Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ НЕКОЈ ДРУГ

leave a comment »

Зависи што сакаш да видиш: може да биде за некого свирач, а за друг некој да биде лице на девојката. При тоа, гледната точка е иста, само желбата да се види нешто е различна.

Најнегативниот аспект на типичниот македонски менталитет е склоноста да се гледаат сопствените проблеми и решенијата за тие проблеми како резултат на делувањето на некој надворешен фактор. Со други зборови, треба да престанеме да сметаме дека главна причина за нашето постојано тапкање во место е што некој друг ни е крив, а воедно за излез од нашите маки и страданија треба да престанеме да се надеваме дека некој друг го има решението.

* текстов е првично објавен на 14ти мај 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/228567

1. Некој друг е проблемот: се вели дека човечки е да се греши, но уште почовечки е да се префрли вината на некој друг за сопствените грешки. Тоа, велат психолозите, е суштината на стравот од соочување со сопствената одговорност, што пак, пак велат психолозите, е основната причина поради која тие грешки се повторуваат во континуитет. Ако не признаете (пред себе) дека не знаете, како ќе седнете да научите?

Некој друг е крив за нашето лошо минато: Турците и нивното пусто турско, нашите лакоми соседи и нивните пропаганди, големите сили, странските шпиони и нивните измеќари кои постојно го делеле ткивото на оваа библиска и исконска земја… бла, бла, бла.

Ајде да ги погледнеме нашите три најголеми неуспеси низ целата наша историја. Прво, во антиката кога Македонија паднала под власта на Римјаните, не биле криви толку Римјаните што нѐ нападнале (луѓето биле во процес на ширење на империјата си, па неопходно било да ги нападнат и освојат претходните светски освојувачи) колку што биле криви самите Македонци.

Имено, нашите антички предци под водство на кралот Персеј сигурно многу полесно ќе ги победеле римските легии ако не морале да внимаваат на своите источни граници од каде што со војна се заканувале „браќата Македонци“ од Пергам (едно од многу кралства создадени по распадот на империјата на Александар Велики и владеани од потомците на неговите генерали).

Воедно, уште пред да почне последната, трета војна меѓу Рим и Македонија, синовите на кралот Филип V, гореспоменатиот Персеј и брат му Деметриј, заедно со своите приврзаници и полтрони воделе жестока задкулисна борба околу тоа кој ќе биде престолонаследник.

Деметриј ја загубил главата (буквално) во таа борба, и моја теорија е дека незадоволните приврзаници негови (социјал – деметријски сојуз на Македонија?) подоцна ја саботирале македонската одбрана. Кој ни бил крив, Рим ли? Не – сами сме си биле криви.

Вториот момент е падот на Самуиловата империја, при што на сите ни е добро познато од учебниците по историја како прво Самуил го убил брата си Арон и скоро целото му семејство, а години подоцна, Иван Владислав, синот на Арон, го убил својот братучед, наследникот на Самуил, Гаврил Радомир.

Можеме само да претпоставиме што се случувало со македонските аристократи кои му биле верни приврзаници на Радомир? Ако ги имаме во предвид однесувањето на денешните наши опозиционери, сто посто токму тие со предавство им помогнале на Византијците да ја освојат пак самоиловата држава.

Конечно – кој го прати Ченто на Голи Оток? Дојденецот Темпо или „другарот Лазо“ и домашните комунистички мангупи кои во соборувањето на херојот и идеалистот Методија Андонов виделе одлична шанса да се доберат до власт која би им овозможила непречено да го ограбуваат народецот свој, имајќи ја зашитата од Белград и другарот Тито.

Што се однесува до ставот дека некој друг е крив за нашата лоша сегашност, што е толку силно вкоренет став во умот на повеќето Македонци што сме подготвени во очај да ги кренеме рацете и да им се предадеме на големите сили, валутни бордови, меѓународни монетарни фондови, кризни групи, како и конференции за конечно затворање на одредени балкански прашања – од пустиот ни страв од семоќниот светски антимакедонски заговор – погледнете ја мојата колумна „Заговор или изговор“.

Зад тенденцијата за својата сегашна состојба да се обвинуваат други фактори стои посебен тип на психологија разработен во четири имагинарни ликови (имагинарни во колумната, но многу реални во нашата сегашност).

Некој друг е крив за нашата лоша иднина која нѐ очекува? Грција ќе нѐ блокира до века да влеземе во ЕУ и НАТО каде што единствено ќе бидеме сигурни, безбедни и со демократска перспектива?

Дека Европската Унија и интегрирањето во нејзините стерилни и ќилави институции предводени од уште постерилни и поќилави бирократи не е вистинскиот пат за Македонија и дека ама баш ич не треба да нѐ загрижува што Грција нѐ блокира на тој пат – сум пишувал не само јас туку и многу други (и сѐ повеќе) блогери. Колку за илустрација на мојот начин на гледање на нештата, ѕирнете ја само оваа колумна која содржи мој предлог за сосема нов пристап за справување со Грците. А пак за објаснување на психологијата која стои зад стремежот за наоѓање на Трло за нас, изгубените Овци, ако не сте ја читнале, читнете ја сега колумната „Стадоумие“.

2. Некој друг е решението: на светско ниво, низ сите можни и неможни брошури, книги, семинари и курсеви со совети за менаџери и претприемачи кои сакаат еден ден да станат успешни и богати провејуваат вакви фрази: „мисли со своја глава“, „научи да ловиш риба, а не чекај некој да ти ја даде“, „не можеш да го промениш светот ако себеси не се промениш прво“, „прво извади ја гредата од своите очи, па кажи им на другите дека имаат раска во нивните“ (добро, ова последново не беше од книга за манаџмент ами од Новиот завет, ама сепак е во таа смисла).

Поентата ми е дека никаде не се промовираат фрази од типот „за успех во кариерата – најди си спонзор и верно служи му“ или „ако сакаш да станеш богат – прашај некој богаташ како се станува тоа, тој сигурно ќе ти помогне“.

Некој друг ли ќе ни каже што треба да правиме? Сигурно, има кандидати на претек за тоа да дојдат и да ни објаснат „фино – лепо“ што треба да направиме за да… за да им ги наполниме нивните џебови или да ги промовираме нивните интереси. Старите наши убаво рекле дека магарето никогаш не го викаат на свадба за да игра и да се весели, ами за да носи вода и храна за гостите на својот грб.

Не е проблемот во наоѓање на пријатели во светот, проблемот е во тоа дали тие пријатели се вистински или само глумат дека ни се пријатели за да си ги остварат своите цели. Не нашите, туку строго своите. Што да се прави, никој нема да ни каже за наша корист, но ако ја прочитате мојата колумна со наслов „Што да се прави?“ можеби ќе ви помогне да почнете да размислувате самите за тоа што ние треба да направиме за да се промениме и да тргнеме напред. Воедно, колумната „Аргументум ад хоминем“ откако ќе ја прочитате верувам дека ќе ви помогне покритички да гледате на аргументите од типот „светски тренд е…“ или „експертите се согласни дека…“.

Некој друг треба да прашаме за себе? Ова е уште една заблуда од многуте наши заблуди дека некој треба да нѐ признае, дека некој треба да ни даде дозвола да бидеме она што сме, дека некој треба некаде да нѐ прими… Јас пред неколку месеци објавив во колумната „Дали Македонците се Словени или Словените се Македонци“ интересна теорија за нашето потекло и потеклото на другите „словенски“ народи, и знаете еден коментатор што рече? Рече дека било тоа интересна теорија, но би требало прво да ја прифатат светските историчари па потоа ние да смееме и да ја разгледуваме воопшто.

Теоријата дека Каменот од Розета содржи текст на македонски јазик ја има ама баш истата контра-аргументација против себе. Демек, со самото тоа што македонски, а не „еминентни странски експерти“ ја дале таа теорија – таа по автоматизам не е валидна.

Македонската Православна Црква си страда од истиот тој синдром – упорно преговара и е спремна на отстапки и компромиси само да за добие признание од „сестринските“ православни цркви. Кому му е гајле бре тие сестрински цркви кого признаваат или дали некого признаваат? Кој фактор се па тие па да ја бараме нивната признавателност?

За една црква е суштински да биде призната и прифатена од својот народ, од своите верници. Ако Македонците ја признаваат МПЦ за автентична и сопствена – кому му е воопшто гајле за ставовите на сестринските цркви. Ако се вистински христијани тие нема да ни прават сопки. Ако ни прават сопки, тогаш не се вистински христијани и по таа логика – која е смислата да го бараме нивното признавање и прифаќање?

Исто и за ЕУ: ако е тоа заедница на демократски вредности би требало да нѐ прифатат без да застанат на страната на Грција и нејзините фашистички аргументи. Ако тие ги прифаќаат грчките фашистички аргументи тогаш не се заедница на демократски вредности, а ако е тоа така – што мајка бараме да им се приклучуваме?

Ако тие сметаат дека ние не заслужуваме да ни дадат, тогаш правилен став е ние да сметаме дека тие не заслужуваат да им побараме.

Конечно, ставот дека некој друг треба да работи место нас е најпогрешниот начин на размислување што го мачи типичниот просечен Македонец и неговиот типичен просечен менталитет.

Токму од овој начин на гледање на нештата и од ваквиот систем на вредности и очекувања произлегува носталгијата кон златните времиња на социјализмот кај нас. Впрочем, тоа поопширно го обработив во колумната „Митот за благосостојбата во социјализмот“.

Токму од овој начин на размислување е онаа упорна желба на илјадници млади Македонци да се запишат на и да дипломираат од некој факултет кој што потоа ќе ги оспособи единствено да бараат работа во државната бирократија каде што нема да мораат ништо да создаваат и каде што платата ќе им биде „мала, но сигурна“.

Токму од овој начин на размислување следува и нашата надворешно – политичка опсесија со интегрирањето по секоја цена во ЕУ и НАТО, како и со барањето ММФ да ја контролира нашата економија, да нѐ води „премудрата светска економистичка елита во нови, светли победи“. Прочитајте ја колумната „Што можеме ние Македонците да научиме од Евреите“. Тие луѓе знаат (оти историјата ги научила) дека никој не може да мисли за нивно добро подобро од нив самите. Тоа е лекција која што ние Македонците навистина треба да ја научиме.

Никој нема да работи за нас во наш интерес, туку секој странец ќе гледа да работи со нас за свој интерес. Единствен начин да напредуваме е да сфатиме дека и ние мораме да работиме со нив за нашиот интерес. Никој друг не е крив за нашите проблеми и никој друг нема да ни помогне да ги решиме проблемите ни. Затоа што проблемот е во нас. Исто и решението.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: