Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ШТО МОЖЕМЕ НИЕ МАКЕДОНЦИТЕ ДА НАУЧИМЕ ОД ЕВРЕИТЕ?

with 7 comments

Тие ги слават своите најинтелигентни луѓе, а ние? Што славиме ние?

Иако некому може да му се чини дека сликата кажува сѐ, сепак мора да се одговори со зборови на прашањето од насловот. Идејата на овој текст е дека од Евреите, древниот народ со векови прогонуван поради својот идентитет, ние Македонците, исто така древен народ со векови прогонуван поради својот идентитет, можеме многу да научиме.

* текстов е првично објавен на 25ти септември 2008 на http://blogatash.blog.com.mk/node/183142

Сигурно сте ги слушнале оние стереотипи за Евреите со кои луѓето кои (поради било која причина) ги мразат, се обидуваат да ги оцрнат и да ги престават во негативно светло. Некои од тие стереотипи се сосема бесмислени и немаат врска со реалноста, како на пример оној дека тие не се мешаат со другите народи и се женат/мажат само со припадници на нивниот народ  за што постојат стотици илјади примери кои го докажуваат сосема спротивното (токму Алберт Ајнштајн бил женет со Хрватица и имале два сина, а музичарот Лени Кравиц е син на Евреин и жена со црна боја на кожата).

Други пак стереотипи имаат некаква реална основа, но наместо да се прикажат во позитивно светло, какви што навистина и сѐ, тие од страна на антисемитистите се прикажуваат како нешто страшно, лошо, одвратно, грозно, причина за недоверба и омраза. Еве ги тука, наведени токму тие стереотипи, следени со објаснување зошто токму тие не треба да се гледаат како нешто погрешно и зошто токму од тие стереотипи за однесувањето на Евреите како нација, можеме да научиме ние Македонците како да се однесуваме и ние како нација.

1. Секаде ги има: овој стереотип се употребува не само за Евреите на светско ниво, туку и во оние држави каде што нема Евреи, но има други национални малцинства кои се успешни во својата борба за опстанок и како такви се погодни за на нив да се префрли вината за сите неуспеси на мнозинскиот народ.

Во Германија пред Втората светска војна, тамошните расисти за Евреите го велеле истото што кај нас некои наши патриоти и особено многу „патриоти“  го велат за Власите. Дека ги има секаде, дека се вклучени во сите пори на општеството и дека тие се оние кои ги влечат сите конци и дека тие владеат со државата, со економијата, со медиумите и со сѐ што нуди некаква општествена моќ.

Обично луѓето кои ги кажувале ваквите работи за Евреите во Германија, се по карактер идентични со луѓето кои се склони за сите свои неуспеси да ги обвинуваат Власите во Македонија: ако не знаат да напишат добра книга – и никој не сака да им ја испечати, тоа е заговор на Власите кои ги контролираат сите издавачки куќи. Ако не можат да направат добар бизнис – план и поради тоа не можат да добијат кредит од банка – криви се Власите кои ги контролираат сите банки.

Ако во партијата која ја подржуваат има луѓе кои, на пример, на тендер купуваат пар пижами за по осумсто евра или компјутерски мауси за по илјада евра парче, и поради такви и слични работи не можат да добијат гласови на избори – криви се медиумите кои ги преставуваат во лошо светло, бидејќи во нив сите уредници и новинари се Власи. Или на светско ниво, Евреи.

Нема сега да навлегувам во објаснување дека со моќните економии на Кина, Јапонија, Јужна Кореја, Тајван и Сингапур, сигурно не управуваат Евреи кои се белци, или дека врз пребогатите нафтени резерви на арапските земји сигурно многу поголемо влијание имаат нивните локални (муслимански) владеачки елити отколку меѓународниот „еврејски“ капитал, или дека сите влашки новинари во земјава ништо не можеа да направат да го спасат СДСМ (партијата на Хари Костов, Јани Макрадули и Штерјо Наков) од двете последователни изборни катастрофи. Тоа се прашања кои… не заслужуваат одговор.

Поентата ми е дека дури и да се Евреите толку застапени насекаде, навистина толку да ги има вклучени во сите можни и неможни, реални и измислени центри на моќ од било кој тип – финансиски, политички, медиумски – зарем тоа е нешто лошо? За нив (Евреите) барем.

Зошто ние, Македонците, да не станеме такви, зошто да не се обидеме ние да се вгнездиме во сите текови на глобалната економија, да фаќаме врски со политичките моќници ширум светот и да правиме сѐ за да нашата вистина допре до ушите на оние кои го креираат светското јавно мислење?

Дали не можеме, дали не знаеме, или можеби не сакаме да научиме, бидејќи сме премногу задоволни за сите наши слабости и глупости да ги обвинуваме другите. Дали ќе бидеме помалку Македонци ако почнеме повеќе да размислуваме?

2. Учени се сите и многу учат: кога некој Евреин го прашале зошто Евреите се толку успешни на тестовите на интелигенција (што е навистина факт, иако тестовите за интелигенција не се баш точно мерило за интелигенцијата) тој одговорил дека Евреите со векови се подготвувале за тие тестови, додавајќи дека низ историјата, кај сите еврејски семејства било задолжително да во куќата можеби немаат столови и маса, ама книги мора да имаат и да ги читаат сите.

Ако ги погледнете биографиите на безмалку сите големи научници и истакнати иноватори и истражувачи, ќе забележите една константа кај сите нив, а тоа е дека тие никогаш не се срамеле од учењето и од обидот да дознаат што повеќе за светот околу нив. Бидејќи учењето е речиси дел од фолклорот на Евреите, ништо чудно што многу голем процент од научниците и успешните иноватори низ историјата биле токму Евреи.

А ние бре, ние кои живееме во државата во која 53% од населението е само со основно образование, што да кажеме ние? Кај Евреите во минатото имало обичај во тестаментите на луѓето да пишува: „кога ќе умрам, книгите од мојата збирка да ги поделите на моите синови…“ а кај нас, во нашите народни песни имате стихови од типот: „ако умрам ил загинам, закопајте ме во визбата покрај виното и ракијата…“

Луѓе кои себеси се сметаат за паметни и сериозни пред неколку недели кога дознаа дека на факултетите во Виница и Пробиштип се запишале едвај по двајца – тројца студенти, искрено се радуваа ситејќи му се на премиерот што неговата идеја за приближување на високото образование до обичниот народ доживеала дебакл.

Со тоа што Македонците одбиваат да учат техника и наука, и наместо тоа едвај чекаат шанса за да заминат на Запад каде што ќе берат јагоди, ќе работат на брод или нафтена платформа или ќе бидат бејбиситерки, не доживува нашиот премиер дебакл – туку нашата држава доживува дебакл.

Кај нас, ако во парк видиш млад човек како седи на клупа со шише ракија во рацете, тоа никого не го вознемирува, ама ако видиш во истиот тој парк на истата таа клупа некој друг млад човек со книга во рацете – тое е чудно и необично.

Кај нас, и верувам уште само кај сите сиромашни и заостанати нации ширум светот, да му кажеш некому дека „филозофира“ тој ќе се смета за навреден и можеби ќе одговори со контра – навредата „ај не се прави многу паметен“. Антологиски е вицот кај нас: „ти мислиш ја глуп сум“ и одговорот „не бе“ и навредениот контра –одговор: „шо бе не…?“

Е, ама кај Евреите, барем така велат стереотипите за нив, тоа не е така. Кај нив, прва и основна работа во животот на секој млад човек е да се стекне со најдоброто можно образование.

3. Ништо не работат физички, само памет продаваат: Откако биле протерани од својата земја пред две илјади години, Евреите почнале да скитаат низ светот немајќи ни земја да обработуваат ниту рудници свои да експлотираат – и морале да преживеат со единственото нешто што го имале и што никој не можел да им го одземе – интелигенцијата. И затоа денеска имате толку многу научници, инжинери, програмери, врвни лекари и консултанти за финансиски услуги од еврејско потекло.

И Македонија денеска нема ниту плодна земја доволно за себеси да се прехрани (па мораме да увезуваме храна дури и во најплодните години), ниту пак имаме рудници (сите ги исцрпевме и за неколку години ни јаглен нема да имаме) и единственото нешто што можеме да му продаваме на светот е – памет.

Пред неколку недели, во една дискусија на еден друг блог, јас бев обвинет дека целиот свој живот сум продавал памет (и за тоа сум земал добра плата) и ништо не сум работел физички. Личноста што го рече тоа се надеваше дека со тоа ме навредила, ама јас со тоа се гордеам, речиси подеднакво колку што се гордеам со тоа што бев бранител во 2001 – та, искуство кое многу жители на Израел имале можност да го доживеат низ бурната историја на својата земја во изминативе децении.

Македонија нема да се збогати ако два милиона луѓе овде станаме рудари и орачи на ниви, туку ако станеме програмери, инжинери, аналитичари, консултанти кај кои целиот свет ќе доаѓа за да купи памет. Како што одат сега во Израел, кој нема ни нафта, едвај ни вода (па мора да ја увезува сѐ повеќе), ниту пак рудници. Ама има највисок процент на инжинери и компјутерски програмери по глава на жител на светско ниво, и затоа просечниот Израелец има седумдесет пати поголема плата од просечниот жител на Конго, земја пребогата со сите можни природни богатства, освен со образовани луѓе.

4. Секогаш се држат заедно против непријателот: овој стереотип наменет против Евреите ги обвинува дека тие секогаш и во секоја ситуација, кога се соочени со надворешни непријатели (кои не се Евреи) ќе заборават на своите меѓусебни несогласувања и ќе направат сѐ што може да се направи за да заедно го победат напаѓачот и да преживеат.

Во недостаток на Евреи во нашата држава, овој ист стереотип се користи кај нас против Албанците и понекогаш против Власите. Најинтересна работа кај него е што ниту Власите, ниту Албанците никогаш не го користат против нас, Македонците, ваквиот стереотип, оти за нас тој не важи. Ние Македонците сме подготвени да се исколеме меѓу себе за работи кои немаат никаква реална смисла.

Нашите политички несогласувања се во суштина обиди да се надвикаме околу тоа кој од нашите (Македонци) политичари е помал крадец и помалку неспособен од другиот политичар (исто Македонец). Или кој е помалку сервилен спрема странците. Или кој е полесно да се поткупи за да се добие некоја услуга од него.

Во нашите политички борби ние сме секогаш подготвени да ги повикаме на помош парите и медиумите на Власите (така барем се зборува) или пак како во 2001 – та, оружјето на Албанците. И после друг ни е крив што државата ни е во континуиран пад и што малцинствата нѐ јавнале нас, мнозинскиот народ. Е па, ќе нѐ јавнат кога ние самите се правиме магариња и самите си го ставаме самарот.

Во нашава земја, после седумнаесет години докажување и покажување на одредени политички лидери дека се сосема неспособни и до крај корумпирани, тие исти политичари сеуште имаат некаков си рејтинг од десет – петнаесет проценти. Значи, двеста и кусур илјади луѓе сеуште би гласале за политичари кои никогаш не покажале дека знаат да водат држава. Е па, кој ни е крив што не знаевме досега да ја препознаеме вистинската опција која сите Македонци ќе ги обедини против заедничкиот непријател?

Секогаш кога Израел ќе се соочел со закана по својата безбедност од страна на своите арапски соседи, политичките лидери во таа земја моментално ги заборавале своите несогласувања и борбата за власт и застанувале обединети зад националниот интерес. Кај секој израелски политичар прва и основна мисла е: „не ми треба власт, ако ја загубиме државата“. Кај нашите политичари важи обратното: „не ми треба државата, ако ја загубам власта“. И затоа не ја бива оваа земја и овој народ кој сеуште би гласал за такви политичари. Затоа.

5. Го гледаат само својот интерес, и не им е гајле за меѓународното право: овој стереотип е особено застапен кај оние кои го критикуваат однесувањето на Израел на светската политичка сцена, кога е во состојба да соработува со сите и секого само за да си ги оствари своите цели.

Познати се примери во изминативе децении кога Израелците им продавале оружје на диктатори во Африка само за да може тие диктатори да војуваат против бунтовници во сопствените држави кои биле подржувани од страна на арапските држави и кога тајни агенти на МОСАД киднапирале нацистички злосторници кои се криеле по разни латиноамерикански држави под лажен идентитет, и ги носеле во Израел на судење беа да имаат за тоа дозвола од државата во која ги вршеле тие акции. Легендарен е и случајот со нападот на израелски командоси на аеродромот „Ентебе“ во Уганда кога требало, без довола на властите на таа држава да се ослободат израелските заложници кои таму биле донесени со грабнат авион.

Светот повеќе пати бил шокиран и безмалку згрозен од решителноста на водачите на Израел кога станувало збор за заштитата на своите национални интереси. А кај нас?

Кај нас имаме одредени „независни интелектуалци“ кои се шокираат што во Ирак сме испратиле ние, како држава, неколку десетици специјалци да се борат рамо до рамо со Американците. Демек, таа војна не била започната според меѓународното право, и дека немале Американците дозвола од „светиот, безгрешниот и премудриот“ ООН да војуваат во таа земја. А гледам тој ООН нам ни дозволува ли да се викаме како што ни е името, и токму по меѓународно право ние сме принудени да се викаме FYROM. И по меѓународен договор ние треба да преговараме со Грците за нешто за што никој, никогаш, никаде не би преговарал.

Нема сигурно ние да ги исправиме сите кривини во светот, ама ако многу се залетуваме на нашиот пат, лесно може да излетаме од некоја од тие остри кривини. Затоа, треба, исто како Израел, да ги баталиме „меѓународните правила“ и да си го гледаме само својот сопствен национален интерес. Кога е Македонија во прашање, не двојни стандарди, море ако треба и дваесет и двојни стандарди ќе применуваме.

Кај нас пред неколку недели пукна „брука“ дека неодамна се дознало оти Македонија ѝ продавала оружје на Грузија, и со тоа сме ги загрозиле нашите односи со Русија. А, се заборава дека таа Русија ѝ продава оружје на Грција, и со тоа зарем и таа не ги загрозува своите односи со Македонија?

6. Евреите се родени за бизнис и претприемништво: ова е дефинитивно најглупиот стереотип што може да се каже за било кого, не само за Евреите. Настрана фактот што не е баш точен, бидејќи низ историјата еден куп значајни комунисти и анархисти биле Евреи, што значи, антикапиталисти, но и да е вистина, што има лошо во тоа да некој човек биде роден за бизнис и да поседува претприемачки дух?

Кај Евреите, успехот на еден од нив се смета за успех на сите нив. Кога некое еврејско момче ќе се запише на факултет, тие не велат дека „тој и тој човек се запиша на тој и тој факултет“ ами дека „имаме наш човек сега на тој факултет“. Ако некој отвори некоја фирма, тие не велат дека „тој и тој кој знае од каде нашол пари, ама отвори некоја фирма“ туку дека „еден наш човек отвори фирма, алал да му е, да му се збираат парите и да му цвета бизнисот“.

А ние? Кај нас, ако некое дете од провинција се запише на факултет во Скопје, веднаш се прави фама во провинциското градче дека „тој всушност не може да поднесе да живее тука со нас, тој се срами од ова мало место, кога ќе се врати од Скопје со диплома, дајте да не му правиме ич муабет, оти многу важен ќе се замислува дека станал“.

Јас лично имам видено и слушнато Македонци кои го пцујат Мајк Зафировски, го колнат Благоја Самаковски, го презираат Жан Митрев и го омаловажуваат Милчо Манчевски. Истите тие луѓе сметаат дека најголемата грешка на Македонците, најголемиот наш недостаток како нација е што ние немаме „свој Аркан“ или немаме „свој Младиќ“ или некој „наш Бинладен“.

Има уште многу стереотипи и јас уште би пишувал, ама кога ќе се сетам дека што подолг пост ќе објавам, толку помалку луѓе ќе го прочитаат, едноставно губам желба за пишување. Но, еве го според мене она што кај граѓаните на Израел е најсилниот нивен адут во нивната борба за создавање на богата и просперитетна држава, а што кај нас никому не му текнува да го спроведе:

Во Израел, во секоја нивна политичка партија, дури и во оние кои се формирани пред година или две, владее неприкосновена демократија. Ако сте ги следеле случувањата во таа земја пред неколку недели, во најмладата нивна политичка партија, владеачката „Кадима“, имаше внатрепартиски избори за нов лидер и сите четириесет и кусур илјади членови на партијата излегоа на партиски избори да го изберат својот нов партиски лидер.

Така е и во другите нивни партии, и таму нивните лидери не се „богови“ како кај нас, или војводи и папи, ами обични луѓе, кои се свесни дека немаат никаква моќ, ако нивните подржувачи не им ја дадат. Во Израел е можно, поранешен премиер да биде министер во влада во која нов премиер ќе биде некој што кога овој бил премиер, сеуште не бил ни заменик министер. Најсвеж пример е Шимон Перез, некогашен премиер, кој подоцна стана обичен министер.

Како што реков, во Израел гласачите се апсолутно свесни дека нивните лидери не се натприродни суштества со натприродна интелигенција туку дека се обични луѓе и дека нивната власт зависи од изборот на народот. Кај нас, сеуште немаме таква свест развиено.

Имав можност пред неколку години (2004), да прашам еден вмровец дали ќе гласа за Љубе ако партијата го номинира Кедев, што и навистина се случи. Тој ми одговори: „како ќе реши партијата, така ќе правам“. Јас му возвратив зачудено: „ама кој е партија, ти и луѓето како тебе сте партијата, без вас лидерите на партијата се никој и ништо, вие сте тие што ја носите партијата на своите плеќи, вие треба да одлучите“, а тој ме погледна тапо и ми рече „вие младите не знаете да почитувате авторитети, вие сакате за сѐ самите да одлучувате“.

Токму така, почитувани читатели, низ својата историја Евреите научиле дека сите ќе се обидуваат да ги заведат и да и уништат или барем да ги ограбат и дека никој не може да мисли за нив толку добро колку што самите можат да мислат. Евреите сфатиле дека за својата иднина мора самите да се погрижат и самите да се изборат за место во светот кое само ним ќе им припаѓа. А ние?

Ние сонуваме за враќањето на другарот Тито за да можеме пак да живееме сите на кредити (иако уште ги отплаќаме оние земени во неговото време), сонуваме за влез во ЕУ каде што другите ќе ни даваат пари, а ние само ќе лежиме (така и Бугарите мислеа, па гледајте што им се случи), сонуваме за безбедносниот чадор на НАТО без да сфатиме дека и ние ќе треба да контрибуираме во тој ист НАТО.

Нашиот проблем е што сме убедени дека има некаде на светов некој што може да биде поголем Македонец од нас самите и што поубаво ќе се грижи за нас отколку што ние можеме. Е токму таа заблуда Евреите ја немаат и токму затоа тие секогаш се грижат самите за себе и од тоа имаат најдобри можни резултати.

Е токму тоа е најголемата поука што можеме ние како Македонци да ја извлечеме од Евреите и од Израел. Антисемитизмот е бесмислен секаде, а во Македонија најмногу. Треба да престанеме да веруваме во заблудите за Евреите кои нашите непријатели ни ги имаат наметнато (најмногу антисемитистичка литература за „светски заговор“ кај нас доаѓа од Србија и Бугарија) и да почнеме да мислиме со своја глава и да почнеме да учиме од успесите на еврејскиот народ и неговата држава.

Со тоа што ќе станеме побогати, посилни и поуспешни, нема да станеме помалку Македонци. Напротив, кога сме биле силни, успешни и паметни, во времето на Филип и Александар, сме биле најголеми Македонци.

Тоа време не се враќа и ние не можеме да се вратиме во тоа време, но тоа не нѐ спречува денеска да се обидеме да бидеме повторно она што некогаш сме биле. Треба да почнеме да учиме од успешните за и самите да станеме успешни.

П.С: Знам дека овој пост и начинот на кој ја образложив мојата идеја можеби нема да им се допадне на многу луѓе. Постојат многу искрени македонски патриоти кои се заблудени од бугарско – српските пропаганди, па ги мразат искрено Евреите, иако во својот живот немаат видено ниту еден од нив. Таквите заблудени луѓе треба да почнат да мислат со своја глава. За интересот на Македонија, а не за интересот на нашите балкански душмани.

Written by nenobogdan

06/01/2010 at 18:15

7 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Хахаха Самиот си кажа Евреите пред 2000 години продавале памет а ние до пред 60 години немавме ни универзитет…И да акциите на Владата за образување на нацијата (демек ќе сме продавале памет и ние) се преамбициозни…Се знае како се гради држава…Земјоделие…Индустрија…Продавање памет(Здравство,Образование,Наука,Банки)
    Ние сме уште со земјоделство од средината на минатиот век а бараме …абе шо да зборам све е кажано треба да се работи…Инаку за Евреите грешка е да се вели дека тие прават заговор за владеење со светот..тие имаат договор за владеење со светот…тоа им е задача запишана во библијата…не гледам ништо лошо во тоа…

  2. Мислам дек сите Стереотипи за полицајци,Евреи,Власи,Шиптари..и сите други се делумно точни

  3. Абе Нено убава ти е идејата да се запишеме на факултети па да станеме програмери, инжинери, аналитичари, консултанти .
    Но си се запрашал ли некој дали може да издвои пари за Факултет, а има огромен потенцијал за учење.
    Но во денешниов Капиталистички свет особено во Македонија едноставно не вреди да се има Факултет. Зошто не вреди да бидеш мотивиран за на Факултет???
    За капитализмот важи изреката „снајди се па живеј“.
    Тоа е вака некако:

    Имаш диплома, ама немаш пријател. Глуп си.
    Имаш свидетелство. Од петто до осмо. Имаш пријател. Е тогаш си многу снаодлив и луѓето за него ќе речат БРАВОС СЕ СНАЈДЕ ЧОЕКОТ.

    Во капитализмот ако имаш Вујко владика ќе бидеш поп.
    Има доста примери за тоа. Некој завршил Факултет со просек 9 ќе работит амалска работа за 8000 денари, a некој има основно образование ај кју испод 80 внук е на газдата и поставен е на функција директор во фабриката и зема плата 30000 денари.

    Да не е мамено случајно???

    И зошто некој би учел Факултет макар и со сите десетки завршил, кога знае дека не ќе му биде обезбедена соодветна работа и плус некој со основно образование што не знае по пат да оди и ќе го командува него. Те убедува таквиот дека црното е бело. Ако му се спротивставиш на „интелектуалецот“ со основно образование (внукот на газдата) одма ќе му каже нему и ќе леташ од работа. И да си прав тогаш крив си. Плус со факултет завршен на таквиот ЛОБОс ќе треба и канцеларијата да му ја чистиш.
    На дипломирани правници и професори им нудат работа како чистачи…а то значит дека не требит да се одбиет.
    Јас на пример ако би се запишал на факултет и седнам да учам за испит, си викам what for..пак ке копам ниви в село. Или сум учел 5 години за некој со основно одделение да ми биде претпоставен.
    ама некој со факултет за инает не би фатиле метла, оправдано, макар да живеат од пензијата на дедо им, за да не пропаднит психичкиот труд!
    за оваа тема многу добри објаснувања имат некој попаметен од мене, Џони Штулиќ!

    Благоја

    29/12/2010 at 20:58

    • „И зошто некој би учел Факултет макар и со сите десетки завршил, кога знае дека не ќе му биде ОБЕЗБЕДЕНА соодветна работа…“

      За да може да замине во странство и да си НАЈДЕ САМ РАБОТА таму.

      Газдата што ќе постави глупчо на чело на фирмата своја или на битна функција во фирмата ќе трпи загуби поради лошото раководење на тој глупчо. И ќе пропадне брзо таа фирма.

      И ќе се отвори простор на пазарот така за некој способен што нема да поставува глупи луѓе на битни места во својата фирма.

    • Е ова „Имаш диплома, немаш пријател – глуп си“ и „Немаш диплома, имаш пријател – многу си снаодлив и паметен“ баш НЕМА блага веза со капитализмот. Тоа ти се комунистички мувли кои сеуште живеат повампирени во Македонија. Во СФРЈ тато, мама, вујче, чичо и на дедо пријателот од војска можеле да те направат што сакаш. Неписмени идиоти биле директори на фирми, кои после во 20 годишната транзиција (20 години, како да сме ментално заостанати) ги „здиплија“ и сега го водат македонскиот „капитализам“ со тие нивни комунистички манири…
      Никогаш не сум ги сфаќал луѓето кои го плукаат капитализмот (ваков каков што е во Македонија, никаков) обвинувајќи го дека работите во него функционираат баш како што функционирале во социјализмот, за кој вени се сечат! -.-

      Мартин Каровски

      11/08/2012 at 12:20

  4. Mногу ми се допаѓа текстов,впрочем како и др. текстови.Секоја чест за тоа што го пишуваш воопшто и тука и во неделникот Фокус.
    Текстов ме испровоцира да напишам едно мое видување за Евреите,од лично искуство,бидејќи своевремено додека кратко живеев во Лондон на неколку пати имав прилика да работам лично за нив и да ги запознаам од блиску.Претежно има групи од Срби,Бугари,Македонци што им работат на разни нивни прослави,свадби,родендени,полнолетства,домашни забави итн.
    Нема да навлегувам и спорам околу стереотипите,ке се обидам да се осврнам на тоа јас што лично го увидов кај нив.
    Тоа што како појдовна идеја си пишал дека ние Македонците можеме да научиме од нив е супер,но дали ке научиме,тоа тешка работа.Тешко дека било кога ние ке можеме да го достигнеме тоа ниво како народ и нација.
    Јас видов дека ги има од најмодерни (да неможеш да ги препознаеш) до оние најзакоравени да речам, „со тапија„ Евреи со нивниот препознатлив изглед,витканите локни,шеширите и црните костуми со бели кошули.
    За нив сум чул дека водат љубов првата брачна ноќ преку чаршав со дупка да не им се допираат телата.Дали е тоа вистина или не незнам,не успеав да видам  Но исто така сум чул дека повекето жени ги шишаат келави па после тоа тие носат перики.Во тоа лично се уверив на тие прослави имам видено неколку госпоѓи со перики,дури и во чантите си носат перики за менување.Демек тоа било така да не побудат чуства кај некоја друга машка особа.Додека мажите се облекуваат така еднолично со тие нивни карактеристични фризури исто така да не изгледаат привлечно за други жени.
    Други интересни работи за нив…Живеат во големи заедници,цели квартови се нивни.Доста се поврзани,премногу.Се што прават прават помегу нив,мислам во размена на разно разни дејности,ретко да побараат нешто,т .е. да „купат услуга„ од некој што не е Евреин.Конкретно во организирање на свадбена церемонија,оранизаторот е Евреин и тој единствено изнајмува балканци да со келнерај ја одработат свадбата.Друго од готвачи до музичари,до сликари,аранжери со цвеке итн се е Евреи.Имаат доста куки низ нивните квартови претворени во Синагоги и церемониите им се таму.Со тоа што со самото тоа што го прават во Синагога,регистриран верски објект не плакаат данок на тоа,има и доста други работи кои ги прават помегу нив се само да на легален начин избегнат да платат данок.
    Конкретно за една забава нивна да опишам,па тој што ке прочита сам нека направи споредба со нашиот менталитет.
    Најчести им се свадбите или полнолетствата(бар мицвах) мислам дека така им се вика.Просторот т.е. салата кај што се одржува тоа прво се дели на два дела најчесто со цвеке или некоја друга ограда.Едниот дел е за жени другиот е за мажи.Кај жените служат келнерки кај мажите келнери.Немаше поделби само кај оние помодерните да речам Евреи.Во кујната било каква храна да се спрема прво мора да има присутен рабин,и цело време ја опејува со некои нивни молитви,додека тој не дозволи несмее ништо да се послужува.Во салата најпочесното место го има за свештено лице и за напочитуваните што им се во заедницата кај што живеат.Многу многу се побожни,дури 70% од веселбата им е во молење и во говори.Било да е свадба или бар мицвах посебно внимание се обрака кон најмладите,кон децата.Се свират нивни традиционални песни,мажите стануваат и онака фатени еден позади друг со рацете на раменици(што кај нас го викаме популарно воз) се вртат во кругови и пеат.Жените се собираат покрај ограда и страмежливо ги посматраат и ги оговараат на еден симпатичен начин.Играњето трае доста кратко,понекогаш знаат пеејќи ја нивната традиционална песна да го кренат младоженецот на раменици и почнуваат со говори.Штом некој земе збор со микрофонот,најчесто прво рабинот да ги благослови,настанува мртва тишина.Го слушаат со мн големо внимание.Било кој да држи говор,персоналот се прака на пауза и гостите во салата го слушаат со мн внимание.Алкохол се пие мн ретко,исклучиво може вино.Говорите им се претежно верски,религиозни или поучни,акцент се става на верноста на младенците,верноста кон традицијата и заедницата.Толку многу си го креваат духот и достоинството помегу нив како народ,верата во религијата,поврзаноста кон заедницата што често слушајки ги останував просто без збор,бев фрапиран.Посебно на бар мицвах,детето кое станува полнолетно држи говор на микрофон во салата,13 годишно дете може 30 мин ке чита и ке чита и во салата ни еден воздрасен нема да се помердни од местото,нема да се чуе ништо друго,сите го слушаат со големо внимание.После тоа сите почнувајки од рабинот до фамилијата му држат совети како треба да е посветен на заедницата,да си го почитува својот народ итн итн.Не само на прославите туку и општо децата ги учат од мали нозе на вредностите на нивната заедница и мн ретко ке видите од таква заедница да излезат криминалци или непочитувачи на традицијата.
    Во текот на цела таканаречена веселба се вртат кон еден зид и со тресење на главите напред назад се молат и читаат секој за себе од некои книги молитви.
    После церемонијата се што останало од по масите мн ретко се фрла,колачиња,овошје и слично се се чува за наредна свадба кај друг пар.Во врска со храната веруваат дека штом рабинот ја опеал може да се јаде без разлика колку и да е стара.Мн чудна работа.На некои од тие забавите мн е чудно да видите како некои богаташи кои работат со дијаманти,вртат милиони фунти јадат глупости,мн малку се веселат и постојано се молат.Разликата помегу наша свадба и нивна може да се мери во светлосни години.
    Верувам иако е текстот подолг,незнам што би скратил а можам мн да додадам  дека кој ке го прочита барем ке има некоја си престава за евреите малце поинаква од онаа што многумина ја имаат.Со еден збор навистина има што да научиме од нив,посебно на нивниот однос кон заедницата кон сопствениот народ,традицијата и воспитуванјето на најмладите.После тоа нетреба да се плашат за нивниот опстанок и опстанокот на нивната традиција бидејки ги учат децата од најрана воздраст тоа да го ценат и да го одржат во духот на традицијата.За разлика од нив кај нас тоа е „боса команда„ прво немаме асолни школи,со секоја власт се менуваат и учебниците,не ги учиме на основните традиционални вредности,за почит кон постарите веке не е вредно ни да се спомене,младите се преоптоварени со секојдневна политика и кич.Зборувајќи за најмладите треба да напоменеме дека и кај постарите е се излезено од контрола,па нема ни кој да ни ги учи децата,така да во моментов сме влезени во тој магичен круг и активно репродуцираме расипана младина.Секако мислам на расипаност во морална смисла,децата како деца си се ок,само нема кој да ги насочува на правилен пат.Уште само една паралела како пример помегу нас и Евреите.На најобична нивна веселба се активно посветени на верата и религијата,слушаат со почит,додека кај нас прошлиот Велигден бев во Црква и во моментот кога се пееше молоива од страна на поповите пред полноќ,наоколу помегу народот се муабетеше и се џагореше,нитуеден верник не ни слушна еден стих од молитвата,секој си муабетеше со друштвото.Иста парада се дешава и на погреби и на венчавки и на било кој верски настан.Мобилни звонат,муабети се прават,никој ништо неслуша а се правиме верници и традиционалисти што се вели „поголеми католици од Папата„.

    DeJaN

    20/10/2011 at 16:56


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: