Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ СЛИЧНОСТИ ПОМЕЃУ КОМУНИЗМОТ И ФАШИЗМОТ

leave a comment »

Сите очи свртени кон Него, сите срца чукаат за Него, сите уши будно ги впиваат Неговите зборови... или во спротивно сите грбови ќе го почуствуваат неговиот Камшик

Двете идеологии споменати во насловот на денешната колумна, според она што ни го кажуваа режимските историчари од ерата кога во нашата земја владееше комунизмот, се крајните спротивни полови на лево-десниот политички спектар и по таа основа не би требало да имаат апсолутно ништо заедничко меѓу себе. Но, ако се погледне подлабоко во нивната и теорија и пракса, ќе се забележат многу изненадувачки сличности. Еве некои од нив:

* текстов е првично објавен на 30ти април 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/225802

1. Колективизам: и фашизмот и комунизмот се во својата основа првенствено колективистички системи на гледање и толкување на општеството, оти нивната есхатологија (крајна цел) е или да биде крената сопствената нација или раса (кај фашистите и нацистите) на доминантно ниво над сите другите нации и раси, или пак работничката класа (и евентуално и селаните, кај маоистите) преку својата авангарда т.е. Партијата да стане главна сила во државата.

Не само што и двете идеологии се дефинираат себеси како предводници на своите омилени општествени групи, туку и сите други припадници во општеството ги дефинираат пред сѐ преку нивната припадност кон некоја група. Така, нацистите биле опседнати со ариевска и неариевска свест, додека комунистите зборувале за класна свест.

Бидејќи и двете идеологии ги гледале сите луѓе во општеството како делови на некоја група, а самите себеси се сметале како водачи на по една од тие групи, на авангарда на сопствената раса или класа, и комунистите и фашистите имале вградена фабричка маана во својот светоглед – не трпеле и не дозволувале слобода на здружувањето на поединците во општеството.

Бидејќи, ако постои расна т.е класна борба во светот, а расите и класите се веќе дефинирани од идеолозите, тогаш секоја форма на здружување која е надвор од онаа што е под контрола на Партијата (национал–социјалистите или бољшевиците, сеедно) е автоматски или лажна (бидејќи идеолозите не ја признаваат како општествена група) или е непријателска (нацистите ги сметале сите други партии во Германија за слуги на еврејството, а пак комунистите отсекогаш сите други партии ги толкувале како платеници на крупниот капитал и буржоазијата).

Инаку, зад стремежот кон колективно гледање на луѓето, не стои толку идеолошка заслепеност, колку што стои – ефтин начин да се контролираат полесно граѓаните. Имено, кога на луѓето ќе им ја одземете индивидуалноста, тогаш не морате да трошите многу ресурси како државен апарат за да ги контролирате. Тие, ставени во групи, брзо потпаѓаат под контрола на групата, а со групите се ракува релативно лесно преку техниките за пропаганда и манипулација со толпите.

2. Државата е главен играч во економијата: она што е многу интересно кај германскиот нацизам и италијанскиот фашизам е што водачот на фашистите, Мусолини, пред да стане фашист (демек, десничар) бил висок раководител на Социјалистичката партија, дури и уредник на нивниот партиски весник. Кај нацистите пак самото име на партијата кажува дека станува збор за национални социјалисти.

Во неколку наврати сум кажал на блогов и по разни коментари дека шовинизмот (кој е млаката форма на фашизмот) е левичарска, а не десничарска форма на идеологија и тука пред сѐ мислам на нејзините економски идеи. Социјализмот во суштина се базира врз „редистрибуција на богатството“ т.е. крадење од продуктивните луѓе и давање на украденото на владетелите и на нивните подржувачи во бирократијата или гласачи кои зависат од државните субвенции.

Се разбира, за да ова крадење се врши поефикасно, мора да се регулира економијата и стопанскиот живот со еден куп прописи, нормативи, закони, агенции, бироа, лиценцни директорати, специјални инспекторати, управи за едно или друго – сѐ со цел да не им се дозволи на продуктивните делови од општеството да заработуваат слободно (постои опасност да сокријат дел од данокот кој што треба да го плаќаат).

Разликата во пристапот кон економијата кај фашистите и комунистите не е толку во крајната цел (да се земе од продуктивните и да се даде на паразитите) туку во методите. Генерално, во фашистичките режими формално-правно не се одземала приватната сопственост, но сепак таа дефакто морала да биде ставена „во служба на татковината“ оти преку бирократските механизми државните тела ги регулирале цените и платите со цел да се постигнат политичките цели на Партијата. Во комунизмот нема приватна сопственост, таа е во рацете на „заедницата“ (власта) која што преку бироата за економско планирање ги одредува цените и платите.

Практичната заднина на овој тип на пристап кон економијата е објаснета во мојата колумна „Зошто левицата не може да биде патриотска“. Во суштина, и кај фашистите и кај комунистите станува збор за луѓе кои не се способни самите да се снајдат на слободниот пазар затоа што се мрзливи и глупави т.е. не го разбираат слободниот пазар.

Бидејќи не можат да креираат за себе слика на економска успешност преку слободниот пазар, тие ја креираат преку државниот интервенционизам. Со други зборови, принципот е: „земи од оној кои самиот заработува, половина од тоа што го заработил, стави ја во својот џеб таа половина и така – и двајцата сте подеднакво успешни во збогатувањето“.

3. Милитаризам со двојна намена: препознатлива карактеристика на практично секој тоталитарен систем, не само на комунистичките и фашистичките деспотии, е носењето на униформи од страна на политичките раководители и честото нивно ословување дури и во цивилни пригоди со нивните воени титули.

Така, Југославија го имаше Маршалот кој најмногу уживаше да се шета и да се покажува во јавноста облечен во униформа (дури и триесет години по завршувањето на последната војна во која учествувал). Практично не постои слика на Сталин на која тој не носи униформа, а за Мусолини и Хитлер особено униформата се чини била некаков фетиш.

Во нацистичка Германија и фашистичка Италија, не само што од воените лица и припадниците на полицијата се очекувало цело време да се облечени во униформите (оти 24/7 биле на должност „за татковината“), туку униформи биле воведувани и за наставниците во училиштата, за учениците, за вработените во државните служби, па дури од децата се барало да ја носат својата униформа од хитлеровата младина и надвор од училиштето, за да покажат дека се дел од младите сили на Партијата.

Опсесијата со униформите и со воениот дух имала две намени: прво, да се уништи индивидуалноста кај поединецот дополнително (со тоа што нема да може дури ни облеката што ја носи самиот да ја бира) и со тоа полесно да се стави во колективот, и второ, да се навикне на покорност спрема своите претпоставени. Кога човек носи униформа тој автоматски се чуствува како дел од некаква војска (било вистинска, било идејна) и по таа основа е должен да покажува почит спрема оние кои имаат поголем чин на својата униформа залепено.

Во бившата ни Југославија, од седумгодишните деца се очекуваше задолжително да облечат бела кошула, црвена марама да стават околу вратот и црвена „титовка“ на главата и на една свечена церемонија да му се заколнат на верност на другарот Тито. Како што гледате од сликата која го илустрира овој текст, тој „look“ југословенските комунисти не го смислиле сами, ами го дрпнале од нивните сталинистички колеги. Се разбира, во Италија на Мусолини и во Германија имало идентични младински политички организации во служба на режимот, составени од деца облечени во идентични сиви кошули.

4. Нема слобода на говор и печат: ова е на некој начин поврзано со претходните три точки, а најмногу со првата и втората. Со третата точка е поврзано со потребата да се укинат сите разлики во размислувањето и да се навикнат на покорност граѓаните. Оти, ако имаат право да го кажуваат своето мислење, тогаш како може да стане збор за почитување на наредбите на нивните „претпоставени“. Не е наредба ако може да се дискутира за неа, нели?

Со првата точка е поврзано немањето на слобода на говорот и на печатот поради патолошкиот страв на комунистите и фашистите од вистината. Вистината која вели дека луѓето не припаѓаат на арбитарно (без јасен критериум) дефинирани колективи одредни според догмите на партиските идеолози, туку си имаат свои сопствени идентитети и понекогаш припаѓаат на повеќе групи истовремено и тоа со различен степен на припадност.

Човек може да биде религиозен и конзервативен и да биде најобичен физички работник, може да биде припадник на малцинство и да ја сака максимално земјата во која живее, но тоа за комунистичките и фашистичките идеолози би било неприфатливо. Оти, ако луѓето не се дел од колективот со јасно зададени особини, тогаш сите догми и концепти на идеологијата врз која почива Партијата се темелно погрешни, и со тоа Партијата нема што да бара на власт. Затоа, преку контролата врз медиумите, се задушува секој облик на излегување од пропишаните групни карактеристики и ставови.

А токму контролата врз медиумите се остварува најлесно преку втората точка, државното управување со економијата. Кога во комунизмот државата ги контролира сите средства за производство, и го управува нивното користење, кога некој би сакал да започне да печати независен весник во кој ќе изнесува поинакви ставови од оние на Партијата, тогаш тој не би можел да се надева на добивање на пристап до печатарска машина, бои и хартија, оти тие се под контрола на Државата, која е под контрола на Партијата, која пак нормално дека нема интерес да подржува некој што ја критикува.

Нема слобода на говорот без економска слобода, а без економска слобода и слобода на говорот нема никаква слобода. Тука, за да нема забуна, под економска слобода се подразбира првенствено „правото за поседување на приватен имот“.

Се разбира, практичната цел на монополизирањето на информациите е да се спречи народот да ја сфати погрешноста на идеите на Партијата. Во услови на слободна размена на идеи, најдобрите идеи остваруваат доминација во умовите на луѓето. А бидејќи комунистичките / фашистичките идеи се далеку од тоа да бидат добри, оти се нелогични и непродуктивни – тие во услови на слобода на говорот брзо би биле отфрлени од народот. Заедно со власта која ги промовира.

5. Прогон на „неподобните“ и „непоправливи“ групи во општеството: под неподобни групи во своите соодветни општества фашистите ги подразбирале главно припадниците на националните и религиозните малцинства, додека за комунистите тоа биле членовите на непријателските класи, кулаците на село и буржуите во градовите.

Интересна работа заедничка за фашистите и комунистите е што нивните идеолози верувале дека неподобните се истовремено и непоправливи. Имено, „гревот“ на Евреите од гледна точка на нацистите бил што биле Евреи, и тоа никако не можело да се смени. За класните непријатели пак во комунизмот, и покрај тоа што класата била оригинално дефинирана од економската состојба на припадниците на класата, дури и откако ќе се сменела таа состојба со одземање на имотот, класната припадност не се менувала, оти со класата била нераскинливо поврзана и некаква си „класна свест“.

Со други зборови, капиталистите кога имале можност да бидат богати развивале психолошки карактеристики во своите умови кои им останувале некако врежани дури и откако по одземањето на богатството ќе биле принудени лебот да си го заработуваат работејќи во фабриките како оние што биле отсекогаш работници. Од тука, ако некој човек бил како дете дел од некое имашно семејство, дури и ако фамилијата сѐ изгубила во процесот на национализација, тој човек бил одбележан доживотно во досиејата на Државната безбедност како „класен непријател“.

Во Македонија на многу талентирани, чесни и вредни луѓе им биле затворени вратите за општествено напредување само затоа што нивните предци биле буржуи. А ако случајно некој од таквите луѓе успеал да се протне незабележано во комунистичката хиерархија, кога ќе била откриена таа негова итрина, му била вадена како отежнувачка околност при неговото судење за идеолошка неподобност.

Практичната цел на неприфаќањето на можноста неподобните луѓе да се поправат доаѓа од паничниот страв на комунистичките властодржци од луѓето кои имаат минато со кое може да се горди. Оти, кога некој човек нешто ќе постигне во животот, и ако знае дека неговите предци во други услови, пред да дојдат комунистите на власт исто така биле успешни луѓе, тогаш тој сфаќа дека не треба на системот да му благодари за својот успех, туку дека можеби има некоја семејна дарба или тоа е плод на родителското воспитување кое во фамилијата се пренесува од генерација на генерација.

А независни луѓе никогаш не им требале ни на комунистите, ниту пак на фашистите. Ако се покаже дека не мора човек да е чистокрвен „Ариевец“ за да биде успешен во својата работа, тогаш која е смислата од практична гледна точка да се забранува мешањето на расите? И ако нема смисла, тогаш и која е целта на постоењето на конкретната фашистичка партија?

6. Семоќни тајни полиции го чуваат поредокот: Италија под Мусолини ја имала својата OVRA, Германците во времето на нацизмот се плашеле да не ги собере среде ноќ некоја патрола на Gestapo, во сталиновата Русија улогата на чувар на режимот ја играла тајната полиција позната под името Чека (иако формално правно сменила многу имиња низ годините почнувајќи од ВЧК, преку ОГПУ, НКВД, МГБ и завршувајќи со КГБ име под кое беше формално расформирана со распадот на Советскиот Сојуз). Се разбира, во Југославија под Тито и неговите наследници тоа беше фамозната УДБа, правниот и функционален наследник на ОЗНа.

Во сите тоталитарни режими, не само оние под власта на декларираните комунисти или фашисти, режимот има потреба од силна тајна полиција чија задача е да се справува со политичкиот криминал. А под политички криминал се подразбира било каков чин на несогласување со власта. Било каков.

Одлучувањето кој чин точно и прецизно преставува несогласување со власта било оставено како дискреционо право на шефовите на тајните полиции. Сепак, широките овластувања на тајните полиции биле дадени од страна на диктаторите со строго прагматична цел, оти токму недефинираните можности за еден обичен човек да биде уапсен, биле дополнителен елемент на стравот.

Во демократските земји, каде што има правна држава, луѓето знаат што точно преставува кривично дело и се трудат да не направат престап. Но, во тоталитарните режими смислата на постоењето на тајната полиција е да сее страв меѓу граѓаните и токму затоа, таа мора да биде непредвидлива, оти со тоа луѓето постојано се држани во неизвесност и анксиозност – дали можеби несвесно направиле некаков престап.

Всушност, главна одлика на секој тоталитарен режим е патолошкиот страв што грст луѓе во елитата на безбедносните служби и владата го имаат од милионите свои робови т.е. од својот народ. Всушност, диктатура е состојба во која сите се исплашени. Народот се плаши од тајната полиција на диктаторот, а диктаторот се плаши од можниот бунт на својот народ. Од таму, доаѓа и седмата сличност помеѓу комунизмот и фашизмот со која сакам и да ја завршам оваа долга, капитална колумна.

7. Култот кон премудриот и безгрешниот голем водач: култот на личноста карактеристичен за сите комунистички и фашистички режими е обемна тема која планирам да ја обработам поопширно во специјална колумна со наслов „Култ на личноста: карактеристики и последици“ која би сакал да ја објавам во седмицата пред престојниот конгрес на нашата водечка опозициона партија и враќањето на Великиот Водач на нејзиното чело (официјално).

Тука само би сакал да кажам зошто е потребно создавањето на култ на личноста во комунизмот и фашизмот. Зарем тоа не во спротивност со колективниот светоглед кој го негуваат и двете идеологии кои беа предмет на денешната моја анализа? Не е, бидејќи како прво, секое стадо има потреба од свој Овчар. А Овчарот не е овен, туку човек, значи ментално и духовно далеку над нивото на овците кои го сочинуваат стадото.

Втората причина поради која Големиот Водач во комунистичките и фашистичките држави бил преставуван како над-човек е елементот на стравот. Обично, луѓето не се плашат од некој кој е ист човек како нив. Затоа, за да биде присутен стравот, диктаторот мора постојано да биде деифициран (боготворен) од страна на пропагандната машинерија на режимот како голем воен херој, брилијантен стратег, визионер и државотворен мислител кој непогрешливо може да смисли економска програма или петогодишен план за развој на земјата, пријател на децата, младите и впрочем сите луѓе во државата, премудар и безгрешен, оној кој сѐ знае, сѐ гледа, сѐ може.

Ако луѓето се убедени дека нивниот владетел е повеќе од човек, речиси бог – како ќе се осмелат да му се спротистават?

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: