Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ СПЕКТАКУЛАРНИ АПСЕЊА? ТОКМУ ТОА НИ ТРЕБА!

leave a comment »

Сцена од 2012та? Обрнете внимание на фактот дека притворениот носи портокалова облека, а полицајците имаат значки-петокраки на вратоврските

Во последно време многу интелектуалци, експерти и аналитичари се кренаа против практиката на власта да ги апси битните луѓе на опозицијата или други јавни функционери и при тоа да прави јавен спектакл од тие свои успеси. Во овој пост, ќе се обидам да објаснам дека за да имаме чесна власт во државава токму тоа ни треба!

* текстов е првично објавен на 7ми август 2008 на http://blogatash.blog.com.mk/node/173864

Е да, знам дека првичната идеја може да ви звучи глупаво или дури и навредливо за секој оној кој што верува во иднината на Македонија како правна држава. Ама ве молам, прочитајте го овој пост до крај за да видите дека само со помош на што е можно поголем прогон на опозицијата од страна на власта ние имаме единствена шанса да добиеме најчесна и најпосветена за развој на економијата власт!

Еве зошто:

Ренесансниот италијански писател Николо Макијавели во една своја книга ни го опишал примерот со античка Картагина, град – држава која за некоја своја војна ангажирала странски платеници како свои војници. По завршувањето на војната, Картагина одбила да им го плати дополнителниот ветен бонус на своите платеници пред да ги отпушти и тие се побуниле.

Водачите на платениците свесни за својата ризична положба и знаејќи дека политичката елита на Картагина е многу итра и склона кон заговори и задкулисни интриги, се исплашиле за своите животи бидејќи до нив дошла вест дека Картагинците решиле да им го дадат ветениот бонус на платениците, но под услов овие да им ги пратат како заробеници нивните водачи.

Со други зборови, Картагинците им дале на побунетите платеници понуда која што овие не можеле да ја одбијат: вам ќе ви простиме и ќе ви платиме што ви должиме, ама под услов да ни ги дадете оние кои ве поведоа во вашиот бунт против нас.

Исплашени за своите животи, раководителите на бунтот ја направиле единствената паметна работа која што можела да им ги спаси главите: кога дошле преговарачи од Картагина да преговараат со бунтовниците и на платениците да им ја изнесат понудата за поткуп во замена за главите на нивните водачи, раководството на платеничката војска моментално, пред преговарачите дури и да можат да се престават и да си ги кажат имињата, им ги отсекле главите на преговарачите!

И потоа, во кошници им ги пратиле назад на властите во Картагина со порака дека сите платеници кои биле во состојба на бунт, сите учествувале во убивањето на преговарачите и дека со тој чин тие решиле симболично да „ги запалат мостовите“ за помирување и преговори и дека се решени да одат до крај – или победа или смрт.

Јасно е дека по ова, Картагинците ги отфрлиле сите можности за понатамошни преговори и поткупи и тргнале во борба против своите побунети платеници. А платениците се бореле до смрт, затоа што знаеле дека после она што Картагинците мислеле дека сите платеници го сториле, немало веќе можност за барање прошка.

Е сега, која е врската меѓу овој пример раскажан од легендарниот и контроверзен политички мислител Макијавели и нашата политичка реалност? Па, многу просто, овде Никола Груевски и неговиот тим ја играат улогата на побунетите платеници против Картагина, а Картагинците секако се водачите на СДСМ, таа криминализирана и корумпирана банда, која за среќа веќе две години не е на власт.

Во случајов, логиката која стои зад спектакуларните апсења и постојаниот прогон врз опозицијата е како сечењето на главите на преговарачите испратени од Картагина.

Со тоа што секојдневно членството и врвните раководители на СДСМ трпат притисоци, закани, напади и постојано се во страв дека следното утро ќе се разбудат во истражниот затвор во Шутка, кај нив се развива сѐ повеќе и повеќе омразата кон црниот Грујо и неговите „џелати“. Со секое ново апсење, со секој нов чин на репресија кон опозицијата, јазот меѓу вмровците и сдсмовците се продлабочува. И тоа е добро!

Добро е затоа што вмровците полека стануваат потполно свесни за она што ќе им го прават ним сдсмовците ако еден ден се вратат на власт. Замислете само, после сите овие репресии низ кој поминува опозицијата, каква ли ќе биде нивната одмазда ако успеат да ја освојат повторно власта?

Колку што јас сум информиран од инсајдерски извори, водството на нашата владеачка партија е совршено свесно за тоа, и логиката вели дека тие ќе направат сѐ што може да се направи за да останат на власт. Бидејќи, ако еден ден паднат од власт и му дозволат на СДСМ пак да управува со државата, црно им се пишува, и тоа не само на црниот Грујо, туку и на црниот Мијалков, и на црна Гордана и на црни Маневски и сите други црни портокаловци кои сега се во безбедносно – прогонителните структури на сегашната власт.

Ако Груевски обрнал внимание на она што му се случи на неговиот бивш шеф, Љубчо, и со каков мизерен крај заврши неговата политичка кариера, тој треба да е совршено свесен дека никакви византиски сплетки и интриги нема да му овозможат да остане на власт, ако народот т.е. гласачите кои и му ја дадоа власта – го напуштат. И особено се бескорисни за убедување на народот скапите рекламни кампањи.

Поентата е дека Грујо веројатно е доволно паметен да сфати дека мора ако сака да ја задржи власта народот да го има на своја страна. Значи, не доаѓа во предвид толерирање и неказнување на масивни корупциски скандали во сопствените редови или покачување на даноците, или неодговорно работење на државните органи или било кој тип на арогантно противнародно однесување кое би го намалило рејтингот на власта.

И затоа, почитувани читатели, спектакуларните аспења на видните опозиционери се една прекрасна работа за нашата земја, оти благодарение на омразата меѓу опозицијата и позицијата која тие апсења ја распалуваат, ние можеме да бидеме сигурни дека овие што сега се на власт ќе направат сѐ што можат, па и повеќе, за никогаш да не нѐ налутат нас, гласачите, па да ги казниме со одземање на власта, по што ќе се вратат нивните сега веќе закрвени непријатели кои пак нив ќе ги прогонуваат и ќе затвораат спектакуларно и ќе ги апсат кога ќе им текне.

Љубчо глупавиот, кога беше на власт, се чини дека направи договор со СДСМ да не ги пипа и да не ги апси за нивните дотогашни криминали, и следствено, кога овие се вратија на власт, направија неколку апсења заради „уметнички дојам“ ама најголемиот апаш од тоа доба, самиот Љубчо, не го ни пипнаа. Тоа по кое мислење е доказ дека меѓу него и нив имало договор за ненапаѓање.

За среќа на Македонија, Грујо реши навистина да биде чесен, па удри по тоа бандата комуњарска и распали од сите оружја. И затоа, тој веќе не смее да падне од власт, зашто ако падне од власт, ќе заврши во затвор. Заедно со десетици негови соработници кои денеска верно ги извршуваат неговите наредби. Ќе оди во затвор во знак на одмазда од денеска репресираните опозиционери, кои во тој случај би станале нова власт.

Премиерот во едно интервју се беше пофалил дека дома имал збирка од над две илјади книги, и тоа главно од историја, политика, економија… ништо чудно што му се потребни четири станови, едниот сигурно му служи како библиотека за сите тие книги.

Ако барем половина од книгите по историја ги прочитал, тогаш сигурно знае што го чека ако го изнервира народот свој. Знае дека народот дава власт и зема власт и дека ако му ја земе власта, оние што сега ги прогонува и апси спектакуларно ќе му земат сѐ останато и ќе го фрлат во затвор, за многу години.

И велам пак, тоа е добро. Добро за нас, обичните луѓе кои само сакаме да живееме во модерна, напредна, богата држава, со економска перспектива за сите нас. Со премиер кој всушност ни е заложник нам, кој буквално го чека темна иднина во темни зандани ако ние го шутнеме од власта, тој ќе стори сѐ за да не нѐ налути нас, гласачите. А најдобар начин и единствен сигурен пат за да го постигне тоа е да работи паметно и чесно.

И затоа, да живеат спектакуларните апсења мотивирани од политички побуди! Токму тоа ѝ треба на Македонија за да има чесна власт, власт која ќе се плаши да не го налути својот народ.

Токму тоа!

П.С: Патем речено, кога веќе зборуваме за прогонувањето на опозицијата, забележавте ли дека откако претседателот го помилува Заев, од партијата на струмичкиот градоначалник како да заборавија на целата работа, ни пресови држат, ни дебати или трибини организираат. Тотален молк.

Се чини дека единствените кои се трудат таа тема да ја одржат во фокусот на јавноста се вмровците заедно со „нивните“ медиуми и невладини организации, и самиот Заев. Зошто е тоа така? Погледнете ги мојот претходен пост, „Зоран Заев – најсигурен кандидат за лидер на СДСМ“ и постот „Заев, тајната полиција и папараците“, за кои мислам дека убаво ја објаснуваат целата оваа чудна работа.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: