Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ СТАДОУМИЕ

leave a comment »

Ако си овца секој ќе те стрижи. Истото важи и ако си овен.

Веќе подолго време сметам дека избирањето на вистинските политичари на власт е само половина од решението за нашите хронични државотворни проблеми. Другата половина лежи во менувањето на нашиот менталитет, и токму за таа тема ќе бидат неменети моите колумни во наредниве неколку недели. Најпрвин, за да се предложи решение, мора  да се дефинира проблемот. Во денешниот пост, типичниот македонски менталитет ќе биде спореден со менталитетот на едно типично стадо и елементите кои ги одржуваат овците во стадоумна состојба.

* текстов е првично објавен на 7ми април 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/221571

Овчар: во структурата на едно стадо, улогата на Овчарот е тој да биде главниот авторитет  при што неговите одлуки се финални и бесприговорни. Овчарот одлучува во која насока ќе се движи стадото, колку ќе се задржи на едно место, колкава ќе биде бројноста на стадото, кога ќе се стрижат овците и кои млади овни ќе бидат оставени за приплод, а исто и колку јадење ќе добиваат овчарските кучиња.

Сите одлуки за стадото го донесува Овчарот. Економски, репродуктивни, социјални – сите! Но, Овчарот тоа сепак не го прави во интерес на овците, или овните или кучињата, туку единствено за свој личен интерес. Овчарот не го интересира добробитта на неговите животни, туку само нивната вредност која што му донесува профит. Овчарот не сака волците да му ги крадат и колат овците не поради тоа што му е жал за овците, туку затоа што секоја овца што ќе замине во челустите на некој волк е овца помалку која што може да се продаде и да донесе повеќе пари.

Во структурата на македонскиот типичен менталитет улогата на Овчарот ја имаат политичките лидери на кои обичните луѓе, небаре се стадо, гледаат како на финални арбитри, на крајни авторитети, на оние кои единствено имаат мудрост и врз основа на таа мудрост и право да одлучуваат за нашата иднина како колективитет. Сите одлуки за стадото ги носи Овчарот т.е. кај нас политичарите – законите кои ја регулираат нашата економија (и со тоа и нашиот стандард на живеење), кадровските решенија за битните институции кои треба да се грижат за правилното функционирање на државата, па дури сме им дале право да решаваат и за составот на стадото – можат да делат државјанства на странци и ако сакаат, да направат десетици илјади неграѓани на оваа земја гласачи во ова земја!

Сепак, меѓу Овчарот во светот на вистинските овци и Овчарите во нашево стадоумие има огромна разлика: овците не можат да го изберат својот Овчар. Ние можеме. Затоа што сме луѓе. Уште фали само тоа да го сфатиме. Дека ние одлучуваме за судбината на политичарите, не тие за нашата. На последниве избори го направивме првиот чекор во таа насока, кога мнозинството од гласачите не ги послушаа политичките лидери и си гласаа по свое убедување – но дали ќе продолжи тој тренд и во иднина?

Трло: трлото за овците е вистинска „света земја“! Тоа е единственото место каде што овцата може да се чуствува безбедна и каде што не мора во секој миг да внимава околу себе дали некој волк ќе рипне да ја задави. Трлото е место каде што на овците не им требаат дури ни кучињата да ги чуваат, и каде што зиме има собрано доволно сено и е топло.

Во македонското стадоумие, трлото е Европската Унија и НАТО. Тоа (за лошо информираните граѓани на оваа земја) е крајната цел на нашето државотворно постоење, сонот кој е на дофат на раката, но кој никако да го зграбиме цврсто. Можеби ако го зграбиме ќе сфатиме дека е само илузија, мит и заблуда во која веруваме, како што овците веруваат дека во трлото се безбедни, не знаејќи дека токму таму ги молзат и стрижат најмногу!

Кога ќе падне снег – овцата сака да биде во трло, оти таму ќе ѝ биде топло и нема да смрзнува на студот. Ние веруваме дека кога конечно ќе нѐ примат во НАТО, таму ќе ни биде „топло“ и дека нема да се плашиме за нашиот опстанок како држава. Кога ќе падне снег, ливадите веќе не се извор на свежа трева, и единствениот извор на храна за овците е сеното собрано во трлата. Ние веруваме дека нашите економски проблеми, нашиот хроничен недостаток на „свежа трева“ за нашата економија ќе го реши пребогатата Европска Унија, во чии амбари има доволно „сено за сите стада“ кои не се способни самите да ги заработат своите приходи.

А еве една интересна работа со митот за ЕУ и НАТО како трло во кое за Македонија ќе биде секогаш топло и ќе има секогаш доволно сено: во светот на вистинските овци, никогаш не се прави експеримент со ставање на волци и овци заедно во иста просторија. Во трлото наречено ЕУ и НАТО има волк кој сонува со децении нас да нѐ лапне за да нѐ снема конечно. Грција, така ние сме убедени, е волкот кој мирно си седи во ЕУ и НАТО и чека ние да пристапиме таму.

Но ако е тоа така, зошто тогаш волкот Грција кој сонува да ја лапне овцата Македонија, би го спречувал нашето влегување во трлото? Можеби затоа што Грција знае нешто што ние не знаеме или не сакаме да видиме: дека можеби не сме ние баш толкави овци колку што нашите политичари нѐ направија или, уште пострашно – дека Грција е само шут овен сокриен во волчја кожа за да ги држи подалеку од себе вистинските волци. Кога би почнале да мислиме со своја глава – можеби некои работи во однос на вистинската сила на Грците и нашата би ни станале појасни. Се плаши секогаш послабиот од посилниот. А во нашиот спор со Грција таа има патолошки страв од нас? Зошто? Што треба да заклучиме од тоа?

Кучиња: овчарските пси во секое стадо имаат две главни задачи: прво, да го одржуваат стадото во компактна состојба не дозволувајќи некоја овца да залута надвор од групата, и второ, да го бранат стадото од неговите непријатели – волците, кои демнат во блиската шума околу ливадата на која си пасат овците чекајќи момент на невнимание да зграбат некое младо јагне.

Се разбира, кучињата се најверните слуги на Овчарот и тие својот авторитет и моќ врз стадото го добиваат од него. Ако некое куче почне да тера своја политика, да има свои идеи за тоа како треба да си ја врши работата. ќе добие неколку удари со стап од Овчарот или ќе биде исфрлено неколку дена надвор без храна за да се потсети кој е правиот газда.

Во стадоумието македонско, улогата на кучињата ја имаат стотиците зависни новинари, неуки интелектуалци и неписмените експерти, кои имаат две големи задачи, од кои едната е многу поважна од другата: прво, да го држат стадото македонско на куп не дозволувајќи појава на нови идеи и визии кои би ја загрозиле доминацијата на Овчарите, и второ, да го бранат стадото од странските волци кои би сакале да приграбат дел од она што стадото го има.

Како што рековме, кучињата својот авторитет го црпат од Овчарот. Кај нас, политичките моќници им обезбедуваат пари и пристап до медиумите на нивните експертски „кучиња“ со цел да се одржува монополот на идеите кој е основната карактеристика на стадоумието. Секоја идеја, секоја насока за движење на општеството потекнува од Овчарот, од признатиот авторитет кој единствено има право да ги признава авторитетите на „кучињата“ – интелектуалци и експерти и новинари.

Доколку сакаме да го срушиме монополот на идеи, идеи кои не се во наша полза туку строго во интерес на Овчарите, треба да се ослободиме од кучињата. Особено што нашите кучиња експертски воопшто не се некои добермани, туку обични пудлици кои глумат добермани. Нивното најсилно оружје се нивните догми, но тоа е воедно и нивната најслаба точка. Оти само кога би почнале самите да истражуваме и да поставуваме непријатни прашања, многу од тие догми би пукнале како меур од сапуница.

Овни: се разбира, овците живееле со милиони години во стада одамна пред да се појават првите овчари со кучиња за да ги сместат „своите“ овци во трла. Дивите овци (муфлоните) и денеска може да се најдат во разни национални паркови и природни резервати каде самите се грижат за себе, без било чија помош, и тоа во опкружување полно со волци, мечки и рисови – и сепак успешно преживуваат!

Тоа нешто дивите овци го постогнуваат под водство на своите природни водачи, својата вистинска овчја елита – овните. Овенот во едно стадо е пред сѐ татко на јагнињата и тој нема ама баш никаков интерес неговите потомци и неговите женки (овците) да имаат било какви загуби, било поради студ, било поради немање на храна, било поради напади од грабливците. Во дивината, овните – муфлони самите донесуваат одлуки за доброто на своите стада и ги водат подалеку од места каде што се опасност, на места каде што има доволно трева или зиме во подрачја со поблага клима. Во дивината, овенот е дел од стадото и тој донесува одлуки корисни за стадото кое го води.

Но, тоа не е случајот кај питомите овци и овни. Таму, кое машко јагне ќе стане овен, а кое дел од велигденската гозба е одлука на Овчарот. Понатаму, бидејќи сите одлуки кои во дивината ги носи овенот во питомината ги носи Овчарот, питомите овни немаат никаков мотив или можност да одлучуваат самите за она што ќе се случува со стадото.

Овенот во едно питомо стадо е само машка овца – и ништо повеќе. Не одлучува, не води, не решава, не заштитува, не управува. Сите функции кои како на дел од природната елита на стадото му се предодредени, во питомото стадо му се одземени.

Овни во нашето стадоумие се младите интелигентни луѓе кои својата перспектива ја гледаат во добивање на работа во државна служба, во иселување во странство или во губење време – клатење врата / земање плата во некоја од богатите невладини организации. Ако млад интелигентен човек има за своја животна амбиција да најде сигурна работа во државната администрација тој всушност се откажал од можноста која ја има (благодарение на својата интелигенција) да биде активен чинител на развојот на нацијата. Ако одлучил да се исели во странство, тогаш се откажал од борбата за подобрување на животот тука. Ако работи во некоја богата НВО тогаш најчесто работи против Македонија. Тоа е најстрашна последица на стадоумието. Што оние кои можат да бидат „овни“ стануваат по своја волја – „овци“.

Колку што овците го прават стадото – стадо, толку и стадото ги прави овците – овци. Широките народни маси не само што одбиваат да мислат со своја глава за она што „кучињата“ по наредба на „овчарите“ им го кажуваат, туку и го мразат секој оној „овен“ кој нема да се согласи со тоа да остане „овца“ како нив. Во нашето стадоумие „овците“ ги мразат „овните“, додека „овните“ ги презираат „овците“. Се разбира, тоа им оди во прилог на „овчарите“ кои ги стрижат сите во стадото!

Ако некој од нас се обиде нешто да направи што ќе го издели од другите, од толпата, од масата анонимци, тој нема да биде поздравен од другите, туку ќе стане предмет на љубомора и завист од „овците“. Ако некој сака да стане високо образован – тој се прави паметен, ако некој има манири кои го прават да личи на цивилизиран човек – тој се прави важен, ако се труди да заработи повеќе – тој е алчен, ако сака да промени нешто на подобро во општеството – тој се прави газда, ако сака да помогне некому – тогаш тој е луд, ако сака да работи чесно – тогаш е глуп, ако сака да мисли со своја глава – тогаш е будала.

Како што реков на почетокот на овој текст, само половина од проблемите на Македонија може да се решат доколку се промени власта и на чело на институциите поставиме луѓе кои ќе работат за наше добро. Но другата половина од нашиот проблем не може да се реши одозгора, туку мора да се работи одоздола за да се дојде до подобра Македонија.

Кој и да дојде на власт, соочен со стадоумието во кое е потонато населението на земјава, порано или подоцна, и покрај своите првични најдобри намери ќе мора да почне да се однесува како Овчар, да најде свои Кучиња и да ги корумпира Овните со цел сите Овци да ги собере во своето трло каде што ќе ги молзи и стриже колку што сака.

Но, кога ние би престанале да бидеме заробеници на стадоумието, кога би почнале да мислиме со своја глава – тогаш би можеле суштински да ја промениме Македонија и да тргнеме напред. Проблемите што нашата земја ги има произлегуваат најмногу од нас самите. Лесно е да ја промениме власта со тоа што ќе излеземе на избори и ќе заокружиме некоја бројка на гласачкото ливче. Но, како да се промениме себеси?

П.С: Во насока на менување на типичниот македонски менталитет поради кој никако не успеваме да напреднеме како нација и држава, и претходно имам пишувано. Оние кои редовно ме читаат веќе знаат кои мои колумни биле посветени на оваа тема (познатата и контроверзна „Зошто некои Македонци ја мразат Македонија“ и „Најчестите психолошки грешки што гласачите ги прават пред избори“ како и неправедно запоставената „Треска, Вардар, ние и Грците“). За оние кои баш прв пат доаѓаат на мојот блог, како најдобра моја колумна досега ја препорачувам „Заговор или изговор“ и за влакно послабата (но сепак одлична) „Што можеме ние Македонците да научиме од Евреите“. За оние читатели кои себеси истовремено се сметаат и за националисти – патриоти и за лево-ориентирани идеолошки, мој предлог е да ја прочитаат „Зошто левицата никогаш не може да биде патриотска“ за која што верувам дека ќе им помогне на таквите читатели некои работи да ги сфатат многу подобро и појасно.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: