметни дечки кои заслужуваат нов мандат?

Дали сега, после седум години мизерии, тоа матно и искривено огледало отиде во заборав? Кога водачите на сегашната опозиција ќе се погледнат во новото македонско огледало што гледаат: харизматични и паметни лидери или пак духовен отпад, политичко ѓубре кое треба после наредните (локални) избори потполно да биде фрлено на буништето на македонската историја?

Доколку некому овој мој текст му се стори како премногу апстрактен и философски, да резимирам за крај: за нашите порази и нашите падови не се криви ниту нашите соседи, ниту нашите комшии, ниту нашите сожители. Ние сме криви.

Рамковниот договор не ја донесе нашата несреќа, туку ние самите си ја донесовме. Затоа што со години, со децении одбивавме да мислиме со своја глава, одбивавме да ја земеме нашата судбина во наши раце.

Откако го објавив мојот контроверзен пост за вистинските и лажните Македонци, многумина се јавија во своите коментари со обвинувања дека јас сум правел некоја разлика меѓу оние кои се нарекуваат Македонци, според некоја генетска – ариевска – расистичка основа. Тоа се глупости, какви гени, какви ариевци, каква чиста раса, прочитајте го текстот, тоа никаде не е споменато.

Што е вистински Македонец? Тоа не е генетска категорија, тоа нема врска со чиста крв или географско потекло.

Вистински Македонец е оној кој има смелост да мисли со своја глава, оној кој не им простува на политичарите кога го лажат и кога го манипулираат, оној кој не се плаши да учи, оној кој го кажува своето мислење. Оној кој ја сака Македонија.

Националноста не е генетска категорија, тоа е состојба на духот, состојба на умот, состојба на волјата.

Ако се плашите дека некој ќе ве нарече националист, погледнете го овој пост од блогерот со прекар Лавот на тема национализам. Досега, тоа е најдобриот пост на таа тема на блогерајов на кој јас имам наидено.

Фалсификатните Македонци сакаат нас вистинските Македонци да нѐ нарекуваат популисти, националисти, анахрони, ретроградни и со слични погрдни називи. Но дозволете ми да парафразирам еден стар виц на таа тема: „како ќе знае вистинскиот Македонец какво мислење има лажниот Македонец за него? Одговор: на вистинскиот Македонец не му е гајле какво мислење има за било што и за било кого лажниот Македонец“.

Секакви лузери и будали оставаат после скоро секој мој пост навредливи коментари, но мене воопшто не ми е гајле за нивното мислење. Почитувани вистински Македонци, кога фалсификатните Македонци ќе ви кажат дека времето на Македонизмот поминало, не им верувајте.

Годините на несреќа се зад нас. Огледалото повторно е исправено и составено и сега зраците на македонското сонце може слободно да се рефлектираат од него и да ја осветлат јасно нашата иднина. Времето на Македонија и на вистинските Македонци допрва доаѓа.

Written by nenobogdan

06/01/2010 at 15:38

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: