Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПОКАНУВАЧКИ ИЗБОРЕН МОДЕЛ

leave a comment »

Во овој пост ќе се обидам во кратки црти да го објаснам мојот предлог-модел за поправеден изборен систем, со кој што модел би се извлекле позитивните страни и од мнозинскиот и од пропорционалниот модел, а би се минимизирале негативните страни од нив.

* текстов е првично објавен на 26ти мај 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/230752

1. Позитивни и негативни аспекти на пропорционалниот и мнозинскиот модел: на некој начин, она што е добро кај мнозинскиот модел е лошо кај пропорционалниот, и обратно, она што е лошо во мнозинскиот е добро во пропорционалниот. Иако има многу негативни и позитивни работи и во двата модели, сепак следниве се најзначајни бидејќи тие се рефлектираат врз легитимноста на оние што ќе бидат избрани – што е најважната работа на секои избори.

Во мнозинскиот модел, кој во нашата земја беше на сила за изборите во 1990та, 1994та и делумно во 1998та година, основната идеја е дека во одредена територија, одреден број на гласачи избираат одреден човек да ги преставува во Парламентот. Проблемот настанува во случаите кога изборните трки се тесни, па безмалку половина од гласачите гласале во изборната единица за кандидатот кој не победил и нема да може да ги преставува. А оној кој ќе ги добие тие избори, нема да ги преставува сите гласачи туку само нешто повеќе од половина – тие што гласале за него во тесната трка (т.е. кога победникот добива околу 51% а губитникот околу 49% од гласовите).

Ако ваква е ситуацијата низ целата држава, во сите изборни единици, и ако во секоја изборна единица резултатите се тесни (во стилот 51:49), би можело да се дојде до состојба, кандидатите на победничката партија да победат во 51% од изборните единици, секаде со околу 51% од вкупниот број излезени гласачи, а при тоа излезноста да е околу 60% со што – владеачката партија која ќе ја формира идната влада да преставува едвај 16 проценти од вкупниот број гласачи (0.51 х 0.51 х 0.6 = 0.16), при што испаѓа дека 44 проценти од вкупниот број гласачи иако гласале на изборите против „победничката“ партија – нивниот глас не бил доволен таа партија да не дојде на власт! Впрочем, погледнете ја симулацијата на долната слика:

Станува збор за мала (етнички и социо-економски хомогена) имагинарна држава со 24 изборни единици секоја со приближно ист број гласачи (десет илјади) и со просечна излезност од 60% на гласачите. Испаѓа дека најсилната коалиција (жолтите) по добиени гласови ќе има најмалку пратеници, а втората по добиени гласови партија (виолетовите) за чии кандидати гласале едвај една шестина од вкупниот број запишани избирачи ќе може самата да си формира влада со своите сопствени 13 пратеници, без коалиција! Опозиционите партии вкупно ќе имаат 11 пратеници, иако добиле цели 73 проценти од гласовите т.е. 44% од запишаните избирачи! Очигледно, мнозинскиот модел може да биде екстремно неправден!

За да се спречи ова (кое во нешто поблаг степен се има случувано во реалноста во неколку држави!) е создаден пропорционалниот систем, каде што скоро секој глас се важи. Ова „скоро“ е поради заокружувањето на најблискиот поголем или помал број кога се дели бројот на добиени гласови по д’онтоватa формула, но тоа не е толку страшно, оти соодносот помеѓу водечките партии по добиени гласови е речиси идентичен со соодносот на пратеници кои тие партии ќе ги имаат во идниот состав на Парламентот. Од тука и името на системот – „пропорционален“.

Ама токму во оваа позитивност лежи и негативниот аспект на пропорционалниот модел. Тука, гласачите, и покрај присуството на носители на кандидатските листи, сепак се принудени да гласаат де факто – за партија, а не за човек. Пропорционалниот систем помага да се создаваат султан – партии каде што лидерот е семоќен. Како доаѓа до ова нешто?

Па просто, ако некој релативно популарен член на партијата сака да се одметне – да тера своја политика спротивна од желбите на лидерот – иако тој има одреден свој круг на подржувачи, распрснати низ целата држава, тој не може да се надева дека ако излезе со своја листа на која ќе ѝ биде носител ќе влезе, барем само тој во парламентот.

Не за друго, туку поради постоењето на неколку изборни единици (во нашата земја се шест) што им помага на големите партии да ги принудуваат малите партии во коалиции со нив. Конкретно, ако има 120 пратенички слободни места, а излезат да гласаат милион и двеста илјади гласови, во просек за добивање на едно пратеничко место ќе бидат потребни десетина илјади гласови да се добијат. Но, ако има шест изборни единици, и во секоја партијата добила по илјада до две илјади гласа т.е. вкупно десетина илјади, таа сепак нема да добие ниту еден пратеник. Уште пострашно, ако во секоја изборна единица добие по седум илјади гласа и вкупно четириесет илјади, нема да добие четири пратеници, туку пак – ич!

Ова нешто се решава или со правење на целата земја една изборна единица (што пак уште повеќе помага да се султанизира партијата оти само лидерот е доволно за целата држава да биде носител), или со правење на коалиција на малите партии. Ама пак тука имаме проблем, оти ако „мојот“ кандидат е ставен трет на листата, и јас гласам за него и гласаат уште неколку илјади луѓе токму поради него за таа коалициона листа, и потоа од листата само првите двајца влезат во парламентот – значи јас и оние две три илјади мои сопартијци сме гласале за џабе!

Дополнителна негативност кога има неколку изборни единици во пропорционалниот систем е што ако во, на пример првата излезат да гласаат 200.000 гласачи – тие ќе дадат 20 пратеници, а ако во петката гласаат само 150.000 и тие ќе дадат 20 пратеници, со што излегува дека гласот на 7.500 гласачи од петката вреди исто како гласот на 10.000 гласачи од кецот. Кај е тука – еднаквото право на глас?

Сето ова досега наведено како негативно за двата система се решава со воведување на поканувачкиот изборен систем. Еве тоа како би требало да изгледа, за да се брои ама баш секој глас, секој глас исто да вреди, и да се даде довербата на гласачот секогаш за човек, за личност, а не за партија.

2. Опис на поканувачкиот изборен модел: името „поканувачки“ доаѓа од тоа што секој даден глас од страна на секој избирач преставува своевидна покана која тој избирач му ја доделува (давајќи му ја довербата да управува со неа) на кандидатот за кого гласа.

Се дели целата држава на десетина или повеќе изборни единици, кое нешто се прави за да се отстрани можноста од султанизација. Оној кој ќе се кандидира за поканувач во една од тие единици, нема право да се кандидира за поканувач во било која друга единица. Се разбира, некој популарен политичар на ниво на цела држава може неформално да го подржи некој кандидат од истата партија во друга единица, но формално–правно, на ливчето гласачко сите кандидати се дадени по име и презиме, без партиска ознака.

Услов за да некој човек се најде на избирачкото ливче е да собере 1000 или 500 потписи од било кој дел во државата кои ја подржуваат неговата кандидатура. Се разбира еден човек, може да се потпише само за еден кандидат. Ова е сосема идентично со процедурата при која претседателските кандидати треба да соберат 10.000 потписи за да бидат ставени на гласачкото ливче за претседателските избори, само што овде поради поделбата на десет или дваесет изборни единици, бројот на потребните потписи за собирање е помал.

Овој дел може да се модификува и со разбивање на целата земја на толку изборни единици колку што има општини – при што ирелевантно е колку гласачи се запишани во секоја единица, а кандидатите да може да бидат на гласачките ливчиња во неколку (но не во сите) изборни единици.

Откако гласачите ќе го дадат својот глас за еден од предложените кандидати на гласачкото ливче, после пребројувањето, секој глас се конвертира во таканаречена „пратеничка покана“. Просто, колку гласови си добил како кандидат за Поканувач, толку покани ти се даваат на доверба. Без разлика дали си добил 1.000 или 100.000 гласови, тоа се толку Пратенички Покани кои се во твоја власт.

Потоа вкупниот број на важечки ливчиња на ниво на целата држава се дели со бројот на пратенички места во парламентот и се добива „поканувачки цензус“. Пример, ако излегле на гласање еден милион луѓе, при што околу 40.000 ливчиња се неважечки, важечки се 960.000 и ако се бираат 120 пратеници, поканувачкиот цензус ќе биде 8.000 покани!

Со други зборови, за било кој државјанин на Македонија да може да стане член на парламентот, потребно е од Поканувачите да добие вкупно и точно 8.000 покани. Ако во првата изборна единица некој Поканувач (Митре) добил 6.000 гласови, а во седмата изборна единица друг поканувач (Жаре) добил 18.000 гласови, тие заедно може да се договорат Жаре да се покани сам себе со свои 8.000, да покани некој свој пријател на кого политички му верува со други 8.000 покани и конечно, со преостанатите 2.000 покани да го покани Митре, кој заедно со своите 6.000 покани ќе го оформи својот поканувачки цензус. Се разбира, Митре може да добие само 1.000 покани од Жаре и уште 1.000 да најде од некој друг Поканувач, да речеме од деветата изборна единица.

Така, ама баш ниту еден глас во било која изборна единица не пропаѓа. Освен тоа, сеедно е и колку гласачи има во секоја изборна единица, бидејќи бројот на пратеници кои ги дава изборната единица не е фиксен (како сега 20 од секоја) туку зависи од бројот на луѓе кои гласале. Со тоа, секој глас во целата држава вреди идентично.

Ако ова ви звучи познато – навистина и е. Оти комплетно истиот процес се одвива при составувањето на влада кога мандаторот треба да собере 61 пратеник кои ќе го подржат неговиот предлог за состав на Владата. Само што овде, улогата на мандатор ја игра оној кој сака да стане пратеник – тој треба да собере точно толку покани колку што е поканувачкиот цензус.

Забелешка на овој дел би било што изборите со ова би личеле на операција на делење на жетони на политичарите со кои жетони (гласови) тие ќе можат да ја играат пост–изборната партија политички покер. Но, која е разликата во однос на она што сега го имаме? Неприродните коалиции никогаш нема да исчезнат од политичката сцена, само што овде ќе имаме можност ама баш секој даден глас да влезе во игра.

Добра варијанта овде, од практични причини, е да се исклучи можноста од премислување на Поканувачите. Со други зборови, до истекот на рокот од две недели по објавувањето на конечните резултати, секој Поканувач треба да достави изјава лично до изборната верификациона комисија за тоа своите покани како ги поделил, на кои луѓе ги упатил и потоа – нема пишман!

Потоа, државната поканувачка верификациона комисија прави проста математика и на секој кој ќе собере на својата „адреса“ доволно покани му упатува повик да се појави во комисијата да му дадат уверение за доделени пратенички покани и за исполнет поканувачки цензус, со што има право да стане член на парламентот.

Практичната логика зад недозволувањето за премислување на Поканувачите е да не се создаде можност секој од пратениците да биде заложник на својата коалиција Поканувачи. Или, ако мандатот трае 4 години, барем еднаш годишно, или на пола од мандатот, или само после првата година по изборите, да може да се направи ре-поканување. Сакам да кажам, доволно е што сега Владата е на милост и немилост на коалицијата која ја подржува, замислете секој пратеник да мора да мисли за тоа!

3. Кој губи, а кој добива од поканувачкиот изборен модел: Некој би прашал зошто поканите мора да се даваат преку посредници (Поканувачи) и зошто граѓаните самите да не ги упатат директно своите покани. Е па затоа што поканувањето мора да биде јавно, за да секој пратеник има по точно толку покани колку што бара цензусот поканувачки. А гласањето мора да биде тајно нели, за да нема поткупи и притисоци.

Очигледно, со воведувањето на поканувачкиот изборен модел се губи потребата од предизборни коалиции, при што сите политички сили (партии и политичари) се апсолутно слободни без страв од добивање премалку гласови да одат на избори самостојно со свои сопствени идеи и програми, па ако им дадат гласачите доволно Покани тие самите да се поканат, а ако не, да ги префрлат на други политичари кои им се блиски по идеите.

Со овој систем, секој глас се брои, секој глас се важи, и секој глас вреди еднакво. Така, најмногу ќе загубат големите партии кои што нема да можат да ги лапнат гласовите на малите (претежно етнички) партии пред изборите на невидено, а и веќе нема да има политичари со непроверен рејтинг кои ќе градат фама околу себе.

Со овој систем се прави и десултанизација на партиите оти вака секој, ама баш секој барем и малку популарен политичар, или министер кој добро работел, или јавна личност со свои обожаватели, ќе може да отиде на избори сам (доволно е да собере потписи кои може и да ги плати!) и потоа да одлучува за составот на парламентот. Не мора да ги молиш лидерите да те стават на листата нивна, туку добиј и само неколку илјади гласови и тие тебе ќе те молат да ги поканиш.

Конечно, со ова добиваат најмногу граѓаните, бидејќи имаат дополнителен мотив да гласаат со што се овозможува да се добие и поквалитетен состав на парламентот, кој реално ќе го отсликува расположението кај гласачите. Чесните и паметни луѓе нема да мораат веќе да се клањаат пред партиите и нивните лидери за да добијат шанса за политички ангажман, туку ќе биде обратно.

Се разбира, бидејќи од овој систем најмногу би биле во зијан големите политички партии, не доаѓа во предвид овој модел да биде воведен од нивна страна. Тоа само може да го направи народот преку референдум. Референдум со кој би се вовел закон со кој би се променил сегашниот изборен законик. За тој референдум би требало да се потпишат 150.000 за негово распишување, да излезат да гласаат 900.000 за да биде релевантен и над 450.000 да гласаат за воведувањето на поканувачкиот систем. Со тоа, ќе биде зададен масивен удар врз моќта на партиите и ќе се крене важноста на човекот и на секој гласач во креирањето на политиката.

Можно ли е такво нешто да се случи во Македонија?

П.С: На први јуни, во чест на годишнината од последните парламентарни избори, ќе објавам капитална т.е. голема колумна со шест идеи со чие спроведување во пракса би се создал многу поквалитетен парламентарен систем во нашата држава. Немам илузии дека било која од тие идеи ќе биде прифатена од релевантни политички фактори, но тоа и не е целта на моето блогирање. Целта е да се потикнат читателите на мојот блог да мислат поинаку за некои теми. Една од тие шест идеи беше опширно објаснета денеска, во овој пост. Друга беше објаснета пред неполна година, во еден од моите први постови, оној насловен „250.000 евра плата за секој пратеник годишно“. Во понеделник, заедно со овие две идеи накусо објаснети, ќе бидат образложени уште четири подеднакво интересни размислувања. Не пропуштајте!

Written by nenobogdan

07/01/2010 at 23:38

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: