Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ЛЕШИНАРСКА СТРАТЕГИЈА

leave a comment »

Чекајќи пленот сам да им дојде, лешинарите никогаш не научуваат да ловат

Ова е името кое јас ѝ го давам на збирката методи и техники и општи концепти кои што најголемата опозициона партија во Македонија очекувам да ги употребува во наредните неколку години за да се врати на власт. Предводени се разбира, од својот непобедлив и незаменлив Лидер. А зошто баш „лешинарска“? Еве зошто:

* текстов е првично објавен на 22ри мај 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/230060

1. Лешинарските птици не ловат, туку чекаат пленот сам да им умре: од тука им доаѓа впрочем и името на овој тип птици – „лешинари“ бидејќи не се хранат со свежо месо, туку со месото од лешевите на мртвите животни.

И името на опозицијата како термин „опозиција“ има идентично значење: имено, позицијата е група на политички сили кои се на власт и поради тоа мораат да имаат одговор за проблемите на општеството, тие мораат да наоѓаат колку–толку реални решенија, да спроведуваат политики кои мора да бидат колку-толку продуктивни оти токму тоа им е работата – да ја управуваат државата, да го маневрираат државниот брод низ немирните води на океанот од секојдневни и историски предизвици.

Опозицијата од друга страна е терминолошки „спротивност на позицијата“. Тие не мораат да имаат решенија за проблемите, оти и да имаат решение немаат моќ да го спроведат во пракса (оти не се на власт). Затоа, оние решенија кои ги предлага опозицијата никогаш не се обмислени целосно, секогаш се недоквакани (особено кај нашата сегашна опозиција ова е апла видливо!) и ретко кога може во нив да се најде барем и зрно реалистичност. Затоа што токму тоа е смислата на терминот „о – позиција“.

Очекувам дека нашата сегашна опозиција токму тоа ќе го прави во наредните години до следните избори. Не очекувам од нивните прес-конференции, дебатите во кои ќе учествуваат и трибините кои ќе ги организираат да излезе било каква паметна, практична и употреблива идеја. Само горчливи критики и стерилни напади врз она што го прави или што сака да го прави владата. Лешинарите постојано кружат наколу, цело време не правејќи ништо туку само бараат мрша.

Со други зборови, ќе чекаат власта да направи доволно крупни грешки за да го убедат народот да гласа против сегашните владеачки партии. А знаеме на последните парламентарни избори дека таа стратегија не помина успешно. Ниту пак на последните локални и претседателски избори. Паметен човек – би седнал да се запраша зошто е тоа така. Ама тоа паметни луѓе би го направиле. Има ли такви во нашата лешинарска опозиција?

2. Сепак, ако пленот е премногу слаб, тогаш ќе го тормозат со цел да ја забрзаат неговата смрт: кај птиците лешинари ова ретко се случува, бидејќи тие ретко налетуваат на потенцијален плен кој што е на крајот на своите сили, на работ на смртта, па доволно е само да се „подтурне“ и тој ќе падне и – гозбата може да почне. Но, понекогаш во пустините, кога некое животно или човек дури ќе залута и ќе се загуби, кога ќе го удри сонцето во глава и ќе почне да дехидрира, се појавуваат лешинарите над неговата глава да кружат постојано обидувајќи се да го кутнат на земја со ненадејни и неочекувани слетувања врз неговите рамена и колвање по телото со острите им клунови.

Значи кога потенцијалниот плен е премногу глупав да залута во непозната област тогаш тој може да стане мета на нападите на лешинарите. Исто и со опозицијата кај нас, која ги користи уште од сега медиумите, многуте НВОа и најважно – своите инсталации во судската власт за да ја тормози власта кога таа поради неискуството на нејзините водечки луѓе забегува во некоја непозната зона каде што прави грешка по грешка.

Уставниот суд и она што тој им го прави на реформите на владата на Груевски е најдобар показател за тоа како функционира и ќе продолжи да функционира овој аспект од лешинарската стратегија на нашата лешинарска опозиција. Последните случувања околу екстерното тестирање се доказ дека тимот што го води министерството за образование е составен претежно од неспособни аматери кои налик на глупи животни заскитале во Пустината на Незнаењето и Неискуството. Со ригиден бирократизам и тотално немање на елементарен осет за пи-ар нема шанси било каква реформа да се спроведе продуктивно, а камоли пак некоја која ќе има влијание врз десетици илјади млади луѓе и деца.

Владините реформатори креваат глава и гледаат околу себе лешинари – Уставни судии, комуњарски медиуми, лажни експерти, потплатени странски емисари – како кружат над нив чекајќи да покажат дека немаат повеќе сили да се бранат и да почнат да им слетуваат на глава и да ги колваат. Тоа е погрешен начин на гледање на нештата. Можеби би требало реформаторите, наместо да им се лутат на лешинарите, да помислат пред да влезат во пустината на сопствената глупост – во што влегуваат.

3. Кај што други ловци – грабливци уловиле со свој труд, таму се бута лешинарот за да грабне нешто за себе: ова нешто сигурно сте го виделе на „Дискавери ченел“ или на „Анимал планет“ кога даваат документарци за лавовите и леопардите во Африка кога ќе уловат тие некоја антилопа или бивол, и кога ќе се собере целиот чопор после долгиот и напорен лов да се гоштева со плодот на својот труд и – од никаде ќе се насоберат лешинари да грабнат и тие некое цревце или мевце.

А тие ниту нешто придонеле за ловот, ниту пак од нивното присуство некоја корист имаат вистинските ловци – лавовите и леопардите. Така отприлика сега се однесува нашата опозиција кога се обидува да се упика во секоја протестна активност која ја спроведуваат незадоволните елементи во државата – студенти, невработени, стечајци, ограбени млекари…

Каде и да види дека има некој револт против политиките на владата, опозицијата во ликот на СДСМ (а поретко и на ЛДП, главно кога се во прашање геј–правата) веднаш ја нуди својата пропагандно – медиумска помош за посрамотување и понижување на власта.

Учениците, студентите, стечајците, бранителите и земјоделците имаат сосема легитимни барања кои власта мора да ги сослуша и да се обиде да најде решение за нив. Но по кој основ откако (и ако) владата најде решение за тие барања ќе може опозицијата да си ги препише заслугите за решавањето на проблемот? Дури, јас би ги советувал сите незадоволници кои нешто бараат од власта да се погрижат опозицијата да ја држат што е можно подалеку од свите собири, оти таа само штета им прави. Власта има многу послаб мотив да го реши проблемот на конкретните баратели, ако потоа тие баратели ќе можат на опозицијата да ѝ се заблагодаруваат за тоа!

Лавовите и леопардите во саваната кога ќе почнат да го јадат месото од пленот што го уловиле редовно ги бркаат лешинарите кои се собираат околу нивната гозба. Не сакаат да го делат профитот на својот труд со незаслужните. Зошто тогаш општествените групи кои бараат нешто од владата би сакале да ја делат својата добивка со опозиционерите?

4. Лешинарите, за разлика од другите месојадни животни, немаат проблем со јадење на месо од долго време мртви животни: повеќето месојадни животни не се способни да конзумират месо од леш кој долго време е мртов. Со други зборови, доколку волкот или тигарот штом ќе го уловат пленот не го изедат за ден или два, после тоа не можат да го јадат она месо што останало, оти тоа се расипува. Со деградацијата на мртвото месо во него се наталожува опасниот токсин – ботулин (патем, од ботулин се прави ботокс, препарат употребуван за трајно израмнување на брчки!) кој што токсин за повеќето месојадци е опасен отров.

Но не и за лешинарите! Тие еволуирале низ милиони години и денеска располагаат со дигестивен систем во кој со помош на сложена комбинација на хормони и ензими ботулинот се неутрализира и хранливите состојки во месото може да се искористат без страв по сопственото здравје. Лешинарите, слично како и змиите отровници кои се имуни на својот отров, се имуни на токсините во својата главна храна.

Во западните земји, модерните мејн-стрим левичарски партии (барем јавно) се дистанцираат од марксизмот и социјализмот, при што се нарекуваат „нови лабуристи“ или „реформирани социјалдемократи“ или „пазарно ориентирани социјалисти“. Тие бегаат од било какви асоцијации на некаков револуционерн дух, на некакви повици за класна борба и слично.

Но, не и нашите лешинарски левичари. Тие немаат проблем во своите редови да привлекуваат ортодоксни марксисти од ергелата интелектуални дегенерици со која располагаат нашите философски, економски и правни факултети, како и стари провалени кодоши и офуцани новинари кои се радуваат на проблемите кои капитализмот ги има поради актуелнава (и минлива) светска економска криза.

Нашите лешинарски левичари се отпорни на токсичните идеи кои одамна се наоѓаат на буништето на историјата. Тие се подготвени сѐ да приберат во своите редови, почнувајќи од младите наивни анти-глобалисти па завршувајќи со коалицијата (сега засега медиумска и финансиска) со Љубе „десничарот“, лешинарите се спремни со секого да се здружат, со довечерашните најотровни противници само за да се доберат до пленот кој единствено може да ја засити нивната глад – власта!

Се разбира, од лешинарите има корист во природата оти тие го чистат теренот од мртви животни со што се своевидни хигиеничари во дивината. И од опозицијата по таа логика би требало да има корист општеството, оти таа ја држи владата на штрек да не забега со своите глупости.

Финтата е што кога лешинаризмот ќе стане стратегиска определба тогаш опозицијата нема интерес да владата ја држи во ред, да ја коригира во òд, да посочува моментално на нејзините грешки, оти колку повеќе ќе заглиби владата толку подобро за опозицијата. Нели?

Затоа, од нашата лешинарска опозиција нема да имаме корист, ниту ние граѓаните, ниту пак нивните финансиери и клиенти. Ако во наредните три години сите нивни идеи бидат непрактични, ако сите нивни критики бидат неконструктивни и ако сите нивни ставови бидат контрадикторни и неконзистентни – само со цел да ја посрамотат владата и ништо конкретно да не понудат како реална алтернатива – тогаш од нив не може да се очекува дека ако дојдат на власт да бидат нешто подобри. Навика е тоа, навика, да се биде деструктивен од која тешко има одвикнување. А владеењето не трпи деструктивност, не трпи неконзистентност. Не трпи лешинари.

Но не трпи владеењето и јастреби кои високо летаат без да помислат дека некој ден (кога ќе дојде време за избори) ќе треба да се симнат долу на земјата и да им објаснат на гласачите што правеле цело време горе во облаците. Ама, таа тема, за штетите од снобизмот и вообразеноста на власта, ќе биде обработена во некоја наредна колумна.

П.С: За скапаноста и бесперспективноста на СДСМ сум пишувал и во други пригоди. Некои од најквалитетните моите текстови на оваа одвратна тема се „Ако беше СДСМ човек, каква личност ќе беше?“, потоа колумната која полека станува фамозна „Зошто левицата никогаш не може да биде патриотска“, па контроверзната „Време ли е СДСМ да стане и пробугарска партија“, мојата омилена „Пет бенчмаркови кои покажуваат дека СДСМ е промашена инвестиција“ и да не ја заборавиме духовитата и луцидна „Споредба меѓу Кривата кула во Пиза и СДСМ во криза“. Ако не сте ги прочитале до сега, ѕирнете ги.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: