Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ТИТО КАКО ФАРАОН, ЈУГОСЛАВИЈА КАКО ДРЕВНИОТ ЕГИПЕТ

leave a comment »

Наместо да биде вечна како пирамидите, Југославија се растури како кула од карти

Ова на сликата е скрин-шот од еден сајт каде што можете да напишете било каков модерен збор со хиероглифски знаци какви што биле користени во древниот Египет. Иако е тоа можеби интересна занимација, сепак идејата на денешната колумна не да се утврди како се пишува името на бившата ни држава на староегипетски, туку која е сличноста нејзина и на нејзиниот доживотен претстедател со древниот Египет и фараоните кои владееле со таа земја.

* текстов е првично објавен на 29ти април 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/225611

1. Пирамиди и мамутски бункери: прво нешто што сигурно ви паѓа на памет кога ќе ви го споменат древниот Египет и фараоните кои владееле со него се сигурно – пирамидите. Пирамидите, колку и да делуваат денеска, четири милениуми по нивното создавање монументално и величествено, како врвен дострел на тогашната инжинерска мисла, подвиг кој сѐ до средината на XXиот век не беше замисливо дека може да се надмине – значи, колку и да делуваат египетските пирамиди грандиозно, непобитен факт е дека тие биле комплетно бескорисни од практична гледна точка!

Официјалната наука вели дека пирамидите биле градени од страна на десетици илјади робови во текот на по неколку години за секоја пирамида посебно, и нивната цена, во поглед на ресурсите потребни да се ангажираат за изградбата, била колосална и зафаќала значителен дел од буџетот на древната египетска империја.

Десетици илјади работници кои директно работеле на пирамидите захтевале и три–четири пати повеќе придружна логистика – чувари, надзорници, сметководители, готвачи, разни занаетчии… сите овие луѓе, наместо да работат врз некој продуктивен проект, како на пример канали за наводнување на пустината со што таа би станала плодна благодарение на обилните води на реката Нил, значи наместо за нешто такво корисно, трудот на овие луѓе бил трошен за градење гробница на владетелот.

А кога владетелот ќе починел, сеедно било во каква дупка ќе биде сместен неговиот труп. Но, поради одредени фикс-идеи кои за важноста на својата личност ги имале фараоните, тие додека биле живи и на власт ги користеле ресурсите на националната економија за да обезбедат „достен“ гроб за себе.

Во титовата Југославија, улогата на ваквите стерилни, бескорисни, прескапи проекти ја играа огромните подземни бункерски комплекси чии ходници се протегаат на десетици километри под планинските масиви на најнепристапните региони во Босна и Шумадија. Се проценува дека за изградбата на еден од најголемите бункерски комплекси во кои за време на напад на државата требало да се сокрие Тито и државното раководство се потрошени пари колку што биле доволни за изградба на десетина брани и хидроцентрали на најголемите реки низ целата Југославија.

Од бункерите државата ама баш никаква корист немаше, а од браните и хидроцентралите ќе имаше многу корист тогашната економија и ќе останеа употребливи и до ден денешен и за идните генерации (за корисноста на браните и каналите погледнете ја оваа моја колумна). Интересно, сега оној бункерот во Босна служи само како туристичка атракција, исто како и пирамидите во Египет што сега се главен извор на приходи за државата чии жители пред четири илјади години плаќале огромни даноци за да го финансираат градењето на тие колосално бескорисни споменици на човековата суета.

2. Титули за Тито: во ерата на древниот Египет како шеф на државата бил фараонот, нејзиниот владетел. По таа логика, ние денешните луѓе кои живееме во демократски општества каде што самите ги избираме нашите шефови на државите ни, би очекувале и тогашните државници да биле слични како денешните.

Ама не е така. Оти, ние денеска човекот кого самите сме го избрале да биде раководител на држават го ословуваме само со титулата „претседател“ понекогаш придружена и со називот “господин“ кој впрочем и секој граѓанин може да го користи за себе. Значи, сакам да кажам, шефот на демократската држава го одделува од другите граѓани само едно „претседател“ пред името и презимето.

Но, фараонот не бил нарекуван од страна на своите поданици со само еден термин за опишување на неговата државничка функција, на пример: „… господинот фараон Тутанкамун го прими за вонреден и ополномоштен амбасадор на Асирија во Египет господинот Ашурбанипал…“. Тоа не се правело така во древните времиња.

Оти службеното име на владетелот на древниот Египет се состоело од дури четири титули и токму на крајот роденото име на конкретниот човек. Така, на пример, кога Александар Велики станал владетел на Египет, од страна на Египќаните бил официјално ословуван во сите службени документи некако вака (во македонски слободен превод): „заштитникот на Египет, преставникот на двете божици, златен и вечно млад и животворен, господарот на Горен и Долен Египет, миленикот на Амон и избраникот на Ра, Александар“. Се разбира, во неформалната комуникација сите го викале едноставно „фараонот Александар“, но онаа комплексна и долга фраза од претходната реченица била неговата службена титула.

Другарот Тито не бил само доживотен претседател на СФРЈ, тој бил и лидер на Сојузот на комунистите, трикратен народен херој, почесен граѓанин на десетици градови низ федерацијата, маршал и врховен командант на армијата, патник во Синиот воз и ексклузивен корисник на посебен државен брод – јахта. Тоа биле неговите официјални титули, а неофицијално бил признат и познат како генијален воен стратег, бескрајно вешт дипломат, ненадминлив економски планер, надарен културен работник и писател на собрани дела, пријател на младите и пионерите, водач на неврзаните земји од целиот свет и конечно дарежлив покровител на уметноста, со истенчен вкус и вродена и неповторлива елеганција.

Идејата која стои зад собирањето на десетици титули пред името на владетелот, како во случајот со фараоните, така и во случајот со комунистичките диктатори е многу едноставна и е во суштина иста и во двата случаи. Обичните луѓе имаат само по една титула која го дефинира она што го работат најмногу: водоводџијата Митре, фризерката Светле, докторот Киро, попот Тодор, мајсторот Цане и сл. Обичните луѓе се обични оти имаат толку способност во себе за да прават успешно само една работа и таа работа им ја дава титулата, но „големите“ луѓе (а диктаторите секогаш се големи луѓе, нели) се натприродно и натпросечно надарени со голем број на разновидни таленти.

И кога ќе начукаат десетина титули пред своето име, на обичните луѓе им делуваат поради многуте формални називи небаре навистина се над-луѓе нивните владетели. И затоа, многу повеќе ги почитуваат.

3. Култот на „живиот бог“: за разлика од политичките лидери во демократските држави во денешно време, во дамнина во античките деспотии, владетелот не бил сметан не само за обичен човек, туку и за човек воопшто. Биле третиран или како полу-бог (како во древна Кина, каде царевите биле „потомци на Небото“) или за вистински богови, како што тоа бил случајот со древниот Египет и неговите фараони.

Фараонот бил според официјланиот култ, син на Сонцето, т.е. на богот на Сонцето. И не само тоа, туку поради политеистичката природа на древно-египетската религија, фараонот како жив бог бил и единствената врска т.е. комуникација помеѓу небесните богови и обичните луѓе.

Од тука, фараонот природно бил сметан за премудар, за непогрешлив, за личност чии изјави секогаш морале да бидат „запишани за вековите што идат“ небаре секоја глупост што ќе ја тропнел тој била бисер на небеската мудрост. Со промените на епохите многубројните папирусни ролни на кои биле запишани „премудрите“ изјави на секој фарао исчезнале, но најверојатно во библиотеката во Александрија голем дел од нејзините стотици илјади книги биле токму тоа – записи и компилации од она што дамнешните фарони го изјавувале по најразлични поводи.

Очигледно, собраните дела на другарот Тито во дваесет и четири томови не биле баш оригинално негова идеја, оти и фараоните од древниот Египет си имале секој своја колекција на собрани дела во облик на ковчези полни со папирусни ролни на кои стоело сѐ што тие некогаш кажале, како и објаснување од писарите што тоа сакал да каже авторот.

Во Југославија имаше и песна која ги содржеше зборовите „Тито је наше сунце!“, а ако не ви се верува во тоа, погледнете го овој клип од прославата на денот на младите во 1979 година и слушајте внимателно што се пее во песната по тој повод.

Фараонот имал за главна религиска функција да ја толкува волјата на небесните богови (Озирис, Изида, Хорус, Птах…) и да им ја преведува нивната волја на обичните смртници кои биле под неговата власт. Тито како премудар државник, ја имал истата функција: да им ја преведува „науката“ која ја создале комунистичките небесни „божества“ Маркс, Енгелс, Ленин и уште неколку ситни философи на комунизмот, на обичните смртници со кои владеел, на разбирлив јазик, за да ја сфатат и применат во пракса правилно мудроста на комунистичката „вера“.

4. Култот на „мртвиот бог“: ова можеби не сте го знаеле, но секој фараон откако ќе починел бил не само балсамиран (телото со посебни хемикалии му било конзервирано и заштитено од распаѓање) и сместен во величествена гробница, туку околу неговиот лик и дело задолжително се развивал и култ кон мртвиот „бог“, кој што требало да го одржи неговиот спомен и стравопочитта меѓу поданиците на ниво како додека тој бил жив и владеел.

Значи, за секој мртов фараон си имало некаде во некој регион на државата на посебно утврдено место посмртен храм во кој на точно определени датуми (денот на раѓањето на фараонот, неговата смрт, доаѓањето на власт, раѓањето на првиот му син-наследник итн.) биле изведувани посебни верски обреди, и ова се правело дури и со векови по починувањето и на најбезначајниот фараон.

Иако повеќето од овие храмови во епохите по падот на фараонската власт биле уништени (пред сѐ за да се земат готовите изделкани камења како ефтин градежен материјал) сепак некои од нив останеле здрави до денеска, како што е тоа примерот со храмот на кралицата Хатшепсут.

Ова величествено здание денеска е опкружено со сува пустина, но во свое време, кога со Египет владееле фараоните, околу храмот имало засадени цвеќиња, дрвја, наводнувани редовно со водата доведена со канал од Нил и во тој храм, во чест на кралицата која некогаш му била жена на некој си владетел со државата, доаѓале постојано луѓе на поклонение, свештениците принесувале жртви, мали деца од околината носеле на празниците цвеќе со кое ја кителе статуата на кралицата.

Се разбира, за да се заштити тој верски објект од можни разбојници – неверници, имало и постојана вооружена стража. Ако не можете да си преставите како тоа изгледало, еве пример од „посмртниот храм“ на Тито, од таканаречената Куќа на цвеќето.

Конечно, што се случило со древниот Египет? Древниот Египет се сметал себеси за центар на светот, за најцивилизиран дел од планетата, за средиште на сета светска мудрост и извор на сета цивилизација. Неговата армија била сметана од страна на нејзините владетели за непобедлива, а догмите на официјалната религија за непогрешливи космички вистини.

Се разбира, ова било само лага која си ја кажувале сами на себе вообразените Египќани за да не мора да ѝ погледнат на вистината во очи. Со тек на време, многубројните храмови на стотиците богови и мртви фараони и други верски институции се наполниле со десетици илјади свештеници, а дополнителен придонес за тоа зголемување на клерот дал и обичајот децата на свештениците да не смеат да работат други работи (било сметано за грев и за недостоинствено тоа) освен да го наследат „занаетот“ на родителите.

Како што минувале вековите, пропорцијата меѓу работниците и свештениците постојано се смалувала, при што со секоја измината генерација, истиот број на работници и селани морале да издржуваат сѐ поголем број на непродуктивни, паразитски свештеници од кои државата ама баш никаква корист немала. Сѐ што тие „работеле“ било два – три пати месечно по некоја молитва да одржат во соодветниот им храм и да заколат некое животно еднаш или два пати во годината во чест на богот / мртвиот фараон на кој бил посветен храмот им.

Тоа исто се случуваше и со Југославија, каде што бројот на бирократите раснеше со секоја измината година со новите млади дипломци од разните факултети за „општествени науки“ кои системот на комунистичко образование не ги подготвуваше за некоја продуктивна работа, туку само за да ги пополнуаваат канцелариите и да пишуваат илјадници бескорисни документи и формулари. Како и во древниот Египет, истиот број на работници и селани, истата економија мораше со секоја измината година да одржува во живот сѐ поголем броја на бескорисни паразити.

Древниот Египет првин бил прегазен од армиитие на Кушитите, па го освоиле Хиксите, па својата власт таму ја наметнале Асирците, па Персијанците, па Македонците, па Римјаните, па Арапите, па Турците, па Англичаните и дури пред шеесетина години таа земја повторно доби владетели од домашно потекло. Низ историјата, само оној кој што не се обидел, само тој не успеал да го освои Египет.

Морам ли да кажувам дека тоа е судбината и на она што беше некогаш Југославија. Оној дел од државата на Тито кој што не е газен од чизмите на војниците на НАТО е владеан од политички елити кои навечер заспиваат и наутро се будат со една мисла – како да му се упикаат на некој  странски геополитички фактор. Колку што Тито беше како фараон, така и неговата Југославија заврши како древниот Египет.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: