Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ АРГУМЕНТУМ АД ХОМИНЕМ

leave a comment »

Бисери пред свињи, свињи пред бисери

Фразата во насловот буквално значи „аргумент од човекот“ и се однесува на техниката во дебатирањето кога своите тврдења учесникот во дебатата ги „докажува“ повикувајќи се не на факти и логика, ами на изјавите на разни авторитети. Оваа техника не е логички валидна и нејзината невалидност се докажува пред сѐ преку уривање на авторитетноста на посочените авторитети. А авторитетите се делат на четири вида:

* текстов е првично објавен на 28ми април 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/225407

1. „Релевантен“ авторитет: зборот „релевантен“ го ставив во наводници бидејќи токму таму треба да стои. Ова од причина што не постои некој логички секогаш употреблив критериум за да се утврди дали некој авторитет е релевантен да зборува за некоја тема и попрецизно за некое прашање поврзано со одредена тема.

Да елаборирам: има ли смисла за прашање од економијата да прашуваме економист? Има, на прв поглед се чини дека има. Но на втор поглед – не е баш така. Затоа што економијата е комплексна наука и премногу широко поле за да биде еден човек експерт за сѐ што таа има да понуди како предизвик. Еве на пример, кога на вести ќе видите некој „професор доктор од економскиот факултет“ да зборува за светската економска криза или за грешките што големите банкари од Wall Street ги направиле при управувањето со капиталот на своите банки, навидум треба да му се верува на тој авторитет. Оти зборува за економија, а тој е економист.

Но, по кој основ е тој македонски теоретичар релевантен да објаснува за случувањата во американската пракса? Уште ако тој професор предава маркетинг или сметководство (а нашиот сметководствен систем врска нема со американскиот) по кој основ треба да му се верува на таков човек за таа тема?

За точно определена тема си треба точно определен специјалист кој може да тврди дека ја едуцира јавноста по тоа прашање. Се разбира, за да човек мудрува за било која тема, не мора да е специјалист. Како што јас го правам тоа на блогов мој: никогаш не едуцирам, туку провоцирам со прашања, претпоставки и хипотези кои имаат за цел да тераат на мислење и самостојно истражување, а никако не прејудицирам дека се моите тврдења догми кои мора да се прифатат бесприговорно.

Од тука, може да се каже дека релевантни експерти нема многу по светов, а и тие што ги има се релевантни за строго одредена тема. Со други зброви, што знаат македонските политичари излезени од комунизмот за демократијата, стручни ли се бившите соработници на Државната Безбедност кои денеска глумат независни новинари и зарем треба да им се верува на професорите од економскиот факултет кои докторирале на марксистички теми кога зборуваат за капитализмот? Релевантни ли се тие експерти?

2. Авторитетот на мнозинството: а ова е формата на авторитет врз која почива демократијата како концепт на политичко уредување и одлучување. Се разбира, очигледно е дека ова е исто така форма на авторитет која е далеку од безгрешност. Тоа што најголем број гласови собрала некоја партија или некој политичар, па макар тие гласови биле и апсолутно мнозинство или двотретинско, не значи дека таа партија или политичар се најдоброто решение.

Во суштина, овде важи онаа позната дефиниција на Волтер за модата: „кога за некоја глупава и бесмислена работа луѓето ќе почнат да се изразуваат со најпофални зборови, тоа значи дека таа работа влегла во мода“.

Мнозинството во демократијата не ги донесува своите одлуки за некој сет опции врз основа на своето објективно разбирање на тие опции, затоа што ако не се експерти за економија на пример, тешко дека обичните луѓе ќе можат да ги споредат објективно предностите и недостатоците на понудените опции за економски реформи. Но, тука главна улога игра вештината на политичките водачи кои ги нудат спротиставените опции да ги убедат граѓаните во прифатливоста на своите идеи.

Аргументот дека „оваа одлука е правилна затоа што мнозинството од луѓето се согласуваат со неа“ не е логички валиден аргумент, но е во пракса валиден и тоа како. Како што реков, тоа е основа на демократијата. Причината поради која тој е практично валиден не е во тоа што е логичен, туку дека нема друг пореалистичен начин да се управува со една држава.

Би било идеално ако некој вистински авторитет (крал, цар, диктатор, совет од мудреци) би можел да донесува одлуки во името на народот и тие одлуки да бидат секогаш правилни, но кој е тој авторитет што ќе нѐ убеди дека кралот, царот, диктаторот или советот на мудреци навистина е непогрешлив и дека секогаш ги донесува најпаметните одлуки? Со други зборови, кој мудрец ќе гарантира дека советот на мудреци навистина е составен од мудреци? И ако се најде некој мудрец што ќе гарантира за советот, кој ќе гарантира за мудроста на мудрецот – гарантер?

Не за џабе се рекло дека „судењето е процес во кој треба да се одреди која од странките во парницата има подобар адвокат кој може да ја убеди поротата или судскиот совет во исправноста на ставовите на својот клиент“. Авторитетот на мнозинството не кажува дали некоја работа е точна или не, дали некоја опција е правилна или не, туку само дали застапниците на таа опција се покажале како убедителни или не. Така да, тоа што некоја партија на власт дошла со голем број освоени гласови на изборите, не значи дека опозицијата не е во право и дека треба да замолчи. Напротив, тоа само значи дека опозицијата не успеала да најде вистински зборови за да ги убеди гласачите. И дека треба да го смени настапот. (се разбира, ова не се однесува на нашата сегашна опозиција, која што нема да биде во право како и да се изрази за своите анти-македонски ставови)

3. Анти-авторитет: авторитетот обично се поврзува со нешто силно, моќно, јако, богато, значајно, успешно, но не секогаш токму таквиот извор на авторитет има убедителна моќ. Имено, верувам дека сте ги гледале цртаните филмови со „Том и Џери“ каде што малото глувче редовно му прави проблеми на мачорот и редовно влегува во спор околу нешто, во кој што спор иако Том е голем и крупен и силен (авторитет) сепак публиката редовно се става на страната на малечкиот Џери, дури и кога тој за да ја задоволи својата алчност дрско краде храна од фрижидерот кој му припаѓа на домаќинот на куќата.

Само затоа што Џери е малечок и слаб, а Том крупен и јак, повеќето од нас го подржуваат Џери во неговата борба против Том. А да збориме реално, Џери е штетникот оти краде туѓа храна (на човекот) а Том е легитимниот бранител на имотот на својот стопан. Том е во право, а ние сепак Џерита го подржуваме?!

Погледнете ги барањата на светската гео-политичка сцена на државите како Иран и Северна Кореја и на терористичките организации како Талибанците во Афганистан или Хамас во Газа – тие се мали, слаби во однос на големите сили, но сепак ја привлекуваат наклонетоста на многу луѓе ширум светот кои се ставаат на нивна страна во конфликтите во кои се вклучени.

Тоа што Талибанците се сега слаби и мали не ги прави „позитивци“  во граѓанската војна во Афганистан и Пакистан (помислете на нивниот однос кон правата на жените!). Тоа што терористите на Хамас немаат пристап до авиони и воени бродови и тенкови не им дава за право во својот судир со Израел да испукуваат ракети намерно врз цивилни цели, и тоа што Иран и Северна Кореја се послаби воено-економски во однос на САД не има дава за право на нивните луди лидери да развиваат нуклеарно оружје.

Слично, тоа што некои луѓе во развиениот свет немале доволно далекувидост да учат вредно кога биле помлади па сега поради ниското образование имаат ниски приходи не е причина да сметаме дека имаат право на социјална помош. Се разбира дека имаат право државата да им помогне да „научат да ловат риба“ – да стекнат вештини и знаења кои ќе им овозможат да најдат самите работа (тоа и не е милостина, туку инвестиција која на државата ќе ѝ се врати многукратно), но немаат право да бараат државата да им дава „риба“, оти со тоа не им помага ним трајно, туку само ја продолжува нивната зависност од милостина.

Со други зборови: колку што оној кој има сила не е по автоматизам секогаш во право, толку и оној кој е послаб во моментот не е секогаш во право. Во право е оној кој е во право. Силата и моменталната моќ не се показател за исправноста на нечии ставови. Исто, и слабоста и моменталната немоќ не се доказ дека некој заслужува да биде сметан за онеправдан.

4. Недефиниран авторитет: овде станува збор за оправдување на сопствените ставови кои се изнесуваат во дебата со повикување на некој надворешен, мистичен, неопределен авторитет. Најчест пример е кога за некоја работа се вели дека е „светски тренд“ или дека „меѓународната пракса го потврдува тоа“.

Тука прашањето е колкав дел од светот е тој „свет“ кој се движи во таа насока т.е. колкава зафатнина зафатил дотичниот тренд.

Земете ги атеизмот и геј-браковите како најактуелни примери. Имено, дури и на нашиот блогерај имаме луѓе со левичарска определба кои нѐ убедуваат дека религијата е ретроградна, затуцана работа која што светот одамна ја напуштил и дека е впрочем време и ние, ако сакаме да се придружиме на светот, да го баталиме православието и верата воопшто и сите да станеме што поскоро – атеисти. Оти светот се движи во таа насока и тоа е глобален тренд.

А мене ме интересира колкав тоа дел од светот е атеистички? Дали е тоа Латинска Америка или Индија или пак арапските земји ја баталиле религиозноста и станале атеисти? Сигурно не. Дали дури и САД каде што според последните анкети над 80 проценти од луѓето се сметаат себеси за верници можат да се наречат атеистички?

Слично е и со прашањето околу легализацијата на хомосексуалните бракови. Оние кои ја подржуваат таа идеја тврдат дека било „тренд во светот“ да се озаконат тие заедници и дека ние, ако и овде не ги легализираме час поскоро, ризикуваме да останеме обележани на светско ниво како конзервативно, затапено, усмрдено мочуриште на кое ќе се гледа со потсмев. И тука треба да се постави прашањето за обемот на тој наводен „светски“ тренд.

Ако во Кина, Индија, Јапонија, Афика, арапските и муслиманските држави, во Русија и во Латинска Америрка геј–браковите не само што не се легални туку и никој тамошен сериозен политички фактор не ја подржува таа идеја, а во тие делови од светот живејат 80 проценти од светското население – како може да се зборува за легализацијата на геј браковите дека е тоа светски тренд?

Дури и во САД, едвај во неколку сојузни држави се легализирани браковите меѓу лица од ист пол, а и во ЕУ бројот на државите што го имаат направено тоа може на прстите од едната рака да се изброи.

Колкав дел од светот треба некој тренд да зафати за да биде прифатен за светски? Или тоа има врска со тоа кој точно дел од светот го зафатил трендот? Ако грст либерални држави во западна Европа одлучиле да прифатат некоја работа за правилна, значи ли тоа дека и ние треба да ја прифатиме под изговор дека е „светски тренд“?

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: