Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ НАЦИОНАЛИЗМОТ Е ЧИСТА СПРОТИВНОСТ НА ШОВИНИЗМОТ

leave a comment »

Тешко е да знае од каде точно доаѓа омразата, ама лесно е да се предвиди кон што води таа

Бидејќи ми стана заморно постојано да објаснувам која е разликата помеѓу национализмот и шовинизмот и зошто национализмот е позитивна појава, еве еден текст до кој што од сега па натаму постојано ќе ги упатувам сите кои имаат погрешни ставови за оваа појава. Значи, овој текст преставува концизна споредба меѓу тоа што е национализмот и што е шовинизмот и зошто овие два концепта се фундаментално спротивни еден на друг:

* текстов е првично објавен на 22ри април 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/224179

1. Национализмот е желба да се сочува своето, додека шовинизмот е желба да се присвои туѓото: доколку сте Македонец и сметате дека нашата држава не треба да го смени името под било каков притисок од соседите, и доколку верувате дека имаме право да се гордееме ние Македонците со значајните ликови од целата наша историја и доколку сметате дека има луѓе од овие простори кои на другите народи ширум светот своевремено им дале или ослободување од нечие туѓо ропство (Александар, ослободителот на Египет), или нова религија (првите христијани во Европа биле Македонци) или писменост (двете словенски азбуки се дело на Македонци) – и ако немате намера да се откажете од било што од тоа, тогаш сте националист!

Од друга страна, ако сте Грк и верувате дека во антиката „Македонија била грчка“ (а историските факти говорат дека баш било обратно!), ако сте Бугарин и сметате дека старословенскиот јазик всушност бил старобугарски (небаре хановите Аспарух и Кубрат збореле на истиот јазик како Кирил и Методиј) а не старомакедонски, ако сте Албанец и сметате дека Битола и Прилеп се неотуѓив дел од албанскиот етнички простор, и конечно ако сте Србин и верувате дека Македонската православна црква настанала од српската (а не обратно, како што говорат историските факти) – е тогаш сте шовинист!

Просто е како следнава парафраза на една српска изрека стара шеесетина години: „своје немам, туџе дизам, то се зове шовинизам“. Националистот вели: ова е моја земја, моја историја, моја традиција и бидејќи е моја, јас имам право да се гордеам со неа и да ја чувам и зачувам. Шовинистот вели: ова е туѓа земја, туѓа култура, туѓа традиција и бидејќи јас немам такво нешто, а она што го имам не вреди ич – имам право да го украдам туѓото и да го прогласам за свое.

2. Национализмот е љубов кон својата татковина и нејзините традиција и култура, додека шовинизмот е омраза кон другите земји, традиции и култури: жалосно е што постојат Македонци кои себеси се сметаат за националисти и патриоти и кои го дефинираат својот патриотски придонес кон Македонија со тоа што на спортските натпревари пцујат по соседните држави и народи, и што пишуваат после полноќ по скопските фасади навредливи графити за другите етнички групи кои живеат во земјава.

Велам жалосно е, бидејќи токму оние Македонци кои се најнеписмени за својата историја и култура, за сето она богатство што низ вековите сме го створиле, токму тие најмалку се националисти, туку се всушност шовинисти. Бидејќи не знаат ништо за она што го имаат, тие не можат да го љубат своето, но за омраза не им треба знаење, бидејќи треба само да го знаат името на оној кого го мразат.

Сум го напишал ова и претходно, не само во колумна, туку и во мојата книга, но не штети и да го напишам пак, во сегашниов контекст. Шовинистот вели: „најголем успех за еден Македонец кога за некоја работа ќе ги навреди Грците“. Националистот вели: „најголемата навреда за Грците е кога еден Македонец ќе успее во некоја работа“.

Или уште поконцизно: за шовинистот, одмаздата е најдобриот вид на успех, додека за националистот, успехот е најдобриот вид на одмазда.

3. Национализмот е креативен оти ги повикува своите приврзаници да создаваат, додека шовинизмот е деструктивен оти тој повикува на разурнување: големиот македонски деец Гоце Делчев е познат по својата изрека дека светот го разбира како „поле за културен натпревар меѓу народите“. Од друга страна, германските и италијанските фашисти во Втората светска војна светот го гледале како бојно поле на кое ќе се судрат расите и нациите и преку крвава и беспоштедна војна, ќе се одреди која раса и која нација треба да владее над она што ќе преживее од поразените раси и нации. Сталинистичките комунисти светот го гледале како сцена на која се одвива завршната битка меѓу пролетерите и капиталистите после која, кога „експлотираните“ ќе ги победеле „експлотаторите“, авангардата на работничката класа ќе ја преземела власта и ќе владеела во името на работниците и селаните со – работниците и селаните.

Евидентно е дека, и покрај упорното настојување во времето на комунизмот кај нас да му се залепи етикета на „социјалист“ на Гоцета Делчев, тој бил пред сѐ – националист. Бидејќи национализмот го дефинирал како идеја која ги тера оние кои ја сакаат својата земја и народ да создаваат и да креираат, како единствениот начин да „победат“ во културниот натпревар меѓу народите.

Најголемиот турски националист, Мустафа Кемал Ататурк, откако ги поразил Грците во војната во која тие сакале да заграбат дел од турската територија (уште една причина повеќе за да го цениме човекот!) за основа на политиката според која во иднина требало да се развива државата ја зел максимата „Мир во светот, мир во земјата“. И неговото најголемо достигнување, по кое е запаметен, не се успешните освојувачки походи за „животен простор“ за кои сонувале тогашните шовинисти во нацистичка Германија и фашистичка Италија, туку темелните реформи на сите општествени полиња, реформи што Турција, од азиска ја направиле европска држава.

Слично постапувал и Шарл Де Гол, кој по доаѓањето на власт во Франција сфатил дека ако сака да ја крене економски Франција, ќе мора да ги „откачи“ (да им даде слобода) на француските колонии. Овие двајца биле вистински националисти.

Националистот е креативен бидејќи го изучува минатото за да ја сфати подобро сегашноста и за да ја планира правилно иднината. Шовинизмот е деструктивен бидејќи е опседнат со минатото, не ја разбира сегашноста и ја мрази иднината оти знае дека во неа нема место за глупаци и мрзливи луѓе каков што е тој самиот.

4. Национализмот тргнува од себе за решавање на сопствените проблеми, додека шовинизмот ги обвинува другите за своите неуспеси: ако ги погледнете ставовите на ултра–националистичките шовинистички партии во Грција, Бугарија и Србија, ќе забележите дека за нив една работа е заедничка, и покрај сите површински разлики што постојат меѓу нив.

А таа заедничка работа е што сите се тие поклоноци на идејата дека постои некаков светски заговор предводен од Масоните и Евреите кои во сојуз со Ватикан и арапските нафтени милијардери работи неуморно кон уништување на нивниот најголем непријател на патот кон светската доминација – православието.

При што, чуден е фактот што за грчките шовинисти, втор по значење непријател во борбата за зачувување на православието од „светските заговорници“ се – православните Македонци.

Бугарските и српските шовинисти не се многу подалеку отидени во својата логика – и за нив ова наше парче земја е или Западна Бугарија или Јужна Србија, но заедничко за сите нив е што се потпираат на помош од Русија, мајката заштитничка на сето православие (во која од 1917 до 1991 беше забрането за политичарите и агентите на КГБ да бидат барем и малку религиозни, а сега водечките политичари во Русија се токму поранешни агенти на КГБ!).

Поентата е дека шовинистите од сите бои и нијанси својата визија за безбедноста на државата своја и за нејзиниот напредок ја темелат врз помошта од некоја голема сила. Националистите во Израел од друга страна, кои се практично најинтелигентните националисти кои моментално можат да се најдат во светот, се совршено свесни дека нивните сегашни сојузници, Американците, уште утре можат да им го свртат грбот и затоа неуморно со децении работат на сопственото национално и државотворно зајакнување – израелската армија и тајните служби се меѓу најспособните во светот, а и нивната економија е заснована не врз цицање на природни ресурси (кои се потрошливи) туку врз развој на општество на знаење.

Впрочем, јас за тоа пишував многу подетално и поелоквентно во колумната „Што можеме ние Македонците да научиме од Евреите“. Што се однесува до менталитетот на обвинување на некаков светски заговор и користење на тоа како изговор за сопствената мрза и кусогледост, моето мислење го елаборирав подетално во колумната „Заговор или изговор“. Прочитајте, ако не сте ги прочитале до сега.

5. Конечно, секој будала може да биде шовинист, но треба навистина паметен човек за го сфати национализмот во неговата вистинска суштина: моето лично животно искуство досега ме научи не да ги ценам луѓето според тоа на кој јазик зборуваат, туку според тоа што сакаат да кажат. Затоа сум јас националист, а не шовинист. Бидејќи, типичниот шовинист редовно не се ни обидува да слуша што му зборува соговорникот, не се обидува да прочита текст ако му се види премногу долг, без разлика насловот на текстот колку и да е ветувачки.

Луѓето го мразат она што не го разбираат. А најмногу работи не разбираат оние кои не се трудат да разберат. Токму затоа, најнеписмените, најнискоинтелигентните се оние кои најмногу мразат, оние кои најмногу плукаат, кои најмногу презираат сѐ што е туѓо, сѐ што е неразбирливо.

Секако, политичарите кои ги сочинуваат политичките елити одлично знаат како да ги манипулираат таквите приглупи луѓе. Затоа, формираат преку тајни канали екстремни радикални партии и преку нив ги контролираат и искористуваат шовинистите. Како тоа се прави, пишував подетално во претходната колумна, онаа чиј наслов почнува со „Радикали: што ги пали…“.

Воедно, бидејќи практично и нема на светот и низ историјата шовинистичко политичко движење кое го подржувало слободниот пазар, туку напротив сите се залагале за зајакнување на својата држава преку преземање на контролата врз економијата од страна на владата (за да се заштити таа наводно од „домашните претприемачи – предавници и странските инвеститори – шпиони“) јасно е дека во менталитетот на типичниот левичар има многу заеднички работи со менталитетот на типичниот шовинист.

Иако се разбира, не сите левичари се шовинисти (некои се екстремни либерали) сепак длабоко во себе, сите шовинисти се левичари. Ова прашање заслужува поширока елаборација и тоа ќе биде направено во некоја наредна колумна, но засега е доволно да се каже за да се прифати слободниот пазар и принципот на слободна конкуренција е неопходно да се прифати основната аксиома дека на слободниот пазар истите правила на играта важат за сите играчи. Без оглед на која етничка група ѝ припаѓаат.

Се разбира, за да се успее на слободниот пазар потребни се креативност и трудољубивост, желба за постојано себе–усовршување и искрена евалуација на своите грешки за да може да се избегнат тие во иднина. Потребно е човек да знае од каде доаѓа, каде е и каде оди. Потребно е да се има отворен поглед кон светот и да се биде способен да се комуницира со другите, без оглед на нивните разлики. Тоа нешто е невозможно за вистинските шовинисти.

Вистинскиот националист ги поседува сите карактеристики на вистинскиот претприемач. Типичниот шовинист ги поседува сите карактеристики на паразитскиот бирокат – мрзливост, незнаење, ограниченост, страв од промени и омраза кон секој кој што е попаметен од него.

Не секој паметен човек е националист, но ниту еден паметен човек не е шовинист. Тоа е најсуштинската разлика меѓу националистите и шовинистите.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: