Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ СПОРЕДБА МЕЃУ КРИВАТА КУЛА ВО ПИЗА И СДСМ ВО КРИЗА

leave a comment »

Др’жте ја кулата! (откако ќе падне за да не се крене пак)

Меѓу македонската опозиција и кривата кула во Пиза е тешко да се постави знак на равенство. Најпрепознатливиот симбол на италијанската средновековна архитектура е во Пиза, додека најпрепознатливиот симбол на македонската неуспешна транзиција е во криза. Во едниот случај, архитектонски и функционално, станува збор за кула, а во другиот случај, морално и идејно, за нула. Но, сличности сепак има:

* текстов е првично објавен на 19ти септември 2008 на http://blogatash.blog.com.mk/node/181851

1. И Пиза и СДСМ се нешто по што ги препознаваат нивните локации: Кривата кула во Пиза е, како што реков, симбол на градот во кој се наоѓа. Искрено, дали вие можете да се сетите на било што друго во врска со овој италијански град, а тоа да нема врска со кулата?

Се чини дека сѐ во тој град и неговата околина, ама буквално сѐ, почнувајќи од туристичките сувенири, називите за локалните специјалитети, преку декорациите по парковите и уметничките дела изложени во локалните галерии, па сѐ до општинската политика и плановите за економски развој – сѐ се врти околу кулата.

И кај нас, во Македонија, тоа до пред некое време беше идентичен случај со Партијата. Тука сѐ се вртеше околу СДСМ и неговите потреби и наредби. И од толку многу вртење, на сите добри работи во земјава им се сврте свеста па почнаа да паѓаат надолу или како во центрифуга да излетуваат од земјава. И останаа само лошите работи да се вртат силно, посилно, брзо и побрзо околу кривата партија. Сѐ додека и нејзе не ѝ се сврте свеста.

Шверцови, поткупи, урбани мафии, национални предавства, корупција и организиран криминал. Како што Кулата е симбол на Пиза, нешто по што целиот свет го препознава тој италијански град, така и по резултатите од владеењето на СДСМ целиот свет нѐ препознава нас. За жал.

2. И двете работи не се оригинално замислени да стојат сами: Кривата кула во Пиза не била оригинално планирана да биде ниту крива ниту пак кула. Тоа требало да преставува простор на голема височина каде што ќе биле сместени камбаните на блиската црква. Со биењето на тие големи ѕвона, свештениците во црквата имале за цел да ги повикуваат на молитви и богослужби верниците од градот, или пак да ги информираат за сите добри (свадби, крштевки) или лоши (погреби, пожари, воен напад) случувања во Пиза.

И СДСМ беше замислен оригинално со слична цел. Тој требаше да служи како „камбанарија“ на олигархијата која преку нејзините соопштенија и конференции ќе ги замајуваше и лажеше граѓаните за сите лоши (приватизација, транзиција) и уште полоши (корупција, поделба на државата) случувања во Македонија.

Бидејќи не знаеле подобар начин во тоа време, свештениците одлучиле да го финансираат градењето на високата кула на чиј врв ќе биле сместени камбаните. Бидејќи не знаеле подобро, олигарсите кај нас решиле да изградат голема Партија на чиј врв ги сместиле нивните политички камбани – со идеологија во себе подеднакво шуплива како што се шупливи црковните ѕвона.

3. И СДСМ и Кулата се со грешки во проектот и при градењето: она што е необично кај кулата во Пиза е што таа е – како што целиот свет знае – крива. Таа не била планирана да испадне таква искривена, напротив, нејзините проектанти ја замислиле да стои право, исправено, гордо и достоинствено. Ама, поради еден куп грешки во изборот на локацијата, подготовката на подлогата, градежните методи и материјали, како и самиот процес на изградба – нивната замислена права и горда кула се искривила, и тоа уште пред да ја завршат нејзината изградба.

Така и нашата крива партија. И неа нејзините основачи не ја беа замислиле ваква каква што е сега – со мизерни десет посто рејтинг. Таа требало да биде државотворна, да стои гордо и исправено, повисоко од било што и од било кого, ама, поради грешки во кадровската политика, поради несоодветно организирана инфраструктура и погрешна идеологија (која бре идеологија?!) во погрешно време – партијата се искриви и почна да тоне уште во процесот на изградба.

Како што знаете, партија се гради низ неколку децении, да стекне верно членство, да се профилира и позиционира во политичкиот спектар. Ама нашиве кривинаши не издржаа ни осум години од формирањето, а паднаа во 1998 година од власт. Па откако со судни маки – цела војна против сопствената држава почнаа – се вратија на власт, не поминаа ни четири години, и пак паднаа и од тогаш никако да се исправат.

Онаа другата „кула“ кај нас, што стои спроти кривата политичка кула во Македонија и самата беше со многу проблеми при градењето ама пред неколку години се реновираа таму од темел до кров и сега решиле до сто ката да се креваат. Ќе видиме, да не се искриват и тие во меѓувреме?

4. Проблемите кои се јавиле при изградбата и во Пиза и во СДСМ се обиделе да ги скријат со козметички поправки: По изградени три ката (поточно, приземјето и првите два ката) кулата веќе и со голо око можело да се види дека е крива. И, умните глави на градителите решиле да не интервенираат во коренот на проблемот, туку во сокривање на последиците. Почнале горните катови да ги ѕидаат нееднакво.

На едниот крај на кулата (оној кој бил повеќе потонат) почнале да ставаат поголеми камења, повисоки столбови, подолги греди, а на оној крај кој бил повисок, помали елементи. И во прво време, горниот раб на кулата навистина личел дека е прав.

Овој принцип на размислување се применува често и кај поставувањето на шифоњерите, кога ако не е рамен подот се става некоја тенка штичка под едниот крај за да на неа стоејќи се исправи шифоњерот. Тоа делува малку грдо, ама штичката е во долниот дел, па не се гледа и целиот систем глобално делува убаво и хармонично. Ама тоа не функционира кај зградите.

Како што поминуваа годините под власта на кривата партија, состојбата со животниот стандард на народот сѐ повеќе се влошуваше, па партијата реши да дозволи малку да живне шверцот и сивата економија, за да невработените и стечајците имаат од што да преживеат. Ако немаат работа – нека шверцуваат цигари!

Тоа на долг рок, не е решение. Како што впрочем и француската кралица од времето на револуцијата која со слични зборови се обидела да ги смири гладните толпи тоа го научила на многу брутален начин. Ако немаат леб – нека јадат колачи! Поради таа своја изјава, кралицата завршила на гилотина. И тоа вистинска, а не регулаторна.

Ако сите продаваат, некој мора и да купува. А тој што купува мора од некаде да ги заработи тие пари. Од каде, ако сите креативни и чесни и вредни луѓе се протеруваат од државата и на нивнно место им се дава на крадци и преваранти да просперираат?

И кога дојде време за промени во партијата после нејзиниот пораз, наместо да се зафатат со реформи во сопствениот корен на своите проблеми, тие што направија? Само на видливите функции поставуваа марионети кои требаше да глумат дека нешто прават темелни промени во континуитет. Ама зад нивните празни фигури други ги влечеа конците.

И сега и кулата и партијата се искривени и веќе им нема исправање. Е ама кој тоа да го види? Ако човек стои во самата крива кула тој не може да види колку е таа крива и дека е крива воопшто. Единствено се согледува кривоста ако се погледне кулата од надвор. Така и со нашата Крива Партија. Тие што се внатре во неа си мислат дека таа е добра, а крива изгледа од надвор оти всушност земјата е крива. Кој да им објасни на оние затворени во кулата дека грешат?

5. Криви се и двете, па уште ети ги, стојат и не паднале: Кулата во Пиза се накривила уште пред осум векови и цели осумсто години се накривува па еве ја, сеуште е жива и здрава, уште стои, и уште не паднала. Значи, би рекол некој неупатен, и не е нешто страшно сето тоа што се случувало во нејзината рана историја. Грешка во ова, грешка во она, големо чудо! Кулата си стои! А исто и партијата!

Чудото навистина е големо, но тоа нема врска со кулата туку со модерната наука која со помош на десетици милиони евра инвестици од страна на италијанската влада, кон крајот на минатиот (дваесети) век успеа да ја спаси кулата во Пиза од паѓање.

Едно чудо инжинери, доктори на науки, геолози, геомеханичари, градежни експерти и статичари се беа собрале во почетокот на деведесетите години од XX век, заедно со најмодерните справи и технологии за да ја задржат кулата во живот. Планини од пари беа фрлени во најскапите методи за спас на ова уникатно здание. Ако тоа не се направеше тогаш, а тоа беше заден час за било каква ефикасна интервенција, денеска кулата немаше да постои.

Научниците од целиот свет се обединија за да ја зачуваат за идните генерации, ако ништо друго, барем само како потсетник за архитектите и градежниците дека градењето не е шега, туку наука.

Едно чудо еминентни странци се обединија за да ја спасат и нашата крива партија од паѓање. Аналитичари, политичари, евро – комесари, амбасадори и емисари и пратеници, специјални и вонредни – сите нешто се беа фрлиле на проектот за да ја зачуваат оваа грда градба која сиот наш народ би сакал да ја види во урнатини. Во изминативе години планини од пари беа фрлени во разни невладини организации чија основна цел беше да ја уништат секоја автохтона мисла на овие простори и да инсталираат начин на размислување кој би ѝ помогнал на партијата да преживее.

Пизанците и Македонците имаат една заедничка мисла – ниту тие сакаат кулата да им се исправи (сакаат да остане токму таква, крива и уникатна), а ниту ние сакаме да се вратат на власт „кривинашите“. Токму такви какви што се сега, се најдобри за државата. На Пизанците, кривата кула им е неопходна за развој и одржување на туризмот. Нам, кривата партија, не знам зошто ни треба?

6. И двете служеле како експериментални помагала: Интересна работа со кулата е дека од нејзиниот врв, познатиот научник Галилео Галилеи вршел научни експерименти кои подоцна ќе се покажат како клучни во развојот на модерната наука и технологија. Партијата која е предмет на аналогија во овој текст е, слично на кулата во Пиза, платформа со чија помош се вршат политички експерименти во нашата земја.

Галилео, од врвот на кулата фрлал разни предмети и мерел колку време им треба да паднат на земјата. Тој заклучил дека, ако се исклучи влијанието на отпорот на воздухот, сите предмети фрлени од кулата кон земјата патуваат со еднаква брзина, без разлика на нивната тежина.

Кај нас, благодарение на сервилноста на политичката елита која е на чело на Партијата, странските експерти со години доаѓаат и фрлаат врз нас секави глупави идеи и чкартосани проекти и квази – реформски зафати и мерат (веројатно) што се случува со нив. Верувам, според она што можам и самиот да го видам, дека тие доаѓаат до истиот заклучок до кој дошол и големиот Галилео Галилеи.

Ако се исклучи отпорот на луѓето кои немаат политичка моќ, и кој отпор главно се состои во вербални негодувања и ништо повеќе, сите „реформи“ кои странците ги тестираат на нас имаат еднаков резултат – економска, општествена, културна и морална деградација на, како што обично велат тие експерти, „оваа земја“ и овој народ.

Кулата во историјата на науката е битна, оти таа послужила за изведување на мошне драгоцени експерименти со чија помош е дојдено до мошне драгоцени научни вистини. А од нашата експериментална партија и ние мислам дека имаме дојдено до драгоцена научна и несоборлива вистина – никогаш повторно да не им дозволиме да се вратат на власт.

7. И двете му служат на човек со ист назив: Ова ми текна во последен миг. Имено, кривата кула во Пиза е изградена со помош на средства и залагања на обичните граѓани во Пиза. Со децении, тие издвојувале од своите со пот и мака заработени пари за да се финансира изградбата на монументалниот објект кој требало да го краси нивниот град. Горе – доле, ова може да се каже и за нашите граѓани, кои буквално со децении издвојуваа од своите со пот и мака заработени приходи за да го финансираат градењето на Партијата.

Кулата во Пиза иако е изградена со парите на граѓаните не им припаѓа ним. Штом била завршена, таа била предадена во владение на црквата. И тоа не на било која црква, туку токму на католичката црква. На чие чело се наоѓа врховен поглавар со неограничена моќ кој носи титула „Папа“.

Кај нас, формално – правно, оној кој навистина владее со Партијата која беше предмет на анализа и аналогија во овој текст, официјално не е нејзин претседател. Ама сепак тој, реално гледно, сеуште владее со нив. И има неограничена моќ. И, неговите непријатели, душмани и оние кои му завидуваат го нарекуваат – Папа.

Осмата сличност се состои, барем според мое мислење, во следниов факт: ниту кулата сама по себе, ниту Партијата сама по себе, не се нешто битни и значајни и никому не би му било гајле за обете нешта, ако тие не се аномалични. Со други зборови, единствена причина поради која кулата во Пиза е светски позната е поради тоа што е накривена. Единствениот начин на кој Партијата секогаш се бореше да дојде до своја афирмација беше постојаното ширење на омраза, на лаги, на клевети, на несигурност, немири, штрајкови, афери, закани со војна…

Кога би била исправена, кулата би била само обична кула. Кога не би се занимавала со откривање на начини за правење лошотилаци, Партијата би била обична нула. А е силна, само затоа што сее страв околу себе. Значи, да резимираме: десетата сличност меѓу кривата кула и кривата партија е токму во важноста на нивната кривост – ако беа прави, правилни, правдољубиви, никој немаше да ги знае.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: