Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ РАДИКАЛИ: ШТО ГИ ПАЛИ, ШТО ИМ ФАЛИ И ЗОШТО СЕ СЕКОГАШ МАЛИ?

leave a comment »

Парадоксално: луѓето го покажуваат своето вистинско лице, само тогаш кога ќе стават маска.

Во денешниот пост, ќе се обидам да објаснам и расветлам некои битни работи кои секој политички активен човек треба да ги има во предвид кога се во прашање сите муабети за екстремните радикални политички партии (ЕРПП). Таквите движења во Македонија практично и не постојат (фала Богу!) но во соседните земји и во членките на ЕУ се многу силни. Што стои зад сето тоа и кои се причините поради кои политичките елити ги толерираат таквите партии во нивните држави?

* текстов е првично објавен на 15ти април 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/222938

1. ЕРПП се формирани со благослов на политичките елити за да ги канализираат и контролираат нестабилните елементи во општеството: ова слободно можеме да кажеме дека е политичка финта уште од византиските времиња, иако без идеологијата (само со персоналниот аспект) е присутна уште од антиката.

Оние кои ме читаат редовно, веројатно се сеќаваат на мојот пост „Една финта на Антигон…“ во која беше раскажан примерот со еден од генералите на Александар Велики кој за да го задуши бунтот на неколку илјади војници кои се одметнале од него, им испратил свој двоен агент по име Леонидас, кого толпата бунтовници го прифатиле за свој водач и потоа тој Леонидас ги довел во стапица во која биле лесно заробени од страна на лојалните сили на Антигон.

Во ерата кога Византија била светска сила, на финтата на Антигон ѝ била додадена и идеолошка основа, во тие времиња во облик на религија. Имено, секогаш во империјата имало незадоволни луѓе, кои поради чисто практични причини (лоша економска состојба, високи даноци, и сл.) чуствувале омраза кон централната власт во Константинопол.

За да овие незадоволни општествени елементи не направат при нивниот евентуален бунт голема беља, редовно од-време-на-време, Императорите им испраќале монаси – еретици кои ширеле учења со кои остро се противеле на догмите на официјалната црква и воедно жестоко го критикувале царот, со што биле веднаш прифаќани од страна на незадоволните жители на регионот во кој проповедале.

Јасно, вестите за новата ерес во некоја провинција веднаш стигнувале до ушите на Императорот, но тој намерно не испраќал војска за да стави ред во провинцијата и да го уапси еретикот, туку го оставал некое време на мира, за да се соберат околу монахот сите потенцијални бунтовници во таа провинција. Кога движењето ќе станело премногу силно и веќе политичарите во неговите рамки ќе побарале конкретна акција за отфрлање на авторитетот на централната власт, монахот – двоен агент најчесто или забегувал до крај во своите проповеди или пак „се покајувал“ и повикувал на мир со царските војски.

Било која од тие постапки на монахот – духовен водач на еретиците создавала раздор меѓу умерената струја во движењето и фанатичната струја која премногу сериозно го сфатила новото толкување на верските вистини. Така разбиени, бунтовниците повеќе губеле сили во борбите едни со други, отколку со царските армии, кои кога ќе дошле да воведат ред во провинцијата, лесно склопувале сојуз со една од фракциите и ја уништувале другата фракција.

Во модерниве времиња, и во модерниве општества има голем процент на потенцијално незадоволни и бунтовни елементи. Обично, тоа се луѓето кои поради сопствената мрзливост, глупавост, склоност кон негативни навики (пиење и коцкање) не успеале да се снајдат економски во текот на својот живот, и се разбира, за тој свој неуспех бараат некој виновник. Тука се појавува од никаде харизматичен лидер кој почнува да промовира нови радикални решенија, ветувајќи дека сите проблеми ќе бидат средени за брзо време.

Се разбира, како што конкретниот пример во Австрија покажа, кога Јерг Хајдер со помош на неговите радикални идеи конечно успеа да создаде доволно голема политичка сила за да претендира и на сериозна политичка моќ, тој промптно се откажа од голем дел од својот (вештачки и одглумен) радикализам и формира нова партија (BDÖ) која украде речиси половина од гласовите на неговата стара радикална партија (FPÖ). Се разбира, вака разделени и двете крајни десни партии во Австрија никогаш нема да дојдат на власт, но за тајните служби на таа држава кои во раните денови го подржуваа со пари и давање медиумско внимание Хајдер и неговоте екстремисти, целта е остварена совршено – денеска, практично сите политички активни незадоволници се или во едната или во другата ЕРПП зачленети, па така нивните бунтовни пориви се под контрола на нивните политички водачи, кои пак се агенти на безбедносните служби на Австрија.

2. ЕРПП треба со своите испади да го дефокусираат јавното мислење од клучните теми во државата: овој елемент од работењето на екстремните движења или партии во интерес на владеачките елити е барем кај нас во Македонија, доведен до ниво на совршенство. И интересно е што за да не ја провали некој финтата случајно, кај нас се употребуваат екстремните елементи и од македонскиот етнос и од албанскиот етнос, а некогаш можеме да чуеме и од српскиот етнос, па и од оние Македонци кои се чуствуваат како Бугари (здружението „Радко“ или пак Каракачановите провокации од Бугарија).

Штом ќе се почуствува дека економската ситуација во земјава се влошува, штом се најави поскапување на струјата или нешто такво, веднаш по сите медиуми се зборува не за тоа, туку многу повеќе за некои барања за Илирида, за референдуми за отцепување на некои села на Скопска Црна Гора, или пак се појавуваат графити со кукасти крстови и шовинистички пароли нацртани на разни фасади во некои провинциски гратчиња или пак на спортски натпревар некои групи млади луѓе веат знамиња со нацистички симболи скандирајќи за гасни комори, и сл. И така цела недела додека да помине актуелноста на веста за поскапувањето на струјата сите медиуми ја верглаат неуморно приказната која ја продуцирале екстремните елементи во државата.

Па се даваат изјави на згрозеност, на осуда, па се тврди дека тие групи немаат поширока подршка од граѓаните, или пак дека тоа се само фрустрирани млади луѓе кои не знаат како поинаку да го изразат својот бес и слични небулози без некој да рече дека е тоа само намерно предизвикана диверзија за да не мислат луѓето на битните, економски прашања.

Во соседна Бугарија, тамошната владеачка елита ја има исто така перфектирано оваа техника за дефокусирање на јавноста од економските проблеми и корупцијата во која е потоната земјата. Таму има една радикална партија која се вика „Атака“ и која цело време труби за проблемите со кои е зафатена државата и нуди – екстремни решенија (Турците се криви, Ромите се криви, Евреите-Масоните се криви, Марсовците се криви…). Се разбира, целото општество редовно паѓа во шок и згрозеност и наместо да се концентрираат на решавање на практичните проблеми, сите губат време разговарајќи за глупостите на Атака и нејзиниот луд лидер.

3. ЕРПП служат за пуштање „пробни балони“ во јавноста: оваа карактеристика на екстремистите е модификација и продолжување на претходно наведената, со таа разлика што идеите и „решенијата“ што ги предлагаат ЕРПП се всушност идеи на големите мејнстрим партии кои сепак не можат веднаш да ги кажат во јавноста, и испадите на водачите на радикалите служат да го подготват теренот. Со други зборови, да ги „омекнат“ народните маси.

Доколку владеачката партија има за цел да предложи закон со кој на некоја група во општеството би ѝ се дале, или пак би ѝ се одзеле некакви бенефиции, а тоа е проценето од партиските стратези дека нема да биде примено без жестока дебата во јавноста, таа преку своите тајни канали ќе ги ангажира екстремистите да излезат со таа идеја во јавноста и да кренат страшна бура.

Штом после недела, две или месец дена ќе се измори јавноста и ќе се презасити од екстремноста на предложената идеја, и сета енергија општествена ќе се испука во празно, тогаш ќе настапи големата сериозна партија и ќе даде слична идеја на онаа што ја предложила ЕРПП ама овој пат, нешто поумерена.

Се разбира, бидејќи јавноста се презаситила со дебатата за идејата на радикалите, оваа идеја која е многу поприфатлива сега не само што делува многу помалку контроверзно, туку и бидејќи е дојдена од призната мејнстрим умерена политичка сила, јавноста ја перцепира како нешто што можеби и има смисла и дека треба сериозно и трезвено да се размисли за тоа. За разлика од лудите идеи на лудите политички екстремисти кои нели, претходно беа отфрлени со индигнација.

Она што се случува во спорот меѓу Словенија и Хрватска е токму класичен пример за горенаведеното. Пред неколку години за спорните територии меѓу овие две држави крена бура во јавноста словенечка еден нивен радикал по име Змаго Јелинчич, кој изрече едно чудо луди ставови против Хрватска, и со тоа ја подготви тамошната јавност и ја испровоцира доволно хрватската страна, за да сега прашањето околу тоа каде ќе поминува границата меѓу двете земји биде разгледувано како сериозно прашање, кое треба да го „решаваат“ сериозни политичари.

На овие простори, грчките ултра-националисти на партијата „ЛАОС“ ја играат истата улога на „пуштачи на пробни балони“ со кои се подготвува јавноста во двете земји за вистинските барања на грчката официјална политика.

4. ЕРПП се корисни за да ги релативизираат екстремните идеи кои се појавуваат во мејнстрим партиите: за ова прашање не би зборувал премногу и препорачувам секој кој што сака поопширно да се запознае со основната идеја да ја прочита мојата колумна за „Варангиската гарда…“. Тука би го додал она што во таа колумна не го образложив до крај, а се однесува на конкретниот пример за употреба на оваа финта во политичкиот живот на соседна Србија.

Имено, таму го имаат како главен државотворен проблем прашањето за независноста на Косово, за која сите српски водечки партии се апсолутно сложни дека е неприфатлива. Се разбира, САД и ЕУ со сите сили притискаат на српските политички лидери да ја прифатат таа независност како факт, но на сите политички играчи во Србија им е јасно како бел ден дека тоа за нив би било политичко самоубиство (никој нема да гласа за нив ако го направат тоа).

Затоа, тајно-полициската елита и бизнис–олигархијата која навистина ги влече конците зад општествените случувања, ја користи крајно десната политичка сцена преставена преку партиите на Шешељ, Коштуница и од неодамна партијата на Николиќ за да се прикаже пред светот дека и од непопустливите националисти во Србија има – уште поголеми непопустливи националисти.

Прикажувајќи ги екстремните десни партии во Србија како своевидно плашило за западните интереси, опција која што доколку дојде на власт ќе направи катастрофа, оние „умерените“ политичари кои кон независноста на Косово имаат практично идентичен непопустлив став, делуваат во очите на западните дипломати како луѓе со кои може да се разговара разумно.

Иако е јасно дека било какви преговори со било кои релевантни српски политичари за признавање на независноста на Косово се џабе, сепак, на Западот му треба партнер за дијалог во Србија. Благодарение на неприфатливата радикалност на радикалните екстремни партии, за таков партнер може без мака да се преставуваат приврзаниците на претседателот Тадиќ.

5. ЕРПП со својата реторика ги мобилизираат нормалните граѓани да не ги апстинираат изборите и да гласаат за умерените партии: и така дојдовме до моментот кога треба да ви објаснам зошто токму водачот на француските ултра-радикални екстремисти, озлогласениот Жан-Мари Ле Пен го ставив како илустрација на денешниот мој пост. Имено, во 2002та година, во Франција пред тогашните претседателски избори според сите анкети се најавуваше голема апстиненција на гласачите, и тој бојкот сите политички сили од мејнстрим сцената ги погодуваше.

Луѓето просто не чуствуваа дека политичарите ги бива за било што, и дека големите партии се кадровски и идејно сосема банкротирани. Мнозинството од гласачите беа решиле да не излегуваат на изборите за претседател.

И затоа, во првиот круг се случи шок кој ја потресе не само Франција туку и цела Европа. Имено, поради нискиот одзив на обичните гласачи и фанатичната лојалност на екстремните гласачи на својот партиски лидер, наместо стандардните двајца кандидати да влезат во вториот круг, еден од десницата и еден од левицата, влегоа десниот кандидат Жак Ширак и уште подесниот кандидат Ле Пен!

Иако реална можност Ле Пен да биде избран за претседател немаше, сепак се дигна врева до небо и се случи она што никој не претпоставуваше дека може некогаш да биде: левите политички сили во Франција агитираа кај своите приврзаници да го дадат својот глас за кандидатот на умерената десница со цел да му се даде порака, јасна порака на секој екстремно десен политички фактор во Франција дека „нормалните луѓе“ нема никогаш да дозволат „фанатиците и будалите“ ни да помислат дека имаат било каква шанса во политичкиот систем на Франција.

Се разбира, на тие избори Ширак собра рекорден број гласови во однос на било кој претседателски кандидат било кога во француската историја. На изборите во 2007та година Ле Пен се обиде да внесе малку умереност во неговите настапи, со тоа што не плукаше премногу по другите етнички групи како што тоа со децении претходно го правеше, туку глумеше дека конечно созреал политички.

Секако, никого не го прелажа со таа своја глума и во вториот круг на изборите си влегоа пак кандидатите на нормалните, мејнстрим партии, Сеголен Ројал и Никола Саркози.

Слична финта за мобилизација на умерените гласачи да не ги апстинираат изборите се применува редовно од страна на мејнстрим партиите во Австрија и во Србија.

Заклучок: паметен човек не губи време со екстремизам и членување во радикални партии, без оглед колку и тие да делуваат ветувачки за кариеристички напредок. Впрочем, одговорот на прашањето од насловот е токму потврда на ставот од претходната реченица.

Што ги пали ЕРПП? Ги „палат“ (ставаат и одржуваат во живот) парите од бизнис елитата која има политички интереси со мејнстрим партиите.

Што им фали? Им фалат реални решенија за реалните проблеми на граѓаните, кои колку и да се потиштени поради економските неприлики, во најголемиот број се доволно свесни да сфатат дека не се криви малцинствата кои само ако бидат прогонети ќе се смени сѐ на подобро (како што ветуваат радикалните демагози), туку други фактори, далеку посложени за „прогонување“ се вистинските виновници за немаштијата.

Зошто секогаш се мали (т.е. не можат да дојдат на власт) ЕРПП? Затоа што нивните лидери и поширокото раководство и членовите се „мали“ луѓе, се мисли на големината на нивните визии и сфаќања како и животни успеси. Било каде, во било која земја да проверите, секаде токму најпромашените лузери и најбесперспективните ебиветри во општеството се приврзаници на екстремните радикални политички движења.

Поради тоа, тие никогаш не доаѓаат на власт. А и да дојдат случајно (поради сплет на општествени околности), како што покажуваат примерите со фашизмот во Италија и нацизмот во Германија и милитаризмот во Јапонија – за само неколку години владеење тие своите земји и народи ги водат во катаклизмички порази.

Расизмот и шовинизмот немаат никаква логика. Ниту економска, ниту морална, и што е најзначајно – ниту политичка. Затоа, паметен човек не си го губи времето со таква политика. А оној кој што си го губи времето со такви работи – не е паметен.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: