Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ КУЛТ НА ЛИЧНОСТА: КАРАКТЕРИСТИКИ И ПОСЛЕДИЦИ

leave a comment »

По Наполеон е наречена една психичка состојба „наполеонов комплекс“. Интересно, Наполеон Бонапарта не бил првиот што страдал од таа психичка состојба. А ни последниот.

Во пресрет на вонредниот конгрес на најголемата опозициона партија во земјава ни и најавеното повторно (овој пат и формално) преземање на челната позиција во таа партијата од страна на Великиот Водач на македонските деформирани комунисти, прочитајте ја следнава анализа посветена на показателите по кои може да се препознае постоењето на култ на личноста во некоја организација и последиците по иднината на таа организација од таквата пракса.

* текстов е првично објавен на 19ти мај 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/229516

1. Бесприговорна покорност кон Водачот – неговите одлуки се конечни: сите организации каде што постои култ на личноста се организирани по принципот на армија која што се бори на страната на Доброто против сите други, кои го преставуваат Злото. Ако станува збор за армија, тогаш во неа мора да има и систем за командување и одлуките на Врховниот Командант на Силите на Доброто мора да се почитуваат и извршуваат без размислување за нивната исправност и без одлагање.

Замислете само што би се случило ако во Армијата на Добрите Сили се случи некој да почне да се сомнева во исправноста на наредбите на Командантот. Би настанал хаос и пораз, оти непријателот никогаш не спие и тој ќе ја искористи секоја прилика да ѝ нанесе зло на каузата која ја води со сигурен чекор и цврста рака Водачот.

Прагматичната цел која стои зад желбата на Водачот да се створи култура на бесприговорно извршување на неговите наредби е – се разбира – зацврстувањето на сопствената позиција во организацијата. Ако луѓето се навикнат да извршуваат без дискусија наредби корисни за целата организација, тогаш лесно ќе бидат натерани да извршуваат и наредби од кои корист ќе има само Водачот и неговите најблиски соработници.

Зарем 200.000 покорни и вечно послушни гласачи на СДСМ имаа било каква корист од криминалната приватизација, пљачката на ТАТ, шверцот за време на ембаргото кон Србија, поткраднувањето на пензиите, територијалната поделба од 2004та и ќе имаат ли корист лична од продавањето на името и идентитетот? Не, но сепак навикнати на покорност кон Великиот Водач тие гласаа и ќе гласаат пак за партијата предводена од човекот кој е опкружен со грст олигарси и полтрони кои единствено имаа(т) корист од гнасотиите наведени во претходната реченица.

Последица од овој тип на размислување е драматичното и неповратно влошување на кадровската состојба на организацијата (партија, држава) во која што доминира култот кон Водачот. Оти, кога прв и основен критериум за докажување на корисноста за каузата е послушноста, а не способноста, тогаш напредуваат на повиски функции само најпослушните, но не и најспособните. Потоа, полтроните на позиција поставени не им дозволуваат на нивните способни потчинети да дојдат до израз оти се плашат за својата позиција, а воедно, за да ја прикријат сопствената неспособност систематски ги лажат своите претпоставени дека сѐ е добро под нивна контрола (дури и кога системот се распаѓа).

2. Водачот е секогаш во право (дури и тогаш кога не е во право): доколку имате можност да разговарате со некој фанатичен приврзаник на некој од Великите Водачи во македонската политика, и ако го прашате фанатикот за некоја изјава или став изнесен јавно од страна на неговиот идол, став што очигледно нема смисла и е штетен за националните и државни интереси, тогаш од фанатикот е можно да добиете ваков одговор во кој тој искрено верува: „да, навистина таа изјава или став за кој што ме прашуваш гледани одвоено делуваат глупаво и штетно, ама ако се гледаат во контекст на една поширока стратегија тогаш имаат многу смисла“. Заклучокот е едноставен и следува од фанатичната логика – лидерот дури и кога за една работа не е во право, тој е во право што ја прави таа работа, оти тој тоа го чини во склоп на пошироката борба за остварување на целите на Организацијата.

Да елаборирам со практичен пример: прашајте било кого сакате од фанатиците кои го боготворат Бранко или Љубчо дали тие (фанатиците) лично се согласуваат со промената на името која ја заговараат јавно овие двајца политичари. И секој од нивните фанатици ќе ви каже дека навистина лично не се согласува со промената на името, но дека тоа иако е штетно само по себе, сепак е корисно оти ќе придонесе за побрзо интегрирање на Македонија во ЕУ и НАТО структурите, а штом ќе влеземе ние во тие организации ќе продолжиме „од внатре“ да ја водиме борбата за враќање на уставното име. Значи, ниту еден од фанатиците кои го обожаваат Папата или Војводата не смета дека е крајна цел откажувањето од името, туку дека е тоа само брилијантен тактички (т.е. краткотраен) потег кој ќе ни овозможи на долг рок стратегиска предност која потоа ќе ја употребиме за да ја поправиме штетата!

Еден од најдраматичните вакви апологетски примери во историјата на култовите на личноста е договорот меѓу Сталин и Хитлер во 1939ата година, кога овие двајца до тогаш јавно најжестоки непријатели склучиле пакт за ненапаѓање и соработка дури. Ова нешто комунистите во Русија кои „до вчера“ биле со полни усти навреди и пцовки кон нацистите, го оправдувале како генијален тактички потег со кој СССР добил во време за да се подготви за конечниот судир со нацизмот откако нацизмот на мира ќе можел да го уништи капитализмот. Додека комунизмот стоел на страна, неговите најголеми идеолошки непријатели ќе се уништеле меѓу себе и потоа, оној што ќе го преживеел тој судир ќе бил премногу ослабен за да се спротистави на незапирливиот марш на Црвената Армија „штом Сталин ќе ја прател во бој, а првиот маршал ќе ја повел во битка“.

Ете, на времето, комунистите ширум Европа сметале дека најглупавиот потег на Сталин (нивниот Велик Водач) бил всушност чин на брилијантна државничка и стратегиска итрина. Оние милиони Руси кои загинале во првите недели по неочекуваниот напад врз Советскиот Сојуз од страна на хитлеровите војски ни малку не ги поколебале полтроните во нивното обожавање на Сталин. Исто како што Љубчо извади бугарски пасош само за да ги залаже комуњарите. А Бранко мајсторски го игра наивниот Грујо како што сака. Затоа што Водачот никогаш не греши!

Последица од овој тип на размислување е неминовната стерилизација на секоја дискусија која што се води во рамките на организацијата. Конкретен пример за ова се некогашните конгреси и пленуми на Сојузот на Комунистите кога сите говори биле здодевни, сите „дебати“ лажни, сите дискусии бесмислени. А најсвеж пример се Конгресите на СДСМ кога сите говори се здодевни, сите „дебати“ се лажни, сите дискусии се бесмислени.

Ова се случува поради тоа што кога Водачот ќе го објави и обзнани својот премудар став, својата догма, тогаш нема никаква смисла неговите верни следбеници да дискутираат за темата која Водачот ја обработил во својата догма. Тие само може да се натпреваруваат меѓу себе кој ќе смисли поголема пофалба за бескрајно мудрото решение на Водачот. А кога тоа решение е бесмислено, се оди на тврдењето дека тоа е дел од некој поширок план, тајна стратегија, визија која обичните смртници не ја разбираат.

3. Оној кој не се согласува со Водачот е зло кое мора да биде уништено: во секоја организација каде што има култ на личноста неминовно се појавуваат надворешни и внатрешни непријатели кои се закана за организацијата.

Надворешните непријатели се очекувани и нормално е да се појават тие, оти организацијата во својата интеракција со надворешниот свет неминовно доаѓа во конфликт со објекти и субјекти кои не се дел од организацијата и кои имаат интерес да ја спречат организацијата да ги спроведе своите цели, да ја реализира својата кауза. И нема ништо чудно што надворешните непријатели се прикажуваат редовно како олицетворение на злото оти на тој начин припадниците на организацијата се мотивираат повеќе да се борат храбро против таквите непријатели.

Но што станува со внатрешните непријатели? Обично, тие се појавуваат во рамките на организацијата штом ќе почнат првите порази, првите непредвидени отстапки кои Водачот ги прави кон надворешните објекти и субјекти со кои е принуден да склопи некаков договор (откако ќе утврди дека не може да ги победи и примора на безусловно почитување на неговата волја). Од тука, во некоја партија се јавуваат бунтовници кои се сомневаат во безгрешноста на водачот веднаш штом партијата ќе изгуби на избори.

Или пак, уште почесто, се јавуваат незадоволниците во рамките на партијата штом таа ќе дојде на власт, ама за одредени „заслужни првоборци“ нема доволно привилегии. Бидејќи секому му е срам јавно да каже дека го мотивираат единствено личните, кариеристички мотиви, секој од тие незадоволници од делбата на пленот измислува идејни разлики со водството на организацијата.

А дека постојат идејни разлики (а не чист судир на суети и на егоистички стремежи) глуми и Водачот, оти на тој начин полесно може да го неутрализира Бунтовникот во своите редови. Ако на своите приврзаници (оние кои не се вклучени директно во судирот на суетите) им објасни дека целата смисла на бунтот е борбата за поголем дел од колачот, тогаш тие може да речат – „па дај му поголем дел и ќе се смири“ – но ако се убедени тие дека Бунтовникот против Водачот е всушност бунтовник против Организацијата, е тогаш и тие имаат мотив (поради идеали) да го нападнат и уништат Бунтовникот, кој сега станал Внатрешен Непријател, гнасен Изрод и одвратен Предавник.

Тоа е прагматичната потреба од „сатанизацијата“ на противниците со кои спорот во најголемиот број случаи е на лична основа и со кариеристички, егоистични мотиви.

Последица од овој тип на размислување е избирањето на погрешни сојузници и правењето на неприродни коалиции кои на долг рок на оние вклучени во тоа им се „очукуваат од глава“. Претходно беше споменат примерот со сојузот меѓу Хитлер и Сталин кога советскиот диктатор сметајќи дека капитализмот е поголема закана за СССР од нацизмот влегол во пакт со оној кој навистина бил непомирливиот непријател. Претходно, во Шпанската граѓанска војна, пожестоки борби се воделе меѓу ортодоксните комунисти контролирани од сталиновите агенти и еретиците комунисти кои ги подржувал Троцки, одошто помеѓу подржувачите на републиката (сите комунисти, анархисти, либерални демократи) и силите на генералот Франко (домашни фашисти, конзервативци и нивните странски сојузници). За комунистите, довчерашните сојузници а сега еретици и расколници биле поопасни од вистинските непријатели фашистите. Не затоа што имале троцкистите радикално поинакви идеи од комунистите, ами затоа што Троцки на времето му се спротиставил на Сталин. Ништо чудно што борците против фашизмот ја изгубиле таа војна. Војувале меѓу себе за интересот на сопствените водачи, а не против непријателот за интересот на сопствената земја.

Во нашата политика, бидејќи политичките лидери нивните фанатични следбеници ги третираат како безгрешни, секој бунтовник од сопствените редови се проценува како закана за чие уништување е дозволено да се направи коалиција и со довчерашниот најголем идеолошки противник. Затоа имаше коалиции на Љубчовистите со Бучковистите против Бранко и Грујо, за кои пак се зборуваше дека се здружиле во одредени моменти за да ги поразат бунтовниците од своите редови. Затоа на фанатичните подржувачи на Љубчо и Љубе не им пречи да бидат во сојуз со Бранко. Оти внатрешниот непријател е поопасен од надворешниот. Затоа следбенците на Бранко борејќи се против Македонија за грчкиот интерес, веруваат дека се борат против вмровците за својот партиски интерес.

Аристотел на времето велел (кога не се согласувал со својот учител Платон): „мил ми е Платон, но далеку помила ми е вистината“. Полтроните на Великите Водачи кон своите довчерашни сопартијци и соборци кои се осмелиле да се кренат против Водачот размислуваат спротивно од Аристотел: „мила ми е идејата која ја споделувам со овој човек, но помил ми е Водачот против кого овој се дрзнал да се побуни“. Со иста логика е мислата-водилка која ја води против националните интереси нашата сегашна опозиција: „не ни треба да имаме држава, ако ние не сме на власт“.

4. Водачот е како Сонце и затоа мора да „грее“ насекаде и секогаш: во Југославија за времето на комунизмот имаше цели градови кои го носеа името на другарот Тито: Титов Велес, Титова Митровица, Титово Ужице, а врвот на полтронството беше постигнат во Црна Гора каде што главниот град од Подгорица го беа прекрстиле не во Титова Подгорица, ами во Титоград! Во Ирак ликот на Садам Хусеин беше на нивните банкноти (и во САД ги имаат ликовите на некои претседатели на парите, ама таму барем луѓето мора да умрат пред да ги стават на банкнота, додека Садам и жив беше и од парите ирачки се смешкаше ликот негов).

Каде што има тоталитарна власт и култ на личноста ликот на Водачот мора да е секаде, неговите изјави се бисери на мудроста и неговите идеи се мисли – водилки за секоја генерација. Се сеќавам кога бев во основно школо, во моите учебници на првите страници секогаш имаше слика на Тито и некоја негова изјава за тоа како конкретниот предмет по кој беше учебникот е многу битно да се учи вредно оти тоа е важно за изградбата на социјалистичката татковина. За своите следбеници Мао во Кина имал „мала црвена книшка“ со неговите цитати која што книшка секој вистински кинески комунист морал да ја има во секое време во својот џеб.

Зарем треба да чуди што кога некој нов весник или неделник подржуван од полторни ќе се појави на пазарот, баш во првиот број има интервју баш со Великиот Водач?

Последица од овој тип на размислување е ефектот „после Водачот – потоп“ кој се јавува секаде и секогаш кога некоја организација ќе остане без својот Голем Лидер. Ако Сонцето го снема да грее, настанува студена темнина. После смртта на Сталин неговите верни полтрони почнале борба меѓу себе во која настрадале главните луѓе на тајната полиција (Берија и најблиските му соработници). Кога Бранко прв пат си замина од СДСМ се створија НСДП и ПСД. Кога Љубчо се симна од функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ се појавија фракции и новите партии на Доста Димовска (ДРУМ) и онаа на Марјан Ѓорчев (ЗНП). Па и далеку во историјата наша да одиме, кога умрел Александар непобедливиот, неговите генерали се испокарале веднаш меѓу себе, завојувале дури, и најуспешните од нив си направиле свои мини-империи.

Затоа практично на сите религии им е судено после смртта на нивниот основач да се распаднат на неколку спротиставени правци и учења. Затоа секоја голема идеологија се распаѓа на поситни струи откако создавачот на идеологијата ќе си замине од сцената.

Човекот кој што за неколку дена треба пак да застане официјално на чело на својата партија е прототип на Велик Водач кого неговите инфантилни следбеници фанатично го обожаваат. Без оглед на сите порази во кои ги има одведено, без оглед на штетата што тој ѝ ја нанесе на Македонија додека имаше власт. Нема сомневање дека тие 200.000 гласачи кои гласаа за неговата партија на последните избори ќе гласаат за неговата партија и на следните избори. За нив тој беше, е и ќе остане засекогаш Безгрешниот и Премудриот.

Но, добро е што за оние милион и пол гласачи што го сочинуваат остатокот на избирачкиот список – тој е одамна прочитана книга. Книга која е полна со погрешни идеи, книга која и во своето второ издание нема да привлече нови читатели.

Да се надеваме дека за доброто на Македонија, милион и пол гласачи нема да гледаат Победник во творецот на нашите национални порази, Вистина во авторот на најголемите лаги, Чесност во пријателот на најголемите крадци и Иднина во човекот кој сака да се откажеме од нашето минато. За добро на Македонија, да се надеваме!

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: