Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ШТО Е ПОСИЛНО – ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ИЛИ ПРИРОДНАТА ГЛУПОСТ?

leave a comment »

Тестов е правен по примерот на МЕНСА. Значи има научна поткрепа!

Ако вашиот одговор на прашањето од сликата е под а) тогаш тоа е знак дека вие сте интелигентен човек кој знае логички да расудува. Оние со коефициент на интелигенција далеку под просекот веројатно би се одлучиле за одговорите под в, д или ѓ. Верувале или не, во реалноста, има и луѓе кои сметаат дека и б или пак г е точен одговор за ова, а и за секое друго прашање.

* текстов е првично објавен на 29ти август 2008 на http://blogatash.blog.com.mk/node/177390

Според познавачите и истражувачите на прашањето за интелигенцијата кај луѓето, постојат не една, туку дури осум видови на интелигенција, кои не секогаш се среќаваат заедно и дека е можно, па и најчесто така се случува, кај едни луѓе да е развиен еден или два или три типа на интелигенција, а другите да се просечно или дури и подпросечно застапени. Видовите на интелигенција се следниве:

  1. јазично – говорничка интелигенција
  2. логичко – математичка интелигенција
  3. просторно – ориентациона интелигенција
  4. музичко – звучна интелигенција
  5. телесно – движечка интелигенција
  6. интер – персонална интелигенција
  7. интра – персонална интелигенција
  8. класификационо – споредбена интелигенција

Еве подетално објаснето за секој тип на интелигенција и за тоа колку јас мислам дека го има застапено тој конкретен тип на интелигенција кај нашите политички елити.

1. Јазично – говорничка интелигенција:

Овој тип на интелигенција е во секојдневниот живот најмногу застапен и развиен кај оние луѓе кои добро можат да се изразат и да најдат вистински зборови за секоја ситуација за која што од нив се бара мислење.

Значајно е да се каже дека има луѓе кои се одлични работници за практични задачи, ама не поседуваат висока интелигенција од овој тип и нивните резултати секогаш изгледаат послаби од резултатите на оние кои се послаби работници ама сепак добро знаат да ги престават своите успеси.

Кај нашите партии, очигледно е дека во изминативе дваесетина години, левицата и нејзините водечки политичари имаа многу повисоко развиена јазично – говорничка интелигенција од нивните ривали во десницата.

Како поинаку да се објасни фактот што и после сите скандали, афери, апашлуци, корупциски случувања и национални предавства, сеуште има стотици илјади луѓе во ова земја, безмалку сите тие директни жртви на лошото владеење на левицата, кои пак би гласале за нив, само ако тие ги побараат нивните гласови на избори.

Поговорката вели дека кога ја прашале лисицата зошто е толку паметна, таа одговорила дека не е таа паметна толку многу, колку што нејзините жртви (кокошките) се поглупави од неа.

Дали можеби не се и политичарите од левицата толку паметни и високо интелигентни за јазично – говорнички способности, колку што народот кој успеваат да го излажат е неписмен. Па цело време паѓа на исти финти, исти дубари, исти лаги и манипулации? Дали во нашата земја политичките лисици се толку итри или пак оние кокошки што гласаат за нив се толку смотани?

Ако е тоа така навистина, тогаш доволно е на народот само да му се објасни кој цело време се бори за својот личен интерес, а не за интересот на народот и тогаш времето на лисиците во нашата политика ќе изчезне. Оти ако нема веќе кокошки да им веруваат – што ќе јадат тие итри лисици?

Ама, кој да му објасни на народот, на „кокошките“, кога во другата партија се чини дека се доминантни петлите и мисирите кои сметаат дека со вообразено повторување на голи бројки кои немаат реална основа ќе успеат да го привлечат народот да ги сака само нив и да ги батали левите политиканти?

2. Логичко – математичка интелигенција:

Ако математиката и логиката ги гледаме од хуманистичка гледна точка, тогаш најнадарени со овој тип на интелигенција се големите научници и иноватори кои знаат своите идеи да ги преточат во реални и функционални научно – технички открија и изуми. Од кои, човештвото има полза и корист.

Но, ако се пристапи кон овој тип на интелигенција од прагматичен и егоистички аспект, тогаш политичарите кои најмногу успеале да украдат пари од својот народ и кои не биле фатени, за чии апашлуци нема докази – тогаш тие се најинтелигентните во поглед на математичко – логичката надареност.

И пак, во нашата земја, левицата т.е. сегашната опозиција ги „шие“ и во овој поглед десничарите. Да ги прашате главните фаци од сегашната опозиција колку пари имаат украдено додека биле на власт како министри, премиери и директори на јавни претпријатија (ама да ги прашате искрено да ви одговорат) сигурно ни самите нема да знаат.

Не толку од што многу украле, туку затоа што поради нивната високо развиена логичко – математичка интелигенција сфатиле уште на времето дека пленот од пљачкањето на сопствениот народ треба да го сокријат во десетици странски банки на илјадници тајни сметки.

Логиката ним им вели дека ако парите недостасуваат во буџетите со кои располагале – тоа ќе се покаже во завршните извештаи и дека веднаш ќе се знае дека парите некој ги украл. А и најнеупатениот човек знае дека ако во некоја државна институција фалат пари, оној кој ги украл е оној кој можел да ги украде, а тоа е секогаш главниот човек. Тоа е проста логика.

Ама, простата логика е за простите луѓе, додека за оние надарените со логичка интелигенција, важи сложената логика, а која главно се заснова на идејата дека сите извештаи за финансиско работење треба така да се замотаат и да се испревртат со десетици илајди ставки, параграфи, ненадлежни служби и дупки во законот што никој нема да може крајот да го фати, кога ќе дојде време да се фаќа крајот.

Е затоа, во нашата земја олигархијата испокраде милијарди евра од народните пари, и сите се чисти како солза. И власта под водство на левите сили се наполни со пари и пак и тие се чисти. Џабе што логиката им вели на обичните луѓе дека некој парите ги украл и тој некој сигурно е  оној кој е богат, а пред да дојде на власт бил сиромашен. Џабе логиката, кога некој мислел на време како да ги сокрие трагите.

А ако некој сепак не бил доволно паметен да ги избрише на време своите валкани траги, тука е секогаш метлата наречена „аболиција“ и лопатката наречена „амнестија“. Иако ѓубрето се чисти од пред лицето на јавноста, тоа сепак останува да смрди. Можеби треба да се фрли на буниште, и ѓубрето и политичарот кој ги има во своите раце метлата и лопатката? Иде пролет, а со него избори и пролетно чистење…

3. Просторно – ориентациона интелигенција:

Некогаш овој тип на интелигенција бил многу битен, особено во праисторијата кога примитивните луѓе не поседувале географски карти или патокази и други начини за ориентација и снаоѓање во просторот. Во тоа време, во овој тип на интелигенција кој многу се употребувал при ловот во шумите или патувањето низ степите, била пред сѐ вклучена способноста на луѓето да ги паметат разните форми на теренот или положбата на ѕвездите на небото и според нив да може да се ориентираат каде се наоѓаат.

Во денешно време, со помош на разните цивилизациски придобивки кои помагаат при ориентацијата во простор, како што се компасот, географските карти и модерните џи – пи – ес уреди, човек би очекувал да веќе нема потреба од користењето на овој тип на интелигенција. Ама не!

Нашите политичари и од двете партии, во изминативе дваесетина години покажаа дека што се однесува до снаоѓањето во просторот се неверојатно глупави и темелно моронизирани. Ниту Бранко ниту Љубчо не сфаќаа од каде дува ветерот – од кој правец доаѓаат промените во светот.

Бранко во својот прв мандат сеуште се држаше к’о пијан за бандера за Србија, која во тоа време одеше во правец кој ја доведе до национална катастрофа од невидени размери. Политички и економски, нашите тогашни владетели се инспирираа од идеите кои доаѓаа од Север, наместо да се инспирираат од идеите кои доаѓаа од Запад, кои на крајот се покажаа како победнички.

Потоа, кога Љубчо го замени Бранко, тој фати да им служи на Грците  и со тоа ја сврте ориентацијата на државата ни кон југ, не сфаќајќи дека политичкото сонце кое единствено може да ја огрее Македонија изгрева од Запад, а не од Југот, а најмалку од Исток. Некаде кон крајот на неговиот мизерен и полн со неуспеси мандат, тој фати и да го проколнува и да го навредува Западот, особено Америка, што беше сигнал дека човекот конечно одлепил и сосема ја изгубил својата смисла за ориентација.

Во средината на Балканскиот Полуостров, да се фаќаш во сојуз со Русија која е во сојуз со Србија (јавно) и во сојуз со Грција (тајно) и да шириш омраза кон Американците, кои само на Албанците и на нас може да се потпрат како на единствени реални сојузници во овој регион, е доказ за изгубеност во просторот.

Сегашниот премиер се чини дека таа лекција убаво ја сфати и дека барем тој знае земјава да ја ориентира во геополитичкиот простор како што треба, или барем избегнува да ја ориентира како што не треба. Се чини дека тој сосема убаво сфати дека од Грција ништо никогаш убаво нема да дојде за Македонија.

Уште да сфатат и оние кои себеси се чуствуваат за искрени македонски патриоти дека Русија не е наш сојузник, никогаш не била (сетете се само кој ја смисли Санстефанска Бугарија) и дека никогаш нема да биде (при жива и здрава Србија и Грција, зарем Русите нас ќе нѐ изберат за сојузници?). Ориентацијата во просторот е многу битна работа, премногу битна понекогаш. Гледајдете само што му се случи на Саакашвили кој заборави каде се наоѓа неговата држава Грузија и своите војници ги прати во сосема погрешен правец.

4. Музичко – звучна интелигенција:

Со ваквиот тип на интелигенција биле обдарени, барем така велат истражувачите, големите композитори од минатите времиња, музичките ѕвезди од светски калибар во денешниве времиња, и во сите времиња во поголема или помала мера сите подобри музичари и пејачи.

Овде се чини дека барем за овој тип на интелигенција вмровците ги растураат сдсмовците од многу проста причина што од самиот почеток на плурализмот кај нас, десницата секогаш беше чекор понапред во употребата на музиката во политиката.

Во почетокот на ’90 – ите години на минатиот век, додека СКМ сеуште се мислеше дали или не да го менува своето име во СДСМ, вмровците како новоформирана партија која ги презеде традициите на историското ВМРО ја извадија од нафталин и песната наречена оригинално „Марш на македонскиот четник“ и ѝ дадоа нови зборови за пеење и ние од тогаш па сѐ до денешен ден ја знаеме по нејзините почетни стихови „вмро, вмро, вмро, вмро, ти си наша судбина…“

Кога Грујо ја презеде од дискредитираниот Љубчо партијата, тој не дозволи да згаснат музикалните традиции во редовите на македонската десница и фрлајќи сѐ поголеми и поголеми суми на пари за да ги купи најквалитетните композитори на поп – музика кај нас, тој успеа за секој изборен циклус – претседателските во 2004, локалните од 2005, парламентарните во 2006 и последните избори од оваа година, постојано да вади сѐ подобра и попевлива изборна песна за својата партија.

Почнувајќи од онаа срамежлива „Спаси го моето срце“ посветена на претседателскиот кандидат Кедев (кој беше кардилог, па песната баш се погоди за него) и која песна ја пееше Кристина Арнаудова, која беше нешто како рок – химна, па се до „Македонија знае“ во која доминираа виолините, тапаните, а особено и бујните гради на Ребека и Елена Ристеска, се чини дека песнопојниот табор на десницата ги искористи сите можни музички правци.

За наредните избори, претпоставувам дека тоа е бидат локалните од 2009 – та, (ако некој претседателски авион не се сруши во меѓувреме) најверојатно ќе имаме можност на митинзите на портокаловата коалиција (ако дотогаш не ја промени бојата) да видиме и – стомачен танц. Плус трубачи од Кочани, плус тамбураши од Куманово, плус скопски рап и хип хоп. А веројатно ќе има и некоја секвенца опера, дел што можеби ќе го пее Борис Трајанов?

Бидејќи станува збор за локални избори, каде се избираат јавни функционери кои ќе решаваат за комунални прашања, замислете само каков ќе биде текстот на изборната химна: Врчак (или Елвир Мекиќ) рапува „ќе-ги у-ло-ви-ме од со-каци–те кучиња-та“ а Јован Јованов додава малце попевливо „и ќе ги исчистиме од улици-те ѓубриња-та“, Елена го фаќа рефренот „во нашата убава општинаааа“ и на неа се надоврзува Борис Трајанов „и во цела Македо-о-о-онија–а–а–аааа!“

Да ги видам комуњарите Дарио и Александар Митевски да смислат нешто појако од тоа!

5. Телесно – движечка интелигенција:

Веројатно си помисливте дека во овој дел треба да се осврнам на говорот на телото кој според многу познавачи е клучен елемент во секој настап на секој политичар. Кој знае колку мастило и хартија се потрошени на анализирање на сите телесни движења на политичките лидери на јавните настапи и каков ефект имале тие движења на гласачите.

Кај обичните луѓе (политичарите се демек „необични“ луѓе) овој тип на интелигенција е најзастапен кај професионалните танчари или кај спортистите за чии што спортски потези е потребна прецизност и координација на деловите на телото. Балерините и кошаркарите имаат една заедничка особина, а тоа е што и едните и другите имаат висока телесно – движечка интелигенција, што им овозможува со голем успех да ја вршат својата работа, на задоволство на гледачите и навивачите.

Ама кај политичарите, и тоа особено нашиве, овој тип на интелигенција нема врска со говорот на телото туку обратно, со телото на говорот. Да не ме сфатите погрешно, под „тело“ се подразбира некоја институција, некој преставнички орган, а под „говор“ секако се подразбира место каде што треба да се говори за одредени, општествено значајни, прашања.

Кај нас, такво тело на говор, таков орган за дискусија е – Собранието. Таму пак, се чини дека народните избраници се вистински морони кога треба да се употреби некој дел од телото (раката и устата) за да се постигне некој потег кој ќе доведе до задоволство кај публиката и навивачите, т.е. кај гласачите кои ги испратиле таму своите пратеници да одлучуваат во нивно име.

Нашите пратеници наместо да се однесуваат како „кошаркари“ па да забиваат тројки и да го зголемуваат скорот во корист на народот, тие се однесуваат како „балерини“ кои само се вртат едни околу други, скокаат на сите страни без причина и конечно играат во тактот на музиката која ја свири оркестарот под диригентската палка на владата, кој пак има пред себе партитура напишана од странски „композитори“. И левите и десните во овој поглед се подеднакво лишени од овој тип на интелигенција.

А што се однесува до говорот на телото, нашите пратеници го употребуваат само кога треба да го притиснат вистинското копче за да гласаат за законите кои што не ги ни разбираат, бидејќи не ги ни прочитале. Во нашата земја имаме закон според кој еден специјален човек по сопствена желба може да ја ликвидира без образложение која сака банка во било кое време, а имаме и закон според кој еден пратеник за кого гласале едвај пет илјади луѓе може да предложи самиот закон, ама 9 999 граѓани не можат, бидејќи законот вели дека закон се предлага со минумим 10 000 потписи.

Како нашите пратеници, нашите народни избраници, нашата најголема и единствена надеж за подобра иднина, да станат попаметни и да се отргнат од влијанието на владата? Еве еден мој предлог, темелно образложен и прецизно елабориран во мојот пост „250.000 евра плата годишно за секој пратеник“. Прочитајте го, многу е луциден и е сосема остварлив во пракса.

6. Интер – персонална интелигенција:

Или со други зборови интелигенција која се однесува на способноста на еден човек да оствари разбирање и комуникација со некој друг човек. Со интер – персонална интелигенција надпросечно се надарени харизматичните луѓе кои можат да создадат симпатии за себе кај илјадници други луѓе.

Воедно, се смета дека психолозите и успешните лични советници се исто така многу надарени со овој тип на интелигенција, бидејќи знаат да комуницираат поволно и продуктивно со други луѓе. А и од продавачите во продавниците за луксузни и скапи стоки се бара да имаат развиена интер – персонална интелигенција оти така полесно ќе можат да ги убедат купувачите да ја купат нивната стока.

Сепак, во нашата политика харизмата нема врска со интер – персоналната интелигенција, оти тој тип на интелигенција политичарите наши го користеа за да комуницираат и да остваруваат пријателски врски и соработка со нивните колеги во другите балкански држави, по што заедно можеа да вршат шверц и перење на пари.

Очигледно, ниту еден од нашите политички водачи не се потруди премногу да се спријатели со народот свој, оти веднаш откако ќе се дограбеа до власт, тие правеа сѐ за да тој народ го ограбат дополнително, да го земат и она што нивните претходници на функцијата го оставиле неукрадено.

Ама затоа, политичките елити кај нас се многу блиски со политичките елити во другите соседни земји. Па така имавме премиер поранешен кој подоцна стана бугарски државјанин (што значи дека имал добра комуникација со тамошните служби), а најдобар пријател на сегашниот ни претседател е неговиот црногорски колега со иста функција.

Најголемиот број пријатели на Киро Глигоров и денеска се во Белград, а најголемиот број непријатели на истиот тој Киро се во Македонија, особено меѓу подржувачите на десницата. Кога Бранко се беше појавил на собирот на децата – бегалци пред неколку недели тие го исвиркаа, а кога оди некаде во странство да држи некој говор – му ракоплескаат.

Иако нашите полтичари се многу паметни кога станува збор за добри односи со другите политичари – апаши како нив, се чини дека обичните луѓе во Македонија се многу глупи и ненадарени со интер – персонална интелигенција. Оти, додека политичарите Албанци и Македонци немаат проблем да си договорат меѓу себе коалиција, нивните гласачи меѓу себе се мразат и се навредуваат.

Од друга страна, кога обичните луѓе би се сложиле меѓу себе, без разлика на вера, нација и партиска ориентација и би побарале од нивните политичари одговорност и чесност, тогаш тоа би било прекрасно. Ама, како што реков, интер – персоналната интелигенција е дел од паметноста на политичарите. А меѓусебната омраза е дел од глупоста на обичните луѓе. Паметните секогаш ќе владеат со глупите, од тоа нема бегање, се додека глупите не се опаметат.

7. Интра – персонална интелигенција:

Овој тип на интелигенција се разликува од претходниот тип (и покрај сличноста во името) по тоа што се однесува на способноста да се разбере човек самиот себе, да сфати кои се неговите скриени потенцијали, да осознае што точно бара и сака да постигне во животот, да ја допре и прими смислата на сопственото постоење.

Според познавачите, оние кои се надарени со овој тип на интелигенција се длабокоумни луѓе кои знаат што можат да постигнат и тие се прагматични и реални луѓе кои никогаш нема да забегаат во неостварливи фантазии, оти занаат „колку им сече ак’лот“ и колку и што се способни да постигнат.

Евидентно, не сите политички лидери низ историјата биле обдарени со овој тип на интелигенција, оти еве, како последен и најсвеж пример, таков занесенко кој си замислуваше дека е некој јак фактор беше грузискиот претседател Саакашвили. Според неговите последни изјави, во кои тој најавува и второ полувреме на целата работа околу Јужна Осетија и Абхазија, се чини дека паметот уште не му дошол.

Нашите стари биле во право кога рекле дека „ако некому му се куси алиштата може да му додеш, ама ако му е кус паметот – не можеш“. Од човек кој не ја разбира реалноста и своето место во неа – не може да се очекува да биде продуктивен политички лидер.

Каде се нашите политичари во однос на нивната интер – персонална интелигенција? Кај нив наместо заблуда за повисока вредност т.е. комплекс на супериорност (каков што има веројатно Саакашвили) има се чини заблуда за пониска вредност, односно комплекс на инфериорност.

Нашите политички елити се, по мое длабоко убедување, желни за некој да им каже што да прават и како да размислуваат и тоа најчесто го прават странците за нив. Страдаа и страдаат сеуште нашите политичари од стравот да мислат со своја глава и да прават нешто по своја иницијатива. Неспособни се да се осознаат себеси и да разберат што можат да постигнат самите.

Па затоа во нашата земја не правиме реформи за наше добро, туку затоа што странците така ни велат да правиме. Дури и ако некој излезе со некоја наша, сопствена паметна идеја за брзо и ефикасно решавање на нашите проблеми, нашите политички лидери не ја прифаќаат веднаш, туку прво за тоа бараат експертиза и стручно мислење од Брисел. Или од ООН, ММФ, Светска банка, ОБСЕ, ЕУ, НАТО…

А можеби нашите политичари всушност многу добро се надарени со интра -персонална интелигенција, па совршено се познаваат себеси и сфаќаат дека повеќето од нив се обични будали и неспособни кретени? Ако е тоа вистина, зошто ние тоа не можеме да го сфатиме сеуште, дека луѓето кои го бараат нашиот глас на секои избори се – луѓе кои не го заслужуваат нашиот глас?

8. Класификационо – споредбена интелигенција:

Ваквиот тип на интелигенција е во суштина она што повеќето луѓе го подразбираат под поимот „интелигенција“. Се состои во тоа да се имаат пред себе десетина предмети или бројки или имиња или појави со нивен краток опис и да може да се открие набрзина врската меѓу сите тие елементи.

Повеќето тестови за интелигенција или игри за проверка на паметноста се токму засновани на проверка на овој тип на интелигенција: прашањата од типот „пронајди го натрапникот“ се состојат во тоа да се најдат врските помеѓу дадени елементи и да се открие кој од нив не е поврзан со останатите и тој е натрапникот; или задачи од типот „продолжи ја низата“ се во основа базирани на тоа да се најде врската помеѓу дадените броеви и да се претпостави точно според таа логика, кој број би следувал во низата.

Во политиката, овој тип на интелигенција е многу битен, речиси доминантно значаен за опстанок и напредување во кариерата. Имено, кога партиите немаат цврста идеологија треба кај младите кадри желни за напредување да биде особено развиена способноста да сфатат по која логика функционираат нивните партиски лидери и потесното раководство.

Оти, кога нема програма, кога нема јасно кажани идеи и долгорочни стратегии, низата на постапки на партијата треба да се продолжи на ист начин како што се продолжува и низата од броеви (од тестовите за интелигенција). Ако партијата во изминатиот период правела сѐ за да може да украде повеќе пари, тогаш реално е да се предвиди дека и нејзините наредни чекори ќе бидат во таа насока.

Воедно, и задачата од тестовите за интелигенција од типот „најди го натрапникот во групата“ имаат своја аналогија во политичките партии, кога после изборен пораз, младите кадри во партијата кои очекуваат да напредуваат во повисоките ешалони, треба да откријат кој од партиските раководители ќе биде елиминиран и исфрлен од врвот на нивната партија.

Кај многу приврзаници на десницата во 2004 – та година кога се случи расколот меѓу Грујо и Љубчо, многумина ја избраа страната на стариот лидер оти во умот свој само ја „продолжија низата“ на неговите внатрепартиски победи и си заклучија дека тој и овој пат ќе излезе како победник.

Ама очигледно, оние во таа партија кои ја поставија својата анализа по принципот „пронајди го натрапникот“ сфатија кој ќе излезе како победник и се приклучија на страната на Груевски, оти сфатија дека со своите тогашни постапки (пр. колумната на Љубчо во која тој отворено побара поделба на Македонија и размена на територии и население) тој веќе одлепил сосема и дека кај него нема ни трошка патриотизам, и како таков, тој не може да се надева на гласовите на патриотите во партијата, која во својата основа го имаше токму национализмот.

Што да прават сега членовите на СДСМ, кон кого да се приклучат во внатрепартиската борба за лидерската позиција во нивната партија. Ако размислуваат за „продолжување на низата“ и го фаворизираат Бранко, навистина ќе им се продолжи низата на изборни порази и годините на опозициски живот. Ако пак одлучат да го пронајдат и исфрлат натрапникот од својата партија, ќе треба целото раководство да го истераат, и тоа на клоци. А можеби натрапникот во таа партија се токму обичните членови и дека тие треба да си излезат навреме од бродот кој тоне?

Како што можеби заклучивте од оваа анализа, интелигенцијата кај политичарите е, на прв поглед повисока отколку интелигенцијата кај нивните гласачи. Бидејќи, гласачите дозволуваат политичарите да ги лажат секогаш одново на секои нови избори. Дозволуваат да ги крадат и пак гласаат за нив.

Но, интелигенцијата кај нашите политички лидери мене барем ми делува некако вештачки, неприродно, небаре е вештачка интелигенција. А бидејќи никој не се потрудил на народот да му напрви некоја маѓија па тој да стане од паметен глупав, можеби кај народот станува збор за природна глупост.

Евидентно, вештачката интелигенција на политичарите е посилна од природната глупост на народот со кој владеат. Кога народот би почнал да размислува, тогаш тој би ја заменил својата природна глупост со природна интелигенција. И дури тогаш ќе сфати дека политичарите немаат никаква моќ и дека тие ништо не можат ниту да украдат ниту да уништат, ако не се на власт и дека власта која тие толку редовно ја злоупотребуваат им ја дава само народот. И тој може да им ја земе.

Written by nenobogdan

06/01/2010 at 17:20

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: