Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ЧЕТИРИТЕ ЗАБЛУДИ

leave a comment »

Не дирај лава док спава. Освен ако не му носиш ручек

Пред околу четиристотини години еден генијален мислител од Англија по име Френсис Бејкон составил листа на четирите типови на заблуди поради кои луѓето не можат правилно да го разберат светот околу себе. Токму овој мислител е авторот на славната изрека „знаењето, само по себе, е моќ“. Човековиот ум е како заспан лав кого во состојба на длабок сон го држат овие заблуди. Лавот (т.е. умот) може да се разбуди и да стане продуктивен само ако се разбијат заблудите, а тие, објаснети за нашите македонски конкретни услови се:

* текстов е првично објавен на 7ми мај 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/227227

1. Заблудите од „племето“: овие, според Бејкон се заблудите кои произлегуваат од самата човечка природа и се општо-присутни во поголема или помала мера кај речиси сите луѓе. Тие влијаат врз нашиот начин на размислување за секоја работа и ние за тоа не сме ни свесни. Емоциите кои се застапени кај сите нас се на пример: мрзливоста, незнаењето и желбата да не го признаеме тоа незнаење, завидливоста кон поуспешните од нас, стравот или поточно недовербата кон новите и непознати нешта…

Мрзливоста која сама по себе не е лоша (токму таа е генератор на развојот на машините и роботиката и методите за поефикасно работење) станува товар на умот кога под нејзиното влијание ги проценуваме идеите за реформи во општеството кои ги нудат разни политички опции. Повеќето луѓе сметаат дека е супер идеја да се снижи возраста на пензионирање под 50ина години, да се зголеми социјалната помош за невработените, да се делат бесплатни станови за младите брачни двојки, бесплатно здравство од светски ранг за сите, ефтини кредити кои не мора да се враќаат, државна работа за секој кој не може да најде работа во приватна фирма – без да размислат луѓето дека некој тие пари мора да ги даде. Ако е од даноци – некој мора да ги заработи тие пари, а ако е од кредити –  никој нема да ги даде без да очекува да бидат вратени со камата.

Завидливоста кон поуспешните е директен резултат на фактот што не се сите луѓе еднакви и дека поради своите нееднакви таленти и способности не можат сите луѓе да бидат подеднакво успешни (богати, станбено обезбедени…). И завидливоста не е негативна сама по себе, оти ги тера луѓето повеќе да се трудат за да го достигнат и престигнат објектот на кој му завидуваат. Но, кога таа емоција доминира со човечкиот ум, се јавува заблуда. Луѓето се во состојба да подржуваат концепти од типот на „еднаквост“ и „социјална правда“ и „прераспределба на богатството“, при што најзастапен ефект од оваа заблуда е – прогресивниот данок на доход што во повеќето земји од светот е главен аргумент со кој политичарите на своите завидливи гласачи им покажуваат дека се борат против „алчните“ богаташи оданочувајќи ги нивните „безобразни“ приходи со повисока (т.е. „по-фер“) стапка на данок. Токму поради завидливоста, рамниот данок повеќето луѓе го сметаат за неправеден, бидејќи е за сите со иста стапка.

Мрзливоста и завидливоста се главните мотиви зад популарноста во последниве век и половина на левичарските идеи (во сите форми, од мека социјал-демократија до тврд маоизам). За тоа пишував поопширно во дел од колумната „Зошто левицата никогаш не може да биде патриотска“. За стравот од непознатото и како тој ги деформира нашите ставови за светот што нѐ опкружува, во кобинација со мрзливоста и завидливоста (а без за тоа да сме свесни), пишував доста елоквентно во колумната „Заговор или изговор“. Ако не сте ги прочитале посочените две колумни, прочитајте ги.

2. Заблудите од „пештерата“: Бејкон во својот опис за заблудите пишува дека секој човек до одреден степен е како затворен во пештерата на своите сопствени искуства кои само тој ги има доживеано на начин посебен и сосема уникатен и според тие искуства, секој човек си создава специфичен начин на размислување со свои вредности и погледи на светот. Што значи ова?

Па конкретно за нашите услови, токму од овој тип на заблуди страдаат луѓето кои поради привилегиите кои ги имале за времето на социјализмот не можат денеска објективно да сфатат колку погрешен бил тој систем за народот како целина. Тие луѓе не се свесни дека нивната некогашна привилегираност им го помрачува умот и ги тера да бидат субјективни во однос на тоа прашање. За нив, диктатурата на Тито и Партијата не била диктатура (оти тие не страдале од неа) туку сегашната демократија и повеќе-партизам се одвратни работи кои ја нарушуваат човековата слобода (ова тие го нарекуваат „демократура“!?). Тоа што некој друг може со својот глас да придонесе за падот на партијата од власт која што им дава привилегии ним е навистина, во однос на заблуденоста на овие луѓе – негативна работа.

Слично, луѓето кои својот ден го минуваат главно во очекување на вечерта во која со пријателите ќе можат да издуваат по еден џоинт, или да излокаат шише скапа текила, узо, виски, водка или некоја друга егзотична бљувотина, својот став кон легализацијата или либерализацијата на овие супстанци го создаваат врз основа на своето лично искуство, а не врз основа на објективни критериуми кои велат дека тоа можеби би било штетно за општеството како целина.

Луѓето кои имаат свои сопствени бизнис-интереси во Грција искрено веруваат дека тоа што огромното мнозинство на Македонците не сакаат да потклекне земјава пред грчкиот притисок околу спорот за името е пат кон катастрофа, „јешчемо корење“, фашизам, среден век и слично. За нив, од нивна гледна точка, тоа е навистина така, оти нивните лични деловни интереси се загрозени со нашето инсистирање да бидат заштитени заедничките национални интереси.

Луѓето кои поради една или друга причина одбрале да бидат атеисти сметаат дека луѓето кои се верници не само што имаат поинакво мислење од нив, туку се и ретроградни, затуцани, дебилни, дивјаци, талибанци, без вкус архитектонски, небањати и сл. Атеистите искрено веруваат во тоа, не поради некакво објективно расудување кое го примениле и дошле до заклучок дека верниците навистина се небањати дивајци, туку поради замраченост на умот со заблудите од сопствената пештера на незнаењето и ограниченоста. Нивната темна пештера им се чини како цветна градина полна сончевина, а нашата цветна градина полна со сончевина ним им делува како мрачна пештера.

3. Заблуди од „пазарот“: зборот „пазар“ Бејкон не го дефинира како што повеќето од нас би го дефинирале во денешно време овде во Македонија – како место каде што на тезги се продават јагоди, зелки, табли јајца, пиперки и урда, туку како простор каде што доаѓа до комуникација помеѓу луѓе со различно потекло, различни искуства, различни ставови, при што дел од тие искуства и ставови се разменуваат меѓу луѓето.

А токму со разликата меѓу нашето поимање на поимот „пазар“ и поимањето кое Бејкон го има за истиот тој поим, може најлесно да се објасни за какви точно заблуди тука станува збор. Имено, ние кои сме ограничени во нашето овдешно и сегашно искуство, како „пазар“ првенствено го замислуваме она што го гледаме кога ќе отидеме на местото кое сите го знаеме како пазар – зелен пазар за земјоделски продукти.

Но, оние малкумина кои имале можност да се занимаваат со трговија со хартии од вредност имаат нешто пошироко сфаќање за зборот „пазар“ – место каде што генерално се продаваат било какви производи, било тоа да се моркови, крставици, акции или обврзници. Уште повеќе, оние кои го познаваат арапскиот јазик, кога ќе им го споменете зборот пазар веднаш помислуваат не само на нашите пазаришта или на пазарите за хартии од вредност, ами и на местата за тргување со карактеристичен ориентален изглед какви што има во арапските земји и Турција. Така, за нив зборот „пазар“ буди слика на базаар – забулени жени, мажи со мустаќи што пушат наргиле и имаат турбани на главите, златни и сребрени садови од кои се чади кафе или чај…

Поентата е дека секој збор секоја култура го сфаќа на посебен начин и тоа во зависност од својата историја, традиција и општествена структура. Конкретно, кај нас имаме „валкани“ зборови кои повеќето од нас ги сметаме за ознака за некое зло, па макар и тоа зло било нужно: „капитализам“ за нас е еднакво на алчност, „приватна фирма“ за нас е синоним за експлотација, „државна фирма“ е термин кој означува сигурно работно место. Во Америка пак, е речиси обратно: таму капитализмот се сфаќа како нешто кое ја движи земјата напред и создава благосостојба, приватна фирма е место каде секој човек со амбиција може да дојде до израз со неговата способност или претприемчивост, а пак државна фирма е синоним за бирократија и корупција.

За луѓето во Македонија зборот „комунизам“ се поврзува со времето на ефтините кредити. За луѓето во Камбоџа, истиот збор е нераскинливо поврзан со милион и пол луѓе убиени од комунистите поради тоа што биле „неподобни“. Некои луѓе во нашата земја да им кажете дека се чуствувате како патриот ќе ви се смејат и ќе ве сметаат за будала. Други пак ќе ви одговорат дека и тие самите се патриоти. Скоро секој се плаши во земјава наша да се изјасни како националист, небаре е тоа нешто лошо. Во мојата колумна „Национализмот е чиста спротивност на шовинизмот“ јас објаснив дека тоа не е така, напротив дека е обратно – национализмот е позитивна работа.

Да се дефинираат правилно зборовите кои означуваат клучни поими во општеството е многу, многу, многу битна работа. Ако им дозволите на некои самонаречени „авторитети“ да ви го наметнат значењето на зборовите кои ви се потребни да ја опишете својата определба – како тогаш ќе можете да се опишете правилно? Национализмот е зло? Религијата е застарена работа? Патриотизмот е за будали?

Кој го вели тоа? Кој одлучил дека тие поими се негативни? И ако некој донел таква одлука да го дефинира значењето на зборовите – кој му дал право баш нему да направи такво дефинирање и зошто ние мораме да го прифатиме неговото дефинирање за правилно?

Конкретно за национализмот: има луѓе кои велат дека „светот е согласен дека е тоа лоша, негативна работа“. Но кој го сочинува тој „свет“? Дали чистачите на чевли во Сингапур, продавачите на лубеници во Уругвај или таксистите во Ванкувер ги прашал некој за мислење по тоа прашање? Во името на светот се изјасниле грст дебелогази самонаречени авторитети и сега сите ние треба нивниот диктат да го прифатиме и да сметаме дека национализмот е лоша работа? Кој ги овластил па нив да зборуваат во името на целиот свет и да дефинираат кој поим какво значење ќе има?

4. Заблуди од „театарот“: Бејкон театарот го дефинира како место каде што луѓето кои не запознаени со некоја приказна доаѓаат да бидат запознаени со таа приказна преку изведбата на преставата во која се обработува таа приказна од страна на актерите.

Да бидам поконкретен: кога ќе каже некој дека „историјата тоа го запишала така“ треба да се сетиме дека историјата сама по себе е апстрактен поим и не може ништо да запише, каже или заклучи – тоа во нејзиното име го прават историчарите! Науката никогаш не може да биде консултирана за ништо, туку само научниците може да бидат консултирани.

Тоа е можеби најголемата заблуда – кога одиме во „театарот“ ние не ги гледаме вистинските приказни какви што навистина се случиле, туку актерите кои преку својата интерпретација ни прикажуваат што тие сметаат дека се случило. Кога гледаме престава или филм за (да речеме) Александар Велики, ние не дознаваме само за Александар, оти не игра тој пред нас туку актер кој по совет на режисер глуми лик што го замислил сценарист на преставата или филмот кој е финансиран од продуцент. Така да, кога гледаме филм за Александар Велики, ние всушност гледаме филм за ставовите и сфаќањата на продуцентот, сценаристот, режисерот и актерот.

Кога слушаме некое предавање за економија, политика, култура, историја и слично, ние првенствено слушаме предавање од конкретен економист, историчар, политиколог итн, кој својот став за одредно прашање го изградил врз основа на идеологиите и начините на гледање на нештата што ги прифатил во текот на својата дотогашна кариера. Или накусо кажано, „кога зборува ученикот, преку неговите зборови можете индиректно да го чуете и учителот“.

За заблудите од театарот подетално пишував во колумната „Аргументум да хоминем“. Погледнете ја таа колумна ако до сега не сте ја прочитале. Во неа ќе видите како во недостаток на логични аргументи, оние кои сакаат да нѐ убедат во своите ставови се повикуваат на авторитети и тоа најчесто лажни авторитети. Во колумната обработив четири типа на лажни авторитети, начините на кои може да се препознаат тие и како да се разобличат и отфрлат за неприфатливи. Во Новиот завет се вели дека лажните пророци е лесно да се препознаат според гнилоста на нивните плодови (т.е. промашени пророштва).

Истото важи и за лажните авторитети.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: