Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ СТРАВ ОД ПОЛИТИКА

leave a comment »

Дури и оваа лавица од која се плашат сите животни во саваната се исплашила од некоја пострашна ѕверка

Зошто повеќето луѓе избегнуваат да зборуваат за политика? Зошто самиот збор „политика“ кај многумина буди чуство на гадење и одвратност, или барем многумина политиката ја сметаат за најглупава работа на свет? Дали нам како народ ни е страв од политика, или можеби е во прашање слабост на карактерот?

* текстов е првично објавен на 17ти февруари 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/211129

1. Политиката не ме засега, и затоа не ми е гајле за неа: овој изговор на луѓето кои не сакаат да се замараат со политички теми и муабети повразни со тој аспект од нашето живеење е темелно погрешен и е одраз на неспособноста да се гледа подалеку од својот нос.

Идејата е дека бидејќи не се очекува од политичарите било што да остварат од своите ветувања и дека на прв поглед ништо не се менува во секојдневниот живот кога ќе се промени власта, па затоа и нема потреба човек да се замара со политиката воопшто.

Еден таксист упорно тврди дека политиката нема врска со неговиот живот и дека заради тоа не му е гајле кој ќе дојде на власт. На времето, тој таксист кога минуваше низ наплатните станици на автопатот (т.е. патарините) плаќаше само половина од законски утврдената такса, оти оние кои беа на патарините беа корумпирани. Тоа сега не се случува, и тој кога и да минува со своето возило низ наплатната станица мора да ја даде целата сума. И тоа сега го нервира, но тој сеуште тврди дека нема никакво влијание работењето на политичарите врз неговиот секојдневен живот и работа. Иако, сега мора да плаќа двојно повеќе секогаш кога минува низ наплатната станица.

Друг еден човек вели дека ич не му е гајле за тоа кој е на власт и каква политика спроведува тој што е на власт, оти тоа нема никакво влијание врз неговиот секојдневен живот. Ниту еден политичар не му дал пари. На времето, тој плаќаше струја со пониска цена за киловат, а сега, поради политичките одлуки на власта, тој е принуден е да плаќа висока цена за струјата која тој и неговото семејство ја користат. И се разбира, и тој не е способен да ги поврзе точките во својот ум и да сфати дека поради неспособноста на политичарите кои владееја со земјава во изминативе две децении, енергетскиот сектор во земјава е во перманентна криза и секоја година расне увозот на струја и затоа секоја година има повисоки сметки за струја.

Една мајка на мало дете вели дека нејзе политиката не ја интересира оти таа се грижи само за своето дете. Потоа, се жали дека во школата каде што детето ѝ учи има катастрофални услови. И таа не може да ги поврзе точките и да сфати дека поради политичките одлуки на владата не се инвестираат доволно средства за одржување на училиштата.

Примери вакви има безброј, но поуката е единствена: нашите секојдневни животи се тесно поврзани со одлуките на политичарите на власт. Ако тие водат погрешна фискална и монетарна политика, ние сите плаќаме повисоки сметки, повиски цени, потешко наоѓаме работа. Ова важи за сите нас. Полтиката нѐ засега сите секој ден.

2. Јас не ја разбирам политиката, политичарите нека се занимаваат со неа: ова е уште еден изговор за неинтересирање за политиката кој што изговор произлегува од незнаењето. Но, не од незнаењето за тоа како функционира политичкиот свет, туку за тоа што всушност е политика.

Како што можете да видите во мојот претходен пост, политиката не преставува бескрајно расправање за тоа кој полтрон на кој лидер му купувал бурек, а кој лидер на кој полтрон му наместил тендерче или функција во некое јавно претпријатие, туку ВИСТИНСКАТА ПОЛИТИКА е процес на распределба на ресурсите со кои располага државата со цел да се постигне најголем позитивен ефект за општеството.

Со други зборови, нема врска со реалната политика кога владата и опозицијата се препукуваат околу „стратешките залагања за имплементација на клучните бенчмаркери за интеграцијата и партиципацијата на Македонија во евроатланските процеси“, туку кога владата донесува одлука дали дел од буџетските пари ќе ги намени за изградба на нова брана, мост или водовод, или пак ќе ги фрли за реклами по медиумите. Или пак во случајот кога СДСМ беше на власт, дали ќе ги потроши парите од кредитот земен од Светска банка за да купи нов генератор за хидроцентралата „Матка“ или пак за финансирање на градбата на меморијалниот комплекс „Пелинце“.

Тоа е политика: менаџирање со финансиските средства собрани од даноците на начин на кој тие би биле инвестирани во продуктивни проекти од кои општеството во целина ќе има корист. А оваа политика досегашните наши политичари не покажуваа дека ја разбираат како што треба. Жално е што и гласачите воопшто не се замараат со такви прашања, иако токму од правилната инвестициска политика на државата тие најмногу би имале реална корист за подобрување на својот стандард.

3. Сите политичари се исти, за кого и да гласам – ќе згрешам: ова е можеби најголемата заблуда кај оние кои не се интересираат за политика. Од проста причина, што сите политичари не се исти. Не само во исто време разни политичари, туку и ист политичар во различни периоди.

Факт е дека во земјава имаме партии кои се водени од комплетни идиоти и докажани хохштаплери и бездарници, но факт е и дека меѓу политичарите има некои помалку способни и некои повеќе способни. Факт е дека нема ниту еден политичар кој е совршен, но факт е и дека некои се подобри од другите. Идејата е дека до совршен политичар не може да се дојде од само еден изборен – мандатен циклус, туку низ неколку циклуси, низ кои ќе се исфилтрира квалитетот.

Тоа е идејата на политичката борба. Некои политичари добиваат шанса и покажуваат дека ептен не ги бива, но други добиваат шанса и покажуваат дека заслужуваат нов мандат. Се разбира дека оние кои заслужуваат втор мандат не се совршени, но се подобри од оние кои не заслужуваат втор мандат.

4. Политиката е бизнис и политичарите се купени, па изборите се само фарса: и ова е голема заблуда која ја даваат како објаснување незаинтересираните за политика. Суштината на ова тврдење е дека најбогатите луѓе во земјава наша се главни финансиери на политичките партии и токму благодарение на нивните пари разните партии може да дојдат на власт, ако направат богата кампања.

Ова е бесмислица и нема врска со реалноста. Во нашата политичка историја, имавме случаи кои го докажуваат токму спротивното: во 1998та пребогатата партија СДСМ изгуби од посиромашната ВМРО –ДПМНЕ, потоа пребогатата ВМРО-ДПМНЕ во 2002та изгуби од посиромашната СДСМ, па потоа имавме обратен случај на изборите во 2006та.

Либералната Партија на Андов и Социјалистичката Партија на Ѕинго имаа богати спонзори (и медиумска помош) па политичките резултати им беа слаби (во однос на вложените пари и медиумско покривање). За „успесите“ на партиите на медиумските милионери Стојменов и Рамковски не вреди да се трошат зборови.

Без разлика колку милиони евра ќе потроши една партија за својата изборна кампања, тоа нема никакво значење за бројот на добиени гласови. Во нашата политичка пракса тоа е докажано многупати досега, и навистина не е оправдување за неинтересирање за политиката тврдењето дека парите се клучни во политиката и дека оној кој нема пари не може да дојде на власт.

Конечно, ајде да видиме дали оправдувањата за незаинтересираност за политиката важат и за други теми, на пример спортот. Еве, реално да збориме, нема никакво влијание врз нашиот секојдневен живот дали Рома или Челзи или Арсенал ќе бидат европски прваци. Сепак, многу луѓе се интересираат за резултатите од нивните натпревари. Дури и оние кои не се обложуваат на спорт. Зошто ваквиот став е отсутен кога е во прашање политиката?

И покрај тоа што практично никој од нас не знае баш точно како функционира спортот и што точно мора да направи некој играч за сигурно да даде гол, сепак тоа нас не нѐ спречува да дебатираме константно по секој натпревар околу тоа кој каде згрешил во играта и што било клучно за поразот / победата на некој тим.

Тврдењето дека сите фудбалски тимови се исти, па за кого и да се обложиме нема да згрешиме е евидентно неточно. Факт е дека одредени натпревари се повеќе од јасни пред да почнат: судирот на некој второлигашки клуб од Андора и на лондонски Челзи е со познат исход: ако не е наместен натпреварот, повеќе од реално е да се очекува дека Челзи ќе победи. Сите фудбалски тимови не се исти, па и сите партии не се исти. Ако се интересираме за фудбалот, зошто тогаш не се интересираме за политиката.

И спортот е бизнис и сите играчи се купени, но тоа не значи дека гарантирано тим чии играчи вкупно вредат сто милиони евра ќе победи тим чии играчи вредат 50 милиони евра. И сите го знаеме тоа, и токму затоа е фудбалот интересен за гледање. Оти сите сме свесни дека парите потрошени за купување на играчите не се пресудни за исходот на натпреварот. Исто важи и за политиката.

Навистина, нема оправдување за незаинтересираност за политиката. Барем не реално оправдување. Стравот од политика е всушност страв од преземање на својата судбина во свои раце. Стравот од политика е страв од донесување на одлука. Стравот од политика е страв од својата сопствена моќ. Стравот од политика е страв од успех. Стравот од политика е страв од самиот себе.

Во Македонија имаме две подеднакво големи групи на луѓе. Едната половина од регистрираните гласачи нема да излезат на избори оти се плашат од политиката. Другата половина од регистрираните гласачи ќе излезат на избори. Токму од таа половина политичарите се плашат. Стравот од губење на политичката моќ ги тера политичарите да не забегаат премногу. Ако гласањето на само половина од гласачите е доволно да ги натера политичарите да не ја уништат државата, замислете колкав позитивен ефект би имало кога сите гласачи би излегле да гласаат.

П.С: Овој пост е еден вид продолжение на постот „Најчестите психолошки грешки што гласачите ги прават пред избори“ а донекаде во него се застапени и основните идеи кои ја даваат втората половина од постот „Заговор или изговор?“. Ако не сте ги прочитале тие интересни постови до сега, а воедно ви се допадна и денешниот пост, слободно прочитајте ги.

Written by nenobogdan

06/01/2010 at 23:05

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: